Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.252/2024
Скопје, 18.06.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеja 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 18 јуни 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛA иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за престанување на важење на Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија на 26.12.2007 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2007.
Образложение
I
Д-р Предраг Станојевиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за престанување на важење на Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија на 26.12.2007 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2007 на 28.12.2007 година.
Според наводите во иницијативата и во поднесокот за дополнување на иницијативата, подносителот смета дека во периодот додека важела Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, немала иста правна применливост кон сите вработени во Армијата на Република Мкедонија (erga omnes), како што е и случајот на подносителот и на голем број вработени во Армијата на кои не им се решило станбеното прашање. Но, со донесувањето на оспорената Одлука за престанување на важење на Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија на 26.12.2007 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2007, престана да важи претходната Одлука за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија со бр. 23-241/1 од 25.01.1992 година.
Исто така, подносителот предлага, врз основа на член 110 од Уставот, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд, Судот да ја прифати иницијативата за оспорување на Одлуката со која престанала да важи Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија бр.23-241/1 од 25.01.1992 година.
На крајот на иницијативата подносителот се повикува на член 52 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случаите кога тоа е поповолно за граѓаните.
II
На седницата Судот утврди дека оспорената одлука содржи два члена.
Во член 1 од Одлуката се наведува дека, со оваа одлука престанува да важи Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија бр.23-241/1 од 25.01.1992 година, објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр.3/92).
Во член 2 од Одлуката се наведува дека оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
III
Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 52 алинеја 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06 и 115/07), Владата на Република Македонија на седница одржана на 26.12.2007 година, донелa Одлука за престанување на важење на Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна Република Македонија „Службен весник на Република Македонија“ бр.158/07.
Во член 1 од оспорената одлука се наведува дека со оваа одлука престанува да важи Одлуката за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија бр.23-241/1 од 25.01.1992 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.3/92.
Од утврдената фактичка состојба произлегува дека со влегување во сила на оспорената одлука, а тоа е на 29.12.2007 година, престанала да важи поранешната Одлука за прифаќање на старешините на ЈНА, воените службеници и граѓанските лица на служба во ЈНА од страна на Република Македонија, донесена на 25.01.1992 година.
Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата, Судот оцени дека нема основи за неуставност на оспорената одлука бидејќи во истата само се наведува член 52 од Уставот за кој подносителот на иницијативата смета дека е повреден.
Согласно со член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да ја цени примената на пропис, односно во конкретниот случај примената на Одлуката која веќе не е во сила, не е во правниот поредок или пак ваква можна злоупотреба додека била на сила, па во отсуство на уставноправни аргументи за оспорување на уставноста на истата, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.
Тргнувајќи од фактот дека причините наведени во иницијативата не може да се доведат во корелација со предметот на уредување на оспорената одлука, а и од самата содржина на иницијативата, којашто дополнително е прецизирана, не произлегуваат основите на оспорување, поради што Судот цени дека во конкретниот случај не постојат процесни претпоставки да се впушти во мериторна оцена на оспорената одлука, односно постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски