У.бр.189/2023


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.189/2023
Скопје, 02.07.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска,  д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 2 јули 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 235 став 4 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија” бр. 39/2005, 4/2008, 62/2009, 117/2009, 35/2010, 48/2010, 158/2010, 44/2011,53/2011, 11/2012, 171/2012, 187/2013, 180/2014, 15/2015, 129/2015, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 144/2018 и „Службен весник на Република  Северна Македонија” бр.110/2021 и 3/2025).

Образложение

I

Зоран Величкоски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 235 став 4 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија” бр. 39/2005, 4/2008, 62/2009, 117/2009, 35/2010, 48/2010, 158/2010, 44/2011,53/2011, 11/2012, 171/2012, 187/2013, 180/2014, 15/2015, 129/2015, 154/2015, 192/2015, 23/2016, 144/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.110/2021 и 3/2025) и наведува дека оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија од причина што во оспорената одредба не е предвиден рокот кога настапува апсолутна застареност за известување на должникот за долгот, што создава правна несигурност кај субјектите на правото, бидејќи во сите закони во Република Северна Македонија е предвидено кога настапува апсолутна застареност за поведување на соодветна постапка односно за извршување на соодветна обврска.

II

На седницата Судот утврди дека во член 235 став 4 од Царинскиот закон се предвидува  дека известување   на   должникот  за   долгот нема да сè спроведува по истекот на рокот од три години од денот на настанувањето на долгот. Овој рок се прекинува од моментот на поведување на управен спор пред надлежен суд сè до моментот на траење на управната постапка спроведена во согласност со член 7 став 3 од овој закон.

III

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Оспорениот член 235 став 4 од Законот е поместен во глава 3 насловена „Наплата на износот на царинскиот долг“, дел 1. Евидентирање во царинската евиденција и известување на должникот за износот на давачките. Овој член има за цел да обезбеди правна сигурност во царинските постапки. Ги дефинира обврските на царинските органи во врска со известувањето за давачките и го ограничува рокот во кој може да се бара наплата. Истовремено, тој прави разлика помеѓу редовни долгови и оние што произлегуваат од можни кривични дела, за кои важат подолги рокови.

Член 235 од Законот во целина ги уредува правилата за известување на должниците за царинските давачки, роковите во кои тоа мора да се направи и

исклучоците од тие правила.
Со став (1) е уредено известување за давачките. Откако ќе се запишат во царинската евиденција, должникот (лицето кое треба да плати царински давачки) веднаш добива известување за нивниот износ.

Во став (2) е предвидено кога нема потреба од известување. Ако износот на давачките е веќе внесен во царинската декларација, царинската служба не мора посебно да го известува должникот, освен ако има несогласување помеѓу внесениот износ и износот утврден од царинскиот орган.

Со став (3) е уредено пуштање на стоката како известување. Ако нема несогласување во износот на давачките, самото одобрување за стоката да ја напушти царинската контрола се смета за известување. Меѓутоа, ако важат посебни правила според член 234 став (2), ова правило не се применува.

Со оспорениот став (4) е уреден рокот за известување. Царинската служба не може да го известува должникот по истекот на три години од моментот кога настанал долгот. Сепак, ако има управен спор (на пример, судска постапка), рокот се прекинува додека трае постапката. Поточно, оспорениот став гласи „(4) Известување на должникот за долгот нема да се спроведува по истекот на рокот од три години од денот на настанувањето на долгот. Овој рок се прекинува од моментот на поведување на управен спор пред надлежен суд се до моментот на траење на управната постапка спроведена во согласност со членот 7 став (3) од овој закон.“ Одредбата од ставот (3) на член 7 гласи “Против решение, кое во управна постапка го донесува царинскиот орган, може да се поведе управен спор пред надлежниот суд.“

Со став (5) е уреден посебен случај за кривични дела. Ако царинскиот долг настанал како резултат на дејствие што може да биде кривично дело, должникот може да биде известен и по истекот на трите години, но најдоцна до десет години.

Став (4) од член 235 одредува дека должникот не може да биде известен за царинскиот долг по истекот на три години од моментот кога долгот настанал. Ова правило има значајна правна функција, бидејќи поставува јасна временска граница за обврските на царинските органи, спречувајќи неограничено барање на долгови, што би можело да доведе до правна несигурност за граѓаните и компаниите. Меѓутоа, ставот исто така, предвидува исклучок ако во меѓувреме започне управен спор (на пример, ако должникот покрене постапка пред суд оспорувајќи го долгот), рокот од три години се прекинува сè додека трае постапката. Ова значи дека во случај на правен спор, должникот не може да се повика на истекот на рокот за да избегне плаќање, бидејќи рокот продолжува да тече дури откако ќе заврши управната постапка.

Оттука, Царинскиот закон во оспорениот член 235 став (4) предвидува релативна застареност од три години за известување на должникот за долгот, но не дефинира апсолутен рок на застареност. Ова значи дека, во отсуство на јасно дефиниран апсолутен рок во самиот Царински закон, не постои експлицитна одредба која го ограничува времетраењето за известување на должникот за царинскиот долг.

Имено, постои релативна застареност на известувањето, бидејќи оспорената одредба воведува временско ограничување за известување на должникот – три години. Ова значи дека царинските органи мора да го известат лицето во овој рок, освен ако не се случи прекин на рокот поради управен спор. Оваа регулатива е во согласност со начелата на правна сигурност, бидејќи предвидува разумен временски период во кој обврзникот може да очекува известување за своите обврски.

Исто така, оспорената одредба предвидува прекин на рокот во случај на управен спор. Одредбата предвидува прекин на трите години доколку се поведе управен спор, односно ако должникот оспори решение на царинскиот орган пред суд. Во таков случај, рокот не продолжува да тече додека трае судската постапка. Ова значи дека правните субјекти не можат да се повикуваат на застареност во периодот на спорењето, што е логично од правен аспект, бидејќи судската постапка сама по себе може да трае подолг период.

Оспорениот став упатува на член 7 став (3) од истиот закон, каде што е предвидено дека секое решение на царинскиот орган донесено во управна постапка може да биде оспорено пред суд. Тоа значи дека веднаш штом се поведе управен спор, рокот за известување се стопира, што овозможува соодветно судско разгледување на случајот без ограничување на органите во нивното дејствување.

Наспроти претходно наведената анализа која се однесува на она што оспорената одредба предвидува, истовремено треба да се истакне што оспорената одредба не регулира и какви се нејзините недостатоци. Најнапред, има недостаток на апсолутен рок на застареност Одредбата уредува само релативен рок (три години), но не предвидува апсолутен рок на застареност, што значи дека, теоретски, ако управната постапка трае многу години, известувањето може да биде спроведено и по многу подолг период. Ова може да биде проблематично од аспект на правната сигурност, бидејќи не постои јасна граница по која државата би изгубила право да го извести должникот.

Апсолутната застареност претставува краен рок по кој, независно од околностите, обврската повеќе не може да се бара.

Законот за општа управна постапка не предвидува конкретен апсолутен рок на застареност, туку овој закон утврдува општи правила за рокови во управната постапка, вклучувајќи ја и должноста на органите да решаваат во разумен рок. Меѓутоа, застареноста на побарувањата не е прашање што го уредува Законот за општа управна постапка, туку тоа е предмет на материјалните закони, како што е Царинскиот закон.

Оттука, член 235 став (4) од Царинскиот закон генерално придонесува за правна сигурност со тоа што предвидува рок од три години за известување, но главен недостаток е непостоење на рок за апсолутна застареност кој може да доведе до правна несигурност за должниците.

Отсуството на апсолутен рок создава значителни правни последици. Пред сè, тоа доведува до правна несигурност, бидејќи ако управните постапки траат долго, обврзникот може да биде известен за својата обврска дури и по 10, 15 или повеќе години, што е спротивно на принципите на правна сигурност. Дополнително, оваа ситуација создава неповолна положба за должниците, кои не можат да бидат сигурни кога државата дефинитивно го губи правото да бара наплата на царинскиот долг. Конечно, се јавува и нееднаквост во однос на другите финансиски обврски, бидејќи додека даночните обврски имаат утврден апсолутен рок, царинските обврски остануваат без такво ограничување.

Меѓутоа, утврдувањето на ваков рок е прашање на законодавна политика и претставува материја која припаѓа во сферата на уставната надлежност на Собранието како носител на законодавната власт.

Уставниот суд, согласно својата уставна положба и надлежности утврдени во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, не располага со овластување да ја замени законодавната волја и да интервенира во содржината на позитивното право преку нормативно уредување на прашања што се исклучиво во домен на законодавецот. Оттаму, Судот не може да го активира уставно-судскиот механизам на начин како што тоа го бара подносителот, односно не може да пропишува конкретни законски решенија што би значеле интервенција во сферата на законодавната дискреција.

Имено, според наводите во иницијативата, произлегува дека со иницијативата всушност се бара член 235 став 4 од Царинскиот закон да се дополни со рокот кога настапува апсолутна застареност за известување на должникот за долгот. Но, тргнувајќи од наведените уставни одредби и одредбите од Актот, оспорената одредба од Законот, како и од фактот дека со иницијативата не се оспорува член 235 став 4 од Законот поради неговата постојна содржина, туку се оспорува поради содржина што ја нема и всушност се бара законската одредба  да се дополни така како што смета подносителот на иницијативата, што е прашање во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата од причина што иницираното прашање излегува надвор од надлежноста  на Судот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски