Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.264/2024
Скопје, 11.06.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 11 јуни 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 7 став 1 алинеја 8 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија” број 95/2012, 131/2012, 24/2013, 27/2014, 104/2015, 192/2015, 23/2016, 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 122/2021, 111/2023 и 208/2024) и на уставноста и законитоста на член 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 142/2015).
Образложение
I
Марјанчо Веселиновски од Делчево, пред Уставниот суд, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 7 став 1 алинеја 8 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ 95/2012, 131/2012, 24/2013, 27/2014, 104/2015, 192/2015, 23/2016, 178/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 122/2021, 111/2023 и 208/2024), како спротивен на членовите 8 и 30 од Уставот и оценување на уставноста и законитоста на член 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање како спротивен на Законот за експропријација.
Според наводите во иницијативата и во поднесокот за дополнување на иницијативата, подносителот бара поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 7 став 1 алинеја 8 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ број 95/12, 131/12, 24/13, 27/14, 104/15, 192/15, 23/16, 178/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/21, 111/23 и 208/24), од причина што не е во согласност со членовите 8 и 30 од Уставот и оценување на уставноста и законитоста на член 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање од причина што не е во согласност со Законот за експропријација заради утврдување на јавниот интерес.
Потоа во иницијативата се наведува дека причина за оспорување на Законот за експропријација во однос на Уставот е јавниот интерес наспроти правната заштита на сопственоста, потоа се наведува катастарската парцела бр.6581/1 којашто е приватизирана како градежно неизградено земјиште, а во согласност со Законот за приватизација оваа катастарска парцела не претставува земјиште за општа употреба, како и дека истото е парцелирано согласно со Законот за градежно земјиште, истата не е земјиште за градба на објекти од јавен интерес, туку за градење на поединични градби.
Во овој контекст, подносителот наведува дека во однос на јавниот интерес во Одлука на Уставниот суд стои дека јавниот интерес не е прецизно дефиниран ниту во член 30 од Уставот, ниту во Законот за експропријација не се предвидува дека постои само јавен интерес.
На крајот на иницијативата подносителот бара да утврди Судот во што се остварува јавниот интерес од што се состои и која е таа разумна причина што ја наметнува потребата преку експропријација да се навлезе во приватна сфера.
II
На седницата Судот утврди дека во член 7 став 1 алинеја 8 од Законот за експропријација, е уредено дека под градење на објекти за општа употреба се предвидува општински патишта, плоштади, јавни паркови, пазари, јавни паркиралишта и гробишта.
Во член 28 од Правилникот е уредено дека:
Системот на класи на намени е составен од шест групи на класи на намени и тоа: А – Домување; Б – Комерцијални и деловни намени; В – Јавни институции; Г – Производство, дистрибуција и сервиси; Д-Зеленило, спорт, рекреација и меморијални простори и Е -Инфраструктура.
Групите на класи на намени се составени од следните класи на намени: А- Домување А0- домување во станбени куќи со посебен режим; А1- домување во станбени куќи; А2- домување во станбени згради; А3- групно домување и А4- времено сместување.
Б- Комерцијални и деловни намени; Б1- мали комерцијални и деловни единици; Б2 големи трговски единици; Б3- големи угостителски единици; Б4- деловни простори; Б5- хотелски комплекси и Б6- простори за собири.
В- Јавни институции; В1- образование и наука; В2- здравство и социјална заштита; В3- култура; В4 – државни институции и В5- верски институции.
Г- Производство, дистрибуција и сервиси; Г1- тешка индустрија; Г2 лесна индустрија; Г3- сервиси и Г4- стоваришта.
Д- Зеленило, спорт, рекреација и меморијални простори; Д1- парковско зеленило; Д2- заштитно зеленило; Д3- спорт и рекреација и Д4- меморијални простори. Е-Инфраструктура; Е1- комунална инфраструктура; Е2- комунална супраструктура и
Е3- некомпатибилна инфраструктура.
Класите на намени се составени од следните поединечни намени: .
А-ДОМУВАЊЕ – А0 домување во станбени куќи со посебен режим на користење и заштита ги опфаќа сите видови станбени куќи со висок стандард и вили за кои минималната површина на градежната парцела изнесува 500 м; – А1 домување во станбени куќи ги опфаќа сите видови станбени куќи со дворови: самостојни, двокуќи, куќи во низови, атриумски куќи и други, како градби со максимум четири (4) станбени единици. Во урбанистички план за село класата А1 ги опфаќа и селските стопански дворови; – А2 домување во станбени згради ги опфаќа сите станбени и станбено-деловни згради како: самостоечки, блоковски низи, терасести и слично; – А3 групно домување ги опфаќа сите видови домување во кои станарите дел од своите потреби најчесто исхраната, ги задоволуваат во заеднички простории, како што се домови за престој на ученици, студенти, стари лица, самци, деца без родители, незгрижени лица и слично и А4 времено сместување во кое спаѓаат сите видови мотели, хостели,викенд куќи, планинарски домови, ловни домови, кампови и слично.
Б-КОМЕРЦИЈАЛНИ И ДЕЛОВНИ НАМЕНИ- Б1 мали комерцијални и деловни дејности во кои спаѓаат и услужни и угостителски дејности кои се изведуваат во дуќани со или без витрини и имаат директен контакт со јавни пешачки површини како што се продажба, продажба и излагање, поправка на лични предмети, храна, предмети за домаќинство, ресторани, кафулиња, слаткарници, банки, пошти, интелектуални услуги, адвокатски и поштарски канцеларии, аптеки, мали ординации, салони, козметички студија и слично со максимална катност од П+1; Б2 големи трговски единици во кои спаѓаат сите видови трговија на мало која се остварува во самостојни објекти или во значителни делови од објектите како што се трговски центри, стоковни куќи, големи специјализирани продавници, супермаркети, затворени пазари и пазари на отворено; Б3 големи угостителски единици во кои спаѓаат сите видови угостителски дејности кои се вршат во самостојни градби или во значителни делови од градбите како што се ресторани, таверни, ноќни клубови, казина и дискотеки; – Б4 деловни дејности кои се одвиваат во големи канцелариски простори од управни и административни згради и слично; – Б5 хотели во кои спагаат сите видови хотели и хотелски комплекси кои имаат различни содржини од услужен карактер и – Б6 простори за собири во кои спаѓаат сите видови градби со трибини за гледачи како што се стадиони, повеќенаменски сали, саеми и слично.
В-ЈАВНИ ИНСТИТУЦИИ -В1 образование и наука во кои спаѓаат сите видови основно, средно и високо образование, континуирано и дополнително образование, како и сите видови научни институции; – В2 здравство и социјална заштита со сите видoви клиники, амбуланти, клинички центри, болници, здравствени домови, лечилишта и слично како и сите видови на социјални установи и детски градинки; В3 култура со сите видови дејности кои се одвиваат во специјални градби како што се театри, кино сали, музеи, галерии, кинотеки, домови на културата, филхармонии, опери и слично; В4 државни институции во кои спаѓаат сите органи на извршната, судската и законодавната власт, државни институции, заводи, агенции и дирекции, дипломатски претставништва, како и органи на локалната самоуправа и – В5 верски институции во кои спаѓаат цркви, џамии, синагоги, манастири, текиња и слично.
Г – ПРОИЗВОДСТВО, ДИСТРИБУЦИЈА И СЕРВИСИ – Г1 тешка индустрија во која спаѓаат сите видови индустриски погони кои имаат големи енергетски барања, голем промет на суровини и материјали, создаваат голем обем на сообраќај и создаваат отпад и штетни еманации; – Г2 лесна индустрија во која влегуваат сите видови производство кои не побаруваат многу енергија, не создаваат голем промет на суровини, материјали и сообраќај и не произведуваат штетни еманации; – Г3 сервиси за одржување и поправка на опрема и индустриски производи како што се сервиси за автомобили и други возила, машини, алати и инструменти, хемиско чистење и слично и – Г4 стоваришта во кои спаѓаат сите видови стоваришта за складирање на стока на отворен или затворен простор, во специјални услови за чување, отпади, автопазари и слично.
Д – ЗЕЛЕНИЛО, СПОРТ, РЕКРЕАЦИЈА И МОРИЈАЛНИ ПРОСТОРИ – Д1 парковско зеленило во кое спаѓаат сите видови површини со садено зеленило и уреден пејсаж како паркови, парк -шуми, градини, ботанички бавчи, тревнати терени за рекреација, фитории и слично; Д2 заштитно зеленило во кое спаѓаат уредени зелени површини чија основна намена е да ги изолираат зоните со инкомпатибилни намени и имаат улога на тампон зони; Д3 спорт и рекреација во кои спаѓаат сите видови активности за спорт, рекреација или забава на отворено или затворено како спортско-рекреативни сали и базени за пливање без трибини, рекреативни езера, забавни паркови, тематски паркови, зоолошки градини, површини за спорт рекреација и забава на отворено без трибини или со трибини на природни или планирани земјани косини најмногу за 3000 посетители и – Д4 меморијални простори во кои спаѓаат меморијален парк, спомен парк, верски објекти со гробишта, гробишта и слично.
Е – ИНФРАСТРУКТУРА – Е1 комунална инфраструктура во која спаѓаат сите видови сообраќајна, водоводна канализациона, енергетска и електронска комуникациска инфраструктура и опрема и сл. – Е2 комунална супраструктура во која спаѓаат градбите на комуналната инфраструктура како: терминали од секаков вид, автобуски и железнички станици, пристаништа, полигон за обука на возачи на моторни возила, станици за технички прегледи, акумулации и брани за водоснабдување, аеродроми, гранични премини, катни гаражи, бензиски пумпни станици и услужни центри, мерни станици, трафостаници до 20 кв, градби за производство на енергија, резервоари за вода, противпожарни домови, електронски комуникациски градби и слично и Е3 некомпатибилна инфраструктура во која спаѓаат сите видови депонии, пречистителни станици, резервоари за дериват со капацитет над 200 тони, трафостаници над 20 кв, главни мерно-регулациони станици и слично.
III
Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Според член 56 став 3 од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Согласно член 1 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ број 95/12, 131/12, 24/13, 27/14, 104/15, 192/15, 23/16, 178/16 и „Службен весник на Републока Северна Македонија“ бр. 122/21, 111/23 и 208/24), со овој закон се уредува одземањето и ограничувањето на правото на сопственост и на имотните права на недвижности заради реализација на јавен интерес утврден со закон, а заради градење на објекти и изведување на други работи, утврдувањето на јавниот интерес, постапката за експропријација и постапката за определување на пазарниот надоместок.
Според член 7 од Законот, јавен интерес од локално значење согласно со овој закон се утврдува заради: градење на објекти и изведување на работи за потребите на општинските јавни служби во областа на образованието, воспитанието, спортот, науката, културата, здравството и социјалната заштита, градење на термоцентрали и хидроцентрали со капацитет до 1МВ, градби за производство на електрична енергија од обновливи извори со капацитет до 1МВ, далноводи со напонско ниво до 35КВ и трафостаници со напонско ниво до 35КВ, градење на трамвајски пруги, градење на објекти за противпожарна заштита, градење на локални водоснабдителни и канализациони системи со системи за пречистување, градење на стадиони и спортски сали со капацитет до 10.000 гледачи, градење на катни гаражи и градење на објекти за општа употреба и тоа: општински патишта, плоштади, јавни паркови, пазари, јавни паркиралишта и гробишта.
Во член 9 од истиот закон се предвидува дека со експропријацијата за реализација на јавен интерес од значење за Република Северна Македонија, престанува правото на сопственост на физички и правни лица (приватна сопственост) или правото на сопственост на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје (општинска сопственост), а се заснова право на сопственост на Република Македонија. Со експропријацијата за реализација на јавен интерес од локално значење, престанува правото на сопственост на физички и правни лица (приватна сопственост), а се заснова право на сопственост на единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје (општинска сопственост). Со експропријацијата за реализација на јавен интерес од локално значење за градење на објекти за општа употреба од член 7 став 1 алинеја 8 од овој закон, престанува правото на сопственост на физички и правни лица, а се заснова право на сопственост на Република Северна Македонија.
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, имајќи ја предвид содржината на иницијативата, Судот утврди дека не се изнесени аргументи за неуставноста на член 7 став 1 алинеја 8 од Законот за експропријација, туку подносителот на иницијативата само го наведува член 8 и член 51 од Уставот, без притоа да даде појаснување, односно аргументирани наводи и причини во насока на постоење повреда на овој член од Уставот.
Имено, подносителот до овој суд поднесе иницијатива меѓутоа истата е нејасна и непотполна, не може точно да се утврди зошто се бара оценување на уставноста на член 7 став 1 алинеја 8 од Законот, во кој јасно се предвидуваат случаите кога може да се утврди јавен интерес од локално значење и во алинеја 8 е предвидено дека градење на објекти за општа употреба се општински патишта, плоштади, јавни паркови, пазари, јавни паркиралишта и гробишта.
Во иницијативата подносителот се повикува и ги наведува членовите 8 и 30 од Уставот, но воопшто не е јасно и точно наведено што оспорува и причините поради кои ги оспорува и што точно оспорува и во однос на кои одредби, кои само така ги наведува.
Исто така, во наводите на иницијативата се изнесуваат и некои постапки коишто подносителот ги води и смета дека треба да ги води заради заштита на личен приватен интерес. Се повикува и се надоврзува на ГУП 2008-2018 и ДУП 2011-2016 на Општина Делчево со измината важност.
Оттука, Судот оцени дека иницијативата е нејасна и конфузна, не може точно да се утврди што бара подносителот, освен дека недвижен имот бил предмет на експропријација со цел изградба, поради што му било повредено неговото право на сопственост. Имајќи ги предвид ваквите наводи, Судот утврди дека подносителот на иницијативата не го оспорува, членот од Законот vis a vis одредбите од Уставот за што е надлежен Уставниот суд, туку истиот само опишува наводна фактичка состојба.
Неосновани се наводите во иницијативата дека му е одземено правото на сопственост заради изградба на Б2 објекти-големи трговски единици-пазар и дилемата дали овие објекти се од јавен интерес, од причина што во Законот за експропријација не е предвидена категоризација на такви земјишта, туку во член 9 став 3 од Законот под наслов „Потполна експропријација“ јасно е дефинирано дека со експропријација за реализација на јавен интерес од локално значење за градење на објекти за општа употреба од член 7 став 1 алинеја 8 од овој закон, престанува правото на сопственост на физички и правни лица, а се заснова право на сопственост на Република Северна Македонија.
Имено, доколку на подносителот на иницијативата му е одземено експроприрано земјиште со решение, иницијаторот има право против истото решение да изјави жалба и да води управен спор.
Оспорениот Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање е донесен врз основа на член 68 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/14 и 44/15), од страна на министерот за транспорт и врски.
Вра основа на член 24 став 4 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/20), министерот за транспорт и врски донесе нов Правилник за урбанистичко планирање на 17.09.2020 година и е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.225/20.
Во член 198 од Правилникот за урбанистичко планирање се наведува дека со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/15, 217/15, 222/15, 228/15, 35/16, 99/16, 134/16, 33/17 и 86/18).
Од погоре изнесеното, Судот утврди дека оспорениот правилник односно оспорениот член 28 од Правилникот, престанаа да важат наредниот ден од објавувањето на новиот Правилник за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.225/2020 од 18 септември 2020 година), со што почнувајќи од 19 септември 2020 година, оспорениот правилник и наведената одредба не се дел од правниот поредок на Република Северна Македонија, поради што постојат процесни пречки за постапување на Уставниот суд по овој дел на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.
Тргнувајќи од фактот дека причините наведени во иницијативата не може да се доведат во корелација со предметот на уредување на оспорениот закон, а и од самата содржина на иницијативата, којашто дополнително е прецизирана, не произлегуваат основи на оспорување, Судот оцени дека во конкретниот случај не постојат процесни претпоставки Судот да се впушти во мериторна оцена на оспорениот член 7 став 1 алинеја 8 од Законот за експропријација, односно постојат процесни пречки и во овој дел за одлучување по иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски