Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.14/2025
Скопје, 18.06.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 18 јуни 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 104 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 110/2019, 267/2020, 151/21, 288/2021, 111/2023, 93/2024,39,2025 и 74/2025)
Образложение
I
Санде Пејоски од Охрид, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на примената на член 104 од Законот за работните односи бидејќи во практиката создава правна несигурност во однос на адвокатската професија, ја доведува во прашање правната легитимност на застапувањата на пензионираните адвокати кои стекнуваат имотна корист без основ и е спротивен на членовите 8 и 9 од Уставот на Република Северна Македонија
Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека според член 104 од Законот за работните односи, работниот однос престанува по сила на закон кога работникот исполнува услови за пензија. Сепак, во судската пракса, адвокати кои веќе исполнуваат услови за пензија продолжуваат да застапуваат, иако нивната адвокатска легитимација со посебни овластувања мора да мирува. Исто така, судовите им признаваат адвокатски трошоци, иако тие немаат право на процесна легитимација. Адвокатската комора потврдува дека тие имаат лиценца, но не разјаснува дека нивната адвокатска легитимација со посебни овластувања треба да биде во мирување што предизвикува правна несигурност и нееднаквост, бидејќи дел од адвокатите запираат со работа, а други продолжуваат без јасен правен основ.
Дополнително, истиот подносител на 30.05.2025 година до Уставниот суд поднесе и втора иницијатива за оценување на уставноста на дејствија и правни последици кои произлегуваат од нееднаквата примена на член 104 од Законот за работни односи, како и на постапување на јавни органи што резултирало со директно загрозување на неговото право на живот и правна сигурност, како спротивно на членовите 8, 9, 11, 30, 34, 50 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на член 2 од ЕКЧП.
Понатаму, подносителот на иницијативата бара да се оцени дали постои правна неусогласеност и уставна повреда поради нееднаква примена на член 104 од ЗРО за адвокатите, да се утврди уставна одговорност на органите кои според него го прикриваат незаконитото дејствување, да се заштити неговото уставно право на живот, правна сигурност и правна заштита и да се наложи општа правна стандардизација за адвокатите во согласност со останатите професии каде дејствувањето по пензионирање е регулирано или забрането.
Врз основа на сето погоре наведено, подносителот на иницијатавата бара Уставниот суд по своја проценка да донесе одлука за поништување, доколку утврди дека постои сериозна повреда на правната сигурност, со што ќе се отвори можност за поништување на сите донесени одлуки бидејќи пензионираните адвокати немаат право да застапуваат.
II
На седницата Судот утврди дека со член 104 од Законот за работните односи се предвидува дека, договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено.
III
Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Во член 51 од Уставот, е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
По однос на наводите содржани во иницијативата, Судот оцени дека претставуваат прашања поврзани со фактичката примена на закон, односно се бара Судот да ја оценува работата на надлежните органи од аспект на примената на материјалното право. Согласно со уставно утврдените надлежности во членот 110 од Уставот, во надлежност на Уставниот суд е да оценува односно да одлучува за согласноста на уредената законска норма vis a vis одредбите на Уставот, а не како содржината на нормата ја применуваат органите кога постапуваат во конкретните случаи, поточно фактичката примена на одредбата.
Дополнително, содржината на оспорениот член 104 од Законот за работните односи била веќе предмет на уставно-судска анализа, односно Уставниот суд со Решението бр.19/2022, од 13 јули 2022 година, оценувајќи ја уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 151/2021), не повел постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 151/2021), а наводите од новоподнесената иницијатива, Судот оцени дека не се основани, односно во неа не се содржани наводи кои би можеле да влијаат на веќе изнесениот став на Судот за поинакво одлучување.
Согласно со горенаведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата од причина што наводите на подносителот на иницијативата се сведуваат на барање за постапување на Уставниот суд, за прашање кое не спаѓа во уставно утврдените надлежности во член 110 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски