Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.254/2024
Скопје, 25.06.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 јуни 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 288, член 381 ставови 3 и 4, членови 483, 484, 485, 486, 487, 488, 489 и 490 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија бр.150/2010,100/2012,142/2016 и 198/2018).
Образложение
I
Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот за кривичната постапка означени во диспозитивот на ова решение, како спротивни на член 8, член 13, член 15, член 98 ставови 1 и 2 и член 106 од Уставот, како и спротивни на член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Според наводите во иницијативата, по однос на оспорениот член 288 од Законот (кој се однесува на отфрлање на кривичната пријава), за подносителката е нејасно како јавното обвинителство, како орган кој треба да гони, со оспорената одредба станал орган кој одлучува дали постоело или не кривично дело, дали делото било застарено, дали настапила амнестија или помилување, дали постоело или не сомневање дека пријавениот сторил кривично дело или дали постоеле други околности кои го исклучувале гонењето.
Подносителката смета дека јавното обвинителство не може да биде во исто време и орган кој ќе пресудува за тоа дали има или нема кривично дело, дали истото е застарено, како и да утврдува други околности кои евентуално би придонеле да не се гони сторителот. Со ваквата уреденост на одредбата смета дека обвинителот бил изедначен со суд затоа што има спојување на органот што гони и органот кој одлучува во отсуство на судска заштита што ја прави противуставна оспорената одредба.
По однос на оспорувањето на член 381 ставови 3 и 4 од Законот, подносителката наведува дека во оваа оспорена одредба законодавецот предвидел да не се навлегува во утврдување на фактичката состојба доколку обвинетиот признал вина, во кој случај, обвинетиот може да се жали само по однос на висината на казната, што, според неа е спротивно на член 13 од Уставот. На овој начин се дерогирала целата судска потапка за утврдување вина затоа што таа смета дека оној кој признал вина нема право на жалба, односно тоа значи дека е веќе правосилно осуден без спроведена постапка за утврдување вина.
По однос на останатите оспорени членови (483-490), кои се составен дел на глава XXIX од Законот за кривичната постапка со наслов „Донесување на пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот“, за подносителката е нејасно како може врз основа на спогодба помеѓу јавниот обвинител и осомничениот да се донесе пресуда во кривична постапка.
Смета дека јавниот обвинител ја презел улогата на адвокат, давал предлог-спогодба, но, како орган на извршната власт кој има основна задача да гони сторители на кривични дела, дали може да дава предлог-спогодба врз основа на која се утврдува вина и се донесува правосилна пресуда без спроведување на доказна постапка.
Од наведените причини таа предложи Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги поништи, а до донесувањето на конечна одлука, да се донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби.
II
На седницата Судот утврди дека со оспорениот член 288 e предвидено во кои случаи јавниот обвинител со решение ја отфрла кривичната пријава, рокот во кој оштетениот може да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител, рокот во кој повисокиот јавен обвинител е должен да одлучи по жалбата на оштетениот како и тоа дека повисокиот јавен обвинител може со решение да го потврди решението за отфрлање на кривичната пријава или жалбата да ја уважи и да го задолжи понискиот јавен обвинител да ја продолжи постапката. Со оспорениот член 381 ставови 3 и 4 е пропишано дека во доказната постапка ќе се изведат само оние докази што се однесуваат на одлуката за санкцијата и во однос на пресудата или делот од пресудата што е донесена како резултат на признавањето на вината на обвинетиот во текот на главната расправа, обвинетиот не може да поднесе жалба поради погрешно утврдена фактичка состојба.
Оспорените членови 483, 484, 485, 486, 487, 488, 489 и 490 од Законот за кривичната постапка се поместени во глава XXIX од Законот која е со наслов „Донесување на пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот“.
Со член 483 кој е со наслов „Поднесување на предлог-спогодба“ е предвидено дека до поднесување на обвинение јавниот обвинител и осомничениот можат да поднесат предлог-спогодба со која бараат од судијата на претходната постапка да примени кривична санкција определена според видот и висината, во законски определените рамки за конкретното кривично дело, но не под границите за ублажување на казната определени со Кривичниот законик. Јавниот обвинител е должен кон предлог-спогодбата, заедно со сите докази да приложи и писмена изјава потпишана од оштетениот во однос на видот и висината на имотноправното побарување. Спогодувањето се врши меѓу надлежниот јавен обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител.
Според член 484 предмет на спогодувањето е видот и висината на кривичната санкција што ќе се предложи во предлог-спогодбата, а ако постои согласност од осомничениот предмет на спогодување може да биде и имотноправното побарување од оштетениот.
Член 485 пропишува дека предлог-спогодбата мора да содржи: податоци за јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител; опис и правна квалификација на кривичните дела опфатени со предлог-спогодбата; предложената кривична санкција според видот и висината; видот и висината на имотноправното побарување и начинот на негово остварување, ако осомничениот дал согласност во смисла на членот 484 од овој закон; изјава на осомничениот дека свесно и доброволно ја прифаќа предлог-спогодбата и последиците што произлегуваат од неа; изјава од јавниот обвинител и осомничениот дека се откажуваат од правото на жалба доколку се донесе пресуда со која се прифаќа предлог-спогодбата; трошоците на постапката; потпис на јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител и датум и место на склучувањето на предлог-спогодбата.
Согласно член 486, осомничениот мора да има бранител од моментот на започнувањето на постапката за спогодува- ње, осомничениот избира бранител по сопствен избор и ако самиот не избере бранител, претседателот на надлежниот суд му поставува бранител по службена должност.
Судијата на претходната постапка не смее да учествува во постапката за спогодување меѓу јавниот обвинител и осомничениот и неговиот бранител, согласно член 487.
Со член 488 кој е со наслов „Постапување по предлог-спогодбата“ се уредува рокот за закажување на рочиште за оцена на предлог-спогодбата, повикувањето на подносителите како и должноста на судијата на претходна постапка да испита дали таа доброволно е поднесена, дали осомничениот е свесен за правните последици од нејзиното прифаќање, за последиците сврзани за имотноправното побарување и трошоците на кривичната постапка. Јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител во текот на рочиштето не смеат да поднесат барање за утврдување кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог-спогодбата. Доколку јавниот обвинител или осомничениот и неговиот бранител поднесат вакво барање, се смета дека се откажале од предлог-спогодбата и судијата на претходната постапка донесува решение во смисла на член 489 став (1) од овој закон. Судијата на претходната постапка ги поучува јавниот обвинител и осомничениот и неговиот бранител дека имаат право до донесување на одлуката да се откажат од предлог-спогодбата. Судијата на претходната постапка ги поучува јавниот обвинител и осомничениот и неговиот бранител дека прифаќањето на предлог-спогодбата се смета за откажување од правото на жалба на донесената пресуда врз основа на предлог-спогодбата.
Според член 489, ако судијата на претходната постапка утврди дека прибавените докази за фактите важни за избор и одмерување на кривичната санкција не го оправдуваат изрекувањето на предложената кривична санкција, односно дека јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител во текот на рочиштето поднеле барање за утврдување кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог-спогодбата, донесува решение со кое ја одбива предлог-спогодбата и списите ги доставува до јавниот обвинител. Во случај на донесување на решението од ставот (1) на овој член, записникот од одржаното рочиште и предлог-спогодбата не може да се користат во натамошниот тек на постапката и со нив ќе се постапи на начин уреден во член 336 став (4) од овој закон. Против решението донесено во смисла на ставот (1) на овој член не е дозволена жалба.
Согласно член 490 кој е со наслов „Пресуда врз основа на предлог-спогодба“, ако судијата на претходната постапка ја прифати предлог-спогодбата изрекува пресуда со која не смее да изрече кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог спогодбата. Пресудата ги содржи елементите на осудителна пресуда согласно со член 404 од овој закон. Пресудата се објавува веднаш, а се изготвува во писмена форма во рок од три дена од објавувањето. Пресудата без одлагање им се доставува на јавниот обвинител, осомничениот и неговиот бранител. Примерок од пресудата без одлагање му се доставува и на оштетениот. Ако оштетениот не е задоволен од одлуката за видот и висината на досуденото имотноправно побарување, своето право оштетениот може да го оствари во парнична постапка.
III
Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Во конкретниот случај, со иницијативата се бара оценување на уставноста на одредби од Законот за кривичната постапка, чијшто предмет на уредување е отфрлање на кривичната пријава, донесување пресуда врз основа на признание на вината во текот на главната расправа и глава XXIX, во која се уредува донесување пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот.
Имајќи ја предвид уставно-судската пракса, содржината од оспорените одредби биле предмет на оцена пред Уставниот суд, при што Судот по предметот У.бр.277/2020 година со Решението од 14.12.2022 година не поведе постапка оценување на уставноста на член 288 ставови 1 и 3, член 381, член 483, член 484, член 485, член 486, член 487, член 488, член 489 и член 490 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018) и ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 288 ставови 2, 4 и 5 од Законот.
Судот со ова Решение утврди дека јавниот обвинител раководи со предистражната постапка, тој е должен сам и преку правосудна полиција во оваа фаза на постапката, да прибира информации и докази во прилог на основаноста на сомнението за стореното дело по што ќе спроведе истрага. Ако во предистражната постапка и покрај дополнителните проверки нема сомнение за сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, кривичната пријава ќе ја отфрли.
За отфрлањето на кривичната пријава, јавниот обвинител носи решение кое го доставува до оштетениот кој се известува за причините за отфрлање на кривичната пријава со поука дека тој може во рок од осум дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител, а доколку жалбата е недозволена или ненавремена повисокиот јавен обвинител го известува оштетениот. Повисокиот јавен обвинител е должен во рок од триесет дена да го извести оштетениот.
Повисокиот јавен обвинител, по повод поднесената жалба од оштетениот може да го потврди решението за отфрлање на кривичната пријава или да ја уважи жалбата и да го задолжи понискиот јавен обвинител да ја продолжи постапката.
Воведувањето на институтот на отфрлање на кривичната пријава и дејствијата што се спроведуваат по отфрлањето на кривичната пријава имаат за цел контрола на решенијата на јавниот обвинител за отфрлање на кривичните пријави од страна на оштетениот и давање на можност на оштетениот да поднесе жалба до повисокиот јавен обвинител.
Тргнувајќи од изнесеното, а имајќи ја предвид уставната поставеност на јавниот обвинител, Судот оцени дека со оспорениот член 288 од Законот, не се доведуваат во прашање уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
Имајќи ја предвид уставно-судската практика по предметот У.бр.66/2015 година, во кој Судот го оценувал член 288 ставови 2, 4 и 5 од Законот за кривичната постапка и не повел постапка, Судот ја отфрли иницијативата, а за ставовите 1 и 3, не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за кривичната постапка со даденото образложение од причини што одредбата од оспорениот член мора да се гледа во целина.
Во однос на оспорениот член 381 ставови 3 и 4 од Законот за кривичната постапка, Судот оцени дека наведениот член, нужно мора да се гледа во корелација со член 380 и целината на член 381, а не само оспорените ставови. Ова од причини што постапката за признавање на вина на главната расправа треба да се одвива според одреден редослед.
Од содржината на наведениот член недвосмислено произлегува дека обвинетиот признавањето на вината може да го даде без оглед на природата и тежината на кривичното дело за кое се води постапка. Признанието на вина може да се даде за едно или за повеќе кривични дела опфатени во обвинението. Признанието на вина од страна на обвинетиот може да се даде доколку делото ги содржи сите битни елементи, односно обележја на кривично дело кое му се става на товар на обвинетиот, да не содржи основ за исклучување на противправноста и да не содржи основ за исклучување на кривична одговорност на обвинетиот.
Судот, исто така, утврди дека оспорените одредби од членовите 483 – 490 од Законот се содржани во глава 29 со наслов „Донесување на пресуда врз основа на спогодба на јавниот обвинител и осомничениот“.
Со новиот концепт во Законот за кривичната постапка од 2010 година, се содржани одредби кои за прв пат во македонското казнено-процесно законодавство ја регулираат можноста за спогодување на јавниот обвинител и обвинетиот за видот и висината на кривичната санкција, предвидуваат поинаков статус на изјавата за признавање на вина во фазата на контрола на обвинението, на признанието дадено во текот на главната расправа во редовната постапка, како и во текот на расправата во делот на скратената постапка, различно од поранешната пракса со признанието што обвинетиот можеше да го даде само пред судот.
Со други зборови, со воведувањето на постапката за спогодување помеѓу јавниот обвинител, од една страна, и обвинетиот и неговиот бранител, од друга страна, е направена значајна промена во основните принципи на казнената постапка.
Имено, основната цел на реформите во кривичната постапка, е целосно напуштање на судската предистражна и истражна постапка и преземање на истата од страна на јавното обвинителство, што во суштина значи дека овластениот тужител има примат и водечка улога во кривичната постапка.
Новиот концепт на спогодување и признавање вина претставуваат компромис, односно спогодување на страните во постапката чијашто главна цел е заштита на фундаменталните социјални вредности, неопходноста од зголемување на ефикасноста на кривичната постапка и редуцирање на трошоците што и ја наметнало целисходноста и потребата од прифаќање на овие механизми како правен концепт на примена на елементи на договорно право.
По однос на оспорениот член 288, Уставниот суд со Решението бр.66/2015 од 16 декември 2015 година, ја оценувал уставноста на член 288 ставови 2, 4 и 5 од Законот, и не повел постапка бидејќи оценил дека не може да се доведе под сомнение по однос на Амандманот XXI од Уставот.
Според ставот на Судот, со оспореното законско решение не се повредува деволутивното дејство на жалбата како редовен правен лек бидејќи по жалбата на решението за отфрлање на кривичната пријава донесена од страна на јавниот обвинител, одлучува непосредно повисокиот јавен обвинител, кој согласно принципот на хиерархија и субординација врши контрола и надзор над работата на пониските јавни обвинители. Преку оценката на решението за отфрлање на кривичната пријава, непосредно повисокиот јавен обвинител, по повод жалбата на оштетениот цени дали јавниот обвинител основано ја отфрлил кривичната пријава. Со тоа, испочитувани се принципите на хиерархија и субординација предвидени во член 6 од Законот за јавното обвинителство, поради што не е повреден Амандманот XXI од Уставот.
Согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Тргнувајќи од наведената одредба од Актот, како и фактот дека оспорените членови биле предмет на оцена пред Уставниот суд кој со Решението У.бр.277/2020 и Решението У.бр.66/2015 го изнел својот став, а по предметната иницијатива не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека во конкретниов случај настапени се условите за отфрлање на иницијативата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски