Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.192/2024
Скопје, 02.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 2 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 8 од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, донесен на ден 1 јуни 2024 година.
Образложение
I
Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје, до Уставниот суд поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 8 од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и 11, член 20 ставови 1 и 2, член 118 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот и се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон и на Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2023).
Според подносителите, оспорената одредба е спротивна на горенаведените одредби од Уставот, бидејќи со подзаконски акт се прави обид за нарушување, поточно за ограничување на уставното и на човековото право и слобода на здружување. Истовремено, член 8 од Статутот е спротивен на Законот за адвокатурата, бидејќи Адвокатската комора во член 8 од Статутот ги пречекорила законските основи од Законот за адвокатурата кои се однесуваат на тоа, што може да биде регулирано со Статутот.
Понатаму, подносителите сметаат дека фактот дека адвокатите во Република Северна Македонија, во согласност со член 33 од Законот за адвокатурата, задолжително се членови на Адвокатската комора во никој случај не означува забрана за членување на адвокатите во други здруженија, сојузи, федерации, асоцијации, фондации во Република Северна Македонија и во странство. Поради тоа, член 8 од Статутот е неодржлив од уставен аспект и од законски аспект, поради фактот дека не постои уставна основа за ограничување на слободата на здружување на лицата што се вршители на адвокатската дејност во Република Северна Македонија, ниту пак во Законот за адвокатурата постои таква основа.
Адвокатската комора на Република Северна Македонија со оспорениот член 8 од Статутот направила неуставен обид за менување, односно за дерогација на горенаведените членови од Универзалната декларација на човековите права, на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, како и на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи поради тоа што АКРСМ се обидела да воведе ограничување на човековото право на здружување на лицата што се вршители на адвокатската дејност во Република Северна Македонија, што е спротивно на член 118 од Уставот на Република Северна Македонија.
Поради горенаведеното, подносителите сметаат дека оспорениот член 8 од Статутот треба да бидe поништен или укинат од страна на Уставниот суд на Република Северна Македонија, бидејќи истиот е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 11, член 20 ставови 1 и 2 и член 118 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со Законот за адвокатурата.
Во согласност со член 37 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, во иницијативата се бара Уставниот суд до донесувањето на конечна одлука по повод оваа иницијатива, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот член 8 од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија.
II
На седницата Судот утврди дека со член 8 од Статутот е предвидено дека адвокатите се организираат и здружуваат само и единствено во Адвокатската комора на Република Северна Македонија.
III
Во член 8 став 1 алинеи 3 и 11 од Уставот, владеењето на правото и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право се определени темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 20 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Во став 2 од истиот член се предвидува дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 53 од Уставот се предвидува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со член 118 од Уставот е предвидено дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија кој се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите. Уставот го гарантира правото на граѓаните на здружување заради остварување на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.
Од содржината на член 53 од Уставот, произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои ѝ се доверени со закон.
Со Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Северна Македонија” број 199/2023) се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатите на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршењето на адвокатската дејност, утврдени со овој и друг закон, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатска дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурување на адвокатите од одговорност од штета.
Според член 5 од Законот, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Адвокатската комора) и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.
Согласно со член 10 став 1 од Законот, правото на вршење адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со упис во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора. Во став 2 од истиот член се предвидува дека по уписот во Именикот на адвокати на Адвокатската комора на упишаниот адвокат му се издава лиценца за работа. Со став 3 од истиот член е предвидено дека содржината и начинот на издавање и одземање на лиценцата за работа се уредуваат со Статутот на Адвокатската комора.
Во член 33 став 1 од Законот се предвидува дека адвокатите во Република Северна Македонија се организираат во Адвокатска комора. Со став 2 од истиот член е предвидено дека адвокатската комора има својство на правно лице.
Според член 34 став 1 од Законот, Адвокатската комора во својата работа е самостојна и независна. Согласно со став 2 точка 6 од истиот член, Адвокатската комора на Република Македонија донесува акти на Комората. Во став 3 од истиот член се предвидува дека Адвокатската комора соработува со адвокатски комори на други држави и други адвокатски меѓународни организации.
Со член 37 од Законот е предвидено дека со Статутот на Адвокатската комора се уредуваат, особено: делокругот, организацијата и работата на органите на Комората, начинот и постапката за упис во Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници, органите што ја водат дисциплинската постапка и нивната надлежност и постапката за изрекување дисциплински мерки, актите и постапката за нивно донесување, водење на Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници и правата и должностите на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници, како и одредбите за осигурување на адвокатите од одговорност за штета.
Од анализата на цитираните законски одредби произлегува дека, Законот за адвокатура ја регулира адвокатската дејност и организирањето на адвокатите во Република Северна Македонија. Според овој закон, постои само една адвокатска комора во која се зачленуваат сите адвокати од земјата. Адвокатската комора, како единствен облик на здружување и организирање на адвокатите е матична и основна институција која издава лиценци за работа на адвокатите и врши упис и бришење на адвокатите во имениците на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатски приправници. Тоа се овластувања кои се во исклучива надлежност на Адвокатската комора на Република Северна Македонија. Законот за адвокатура, следејќи ја уставната поставеност на адвокатурата, предвидел дека адвокатите се здружуваат и организираат во Адвокатска комора.
Врз основа на член 5 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.199/2023) Собранието на Адвокатската комора на Република Северна Македонија одржано на ден 1 јуни 2024 година го донело Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија кое содржи 10 глави и 102 члена.
Во член 1 од Статутот се предвидува дека со овој статут се уредуваат: јавните овластувања, делокругот на работа, организацијата и работата на Адвокатската комора на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Комората), нејзините органи и тела, општите акти и постапката за нивно донесување, начинот и постапката за прием, упис и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници и Именикот на адвокатските приправници, Именикот на странски адвокати и Именикот на странски адвокатски друштва, правата и должностите на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници, постапката за издавање и одземање на лиценца, постапката за полагање на адвокатски испит, услови за осигурување од одговорност за адвокатот и адвокатското друштво од штета, финансирање на Комората и други прашања.
Според член 2 став 1 од Статутот, Комората во извршувањето на работите од својот делокруг обезбедува унапредување на адвокатурата како самостојна и независна јавна служба и ефикасно обезбедување правна помош и вршење јавни овластувања. Согласно со став 2 од истиот член работите од својот делокруг, Комората ги извршува самостојно и независно, врз основа и во рамки на Уставот, Законот за адвокатурата и други закони, меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Северна Македонија, Статутот, Кодексот на адвокатската етика и други прописи и општи акти.
Според оспорениот член 8 од Статутот, адвокатите се организираат и здружуваат само и единствено во Адвокатска комора на Република Северна Македонија.
Од анализата на оспорениот член 8 од Статутот произлегува дека истиот се однесува на принципот на единственост и централизација во организирањето на адвокатската професија во државата. Овој член ја истакнува важноста на единствената адвокатска комора како задолжителна институција во која сите адвокати треба да се здружуваат и да ги вршат своите професионални активности.
Наведениот член предвидува дека членството во Адвокатската комора е задолжително за сите адвокати кои работат во Република Северна Македонија. Ова создава систем на професионална регулација преку кој адвокатите имаат заеднички етички и професионални стандарди, како и механизми за надзор, дисциплинска одговорност и контрола.
Во однос на наводите на подносителите дека со оспорениот член од Статутот се ограничува правото на здружување, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што адвокатите како граѓани на никаков начин не се ограничени да се организираат и членуваат во здруженија на граѓани заради остварување на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, онака како што се гарантираат со Уставот во одредбата од член 20. Секој адвокат, како граѓанин, може да биде член на спортско друштво, културно друштво, хуманитарно здружение. Напротив, оспорената одредба, превенира формирање или членство на адвокатите и нивно организирање во здруженија кои по својата функција би биле „паралелна комора”.
Оттука и самиот Закон за адвокатура ја предвидел Адвокатската комора како единствен облик преку кој се остварува самостојното организирање на адвокатите, не оставајќи место и можност за формирање на други комори на адвокатите, кои би се појавиле како паралелни организации на Адвокатската комора. Имено, Законот за адвокатура предвидел дека самостојноста и независноста на адвокатурата се остварува преку организирање и здружување на адвокатите во Адвокатска комора.
Оспорениот член, изречно наведува дека адвокатите во земјата се организираат и здружуваат само во една институција – Адвокатската комора на Република Северна Македонија и ја исклучува можноста за формирање на паралелни адвокатски комори кои би конкурирале со официјалната адвокатска комора. Формирањето на такви структури би било правно неприфатливо и би ја нарушило целокупната правна и професионална рамка.
Имено, од страна на Адвокатската комора, адвокатите се подложни на надзор и контрола, што гарантира дека професијата ќе биде извршувана на праведен и стандардизиран начин. Единствената комора помага да се зачува јавната доверба во правниот систем, бидејќи сите адвокати се регистрирани и се придржуваат кон истите правила и стандарди.
Во суштина, член 8 од Статутот ја потврдува организационата структура и функционалност на адвокатската професија во Северна Македонија, со цел да се избегнат конфликтни интереси, паралелни институции и несогласувања кои би можеле да влијаат на правниот поредок.
Во однос на наводите на иницијаторите, дека оспорената одредба е спротивна на Универзалната декларација за човековите права, како и Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права и Европската конвенција за заштита на човековите права, Судот оцени дека станува збор за прашање за кое според член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува.
Но, факт е дека сите овие меѓународни акти, ратификувани од страна на Република Северна Македонија, го гарантираат граѓанското право на здружување и тоа не е воопшто спорно. Но, оспорената одредба од Статутот, се однесува на адвокатите, а не на граѓаните чии права се загарантирани со наведените меѓународни конвенции за човековите права.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба не може уставноправно да се проблематизира по однос на нејзината согласност со 8 став 1 алинеи 3 и 11, член 20 ставови 1 и 2, член 118 од Уставот на Република Северна Македонија и со Законот за адвокатурата.
Имајќи ја предвид утврдената правна и фактичка состојба, Судот оцени дека барањето за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот член 8 од Статутот на Адвокатската комора на Рерпублика Северна Македонија е беспредметно, односно не се исполнети условите согласно со член 37 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски