У.бр.158/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.158/2024
Скопје, 28.05.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска,  д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 28 мај 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план  за градска четврт C3 16 Општина Ѓорче Петров, Скопје бр.02-386/4 од 17.02.2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.3/24 на 17.02.2024 година.

Образложение

I

Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста  и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт C3 16 Општина Ѓорче Петров, Скопје бр.02-386/2 од 17.02.2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.3/24 на 17.02.2024 година.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не е во  согласност  со  член  8 став 1 алинеи 3, 9 и 10,  член 51 став 1 и член 52 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 36 и член 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 5/2002) и со член 16 став 1 точка 14 од  Статутот на Општина Ѓорче Петров („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.8/23).

Во иницијативата се наведува дека донесувањето на оспорената oдлука се заснова на член 36 и член 62 од Законот за локалната самоуправа, член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 16 став 1 точка 14 од Статутот на Општината Ѓорче Петров.

Според наводите од иницијативата со донесениот Детален урбанистички план за градска четврт С3 16 Општина Горче Петров, Скопје предвидена е изградба на 240.000 м2 станбена површина во 50 згради, од кои една 20-катница, една 17-катница, четири 14-катници, две 12-катници, шест 9-катници, седум 7-катници и уште десетина помали згради, што е не е во согласност со наведените прописи во член 2 став 2 на Одлуката. Покрај станбениот дел, со планот се предвидува и изградба на три индустриски и деловни капацитети од хемиската индустрија и тоа на површина од преку 157.000 м2, што претставува директна еколошка и безбедносна закана за жителите на град Скопје.

Во иницијативата се цитирани  член 7 став 3 и член 62 став 4 и 5 од Законот за локалната самоуправа, како и член 78-п и 79 од Статутот на Општината Горче Петров.

Подносителот наведува дека одредбата на член 4 од оспорената одлука во која е наведено дека „истата стапува на сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров”, е во спротивност со одредбите на Уставот, со член 7 и член 62 од Законот за локалната самоуправа и на Статутот на Општината Ѓорче Петров.

Исто така, согласно со член 78с став 1 од Статутот на Општина Ѓорче Петров „Градоначалникот на Општината е должен во рок од 7 (седум) дена од денот на доставувањето на актите од Советот да ги објави во Службен гласник на Општина Ѓорче Петров”, а согласно ставот (2) од истиот член „Службениот гласник на Општина Ѓорче Петров се објавува на веб-страната на Општина Ѓорче Петров и се доставува до сите институции и во урбаните и месните заедници во Општина Ѓорче Петров”.

Согласно со член 45 став 2 од Законот за општата управна постапка „Кога рокот е определен по денови, денот во кој паѓа настанот од кој треба да се смета траењето на рокот, не се засметува во рокот”, а согласно со став 6 на истиот член, „Ако последниот ден на рокот паѓа во неработен ден или на државен празник, или во друг ден кога јавниот орган пред кого треба да се преземе дејствието не работи, рокот истекува на првиот нареден работен ден“.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука е донесена на ден 17.02.2024 година и е потпишана од претседателот на Советот на Општина Ѓорче Петров, истиот ден. Решението на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров за објавување на Одлуката исто така, е донесено истиот ден, односно на 17.02.2024 година, што не е во  согласност со член 78с став 1 од Статутот на Општина Ѓорче Петров, каде е наведено дека градоначалникот е должен во рок од 7 (седум) дена од денот на доставувањето на актите од Советот да ги објави во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“. Тоа значи наредниот ден од денот на доставувањето т.е. во конкретниот случај ако актот е доставен до градоначалникот со денот на донесувањето на 17.02.2024 година, градоначалникот бил должен да го објави во рок од 7 дена сметано од 18.02.2024 година, а бидејќи е недела – неработен ден, односно од понеделник 19.02.2024 година, како прв работен ден, но не и со денот на доставувањето на актот од Советот.

Исто така, согласно член 78с став 2 од Статутот на Општина Ѓорче Петров „Службениот гласник на Општина Горче Петров се објавува на веб страната на Општина Ѓорче Петров”, што е сторено, но не со денот на објавување на оспорената одлука, туку по 4 дена од објавувањето на оспорената одлука во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ што не е во согласност со принципот на владеењето на правото.

Понатаму во иницијативата се цитира член 93 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија” број 32/20 и 11/23).

Според наводите во иницијативата, Законот за урбанистичко планирање објавен е на 10.02.2020 година, а влегол во сила на 18.02.2020 година, односно осмиот ден од денот на објавувањето во службен весник, што значи дека крајниот рок за донесување на Деталниот урбанистички план за четврт СЗ 16 Општина Горче Петров, согласно член 93 став 1 од истиот закон бил 18.02.2024 година, во спротивно постапката за донесување на Деталниот план би продолжила согласно одредбите на Законот за урбанистичко планирање.

Со оглед на фактот дека оспорената одлука е објавена на 17.02.2024 година, а согласно горенаведеното истата најрано можела да биде објавена на 18.02.2024 година, односно 19.02.2024 година како прв работен ден, Одлуката формално-правно не е валидна и од овој аспект, заради што треба да се поништи и Општината да спроведе постапка за донесување на Планот според одредбите на Законот за урбанистичко планирање.

Потоа во иницијативата се цитираат членовите 35 и 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Според наводите во иницијативата „Деталниот урбанистички план за Градска четврт С3 16 од страна на Општина Горче Петров четири пати бил доставуван во Министерството за транспорт и врски со барање за согласност. Прв пат на 20.03.2023 година, а последното барање е од 14.02.2023 година, по кое Министерството дало Согласност за само два дена, на 16.02.2024 година, и тоа на два дена од истекот  на важноста на Законот, иако претходно не им е давана согласност заради неусогласеност, што ја доведува во прашање и законитоста и основаноста на самата Согласност“.

Дополнително, Согласноста бр. 21-1119/3 од 16.02.2024 година, издадена од раководител на Сектор за уредување на просторот при Министерството за транспорт и врски, Весна Андриевска, содржи формални и суштествени недостатоци. Согласно со член 88 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија” бр. 124/15), управниот акт што е издаден во писмена форма содржи: вовед, диспозитив, образложение, правна поука, потпис од овластеното службено лице и печат. Согласно со член 88 став 3 од истиот закон „Со диспозитивот се одлучува за предметот на постапката во целост и за сите барања на странките за кои во текот на постапката не е решено посебно. Диспозитивот мора да биде краток и определен, а кога е потребно може да се подели и на повеќе точки”.

Меѓутоа, во Согласноста диспозитивот не е определен во целост, што доведува до нејасност. Имено, во диспозитивот е утврдено дека се дава согласност на предлог Детален урбанистички план, кој е изработен од Градежен институт Македонија АД Скопје, но не е прецизирано кој е доносител на тој план. Потоа се цитира член 88 став 4 од Законот за општата управна постапка.

Исто така, се наведува дека во контекст на напред изнесеното и од увидот во документација за подготвување и донесување на Деталниот урбанистички план С3 16 евидентно е дека постапката за подготвување и донесување на Планот е водена спротивно на законски дефинираната постапка на донесување на ваков тип планови.

Според наводите во иницијативата, во постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, Општината Ѓорче Петров три пати се има обратено до Град Скопје со барање мислење по член 36 став 1 и тоа: прв пат со допис бр. 26-22/6 од 17.02.2021 година, на кое барање Комисијата за урбанизам на Град Скопје одговорила со Мислење со забелешки со бр. 13-1449/2 од год. од 18.03.2021 година, втор пат со допис бр. 26-22/40 од 22.09.2021 год. на кое барање Комисијата за урбанизам на Град Скопје одговорила со Мислење со забелешки со бр. 13-9042/2 од 03.11.2021 година, трет пат со допис бр. 27-357/17 од 21.12.2022 година, на кој допис не се дадени забелешки заради немање исход ни по претходно доставените две мислења.

На дадените забелешки од страна на Комисијата за урбанизам на Град Скопје изработувачот на предлогот на планот согласно член 33 став (3) од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бил должен да постапи по стручното мислење на Комисијата за урбанизам и како таков да го достави до доносителот. Општината не доставила одговор за прифаќање или неприфаќање на забелешките, ниту пак постапила по дадените забелешки, заради што овој Детален урбанистички план за Градска четврт С3 16 е донесен без позитивно мислење од Град Скопје, co што е повреден член 36 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и член 15 став 2 од Законот за градот Скопје согласно кој „Плановите и проектите од ставот 1 точка 1 алинеја 3 на овој член општината ги донесува по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје и согласност од органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот”.

Во иницијативата се наведува дека Деталниот урбанистички план за градска четврт С3 16, четири пати бил на јавна анкета и јавна презентација при што прво бил со катност П+5+Пк до П+9+ПК спрема улицата Ацо Шопов, за со донесениот ДУП за Градска четврт С3 16 катноста кон истата улица да се зголеми на П+14+Пк, со 48,5 метри висина. За таа катност, Град Скопје дал забелешки со Мислење со забелешки со бр. 13-9042/2 од 03.11.2021 година, во насока „да се корегира планирањето на блокови со катност покрај улицата Ацо Шопов, катноста и висината да се усогласи со соседниот Детален урбанистички план Градска четврт C3 18 co што би се почитувал член 47 од Општите и посебните услови за просторен развој на ГУП на град Скопје, каде стои да се почитува јавниот интерес преку прописите за заштита и спасување утврдувајќи ја висината во корелација со должината на обрушувањето” и “висините да бидат рамномерно нивелирани и усогласени при оформувањето на венците, без особени отстапувања за да не се наруши изгледот и силуетите на улиците во секоја четврт“.  Во член 150 од ГУП на Град Скопје, е наведено дека во урбанистичката документација од пониско  ниво во условите за градба обврзно да се овозможи растојание од најблиската градба до уличната мрежа минимум половина од висината на градбата (L=H/2), односно во граници кои, при разурнување на градбите овозможуваат проодност на сообраќајниците на кои се поставени. Тоа значи дека за згради со П+14+Пк кои се во висина од 48,5 метри треба да има растојание од сообраќајницата од минимум 24 метри, а со донесениот ДУП за Градски четврт С3 16 има растојание од само 7 метри, што покрај тоа што е спротивно на ГУП истото претставува безбедносен ризик и можност од катастрофа од несогледливи размери.

Според наводите во иницијативата на овој начин, со претходно добиени две негативни мислење од страна на Град Скопје, планот влегува во Министерство за транспорт и врски на ден 20.03.2023 година, од каде со допис од 13.04.2023 година е вратен до Општината Ѓорче Петров со забелешка за обезбедување на позитивно мислење од Град Скопје, особено што во тој период Општината не одговорила на ниту една забелешка од Град Скопје. Дури потоа, спротивно од сите законски прописи, Општината преку системот е-урбанизам, доставила Одговор на забелешките од Град Скопје, со кој не е постапено по истите, односно било одговорено со формулацијата „Забелешката не се прифаќа”. На ова нешто немало можност да се изјасни Град Скопје, бидејќи Планот е веќе во постапка во Министерство за транспорт и врски. Заради ова Град Скопје со допис од 27.11.2023 год, се обраќа до Општината Ѓорче Петров и Министерство за транспорт и врски при што бара информација за статусот на Планот во постапката за донесување и барање Планот да се достави до Град Скопје за проверка на неговата усогласеност со ГУП на Град Скопје и добивање на позитивно мислење, меѓутоа од страна на двете институции не е постапено.

Понатаму во иницијативата се наведува дека Општината Ѓорче Петров до Министерството за култура доставила за согласност односно произнесување сосема поинаков детален план од оној кој е првично доставен на мислење, што значи дека за усвоениот ДУП од страна на Советот на Општина Ѓорче Петров нема прибавено соодветно законско мислење за планот, а истото го правеле и со мислењата од други институции. Согласно со Законот за просторното и урбанистичко планирање, мислењата на Министерството за култура, Министерството за животна средина и Градот Скопје се обврзувачки елементи пред конечниот предлог детален урбанистички план да биде доставен во Министерството за транспорт и врски. Без ваквите мислења Министерството не смеело да даде согласност и не смеело да се гласа од страна на општинскиот Совет. Ова може да се увиди и од наведената документација врз основа на која Министерството ја донело Согласноста каде се наведени мислења од институции со датуми пред одржување на јавни расправи.

Како таков, со непочитување на законски дефинираната постапка, со мислења и известувања со различни датуми за различни видови на предлог-планови и без добиено позитивно мислење од страна на Град Скопје кое е задолжително по закон, конечниот предлог на Деталниот урбанистички план за градска четврт С3 16 добива Согласност од Министерството за траспорт и врски на ден 16.02.2024 година, за да наредниот ден на 17.02.2024 година (сабота) планот биде изгласан на вонредна седница на Советот на Општина Ѓорче Петров, без добиено позитивно мислење од страна на Град Скопје.

Во иницијативата се наведува дека Министерството за транспорт и врски дало согласност на конечен предлог на Детален урбанистички план врз основа на стари и неважечки мислења, кои немаат важност на 16.02.2024 бидејќи одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање определуваат дека ниту една согласност добиена за претходно предложените детални урбанистички планови, не важи доколку предлогот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промена на регулациона линија и промена на намената на земјиштето), во кој случај повторно се спроведува јавна презентација и јавна анкета.

На овој начин јасно е дефиниран карактерот на мислењето од член 36 став 1 на Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дека мислењето мора да биде позитивно за да може планот да биде проследен до советот на општината за донесување. Без позитивно мислење од Град Скопје постапката за донесување на планот морало да запре, сè до надминувањето на разликите помеѓу ДУП и Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Ситуацијата на две негативни мислења од Град Скопје значи дека планот не е во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, со што е повреден Законот за просторно и урбанистичко планирање, во смисла дека деталниот план мора да биде во согласност со Генералниот урбанистички план. Наместо тоа, градоначалникот на Општината заобиколувајки го Градот, планот како конечен го доставил на согласност до Министерството за транспорт и врски, на кој план Министерството дало согласност.

Исто така, во иницијативата се истакнува на уште една повреда на член 15 од Законот за Градот Скопје, а која се однесува на постапката за донесување на деталниот урбанистички план. Имено, плановите и проектите од ставот 1 точка 1 алинеја 3 на член 15, општината ги донесува по претходно добиено позитивно мислење од Градот Скопје и согласност од органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот, што значи дека овие два документи се во заемна корелација, односно одат кумулативно.

Подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 16 Општина Горче Петров, Скопје и истата да ја поништи или укине.

Подносителот, согласно со член 33 од Деловникот на Уставниот суд, предлага Судот да закаже јавна расправа, на која ќе ги повика подносителите, како и претставници од Општина Горче Петров, како и други лица за кои смета дека би придонеле за основаноста на наводите во оваа иницијатива.

На крајот на иницијативата подносителот, согласно со член 27 од Деловникот на Уставниот суд, предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 16 Општина Ѓорче Петров,  сè со цел да не настанат тешко отстранливи последици кои би можело да настанат со нејзиното извршување.

II

На седницата  Судот утврди дека Советот на Општина Ѓорче Петров, на втората вонредна седница одржана на 17.02.2024 година, ја донел Одлуката за донесување на Детален урбанистички план  за градска четврт C3 16 Општина Ѓорче Петров, Скопје. Како основ за донесување на Одлуката се наведуваат членовите 36 и 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 5/2002), член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 64/18 и 168/18) и член 16  став 1 точка 14 од Статутот на Општина Ѓорче Петров, пречистен текст „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.8/23.

Оспорената одлука содржи 4 члена.

Во член 1 се утврдува дека се донесува Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 16 Општина Ѓорче Петров, Скопје, согласно со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, донесен со Одлука бр.07-5068/1 од 03.12.2012 година и Регулацискиот план на ГУП на Град Скопје за четврт C3 16 2019-2022 година, донесен со Одлука бр.07-975/1 од 29.01.2020 година, Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018) и правилниците кои се определени во овој член.

Во членот 2 од оваа одлука е определена површината на планскиот опфат која изнесува 47,389 ха.

Со членот 3 од оваа одлука е утврдено дека конечниот Детален урбанистички план за градска четврт СЗ 16, Општина Ѓорче Петров , Скопје е изработен во електронска форма во постапки водени преку информацискиот систем е-Урбанизам, со основна „ДУП(2014-2019)“, од Градежен институт Македонија АД Скопје-Планската документација е со датум на изработка јануари 2024 година со технички број 373-07-13.

Во членот 4 е утврдено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“.

Одлуката е донесена од Советот на Општина Ѓорче Петров, под бр.02-386/4 од 17.02.2024 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.3 на 17.02.2024 година.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република  Северна Македонија.

Со член 51 од Уставот е утврдено дека во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно со член 52 од Уставот законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 62 став 1 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) е уредено дека во вршењето на работите од својата надлежност Советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон, а ставот 5 од истиот член предвидува дека прописите од ставот 1 на овој член влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено.

Во член 16 став 1 точка 14 од Статутот на Општина Ѓорче Петров („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.8/23) е наведено дека Советот донесува детални урбанистички планови и урбанистичка документација.

Согласно со член 78с став 1 од Статутот на Општина Ѓорче Петров „Градоначалникот на Општината е должен во рок од 7 (седум) дена од денот на доставувањето на актите од Советот да ги објави во Службен гласник на Општина Ѓорче Петров”, а согласно ставот 2 од истиот член „Службениот гласник на Општина Ѓорче Петров се објавува на веб страната на Општина Горче Петров и се доставува до сите институции и во урбаните и месните заедници во Општина Ѓорче Петров”.

Во член 79 став 1 од Статутот се наведува дека прописите на Советот влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“, а по исклучок што го утврдува Советот, најрано со денот на објавувањето.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Ѓорче Петров согласно со член 36 и член 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/02), член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 64/18 и 168/18) и член 16 став 1 точка 14 од Статутот на Општина Ѓорче Петров, на 2-та вонредна седница одржана на 17.02.2024 година, ја донел оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт C3 16, Општина Ѓорче Петров-Скопје.

Од анализата на наводите во иницијативата се констатира дека се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план  за градска четврт C3 16 Општина Ѓорче Петров, Скопје бр.02-386/2 од 17.02.2024 година, објавена во „Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.3/24 истиот ден на 17.02.2024 година.

Според наводите во иницијативата, Судот цени дека подносителот на иницијативата неосновано ја оспорува Одлуката од правен и материјален аспект како незаконита и неуставна, од причина што наводите на иницијативата со кои се оспорува член 4 од оспорената одлука не претставуваат основ за поведување постапка на оспорената одлука.  Одлуката содржи одредба која е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и  член 52 од Уставот,  со член 62 став 5 од Законот за локална самоуправа и со член 79 став 1 од Статутот на Општината Ѓорче Петров.

Имено, со вака формулираната завршна одредба на член 4 од оспорената одлука, Судот утврди дека не се повредува принципот на владеењето на правото и принципот на локалната самоуправа како што се наведува во наводите на иницијативата. Ова, од причина што во конкретниот случај денот на донесувањето на Одлуката и денот на објавувањето на истата се совпаѓаат, што според член 79 став 1 од Статутот се предвидува како можност по исклучок што го утврдува Советот дека најрано со денот на објавувањето прописите на Советот може да влегуваат во сила.

Во однос на наводите за дадената согласност од страна на Министерството за транспорт и врски, Судот не ја цени нејзината содржина, туку единствено цени дали е преземено како дејствие во постапката за донесување на урбанистичкиот план, што во случајот е неспорно.

Судот цени дека се неосновани наводите на иницијативата дека без непочитување на законски дефинираната постапка и без добиено позитивно мислење од страна на Град Скопје кое е задолжително по закон, конечниот предлог на Деталниот урбанистчки план за градска четврт С3 16 добива Согласност од Министерството за траспорт и врски на ден 16.02.2024 година, од причина што согласно член 36 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, по барање на мислење на конечен предлог на детален урбанистички план, Град Скопје е должен да одговори во рок од пет работни дена од приемот на барањето, во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам да даде мислење, а во спротивно ќе се смета дека нема забелешки и дека е дадено позитивно мислење, при што евентуалните идни штети настанати поради непостапувањето, ќе бидат на товар на органот кој не постапил по барањето.

Исто така, наводите во иницијативата дека оспорената одлука е донесена спротивно на член 45 став 2 од Законот за општа управна постапка, во кој се предвидени сметањето на роковите, односно кога рокот е определен по денови, денот на настанот од кој треба да се смета траењето на рокот не се засметува во рокот, се ирелевантни за конкретниот случај од причина што со Законот за општа управна постапка се уредува постапката за постапување и донесување на поединечни управни акти во врска со управни работи и дејствија. Имено, во постапките при донесувањето на урбанистичките планови како општи акти не се применува Законот за општа управна постапка.

Во контекст на напред изнесеното, од увидот во документацијата прибавена во претходната постапка и од анализата на сите аргументи за останатите наводи изнесени во иницијативата, Судот оцени дека се неосновани од причина што подготвувањето и постапката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт C3 16 Општина Ѓорче Петров, е водена во согласност со законски дефинираната постапка за донесување детален урбанистички план.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски