Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.8/2024
Скопје, 18.06.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 18 јуни 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценувањe на уставноста на член 127 став 3 во делот „поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиско и инвалидско осигурување“ од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 173/15, 217/15, 27/16, 120/16, 132/16, 35/18, 220/18, 245/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” 180/19, 275/19, 31/20, 267/20, 67/22, 79/2023 и 193/24).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 во делот „поблиску го пропишува начинот на остварување“ од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 173/15, 217/15, 27/16, 120/16, 132/16, 35/18, 220/18, 245/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” 180/19, 275/19, 31/20, 267/20, 67/22, 79/2023 и 193/24).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 во делот „поблиску го пропишува начинот на остварување“ и член 127 став 3 во делот „поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиско и инвалидско осигурување“ од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 173/15, 217/15, 27/16, 120/16, 132/16, 35/18, 220/18, 245/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” 180/19, 275/19, 31/20, 267/20, 67/22, 79/2023 и 193/24).
Според наводите во иницијативата, подносителот бара поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 во делот „поблиску го пропишува начинот на остварување“ и на член 127 став 3 во делот „поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, од причина што не се во согласност со член 34 од Уставот на Република Северна Македонија.
Подносителот наведува дека, согласно со член 34 од Уставот, правата од областа на социјалното осигурување се утврдуваат со закон и со колективен договор.
Исто така, во иницијативата се наведува дека со Уставот не се определува обемот на законско уредување и прашањата што ќе бидат уредени со колективен договор, ниту е определена содржината на социјалното осигурување односно правата што следуваат врз основа на ова осигурување, треба со закон и колективен договор да бидат утврдени кои права еднакво се однесуваат за сите осигуреници.
Понатаму во иницијативата се наведува дека во однос на оспорувањето на уставноста на оспорените одредби од Законот со оваа иницијатива, Уставниот суд треба да ja земе предвид Одлуката на Судот У.бр 178/1996 од 12.11.1996 година.
Поради наведените причини, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 17 во делот „поблиску го пропишува начинот на остварување“ и член 127 став 3 во делот „поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување“ од Законот за пензиско и инвалидско осигурување и истите да ги укине.
II
На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 17 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15, 97/15, 129/15, 147/15, 154/15, 173/15, 217/15, 27/16, 120/16, 132/16, 35/18, 220/18, 245/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” 180/19, 275/19, 31/20, 267/20, 67/22, 79/2023 и 193/24) е определено дека образецот на барањето и потребната документација за задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на инвалидност и телесно оштетување ги пропишува министерот за социјална политика, демографија и млади.
Во оспорениот член 127 став 3 е определено дека Фондот со Статут, во согласност со одредбите на овој закон, поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизацијата, социјалната правда и солидарност се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Член 9 став 1 уредува дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко уверување, имотната и општествената положба. Во ставот 2 од член 9 од Уставот е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 34 од Уставот е утврдено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Според член 35 став 1 на Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, додека според став 3 од истиот член, Републиката е должна да обезбеди посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивното вклучување во општествениот живот.
Уставот во член 51 уредува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Уставниот суд, согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 38 алинеја 3 Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Според член 163 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување Фондот има Статут со кој се уредува: организацијата и начинот на работењето на Фондот, начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со закон, правата, обврските и одговорностите на органите на управување на Фондот, претставувањето и застапувањето на Фондот, јавноста во работењето на Фондот и неговите органи, начинот на организирањето и вршењето на стручно-административните правни и други работи во спроведувањето на пензиското и инвалидското осигурување, постапката за донесување општи и поединечни акти и други прашања од значење за работењето на Фондот.
Со иницијативата се оспорува член 17 во делот „поблиску го пропишува начинот на остварување“ од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Според подносителот, оспорениот член има ваква содржина „Фондот поблиску го пропишува начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување на лицата од членовите 15 и 16 од овој закон“.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека во 2016 година е донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 27/2016), и во член 3 од истиот се наведува дека член 17 се менува и гласи „Образецот на барањето и потребната документација за задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на инвалидност и телесно оштетување ги пропишува министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за информатичко општество и администрација”.
Исто така, Судот утврди дека во 2024 година, е донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија” број 193/2024), и во членот 2 од истиот се наведува дека во членот 17, зборовите „министерот за труд и социјална политика“ се заменуваат со зборовите „министерот за социјална политика, демографија и млади“, а зборовите „во согласност со министерот за информатичко општество и администрација“ се бришат.
Имајќи предвид дека со наведените измени на Законот, содржината на оспорената одредба е целосно изменета и не е повеќе во правниот поредок, Судот цени дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата во овој дел, со што се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата.
Според наводите во иницијативата оспорениот дел од член 127 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кој пропишува дека Фондот со Статут во согласност со одредбите на овој закон, поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиско и инвалидското осигурување, е во спротивност со член 34 од Уставот, а не како што подносителот во иницијативата погрешно се повикува на повреда на член 37 од Уставот, според кој граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување, утврдени со закон и колективен договор.
Разгледувајќи ја предметната иницијатива од аспект на изнесените наводи за неуставноста на оспорениот дел на член 127 став 3 од Законот, Судот цени дека се неосновани од причина што, оспорениот дел од одредбата од Законот не дава можност Фондот со Статут да може да ги уреди правните прашања на начин различен од законските одредби, бидејќи законодавецот во уредувањето на оспорениот дел од одредбата на Законот, предвидел дека Фондот со Статут во согласност со одредбите на овој закон, поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување и на овој начин оваа одредба регулира дел од прашањата од постапката за остварување на тие права, го уредува начинот на остварувањето на правата, а не и во поглед на видот на правата, условите и обемот на нивно остварување утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
По однос на Одлуката на Уставниот суд У.бр.178/1996 од 11.12.1996 година, посочена со иницијативата, со која бил укинат член 160 точка 6 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Судот оцени дека упатувањето на овој предмет е несоодветно и не може да има влијание при одлучувањето во овој предмет.
За Судот не е спорно дека одделни стручни прашања во врска со начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување може да се уредуваат и со статутот и другите општи акти на Фондот. Таков став Судот има заземено во повеќе предмети, а меѓу нив и во Одлуката У.бр.178/96, во која покрај член 160 точка 6, предмет на оценување биле и член 163 точка 1 и член 169 точка 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во однос на кои Судот не поведе постапка за оценување на нивната уставност бидејќи оценил дека овластувањата на Фондот, утврдени во овие членови од Законот, со статут и други општи акти да го уредува начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување во согласност со Законот, не е во несогласност со Уставот.
Имено, со оглед на тоа што согласно член 8 точки 2 и 4 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Фондот има својство на правно лице чија дејност е од јавен интерес и според член 163 став 2 точка 2 од истиот закон, Фондот е овластен со Статутот, покрај другите прашања да го уредува и начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, од наведеното произлегува дека и оспорениот дел од член 127 став 3, кој по својата содржина е општа и упатувачка одредба, се однесува само во поглед на начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување уреден со овој вид акт, а не и во поглед на видот на правата и условите и обемот на нивно остварување, утврдени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Имајќи ја предвид напред наведената уставно-судска практика, како и член 163 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, од кои произлегува овластувањето на Фондот, со Статут, покрај другото поблиску да го утврдува и начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, во согласност со Законот, Судот оцени дека и во конкретниот предмет не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 127 став 3 од Законот со член 34 од Уставот, од причини што, одделни технички прашања во врска со начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување можат да се уредуваат и со Статутот и другите општи акти на Фондот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски