У.бр.205/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.205/2024
Скопје, 18.06.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 18 јуни 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 161-а став 1 во делот „Управата за животна средина“ од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016 и 99/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2022, 171/2022 и 3/2025).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 95 од Уставот и членовите 5 и 12 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 96/2019, 110/2019 и 154/2019 и 121/2024).

Во продолжение се наведува и дека согласно член 11 точка 19 од овој закон, за вршење на функциите на државната управа меѓу останатите се основа и Министерство за животна средина и просторно планирање.

Понатаму, цитирани се член 5 став 1 од истиот закон, според кој органите на државната управа, можат да се основаат како министерства, други органи на државната управа и управни организации, потоа ставот 2 на истиот член, согласно кој министерствата се основаат за вршење на функциите на државната управа групирани по области за еден или повеќе сродни управни ресори и на крајот, ставот 3 на истиот член, кој предвидува дека другите органи на државната управа можат да се основаат како самостојни органи на државната управа или органи во состав на министерствата.

Потоа, според ставот 4 на истиот член, самостојните органи на државната управа можат да се основаат само доколку управните ресори за кои се основаат не се во надлежност на ниту едно министерство и е потребна нивна целосна независност од министерствата и директна одговорност пред Владата, додека согласно ставот 5 на истиот член, органите во состав на министерствата можат да се основаат за вршење на определени управни, стручни и други работи од надлежност на министерството.

Ставот 6 од истиот член предвидува дека управните организации се основаат за вршење определени стручни и други работи кои бараат примена на научни и стручни методи и со нив поврзани управни работи од областите за кои се основаат министерствата, додека според ставот 7 од истиот член, управните организации се основаат како самостојни органи на државната управа.

Се наведува и дека согласно член 12 став 1 од истиот закон, како самостојни органи на државна управа се основаат: Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи; Агенција за иселеништво; Агенција за развој и инвестиции и Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија, а согласно ставот 2 од истиот член, како управни организации се основаат: Државен архив на Република Северна Македонија и Државен завод за статистика.

Цитиран е и член 28 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање се: Државниот инспекторат за животна средина,  Службата за животна средина и Службата за просторен информативен систем.

Во продолжението се анализира член 161-а од Законот за животната средина, при што се констатира дека овој член е воведен со Законот за изменување и дополнување на Законот за животна средина објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 42/2014, при што со оваа одредба е воспоставена Управата за животна средина.

Потоа, согласно ставот 1 на овој член, со Управата за животна средина раководи директор, кој по пат на јавен оглас го именува Владата на Република Македонија.

Подносителот наведува дека со членовите 161-а и 161-б од Законот за животната средина, само се воспоставува Управата за животна средина. Но, од целината на Законот за животна средина, не произлегува што е предмет на нејзината работа, како и функциите кои ги извршува или треба да ги извршува.

Истo така, според подносителот, нејасно е дали оваа управа претставува орган во состав на Министерството или пак станува збор за самостоен орган на државната управа, во смисла на Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Оваа дилема не е отстранета ниту со член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија” број 121/2024).

Се наведува дека со член 12 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, јасно се пропишува кои органи се сметаат за самостојни органи на управата или управни организации. Со тој закон како општ закон се пропишуваат ограничувањата за посебните закони со кои се формираат други самостојни органи на управата или управни организации.

Притоа неспорно е, според подносителот, дека Законот за организација и работа на органите на државната управа како генерален закон, допушта со посебен закон да се формираат управни органи или организации или самостојни органи на управата. Но, тоа не е апсолутно и без ограничувања, при што самиот закон ги воспоставува и не допушта формирање на такви органи со посебни закони каде има основ во генералниот закон, имајќи ја предвид субординираноста на сите други закони кои ја уредуваат работата на органите на државната управа во однос на овој закон како генерален закон.

II

На седницата Судот утврди дека член 161-а од Законот за животната средина е насловен „Раководење со Управата за животна средина” и има четири става.

Во ставот 1 од член 161-а од Законот, е предвидено дека со Управата за животна средина раководи директор, кој по пат на јавен оглас го именува Владата на Република Северна Македонија.

Според ставот 2 од член, јавниот оглас за избор на директор се објавува во најмалку три дневни весници кои се издаваат на целата територија на Република Северна Македонија, од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.

Во став 3 е уредено дека за својата работа и за работата на Управата за животна средина, директорот одговара пред Владата на Република Северна Македонија.

Согласно став 4, мандатот на директорот на Управата за животна средина трае четири години.

III

Владеењето  на  правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерства и други органи на управата и организации утврдени со закон, додека според ставот 3 на овој член, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Во член 96 од Уставот е нормирано дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според  член  110  алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 1 од Законот за животната средина, со овој закон се уредуваат правата и должностите на Република Северна Македонија, на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, како и правата и должностите на правните и на физичките лица, во обезбедувањето услови за заштита и за унапредување на животната средина, заради остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Според член 3 став 1 од овој закон, мерките и активностите за заштита и унапредување на животната средина се од јавен интерес, додека според став 2, Владата на Република Северна Македонија е должна да обезбеди од Буџетот на Република Северна Македонија, финансиски средства за заштита и унапредување на животната средина.

Во член 4 став 1 од истиот закон се предвидени целите на овој закон, а тоа се: зачувување, заштита, обновување и унапредување на квалитетот на животната средина; заштита на животот и на здравјето на луѓето; заштита на биолошката разновидност; рационално и одржливо користење на природните богатства и спроведување и унапредување на мерките за решавање на регионалните и на глобалните проблеми на животната средина.

Во Законот за животна средина во посебна глава XVII со наслов „Управа за животната средина“ се содржани членовите 160, 161, 161-а и 161-б.

Според член 160 од овој закон, заради вршење на стручни работи во врска со медиумите и областите на животната средина, се формира Управа за животната средина како орган надлежен за вршење на стручните работи во областа на животната средина, во состав на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.

Во  член 161 од истиот закон се предвидуваат надлежностите на  Управата за животната средина: врши стручни работи во заштита на природата, врши стручни работи во управувањето со отпадот, воздухот, хемикалиите, бучавата и други области на животната средина, врши стручни работи во заштита на водите и почвата од загадување, врши стручни работи во постапката за оцена на влијанијата на определени проекти врз животната средина и во постапката за издавање на интегриран еколошки дозволи и дозволи за усогласување со оперативен план, го води Катастарот за животна средина и Регистарот на загадувачки материи и супстанции и на нивните карактеристики, го води мониторингот на животната средина и врши други работи определени со овој и друг закон.

Во член 161-а став 1 во делот „Управа за животна средина“ од Законот, се наведува дека со Управата за животна средина раководи директор, кој по пат на јавен оглас го именува Владата на Република Северна Македонија.

Во член 161-б од истиот закон се предвидуваат условите за именување на директорот.

Од анализата на цитираните одредби, произлегува дека Законот за животна средина јасно уредува дека заради вршење на стручни работи во врска со медиумите и областите на животната средина, се формира Управа за животната средина како орган надлежен за вршење на стручните работи во областа на животната средина, во состав на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.

Оттука произлегува дека неосновани се наводите во иницијативата дека во одредбите 161-а и 161-б од Законот за животната средина само се воспоставува Управата за животна средина, а од целината на Законот за животна средина не произлегува кој е предмет на работењето, како и функциите кои ги извршува или би ги извршувала според своите надлежности, Управата за животна средина.

Врз основа на наведеното произлегува дека оспорениот дел од член 161-а став 1 од Законот, не создава правна несигурност, туку напротив истиот е јасен и концизен.

Во однос на наводите на подносителот дека оспорениот дел создава правна несигурност бидејќи материјата што ја регулира е веќе регулирана во повеќе одредби, односно во член 5 ставови 3 и 7 и член 12 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и тоа на различен начин, Судот оцени дека се наводи кои излегуваат надвор од утврдените надлежности на Уставниот суд, согласно со член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот, според кој Судот одлучува исклучиво за согласноста на законите со Уставот, а не и за меѓусебната согласност на законите.

Поради претходно наведеното, Судот оцени дека нема основи за сомнеж во согласноста на оспорениот дел од член 161-а став 1 од Законот за животната средина со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 95 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р  Дарко Костадиновски