У.бр.3/2025


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.3/2025
Скопје, 02.07.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 2 јули 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 40-а став 6 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019, 275/2019, 14/2020, 171/2022, 65/2023, 14/2024 и 30/2024).

О б р а з л о ж е н и е

I

Мултиетнички синдикат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оваа одредба се повредуваат член 9 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Истата е дискриминирачка и уценувачка, со оглед на тоа дека професионалните војници на кои им е исплатена испратнина согласно став 1 алинеја 2 на истиот член, доколку повторно засноваат работен однос во Министерството за одбрана, органите на државната и локалната власт и други државни органи, се должни исплатената испратнина, да ја вратат во полн износ во буџетот на ова министерство, во рок од еден месец по засновањето на работниот однос.

На ваков начин, се повредуваат правата од член 32 од Уставот, според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при вработувањето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, како и тоа дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место и секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Целата воена кариера, професионалните војници до 45 години возраст, ја посветуваат на граѓаните во државата и се столб на безбедноста и мирот. Иако се граѓани со исти права како и другите, со оваа одредба се дискриминираат и немаат право да се вработат во ниту една институција од државната и локалната власт или кој било државен орган.

Тие имаат специфична професија која може да се искористи во приватниот сектор, но и во државни институции. Но, според оваа одредба, професионалните војници немаат право да се вработат во Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи и да ги применат своите вештини кои ги стекнале во текот на својата професионална кариера. Потоа, не можат да се вработат во Министерството за внатрешни работи во делот на гранична полиција и општо им се ограничува изборот на работни места на професионалните војници.

Конкретно, дискриминацијата се состои во тоа што од една страна, активниот воен персонал (офицери и подофицери), има право на пензија со наполнување 40 години пензиски стаж (активен заедно со бенефициран) во висина од 80% од просечната нето-плата во најповолните десет години и право на испратнина од 15 нето-плати.

Истото се однесува и на цивилниот персонал (цивилни лица на/во служба на Армијата и Министерството за одбрана), кој има право на пензија со наполнување 40 години пензиски стаж (активен со бенефициран) во висина од 80% од просечната нето-плата од најповолните десет години и испратнина од 15 просечни нето-плати на работникот.

Од друга страна, професионалниот војник нема право на пензија и ако одбере подобро работно место за себе и своето семејство мора да ја врати испратнината која претходно му била исплатена.

Потоа, мора да работи во приватниот сектор со мал избор на професии до 59 години возраст, за да се стекне со право да се пензионира кај работодавецот од приватниот сектор, со услови многу понеповолни од останатите лица од активниот воен персонал (офицери и подофицери) и цивилниот персонал, иако со овие лица работеле заедно 25 години под исти услови и околности, со исти права од работен однос, освен во делот на оспорената одредба, при што станува збор за бројка од 3000 професионални војници.

Наспроти оспорената, во Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија и Колективниот договор на Министерството за одбрана, нема одредба согласно која припадниците на активниот персонал и цивилните лица во служба на Армијата и Министерството на кои им престанал работниот однос по основ на пензионирање, треба да ги вратат испратнините во висина од 15 плати кои им следуваат согласно колективен договор.

II

На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 40-а од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, професионалните војници на кои им е исплатена испратнина од ставот 1 алинеја 2 на овој член, доколку повторно засноваат работен однос во Министерството за одбрана, во органите на државната и локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, се должни износот на исплатената испратнина, утврден согласно со ставот 1 на овој член, да го вратат во полн износ во буџетот на Министерството за одбрана, во рок од еден месец по засновањето на работниот однос.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Член 9 од Уставот предвидува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Ставот 2 на истиот член предвидува дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5 на член 32 од Уставот).

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 1 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, со истиот се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Армијата), како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Според член 2 став 1 од Законот, под служба во Армијата се смета вршење воени должности во Армијата.

Во став 2 на истиот член е предвидено дека како служба во Армијата се смета и вршење должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите, учество на вежби, обука, хуманитарни операции, меѓународни операции, во мисии и операции на Организацијата на Северноатлантскиот договор (во натамошниот текст: во НАТО мисии и операции) и операции во примената на правото на индивидуална или колективна самоодбрана, операции за кризен менаџмент и кооперативна безбедност, како и вршење на должности во командните структури на НАТО, дипломатските претставништва на Републиката, команди, штабови и воени единици на меѓународни организации во странство и на територијата на Републиката.

Согласно член 3 од истиот закон, Служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.

Според точка 1 на истиот член, воен персонал, во смисла на овој закон, е: активен воен персонал – воен старешина-офицер и подофицер и професионален војник (потточка а) алинеи 1 и 2); б) воен персонал на стручно оспособување, односно обука – војник на доброволно служење на воениот рок, лице на стручно оспособување и усовршување за офицер, односно подофицер и питомец на Воената академија (потточка б) алинеи 1, 2 и 3); и припадници на резервните сили поставени на должност согласно со актот за формација на Армијата – припадници на активната резерва и припадници на општата резерва (потточка в) алинеи 1 и 2).

Воениот персонал врши служба во Армијата со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, со школување на Воената академија, односно стручно оспособување и усовршување за офицер, односно подофицер, со договорен однос и со доброволно служење на воениот рок (член 4 став 1 од Законот).

Служба во Армијата, со засновање работен однос со Министерството за одбрана, вршат воени старешини офицери, односно подофицери и професионални војници (став 2).

Работен однос со Министерството за одбрана како активен воен и цивилен персонал на служба во Армијата, се заснова со склучување на договор за вработување во писмена форма (член 30 став 1).

Работен однос како активен воен персонал на служба во Армијата може да заснова лице кое ги исполнува општите и посебните услови утврдени со овој закон (став 2).

Според член 36 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот, за професионален војник на служба во Армијата по пат на јавен оглас се прима лице кое покрај општите услови од членот 31 од овој закон, ги исполнува и следниве посебни услови: да има завршено средно образование; и да не е постар од 25 години на денот на завршување на рокот за пријавување на огласот за прием на професионални војници.

Со лицето од ставот 1 на овој член, Министерството за одбрана склучува договор за работа во траење од три месеци, во кој период влегува основна војничка обука, а по чие успешно завршување со лицето се склучува договор за работа од четири години (став 2 на истиот член).

За времетраење на основната војничка обука, лицето кое е примено како професионален војник на служба во Армијата ги остварува сите права и обврски од работен однос согласно со овој закон (став 3).

Согласно со член 40 став 1 од Законот, воените старешини и цивилниот персонал склучуваат договор за вработување на неопределено време.

Професионалните војници склучуваат договор за работа на определено време со времетраење на договорот од четири години (став 2 на истиот член).

Во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа со професионалните војници може да се продолжи повеќе пати, но најмногу до навршување на 45 години возраст (став 3 на член 40).

Според став 4 на истиот член, со договорот за работа се утврдува денот на стапување на работа, односно стапување на должност, времетраење и место на вршење на службата, правата, обврските, должностите и одговорностите во службата (начин на извршување на работата, односно должноста, работното време и редот и дисциплината, преместување на друго работно место, односно на друга должност, должина на годишниот одмор, отсуства од работа, плата и надоместоци на платата, престанок на работниот однос, односно престанок на службата во Армијата, надоместок на штета во случај на самоволно раскинување на договорот, право за изучување на странски јазици и информатика) и други права утврдени со закон и акти на Министерството за одбрана.

Согласно член 40-а став 1 алинеи 1 и 2 од Законот, професионалните војници на кои службата во Армијата им престанува поради навршување на 45 години возраст, имаат право: да засноваат работен однос на неопределено време без објавување на јавен оглас со преземање во органите на државната и локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон; или на испратнина, односно еднократен надоместок во висина на двократен износ на просечната месечна нето-плата по работник во Републиката, објавена од Државниот завод за статистика до денот на исплатата, но не помалку од 1.000 евра во денарска противвредност, за секоја година помината на служба во Армијата.

За остварување на правото од ставот 1 на овој член, професионалните војници, се должни да поднесат писмено барање до Министерството за одбрана, до денот на навршување на 44 години возраст, а најдоцна до 30 јуни во годината кога навршуваат 44 години возраст (став 2 на овој член).

Министерот за одбрана е должен да донесе План за преземање на професионалните војници, кои поднеле барање за остварување на правото од ставот 1 алинеја 1 на овој член, најдоцна до 31 декември во тековната за наредната година (став 3 на истиот член).

Министерството за одбрана е должно да ги преземе активностите согласно со Планот од ставот (3) на овој член, најдоцна шест месеци пред навршување на 45 години возраст на професионалните војници (став 4).

Професионалните војници кои поднеле барање за остварување на правото од ставот 1 алинеја 1 на овој член, а нема да бидат преземени согласно со Планот од ставот 3 на овој член, продолжуваат да ја извршуваат последната должност на која се распоредени со продолжување на договорот за период не подолг од четири месеци (став 5).

Професионалните војници на кои им е исплатена испратнина од ставот 1 алинеја 2 на овој член, доколку повторно засноваат работен однос во Министерството за одбрана, во органите на државната и локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, се должни износот на исплатената испратнина, утврден согласно со ставот (1) на овој член, да го вратат во полн износ во буџетот на Министерството за одбрана, во рок од еден месец по засновањето на работниот однос (оспорен став 6).

Согласно член 40-б став 1 од истиот закон, одредбата од членот 40-а од овој закон се однесува и на професионалните војници на кои службата во Армијата им престанала согласно со одредбите oд овој закон поради исполнување на старосната граница за престанок на работниот однос заради навршени 35, односно 38 години возраст.

Од анализата на одредбите на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, произлегува дека службата во Армијата ја вршат различни категории лица со основна поделба на воен и цивилен персонал.

Во рамки на воениот персонал постои понатамошна поделба и тоа: воен персонал кој е активен (воените старешини-офицери и подофицери и професионалните војници); потоа, воен персонал на стручно оспособување, односно обука; и припадници на резервните сили поставени на должност согласно со актот за формација на Армијата.

Понатаму, Законот уредува дека вршењето на служба во Армијата може да биде по основ на засновање работен однос со Министерството за одбрана, со школување на Воената академија, односно стручно оспособување и усовршување за офицер или подофицер, со договорен однос и со доброволно служење на воениот рок.

Притоа, работниот однос кој е основ за вршење служба во Армијата на воените старешини офицери, односно подофицери и професионалните војници, се заснова со склучување договор за вработување во писмена форма.

Во однос на времетраењето на склучениот договор за вработување, Законот прави разлика на начин што, воените старешини и цивилниот персонал склучуваат договор за вработување на неопределено време, додека професионалните војници склучуваат договор за работа на определено време со времетраење на договорот од четири години кој во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, може да се продолжи повеќе пати, но најмногу до навршување 45 години возраст.

Посебно, во однос на професионалните војници според законското уредување, истите се примаат во служба во Армијата по пат на јавен оглас, првин со склучување договор за работа во траење од три месеци, во кој период влегува основна војничка обука, а по чие успешно завршување со лицето се склучува договор за работа од четири години.

Законот, исто такам ги определува елементите кои треба да ги содржи договорот за работа, каде меѓу другото, е предвидено дека треба да има одредби за престанок на работниот однос, односно престанок на службата во Армијата и други права утврдени со закон и акти на Министерството за одбрана.

Со оглед дека работниот однос на професионалните војници престанува со навршување возраст од 45 години, Законот предвидува две можности за овие лица.

Првата е да може да засноваат работен однос на неопределено време без објавување јавен оглас со преземање во органите на државната и локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон.

Втората е да се исплати испратнина, односно еднократен надоместок во висина на двократен износ на просечната месечна нето-плата по работник во Републиката, објавена од Државниот завод за статистика до денот на исплатата, но не помалку од 1.000 евра во денарска противвредност, за секоја година помината на служба во Армијата поради престанокот на работниот однос.

Кое од овие две права ќе биде искористено, е препуштено на избор на професионалниот војник, кој со поднесување барање во писмена форма до Министерството за одбрана, се изјаснува до денот на навршување на 44 години возраст, а најдоцна до 30 јуни во годината кога навршува 44 години возраст.

Со оспорената одредба посебно е уреден случајот кога професионалните војници на кои им е исплатена испратнина, повторно засноваат работен однос во Министерството за одбрана, во органите на државната и локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон.

Во таа ситуација, имаат должност износот на исплатената испратнина, да го вратат во полн износ во буџетот на Министерството за одбрана, во рок од еден месец по засновањето на работниот однос.

Од ова јасно произлегува дека одредбата што се оспорува, не забранува вработување на професионалните војници во јавниот сектор спротивно на член 32 од Уставот како што се наведува во иницијативата, туку напротив, оваа можност Законот им ја понудува како прва изборна алтернатива, а тоа е да засноваат работен однос на неопределено време без објавување јавен оглас со преземање во органите на државната и локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон, согласно член 40-а став 1 алинеја 1 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.

Притоа, обврската е да се врати полниот износ од исплатената испратнина во буџетот на Министерството за одбрана, во рок од еден месец по засновањето на работниот однос.

Ова нормативно решение е во врска со другото од истиот закон, согласно кое професионалните војници по слободен избор одбираат едно од двете можности за што неспорно претходно се запознаени и информирани за последиците пред да го направат својот избор.

Во однос на наводите за постоење повреда на еднаквоста, појдовно при градењето на ставот во овој дел, беше веќе воспоставената пракса на Судот како општо, така и во предметите во кои е оценувана уставноста на одредби од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија од овој аспект (предмети У.бр.293/2020 и У.бр.224/2020).

Претходно во анализата е наведено дека Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, во рамки на воениот персонал, прави разлика помеѓу воените старешини – офицери и подофицери и професионалните војници за кои согласно нивните правни статуси се предвидени различни права, обврски и одговорности, како и дека јасно го разликува цивилниот персонал во однос на воениот.

Посебно, во делот на престанокот на работниот однос на овие лица се предвидени различни правила кои се последица токму од различниот статус на категориите на лица во служба во Армијата, при што со оспорената одредба е уредена ситуација која се однесува само на една група од категоријата професионалните војници – оние кои одлучиле при престанокот на својот работен однос да им се исплати испратнина.

За повреда на принципот на еднаквост може да стане збор кога се во прашање различни права и обврски за граѓани кои се наоѓаат во еднаква правна положба, што не е случај со конкретно оспорената одредба на член 40-а од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.

Имено, професионалните војници имаат различен правен статус во смисла на права, обврски и одговорности во вршењето на служба во Армијата, во однос на другите категории на воен и цивилен персонал, вклучувајќи го и прашањето на престанување на работниот однос и правата кои произлегуваат од истото и тоа не може да се третира како ставање во понеповолна положба и повреда на еднаквоста.

Уште повеќе, не може да стане збор ниту за повреда на овој принцип и во рамки на оваа иста категорија, во делот на правата на професионалните војници кои произлегуваат од фактот на престанување на нивниот работен однос.

Конкретно, едната група која се одлучила за првата можност која ја предвидува Законот – да заснова работен однос на неопределено време без објавување јавен оглас со преземање во органите на државната и локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон е во различна правна ситуација, во однос на другата која избрала да ѝ се исплати испратнина.

Поради сето погоре наведено, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 40-а став 6 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија со членовите 9 и 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски