Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.7/2025
Скопје, 18.06.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски , претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 18 јуни 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:
– Законот за изменување на Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.208/24) и
– Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/24).
Образложение
I
Марија Аргировска пред Уставниот суд, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Законот за изменување на Законот за јавните претпријатија и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, како спротивни на член 58 став 2 од Уставот.
Подносителката со иницијативата ја оспорува како противуставна и противзаконита постапката околу донесувањето на оспорените измени и дополнувања на наведените закони и нивната содржина.
Таа смета дека оспорените измени уредуваат исклучиво управување и одлучување во јавните претпријатија и трговски друштва во доминантна државна сопственост на економисти и правници, во отсуство на лице кое е стручно во дејноста што јавното претпријатие ја врши, со што се централизира селекцијата на кандидатите за членови на органите на јавните претпријатија.
Оспорените измени се спротивни и на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025. Имено, воведувањето на стручност на членовите на органите на правните лица во државна сопственост биле од 2022 година и биле воведени во насока на создавање на услови за понатамошно имплементирање на мерките и активностите од Националната страгегија. Овие мерки кои се однесуваат на правните лица во државна сопственост и кои Министерството за економија и труд требало да ги спроведе со оспорените измени станале беспредметни со што било доведено во прашање владеењето на правото.
Според подносителката, овие измени не може да се донесат во скратена постапка имајќи ја предвид правната материја во корелација со јавниот интерес и јавните пари.
Со иницијативата, подносителката иако ја оспорува содржината на оспорените измени од Законот, од наводите во иницијативата произлегува дека за неа како спорно прашање е постапката за донесување на двата оспорени закони за измени и дополнувања за кои смета дека се донесени премолчено во скратена, противправна и контрадикторна постапка, без темелна анализа и консултација со експертската јавност и невладиниот сектор, како и предвидениот услов за членовите на органите на управување на јавното претпријатие да имаат работно искуство од областа само на финансиско работење и на правните работи, но не и стручно лице во дејноста што јавното претпријатие ја врши. Подносителката смета дека со оспорените измени, членовите на органите на управување на јавните претпријатија се сведуваат на економисти и правници, притоа недвосмислено се централизира селекцијата на кандидатите за членови на органите на јавните претпријатија.
Од наведените причини, подносителката предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените законски измени и истите да ги поништи како спротивни на Уставот, а до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените закони.
II
На седницата Судот утврди дека Законот за изменување на законот за јавните претпријатија содржи 12 члена.
Со член 1 се менува член 17 став 5 од Законот за јавните претпријатија, кој се однесува на условите за членовите на управниот одбор во јавното претпријатие, кои треба да имаат најмалку пет години работно искуство од кои најмалку еден член на управниот одбор со работно искуство од областа на финансиско работење и најмалку еден член на управниот одбор со работно искуство од областа на правните работи.
Со член 2 се менува член 17-а според кој за избор на членови во управниот одбор на јавното претпријатие основано од Владата, три месеци пред истекот на мандатот на постојните членови, на предлог на генералниот секретар на Владата, Владата објавува јавен повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен и надзорен одбор со времетраење од пет дена на својата веб-страница и на веб-страницата на јавното претпријатие за кое е распишан јавниот повик.
За избор на членови во управниот одбор на јавното претпријатие основано од општината и Градот Скопје, три месеци пред истекот на мандатот на постојните членови, на предлог на градоначалникот на општината, односно градоначалникот на Градот Скопје, Советот на општината, односно Советот на Градот Скопје, објавува јавен повик за пројавување на интерес за пријавување на кандидати за избор на член на управен и надзорен одбор со времетраење од пет дена, на својата веб-страница и на веб-страницата на јавното претпријатие за кое е распишан повикот.
Владата на предлог на генералниот секретар на Владата, формира Комисија за селекција на членови во управниот одбор на јавното претпријатие основано од Владата, која се состои од пет членови и нивни заменици и тоа претседател, негов заменик, еден член и негов заменик, од редот на вработените во Канцеларијата на претседателот на Владата, еден член и негов заменик од Секторот за човечки ресурси во Генералниот секретаријат на Владата, еден член и негов заменик од редот на вработените во Генералниот секретаријат на Владата и еден член и негов заменик од редот на вработените во јавното претпријатие.
За избор на членови во управниот одбор на јавното претпријатие основано од општината и Градот Скопје, на предлог на градоначалникот на општината односно градоначалникот на Градот Скопје, Советот на општината, односно Советот на Градот Скопје, формира Комисија за селекција составена од: претседател и негов заменик, од редот на вработените во општината, односно во Градот Скопје, еден член и негов заменик, вработени во организациона единица за управување со човечки ресурси во општината, односно во Градот Скопје, од која е основано јавното претпријатие и еден член и негов заменик, вработени во јавното претпријатие за кое е објавен повик за пројавување интерес за пријавување на кандидатите.
Формата и содржината на повикот од ставовите 1 и 2 на овој член, начинот на поднесување на пријавата, обрасците за пријавување, начинот на бодување и селекција на кандидатите ги пропишува министерот за економија и труд.
Со член 3 од истиот закон се менува член 17-в којшто се однесува на административната селекција која се состои од проверка на внесените податоци, проверка на доставените докази и нивно бодување, начин на пресметување на вкупен број бодови, и рокот за административна селекција.
Со член 4 се менува член 17-г, кој уредува дека комисијата за селекција спроведува интервју со кандидатите што успешно ја поминале административната селекција интервју, со утврдување на точниот датум, време и место на одржување на интервјуто кое се објавува на веб-страницата на основачот на јавното претпријатие.
Интервјуто се спроведува преку ситуациони прашања, се проверуваат општите работни компетенции за член на управниот одбор, стручни прашања или практични задачи се проверуваат посебните работни компетенции и се врши нивно бодување. Комисијата, подготвува и до основачот на јавното претпријатие доставува ранг-листа, од најмногу 10 најдобро рангирани кандидати за членови на управниот одбор најдоцна 10 дена од денот на завршувањето на интервјуто, а основачот на јавното претпријатие најдоцна 15 дена од денот на приемот на предлогот донесува одлука за именување на членови во управниот одбор на јавното претпријатие од редот на најдобро рангираните кандидати, а на својата веб-страница да ги објават кратките биографии на сите членови на управниот одбор.
Член 5 го менува член 17-д, според кој, незадоволните кандидати имаат право да поведат управен спор.
Со член 6 се менува член 17-ѓ ставови 5 и 6. Ставот 5 се однесува на мандат од најмногу шест месеци за вршители на должност членови на управниот одбор. Став 6 од истиот член, уредува дека Владата кога е основач на јавното претпријатие на предлог на Комисијата за селекција, назначува вршители на должност членови на управен одбор без спроведување на постапката од член 17-а ставови 1 и 2 од овој закон.
Со член 7 се менува член 26 став 3 алинеја 1 според која, еден член на надзорниот одбор, треба да има најмалку пет години работно искуство.
Член 8 пропишува дека членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија именувани до денот на влегувањето во сила на овој закон продолжуваат да ја вршат функцијата до истекот на мандатот за кој се именувани.
Член 9 се однесува на започнатите постапки за именување на членови на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе завршат согласно со одредбите од овој закон.
Со член 10 се задолжуваат јавните претпријатија да ги усогласат статутите согласно со овој закон во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 11 пропишува рок од 20 дена за донесување на подзаконскиот акт предвиден со овој закон од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Со член 12 се уредува влегувањето во сила на овој закон.
– Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва содржи 13 члена.
Со член 1, во Законот за трговските друштва во член 29-б ставот 7 по зборот „економија“ се додаваат зборовите „и труд“.
Со член 2 се менува член 231-a став 1 точка 5 во која се уредува дека еден од условите за избор на лице за управител на друштвото со доминантна или во целосна сопственост на државата, е лицето да поседува сертификат или уверение за познавањето на еден од трите најчесто користени странски јазици
Член 3 уредува дека во членот 247 по став 3 се додаваат два нови става (4) и (5), кои гласат:
(4) Надзорниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден трговец или голем трговец, може да има најмалку три, а најмногу пет членови.
(5) Надзорниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како микротрговец или мал трговец има три членови.
Со член 4, во член 365 по ставот (1) се додава нов став (2), кој уредува дека неизвршните членови на одборот на директори, членовите на надзорниот одбор на акционерско друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, членовите на надзорниот одбор во друштво со ограничена одговорност со доминантна или во целосна сопственост на државата, имаат право на надоместок само во форма на месечен паушал кој изнесува една четвртина од просечната нето-плата исплатена во Републиката за претходната година.
Со член 5, во член 367 по ставот (5) се додаваат два нови става (6) и (7), според кои Одборот на директори во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден или голем трговец, може да има најмалку три, а најмногу седум членови од кои двајца се независни членови. Одборот на директори во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како микро или мал трговец, може да има најмалку три, а најмногу пет членови од кој еден е независен член.
Со член 6, во член 367-а по ставот (1) се додаваат два нови става (2) и (3), кои ги уредуваат условите за избор на лице за независен неизвршен член на одборот на директори во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата.
Со член 7, во член 374 по ставот (7) се додаваат два нови става (8) и (9) кои уредуваат број на членови во Управниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден или голем трговец и класифицирано како микро или мал трговец.
Со член 8, во член 378 по ставот (3) се додаваат два нови става (4) и (5) кои уредуваат број на членови во Надзорниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден или голем трговец и класифицирано како микро или мал трговец.
Со член 9, во член 378-а по ставот 1 се додаваат два нови става (2) и (3) кои гласат:
(2) За независен член на надзорен одбор во акционерско друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата може да биде именувано лице кое покрај условите од ставот (1) точки 1), 2) и 3) на овој член треба да има најмалку четири години работно искуство.
(3) Во акционерското друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата треба да има: – најмалку еден независен член со работно искуство од областа на финансиското работење или со работно искуство од областа на правните работи, доколку се работи за друштво класифицирано како микро или мал трговец или – најмалку еден независен член со работно искуство од областа на финансиското работење и еден независен член со работно искуство од областа на правните работи, доколку се работи за друштво класифицирано како среден трговец или голем трговец.
Во член 10, во членот 545-а по зборот „економија“ се додаваат зборовите „и труд“.
Член 11, уредува дека започнатите постапки за избор, односно именување на управител, членови на одбор на директори, членови на управен одбор и членови на надзорен одбор во акционерско друштва со доминантна или во целосна сопственост на државата и во друштво со ограничена одговорност со доминантна или во целосна сопственост на државата, започнати до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе завршат согласно со Законот за трговските друштва.
Согласно член 12 од овој закон, Управителот, членовите на одборот на директори, членовите на управен одбор и членовите на надзорниот одбор во акционерските друштва со доминантна или во целосна сопственост на државата и во друштво со ограничена одговорност со доминантна или во целосна сопственост на државата, кои се избрани, односно именувани до денот на започнувањето на примената на овој закон, продолжуваат да ја вршат функцијата за која се избрани, односно именувани, до изборот, односно именувањето на нов управител, нови членови на одборот на директори и нови членови на управниот, односно надзорниот одбор.
Член 13 уредува дека овој закон започнува да се применува три месеци од денот на влегувањето во сила, освен одредбите од членот 2 од овој закон со кој се менува членот 231-а став (1) точка 5.
III
Согласно со член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 58 став 2 од Уставот, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека во јавните установи и служби учеството во управувањето и одлучувањето се уредува со закон пред се врз принципите на стручност и компетентност. Во таа смисла поаѓајќи од тоа дека струката, најопшто, е збир на работи кои по своите заеднички својства се карактеристични за една дејност за која е потребна определена спрема односно способност на субјектот да располага со стручно знаење од определена област како и тоа дека компетентноста подразбира збир на работи што ги врши некој субјект во власта или јавна служба односно дека тоа е подрачје во кое некое лице поседува знаење и искуство за вршење на тие работи.
Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ број 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013; 41/2014; 138/2014; 25/2015; 61/2015; 39/2016; 64/2018; 35/2019; 275/2019; 82/2020; 89/2022; 274/2022 и 208/2024) ги уредува прашањата за вршење на стопански дејности од јавен интерес преку јавни претпријатија, белезите на јавното претпријатие, принципите на транспарентност во финансиските односи, основање на јавното претпријатие, организација на јавното претпријатие, органи на јавното претпријатие, статутот на јавното претпријатие, распоредување на вишокот на средства од работењето на јавното претпријатие и покривање на загубите на јавното претпријатие, штрајк во јавно претпријатие, положба на вработените во јавното претпријатие, остварување и заштита на јавниот интерес во јавното претпријатие, контрола над јавното претпријатие, вршење на дејност од јавен интерес врз основа на дозвола и слично.
Со оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, законодавецот ги изменил критериумите за именување на членовите на управниот односно надзорниот одбор на јавните претпријатија при што наместо три години работно искуство од областа на финансиското работење и правните работи, кандидатите за членови на управниот и надзорниот одбор потребно е да имаат најмалку пет години работно искуство од областа. Измената се однесува и во однос на административната процедура за избор на членовите на управниот и надзорниот одбор на начин што три месеци пред истекот на мандатот на постојните членови, Владата, на предлог на генералниот секретар, објавува јавен повик на веб-страницата на Владата, За избор на членови во управниот одбор на јавното претпријатие основано од општината и Градот Скопје, на предлог на градоначалникот на општината, односно градоначалникот на Градот Скопје, Советот на општината, односно Советот на Градот Скопје, објавува јавен повик на својата веб-страница и на веб-страницата на јавното претпријатие за кое е распишан повикот, се формира Комисија за селекција која треба да спроведе интервју со пријавените кандидати при што изготвува ранг листа на најдобро рангирани кандидати.
Понатаму, во оспорениот закон, се предвидува формирање на Комисија за селекција која најдоцна 10 дена од денот на завршувањето на административната селекција треба да спроведе интервју со кандидатите што успешно ја поминале административната селекција при што се изготвува ранг-листа на најдобро рангирани кандидати, а незадоволните кандидати имаат право да поведат управен спор.
Во оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, законодавецот ги изменил условите за избор на лице за управител на друштвото со доминантна или во целосна сопственост на државата, на начин што предвидел дека покрај останатите услови, лицето треба да поседува сертификат или уверение или друг документ со кој се потврдува познавањето на еден од трите најчесто користени странски јазици. Направено е дополнување во составот и мандатот на членовите на надзорен одбор така што Надзорниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден трговец или голем трговец, може да има најмалку три, а најмногу пет членови, додека во Надзорниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како микротрговец или мал трговец има три членови. Со измените има дополнување и во делот кој се однесува на составот на членовите во одборот на директори така што одборот на директори во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден или голем трговец, може да има најмалку три, а најмногу седум членови од кои двајца се независни членови, додека кај друштвото класифицирано како микро или мал трговец, може да има најмалку три, а најмногу пет членови од кој еден е независен член. Измените се однесуваат и на дополнување на условите за избор на независен неизвршен член на одборот на директори во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата.
Во однос на условите за член на надзорен одбор во акционерско друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, со измената се дополнуваат условите кои треба да ги исполнува лице за именување за независен член на надзорен одбор во акционерско друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата и условите кои кандидатите треба да ги исполнат за да бидат лица за именување во акционерското друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата со работно искуство од областа на финансиското работење или со работно искуство од областа на правните работи.
Со одредбите од оспорениот Закон за изменување на Законот за јавните претпријатија, меѓу другото, во член 2 со кој се менува член 17–а од Законот за јавните претрпијатија е уредено дека Владата формира комисија за селекција на членови во управниот одбор на јавното претпријатие која се состои од пет члена и нивни заменици. Во состав на комисијата од редот на вработените во канцеларијата на претседателот на Владата членуваат четири члена и тоа претседател, негов заменик, еден член и негов заменик, еден член и негов заменик од секторот за човечки ресурси во Генералниот секретаријат на Владата, еден член и негов заменик од редот на вработените во Генералниот секретаријат на Владата и еден член и негов заменик од редот на вработените во јавното претпријатие, што е оспорено со иницијативата.
Со Законот за трговските друштва, законодавецот конкретно ги уредил сите форми на трговски друштва (нивното дефинирање, правниот статус, основање, односите помеѓу содружниците и нивната одговорност).
Во оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, законодавецот ги доуредува условите за избор на лице за управител на друштвото со доминантна или во целосна сопственост на државата, односно предвидува лицето да поседува сертификат или уверение за познавањето на еден од трите најчесто користени странски јазици, го уредува бројот на членовите во Надзорниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден трговец или голем трговец, кој може да има најмалку три, а најмногу пет членови, односно, Надзорниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како микротрговец или мал трговец пропишува да има три членови. Пропишува право на надоместок на неизвршните членови на одборот на директори, односно на членовите на надзорниот одбор во форма на месечен паушал кој изнесува една четвртина од просечната нето-плата исплатена во Република Северна Македонија за претходната година, го доуредува бројот на членови во одборот на директори така што во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден или голем трговец, може да има најмалку три, а најмногу седум членови од кои двајца се независни членови, додека во одборот на директори во друштво класифицирано како микро или мал трговец, може да има најмалку три, а најмногу пет членови од кој еден е независен член.
Исто така, со овој закон се уредуваат и условите за избор на лице за независен неизвршен член на одборот на директори во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата и пропишува дека во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата треба да има најмалку еден независен член со работно искуство од областа на финансиското работење или со работно искуство од областа на правните работи, а доколку се работи за друштво класифицирано како микро или мал трговец или најмалку еден независен член со работно искуство од областа на финансиското работење и еден независен член со работно искуство од областа на правните работи, доколку се работи за друштво класифицирано како среден трговец или голем трговец.
Со овој закон, исто така се предвидува и бројот на членови во Управниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден или голем трговец, може да има најмалку три, а најмногу седум членови. Управниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како микро или мал трговец, може да има најмалку три, а најмногу пет членови и го уредува бројот на членови во Надзорниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден или голем трговец, може да има најмалку три, а најмногу седум членови од кои двајца се независни членови, додека Надзорниот одбор во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како микро или мал трговец, може да има најмалку три, а најмногу пет членови од кои еден е независен член.
Со одредбите од оспорениот Закон за изменување на Законот за трговските друштва, меѓу другото, во член 9 со кој на член 378-а по ставот 1 се додадени два нови става 2 и 3, законодавецот уредил дека за независен член на надзорен одбор во акционерско друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата може да биде именувано лице кое покрај основните услови треба да има најмалку четири години работно искуство. Во акционерското друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата пропишува дека треба да има најмалку еден независен член со работно искуство од областа на финансиското работење или со работно искуство од областа на правните работи, доколку се работи за друштво класифицирано како микро или мал трговец или најмалку еден независен член со работно искуство од областа на финансиското работење и еден независен член со работно искуство од областа на правните работи, доколку се работи за друштво класифицирано како среден трговец или голем трговец, што е оспорено со иницијативата.
Понатаму, оспорениот Закон го уредува начинот на завршување на започнатите постапки до денот на започнувањето на примената на овој закон, дека истите ќе завршат согласно со Законот за трговските друштва, како и тоа дека управителот, членовите на одборот на директори, членовите на управен одбор и членовите на надзорниот одбор во акционерските друштва со доминантна или во целосна сопственост на државата и во друштво со ограничена одговорност со доминантна или во целосна сопственост на државата, кои се избрани, односно именувани до денот на започнувањето на примената на овој закон, продолжуваат да ја вршат функцијата за која се избрани, односно именувани, до изборот, односно именувањето на нов управител, нови членови на одборот на директори и нови членови на управниот, односно надзорниот одбор.
Член 13 уредува дека овој закон започнува да се применува три месеци од денот на влегувањето во сила, освен одредбите од членот 2 од овој закон, кој се однесува на условите за избор на лице за управител на друштвото со доминантна или во целосна сопственост на државата, да поседува сертификат или уверение или друг документ со кој се потврдува познавањето на еден од трите најчесто користени странски јазици.
Аргументите со кои подносителот ја оспорува уставноста на оспорените измени на Законот за јавните претпријатија, се сведуваат на предвидениот услов за членовите на органите на управување на јавното претпријатие да имаат работно искуство од областа само на финансиско работење и на правните работи, но не и стручно лице во дејноста што јавното претпријатие ја врши.
Тргнувајќи од содржината на оспорените измени и дополнувања на двата закони, произлегува дека ваквите услови се пропишани во член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, и членовите 6 и 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва.
Со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија е изменет член 17 став 5 од Законот, кој пропишува дека членовите на управниот одбор во јавното претпријатие покрај останатите услови, треба да имаат најмалку пет години работно искуство од кои најмалку еден член на управниот одбор со работно искуство од областа на финансиско работење и најмалку еден член на управниот одбор со работно искуство од областа на правните работи.
Согласно член 17 став 1 од овој закон, управниот одбор на јавното претпријатие кое е основано од Владата, Градот Скопје, општината во која живеат над 50.000 жители, како и управниот одбор на меѓуопштинско јавно претпријатие, се состои од седум члена. Член 1 од измените на Законот предвидува најмалку еден член од управниот одбор да има искуство од областа на финансиското работење и најмалку еден член со искуство од правните работи, што значи, од вкупно седум члена во управниот одбор на јавното претпријатие, законодавецот предвидел најмалку еден член да има работно искуство од областа на финансиското работење и најмалку еден член на управниот одбор со работно искуство од областа на правните работи.
Член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, со кој на член 367-а по став 1 се додаваат ставови 2 и 3 од Законот, пропишува дека за независен неизвршен член на одборот на директори во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата може да биде избрано лице кое покрај останатите основни услови, во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата треба да има најмалку еден независен член со работно искуство од областа на финансиското работење или со работно искуство од областа на правните работи, доколку се работи за друштво класифицирано како микро или мал трговец или најмалку еден независен член со работно искуство од областа на финансиското работење и еден независен член со работно искуство од областа на правните работи, доколку се работи за друштво класифицирано како среден трговец или голем трговец.
Член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва со кој на член 378-а по став 1 се додаваат ставови 2 и 3 од Законот, според кој, независен член на надзорен одбор во акционерско друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата може да биде именувано лице кое покрај останатите услови, треба да има најмалку четири години работно искуство. Според став 3 од истиот член, во акционерското друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата треба да има најмалку еден независен член со работно искуство од областа на финансиското работење или со работно искуство од областа на правните работи, доколку се работи за друштво класифицирано како микро или мал трговец или најмалку еден независен член со работно искуство од областа на финансиското работење и еден независен член со работно искуство од областа на правните работи, доколку се работи за друштво класифицирано како среден трговец или голем трговец.
Со оглед дека член 367 став 1 од Законот, пропишува дека Одборот на директори има најмалку три, а најмногу 15 члена, односно согласно став 6 од истиот член пропишува дека Одборот на директори во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како среден или голем трговец, може да има најмалку три, а најмногу седум членови од кои двајца се независни членови, додека став 7 се однесува на Одборот на директори во друштво со доминантна или во целосна сопственост на државата, класифицирано како микро или мал трговец, може да има најмалку три, а најмногу пет членови од кој еден е независен член, што значи дека законодавецот со оспорениот член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва пропишува услов за најмалу еден член од одборот на директори да има работно искуство од областа на финансиското работење или работно искуство од областа на правните работи, што значи во друштво класифицирано како среден или голем трговец од најмалку три а најмногу седум члена од кои двајца се независни, односно, за друштво класифицирано како микро или мал трговец од најмалку три, а најмногу пет членови, законодавецот пропишал услов по еден член да биде со работно искуство од правните односно од финансиските работи.
Со оглед дека правното и финансиското работење имаат значајна улога во работата во јавните претпријатија и трговските друштва за што е потребна стручност и компетентност од оваа област, не значи дека сите членови во органите на управување треба да бидат исклучиво од овие две професии како што се наведува во иницијативата. Со оглед на вкупниот број членови во органите на управување, законодавецот сразмерно пропишал по еден од членовите во органите на управување да бидат од конкретна професија во случајов од областа на правните и финансиските работи. Законодавецот ги зајакнал и критериумите за именување на членовите на управниот, односно надзорниот одбор на јавното претпријатие при што наместо три години работно искуство од областа на финансиското работење и правните работи, членовите потребно е да имаат најмалку пет години работно искуство од областа. Покрај тоа, со измените предвидено е и олеснување на административната процедура за избор на членовите на управниот и надзорниот одбор, на начин што огласот за пријавување на кандидатите потребно е да биде објавен на веб-страницата на Владата, се формира комисија за селекција која ќе го спроведува интервјуто со кандидатите и која треба да изготви ранг-листа на најдобро рангирани кандидати.
Судот оцени дека од анализата на содржината на оспорените закони за изменувања и дополнувања, произлегува дека законодавецот оценил дека има потреба од допрецизирање и доуредување на одредбите во основниот текст, со цел да биде овозможена нивна доследна примена, откако биле констатирани одредени непрецизности или недоречености на одделни одредби. Право на законодавецот е да уредува права и обврски, како и да пропишува услови и критериуми кои се однесуваат подеднакво за сите кои се во иста правна ситуација, а во конкретниот случај законодавецот има уставно овластување да ги пропише условите за избор на член во органите на управување во јавните претпријатија и друштва со доминантна или во целосна сопственост на државата, во која смисла е овластен да ги пропише и потребните документи, услови и постапка за избор, притоа, од уставен аспект важно е пропишаните услови, постапка и бараните документи да се однесуваат на сите кандидати подеднакво, односно да се запази уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Поради тоа, право е на државата во јавните претпријатија основани од Републиката чиј капитал е државен, да го уреди прашањето за управувањето на претпријатието, составот на управниот одбор, раководењето со јавното претпријатие и да ги пропишува и доуредува условите.
Што се однесува до оспорувањето на наведените закони, од аспект на нивната согласност со одредбите на член 58 став 2 од Уставот, основата на оваа уставна одредба е стручноста и компетентноста за управување и одлучување во јавните установи и служби. Во таа смисла поаѓајќи од тоа дека струката, најопшто, е збир на работи кои по своите заеднички својства се карактеристични за една дејност за која е потребна определена стручна спрема односно способност на субјектот да располага со стручно знаење од определена област, како и тоа дека компетентноста подразбира збир работи што ги врши некој субјект во власта или јавна служба односно дека тоа е подрачје во кое некое лице поседува знаење и искуство за вршење на тие работи, законодавецот има обврска со закон да ги уредува овие прашања, за кои ќе оцени дека тоа е потребно и оправдано. Имајќи предвид дека јавните претпријатија претставуваат најважни субјекти на јавните услуги преку кои се обезбедува јавниот интерес, ваквиот легитимитет за законодавецот има општествена оправданост, бидејќи уредувањето на таа материја е прашање од јавен интерес.
Определувајќи ја структурата и составот на органите на управување, законодавецот се движел во рамки на двата принципа утврдени во член 58 став 2 од Уставот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените закони за изменување и дополнувања со означената уставна одредба.
Во однос на наводите од иницијативата коишто се однесуваат на повреда на процедурата при предлагањето и скратената постапка на донесувањето на Законот за изменување на Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.208/24) и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/24), Судот го имаше предвид следното:
Уставот на Република Северна Македонија, пропишува какво мнозинство гласови е потребно за донесување на одделни закони, и тоа: мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници; мнозинство од вкупниот број пратеници или двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Посебно, Уставот определува дека во одделни случаи, постои и услов законот да биде донесен со двојно гласање, односно покрај наведеното мнозинство, да бидат обезбедени и мнозинство гласови од пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Републиката.
Судот во својата неодамнешна пракса укажа дека од уставно правна гледна точка не помалку важен е формално-правниот аспект на уставноста меѓудругото и постапката во која се донесуваат законите. Имајќи го предвид ова Судот ги ценеше и овие аспекти меѓутоа во овој предмет не најде основи за сомнеж поради кои би се покренал уставно правниот механизам за оценување на уставноста на оспорените закони.
Законот за изменување на Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.208/24), е донесен на седницата на Собранието одржана на 2 октомври 2024 година, по предлог на група пратеници и за него гласале 65 пратеници.
Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/24) е донесен на седницата на Собранието, одржана на 24 декември 2024 година, по предлог на Владата и за него гласале 61 пратеник.
Со оглед на тоа дека за Законот за јавните претпријатија и Законот за трговските друштва, Уставот не предвидел посебно мнозинство за донесување на овие закони, односно истите се носат со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, Судот оцени дека оспорените закони се донесени во согласност со Амандман X точка 1 на Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски