Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.10/2025
Скопје, 02.07.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 2 јули 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 50 став 2 во деловите „и стручно лице – тренер” и „други податоци што се значајни за остварениот резултат” од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016 и 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 98/2019, 244/2019, 53/2024, 74/2024, 170/2024 и 59/2025).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите на Законот означен во диспозитивот на Решението.
Во иницијативата подносителот наведува дека оспорениот дел „и стручно лице – тренер” од член 50 став 2 од Законот за спортот, ставен наспрема целината на законската одредба, исклучиво се поврзува со делот од одредбата „остварен рекорд”, меѓутоа ниту во одредбата, ниту во Законот во целина попрецизно не е определено, на што се однесува остварениот рекорд, односно дали се однесува за остварен рекорд во национални натпревари или за остварен рекорд во меѓународни натпревари. Според подносителот, тоа може да доведе до пречка одредено лице спортист или учесник во спорт односно спортски натпревар од одредена категорија на спорт, и од кои едниот во меѓународен натпревар да не се стекне со називот категоризиран спортист, додека друг во национален натпревар да го стекне називот категоризиран спортист. Непрецизноста во однос на тоа дали остварениот рекорд се однесува за учество на национален или на меѓународен натпревар, не е во согласност со начелото на владеење на правото бидејќи доведува до несигурност и остава можност арбитрарно да се определува кој може, а кој не може да го стекне називот категоризиран спортист во една и иста категорија на спорт во меѓународен или национален натпревар.
Според подносителот, и оспорениот дел „други податоци што се значајни за остварениот резултат” од член 50 став 2 од Законот за спортот, е недоволно прецизно определен. Во самиот закон не се определува кои се тие други податоци што се значајни за остварениот резултат, и во таа смисла се остава можност арбитрарно да се постапува, што не е во согласност со уставното начело на владеење на правото бидејќи во правниот промет треба да постојат јасни, прецизни и недвосмислени норми коишто нема да оставаат можност за арбитрарно постапување, односно слобода на толкување од страна на оние кои треба да ги применуваат.
Од наведените причини подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од законските одредби, и истите да ги укине како спротивни на Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека според член 50 став 2 од Законот за спортот, националните спортски федерации се должни навреме да достават комплетна документација за предложените кандидати за категоризирани спортисти. Податоците особено треба да содржат: меѓународен календар на светската или европската федерација; билтен од меѓународниот натпревар, а доколку е остварен рекорд и записник и стручно лице – тренер, кој го води спортистот или екипата; адреса; електронска пошта, веб-страна на Меѓународната спортска федерација и други податоци што се значајни за остварениот резултат.
Со иницијативата се оспоруваат деловите „и стручно лице – тренер” и „други податоци што се значајни за остварениот резултат”.
III
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија” број 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016 и 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 98/2019, 244/2019, 53/2024, 74/2024, 170/2024 и 59/2025), се уредуваат условите и начинот на вршењето на дејноста спорт заради остварување на јавниот интерес во спортот во надлежност на Република Северна Македонија, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, стопанисувањето со објектите за спорт во сопственост на Република Северна Македонија, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје како и други прашања од значење за спортот.
Според член 35 став 1 од Законот, спортистите сениори, државјани на Република Северна Македонија, врз основа на постигнати резултати во одреден временски период, се стекнуваат со следниве спортски категории:
– спортист од светска категорија,
– спортист од меѓународна категорија и
– спортист од државна категорија.
Еднаш стекнатата спортска категорија има траен карактер и доживотно му припаѓа на спортистот како титула.
Според член 36 став 1 од Законот, спортистите ги стекнуваат спортските категории врз основа на остварените резултати на официјалните натпревари, државни првенства, европски и светски првенства, светско универзитетско првенство и летни и зимски олимписки игри, а според став 2 од истиот член, при утврдувањето на спортската категорија се вреднуваат само резултатите остварени на официјални меѓународни натпревари кои се во календарот на европските и светските асоцијации и државните првенства.
Согласно со член 44 став 1 од Законот, нa стручните лица кои ги подготвуваат спортистите (тренери во клубовите) им следува еднократна награда од 40% од вкупните средства што му следуваат на категоризираниот спортист за една година. Согласно со став 3 од истиот член, на стручното лице со чија стручна работа спортистот остварил врвен спортски резултат со кој ја стекнал категоријата спортист од светска категорија и спортист од меѓународна категорија му следува 20% од сумата утврдена во ставот 1 на овој член. Според став 5 од истиот член, предлог за награда на стручно или стручните лица, кои учествувале во остварување на спортскиот резултат на категоризираниот спортист, дава Националната спортска федерација, при доставување на предлог на листата за категоризација на спортистите, во предвидениот рок од член 48 став 1 на овој закон. Според став 6 од истиот член, органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот при објавувањето на листата на категоризирани спортисти во „Службен весник на Република Македонија” ја објавува и листата на нивните стручни лица – тренери кои учествувале во работата за остварување на спортскиот резултат.
Согласно со член 47 став 1 од Законот, функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, донесува правилник за категоризација на спортистите од Република Македонија, во кој ќе се пропишат мерилата и критериумите за утврдување на статусот и рангот на спортистите во Република Македонија. Според став 2 на истиот член, функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот по претходно прибавено мислење од Националната спортска федерација и МОК, за олимписката репрезентација, а согласно со актот од став 1 на овој член, го утврдува статусот и рангот на категоризираните спортисти.
Според член 49 од Законот, категориите спортист од светска категорија, спортист од меѓународна категорија и спортист од државна категорија, во спортските игри се доделуваат на спортистите кои се пријавени за настап, под услов, вкупниот број на натпреварувачи во одделни спортови да е во согласност со пропозициите на меѓународниот натпревар, а списокот на предложените спортисти за категоризација го подготвува Националната спортска федерација или спортскиот клуб.
Согласно со член 50 став 1 од Законот за спортот, верификацијата на спортист од светска категорија и спортист од меѓународна категорија, ја врши органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот. Според став 2 од истиот член, националните спортски федерации се должни навреме да достават комплетна документација за предложените кандидати за категоризирани спортисти. Податоците особено треба да содржат: меѓународен календар на светската или европската федерација; билтен од меѓународниот натпревар, а доколку е остварен рекорд и записник и стручно лице – тренер, кој го води спортистот или екипата; адреса; електронска пошта, веб-страницата на Меѓународната спортска федерација и други податоци што се значајни за остварениот резултат.
Согласно со став 3 на наведениот член, верификацијата на спортист од државна категорија врши Националната спортска федерација, која до органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, доставува листа со документација на спортистите од државна категорија, заради евиденција согласно со член 48 став 4 од овој закон.
Одредбата од член 50 став 2 од Законот, пропишува должност за националните спортски федерации за навремено доставување комплетна документација за предложените кандидати за категоризирани спортисти со податоците наведени во одредбата, меѓу кои и податокот за стручно лице – тренер, оспорен со иницијативата. Согласно со член 44 став 5 од Законот, при доставување на предлог на листата за категоризација на спортистите, националната спортска федерација дава предлог за награда на стручно или стручните лица кои учествувале во остварување на спортскиот резултат на категоризираниот спортист. Според тоа, при доставување на предлог-листата за категоризација на спортистите, како податок којшто националните спортски федерации треба да го наведат во документацијата, е и податокот за стручното лице – тренер со чија стручна работа спортистот остварил врвен спортски резултат.
За подносителот на иницијативата, податокот за стручно лице – тренер од член 50 став 2 од Законот, создава правна несигурност за тие што ќе го применуваат, односно можност за арбитрарно да се определува кој може, а кој не може да го стекне називот катагоризиран спортист. Неуставноста на оспорениот дел од законската одредба подносителот ја образложува со наводи за нејасна и непрецизна содржина на друг дел од законската одредба (остварен рекорд) којшто не е предмет на оспорување со иницијативата. Според неговите наводи, ниту во законската одредба, ниту во Законот се прецизира дали остварениот рекорд се однесува за учество на национален или пак за учество на меѓународен натпревар, па оттука, оспорениот дел „и стручно лице – тренер” е нејасен и непрецизен и како таков треба да се отстрани од член 50 став 2 од Законот, со што би се отстранила правната несигурност во однос на тоа кој може, а кој не може да го стекне називот категоризиран спортист.
Според Судот, прашањето кој, и под кои услови, може да се стекне со спортска категорија, е прашање регулирано во Законот за спортот во кој се утврдени условите коишто треба да бидат исполнети за категоризирање на спортист во одредена спортска категорија. Воедно, во функција на операционализација на законските одредби, согласно со овластувањето во Законот, функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, донесува правилник за категоризација на спортистите од Република Северна Македонија, во кој ќе се пропишат мерилата и критериумите за утврдување на статусот и рангот на спортистите во Република Северна Македонија. Во конкретниот случај, и оспорениот дел „и стручно лице – тренер” и неоспорениот дел „остварен рекорд”, се содржани во став 2 на член 50 од Законот, којшто е во врска со став 1 од истиот член, од чијашто содржина јасно може да се заклучи за верификација на која категорија на спортисти се однесуваат бараните податоци, а со тоа и за какво учество на спортски натпревар станува збор, поради што, Судот како неосновани ги оцени наводите од иницијативата дека оспорениот податок за стручно лице – тренер, создава арбитрарност при категоризацијата на спортистите во спортска категорија.
Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека оспорениот податок „и стручно лице – тренер” содржан во член 50 став 2 од Законот, не го доведува во прашање начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според подносителот, и оспорениот дел „други податоци што се значајни за остварениот резултат” од член 50 став 2 од Законот за спортот, е недоволно прецизно определен, со што и овој дел, не е во согласност со начелото на владеење на правото, бидејќи во самиот закон не се определува кои се тие други податоци што се значајни за остварениот резултат, со што се остава можност за арбитрарно постапување при примената на законската одредба.
Од содржината на член 50 став 2 од Законот, произлегува дека националните спортски федерации во документацијата за предложените кандидати за категоризирани спортисти, покрај таксативно наведените, можат да прикажат и други податоци, при што самиот оспорен дел упатува дека тие други податоци се однесуваат на остварениот резултат, со што, по оцена на Судот, не може да се смета дека оспорениот дел е широк неопределен поим. Фактот, што законодавецот ги уредил податоците коишто особено мора да бидат содржани во документацијата за предложените кандидати, укажува дека не станува збор за податоци кои задолжително се доставуваат, туку за дополнителни податоци коишто националните спортски федерации можат да ги приложат доколку сметаат дека и тие се значајни за остварениот резултат. Воедно, имајќи предвид дека во Законот за спортот јасно се предвидени условите коишто треба да бидат исполнети за стекнување соодветна спортска категорија, а воедно и во Правилникот за категоризација на спортистите од Република Северна Македонија, се пропишани мерилата и критериумите за утврдување на статусот и рангот на спортистите кои остваруваат високи спортски резултати и стекнуваат спортска категорија, оспорениот дел „други податоци што се значајни за остварениот резултат” содржан во член 50 став 2 од Законот, според Судот, не може да доведе до произволност во категоризирањето на спортистите, односно да не се знае кој може, а кој не може да се стекне со одредена спортска категорија, поради што и во однос на овој оспорен дел на членот од Законот, Судот не најде повреда на уставниот принцип на владеењето на правото.
Од наведените причини, пред Судот, не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 50 став 2 во деловите „и стручно лице – тренер” и „други податоци што се значајни за остварениот резултат” од Законот за спортот, со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски