Во текот на месец мај 2025 година во уставниот суд се оформени 29 предмети од кои во 20 се бара преиспитување на уставност, во 8 иницијативи се бара оценување на уставност и законитост и еден предмет е формиран по барање за оценување на заштита на слободите и правата на граѓани.
ИНИЦИЈАТИВИ СО КОИ СЕ БАРА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ
1. У.бр.56/2025
Оспорен акт: Член 71 став 1 од Закон за извршување
Подносител на иницијативата: Славица Крстевска
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорената одредба има ограничувачка содржина која се однесува на навршени 64 години старост. Се наведува дека именуваните извршители со 64 години старост го исполнуваат условот за одење во пензија без можност да продолжат со работа до 67 годишна возраст. Според подносителот оваа норма е ограничувачка затоа што извршителите се ставени во дискриминирачка положба во однос на останатите носители на јавни овластувања.
2. У.бр.57/2025
Оспорен акт: Член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството
Подносител на иницијативата: Драган Лазаров, адвокат
Содржина на оспорената одредба:
Тужба за оспорување татковство во согласност со членот 2, од овој закон со кој се додава нов член 65-а, може да се поднесе во рок од една година, од денот на влегувањето во сила на овој закон, за дете кое до денот на влегување во сила на овој закон наполнило една година возраст, но нема повеќе од пет години.
Од наводите во иницијативта:
Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба произведува ограничувања во однос на временските рокови за поднесување на тужбата, а е во директна спротивност и со Законот за семејство. Се наведува дека со одредбата се создава нееднаквост на граѓаните, како на претпоставените татковци, така и на децата, преку изменување на законските рокови и ограничување на можноста во поглед на возраста на детето за кое се оспорува, односно се докажува татковството.
3. У.бр.58/2025
Оспорена одредба: Деловите „парична казна” и „стопански пристап” од член 38 став 1 од Законот за здравствена исправност на животните намирници и на предметите за општа употреба
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека во оспорените одредби се упатува на норми и термини кои не постојат во правниот промет, при што напоменува дека со нив е повредено начелото на владеење на правото .
4. У.бр.59/2025
Оспорена одредба: Делот „самостоен орган на државна управа” од членот 9 став 2 од Законот за индустриска сопственост
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорените делови упатуваат на погрешна примена и арбитрерно толкување при примената, бидејќи според него се нејасни и непрецизни.
5. У.бр.60/2025
Оспорена одредба: Делот „се распоредуваат на работа” од член 50 став 4 и член 60 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените делови се нејасни и непрецизни, бидејќи не се надополнуваат и притоа упатуваат на арбитрерно толкување, со што се нарушува владеењето на правото. Имено, според него нејасно е какви работни задачи би извршувале кандидатите за судии и јавни обвинители во судовите или обвинителствата, се’ додека не бидат избрани за судија или јавен обвинител.
6. У.бр.61/2025
Оспорена одредба: Делот „врши прием и стручно усовршување на кандидатите” од член 2 став 2 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорениот дел не создава правно логична функционална средина, што според него ја прави одредбата недоволно јасна и непрецизна.
7. У.бр.62/2025
Оспорена одредба: Делот „до избор за судија или јавен обвинител” од член 50 став 1 и делот „правата и обврските” од член 50 став 3 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените делови може да предизвикаат забуна во примената, бидејќи според него, се недоволно јасни и прецизни.
8. У.бр.63/2025
Оспорена одредба: Законот за даночно ослободување со цел реализираањае на одлуката за склучување на анекс на договорот за концесија за промена на намената на дел од средствата
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека според оспорените одредби се врши ослободување од данокот на додадена вредност со „право на одбивка на претходниот данок”, а притоа Законот за данок на додадена вредност во ниту еден член, став или алинеја, од својата содржина не пропишува можност со закон да се изврши ослободувње од данок на додадена вредност со “право на одбивка на претходниот данок”, онака како што е пропишано со оспорениот закон.
9. У.бр.64/2025
Оспорена одредба: Делот „a може да го утврди условот од членот 88 став 4 точка б од овој закон”. од член 46 став 6 од Законот за јавните набавки, член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки и член 18 од Законот за изменување и дополнувњае на Законот за јавните набавки.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека одредбите доведуваат до забуна при примената, ретроактивност, а дополнително според него е нејасно како се прошируваат основите за разрешување на претседателот или членот на Државната комисија за жалби по јавни набавки за што веќе имало и примери од праксата.
10. У.бр.65/2025
Оспорена одредба: Член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека одредбата предизвикува дискриминација, бидејќи ја ограничуваат исплатата на зголемување за 2500 денари само на пензионерите кои ја примаат пензијата во Македонија, но не и на пензионерите кои ја примаат пензијата во странство. Според наводите, ирелевантно е каде пензионерот ја прима пензијата, бидејќи тој добива пензија заради остварената старост, а не географска локација каде што живее.
11. У.бр.66/2025
Оспорена одредба: Член 14 став 1 алинеја 1 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека уставно гарантираното право на секој да ги почитува Уставот и законите е во корелација со достапноста на истите за секого, без надоместок. Но, според него бесмислено е да се наметне претплата од 2000 денари месечно за пристап до целата законска и подзаконска регулатива, нешто што е во спротивност со уставните принципи, особено ако се земе предвид дека пречистениот текст на законите не се објавува редовно на веб страниците на институциите.
12. У.бр.67/2025
Оспорена одредба: Член 10 став 1 од Изборниот законик
Подносител на иницијативата: Мирослав Трлин
Од наводите во иницијативата:
Подносителот ја спори одредбата која предвидува дека „пратениците не можат да бидат отповикани”, за што наведува дека е во спротивност со темелната вредност на уставниот поредок, владеење на правото и создава можности за злоупотреба. Се наведува дека крајната цел на оваа иницијатива е да се преиспита правото на пратениците да го задржат мандатот кога ја менуваат партиската припадност.
13. У.бр.68/2025
Оспорена одредба: Закон за изменување на Закон за судска служба
Подносител на иницијативата: Горан Тасевски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со одредбата е направена дискриминација на припадниците на судската полиција. Според наводите, Законодавачот, кога го донел Законот, ја оштетил оваа категорија на начин што, во делот на плата за звање, поради усогласување со минималната плата, направил покачување на платата на сите вработени во судската служба, освен на припадниците на судската полиција.
14. У.бр.69/2025
Оспорена одредба: Член 78 став 2, член 40 став 4 и 5, член 78 став 1 и 3 од Законот за рибарство и аквакултура
Подносител на иницијативата: Димче Мајковски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорените одредби државата решава кој може да биде член на Федерацијата на Република Северна Македонија, спротивно на Уставот и на Законот за здруженија и фондации. Се наведува дека овој оспорените одредби овозможуваат зачленување на членови и правни лица корисници на рибите, што значи зачленување на концесионери на рибите кои вршат комерцијален риболов, или јавни претпријатија корисници на рибите и други водни организми. Според подносителот, никој нема право да наметнува како ќе се трошат средствата на Македонска риболовна федерација, која работи согласно Законот за здруженија и фондации.
15. У.бр.70/2025
Оспорена одредба: Член 18 став 1 т.б од Законот за нотаријат во делот „или навршени 64 години возраст”
Подносител на иницијативата: Весна Дончева
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека нотарите се лица кои вршат јавни овластувања, што значи станува збор за именувани лица кои не засноваат работен однос во смисла на Закон за работните односи, па следствено на ова тврдење посочува дека оспорената одредба го повредува членот 9 од Уставот и ја нарушува забраната од дискриминација и еднаквост на граѓаните. Се наведува дека нотарите иако именувани, не им е дозволено по навршени 64 години старост, да побараат продолжување на работниот однос се до 67 години.
16. У.бр.71/2025
Оспорена одредба: Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители и Закон за изменување на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија
Подносител на иницијативата: Здружение на јавните обвинители преку претседател Елвин Вели
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорените закони се интервенира во член 6 кадешто се намалува коефициентот за утврдување на плата, според кој од 2.43-3.21 се намалува на 2.15-2.84 за јавните обвинители, додека за членовите на Советот на јавните обвинители од 3.21-3.47 се намалува на 2.84-3.07. Подносителот тврди дека повреден е принципот на независност на јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители, дополнително менувањето на платата преку намалување на коефициентите оди во правец да се изгуби предвидливоста во остварувањето на месечните приходи. Во иницијативата се наведува дека со измените во платите е нанесена директна штета на обвинителите и членовите на Советот врз нивниот личен имот, односно личните примања.
17. У.бр.72/2025
Оспорена одредба: Член 47 ставови 5 и 6 од Законот за земјоделство и рурален развој, член 3 став 22 од Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2025 година
Подносител на иницијативата: Земјоделски комбинат ПЕЛАГОНИЈА АД Битола преку извршен директор Весна Белешовска-Бунтеска
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека одредбите произведуваат ретроактивно правно дејство. Понатаму, се тврди дека во член 3 став 22 се врши ограничување на вкупниот износ по корисник, без оглед на вкупното производство, односно на останатото производство кој ќе го надмине тој максимален износ и ќе остане несубвенционирано. Следствено на ова, подносителот наведува дека е доведена во прашање правната сигурност, бидејќи на веќе воспоставен правен стандард во креирање на политиките за директни плаќања се воведува „ограничување по корисник” на директни плаќања.
18. У.бр.73/2025
Оспорена одредба:
-Делот „годишниот извештај” од член 33 став 9
-Делот „годишниот извештај” од член 33 став 10
-Делот „извештајот” од член 33 став 11
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените делови се недоволно јасни и прецизни и може да предизвикаат забуна во примената.
19. У.бр.74/2025
Оспорена одредба: Став 3 од член 38 од Законот за управување со конфискуваниот имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Според наводите на подносителот на иницијативата, Законот дава дефиниција за „привремено одземен имот” и „привремено одземени предмети”, па според него, нејасна е оправданоста за пропишување на обврската државниот орган на кој му е отстапен предметот на сопственикот, да му исплати средства во висина утврдена со направената процена, согласно член 35 став 7 од Законот.Дополнително, се наведува дека одредбите не се доволно јасни и прецизни кога станува збор за нивна примена во праксата.
20. У.бр.75/2025
Оспорена одредба:Член 25 и член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење
Подносител на иницијативата: Деспина Влаќеска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката тврди дека со оспорените одредби во поповолна положба се ставаат инвеститорите, наспроти соседите на парцелите на градење, бидејќи тие немаат право на увид во техничката документација, ниту право на жалба, нешто што било дел од претодниот закон. Се наведува дека одредбите предизвикуваат и ретроактивност при примената, што според подносителот е во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот.
ИНИЦИЈАТИВИ СО КОИ СЕ ОСПОРУВА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. УЗ.бр.29/2025
Оспорен акт: Одлука за усвојување на барање поднесена од ДПТТУ „НИКО-ЕМ компани 2002” од 25 март 2025 година донесена од Општина Старо Нагоричане
Подносител на иницијативата:Друштво за сообраќај, туризам и услуги ЈОЦО-ТУРС МС ДОО увоз-извоз Куманово, застапувано од управител Славица Јанчиќ
Од наводите на иницијативата:
Подносителот наведува дека општината со донесување на одлука за избор на конкурентската компанија, го повредила Уставот и членот 55 кој гарантира еднаква правна положба на сите субјекти. Дополнително, се тврди дека општината ја избрала компанијата НИКО-ЕМ иако понудата не била најекономична. На овој начин, се тврди дека е повреден и членот 5 од Законот за јавните набавки.
2. УЗ.бр.30/2025
Оспорен акт: Детален урбанистички план за Градска четврт Ј02-Жданец-Нерези локалитет А, Б и В донесен од Општина и Совет на седница одржана на 13 март 2025 година
Подносителка на иницијативата: Маријана Марионцу Симовска
Од наводите на иницијативата:
Подносителката тврди дека е сопственичка на објект кој е впишан во Катастар, а кој со донесување на оспорениот ДУП не е целосно евидентиран, за што посочува дека постои евентуална штета во иднина да не и биде признаен објектот при потенцијлни постапки за градење, реконструкција. На овој начин, таа наведува дека е загрозена правната и фактичката состојба на имотот и притоа според неа, се повредени член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 9, член 30, член 51 од Уставот.
3. УЗ.бр.31/2025
Оспорен акт: Програма за празници и одбележување на јубилејни настани и значајни датуми во Општина Кичево за 2025 година донесени од Советот на Општина Кичево на 23 јануари 2025 година
Подносител на иницијативата: Државен инспекторат за локална самоуправа, преку директорот Хаќим Рамадани
Од наводите на иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорената програма е во спротивност со член 41 став 3 од Законот за локална самоуправа, бидејќи е изгласана без доволното мнозинство гласови од присутните членови на советот, односно без предвиденото мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Општината. Се тврди дека од вкупно 23 советници кои присуствувале, одлучиле само 12 советници, без гласовите на 11 советници кои гласале против одлуката. Од записниците кои потоа ги прибавил Државниот инспекторат за локална самоуправа, како надлежен орган за надзор било констатирано дека тие не се гласало со мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во Општина Кичево.
4. УЗ.бр.32/2025
Оспорен акт: Буџет на Општина Карпош за 2025 година донесен на 17 декември 2025 година
Подносител на иницијативата:Викторија Андоновска
Од наводите на иницијативата:
Подносителката на иницијативата наведува дека оспорениот Буџет е неуставен и незаконски бидејќи, според неа, не ја содржи Програмата за урбанистичко планирање за 2025 година. Се наведува дека Буџетот е донесен со непочитување на законската постапка, односно, Програмата е донесена после донесување на Буџетот, односно на 25 декември 2024 година.
5. УЗ.бр.33/2025
Оспорен акт: Одлука за донесување на Програма за урбанистичко планирање за 2025 година
Подносител на иницијативата: Викторија Андоновска
Од наводите на иницијативата:
Подносителката наведува дека оспорената Програма е противуставна и противзаконита бидејќи е донесена во постапка, без претходно како предлог да биде доставена во Советот од страна на градоначалникот, односно најдоцна до 20 септември тековната година, за да може воопшто да биде одобрена од него во законски утврден рок, односно најдоцна до 15 ноември истата година. Се наведува дека Програмата е донесена по донесување на Буџетот на Општина Карпош и не е составен дел од него.
6. УЗ.бр.34/2025
Оспорен акт: Одлука за доделување на еднократна финансиска помош на Здружение Карпино, донесена од страна ан Совет на Општина Старо Нагоричане
Подносител на иницијативата: Општина Старо Нагоричане, преку заменик-градоначалник Бобан Цветановски
Од наводите на иницијативата:
Се наведува дека оспорената Одлука со која е доделена еднократна парична помош од 30 000 денари за Здружение „Карпино” e донесена без почитување на процедурата за изработка на Актот, спротивно на Правилник за определување на критериуми за доделување на финансиска помош на здруженија на граѓани и фондации од Бузетот на Општина Старо Нагоричане и Законот за локална самоуправа.
7. УЗ.бр.35/2025
Оспорен акт: Детален урбанистички план (ДУП) за локалитетот Горно Лисиче, Урбана единица Е, донесен од страна на Советот на Општина Аеродром
Подносител на иницијативата: Злате Левковски преку адвокат Трајче Арсов
Од наводите на иницијативата:
Подносителот како сопственик на градежна парцела во Општина Аеродром, напоменува дека во текот на јавната анкета и јавниот увид укажал на непропорционално и неправедно планирање на улица и паркинг на дел од неговата парцела, со што значително му се намалува градежниот потенцијал на имотот. Се тврди дека забелешките с еприфатени усно од стручната комиисија, но сепак Општината не доставила образложение за одбивањето на забелешките со што го повредила принципот на транспарентност, правото на мирно уживање на сопственост уредено со членот 26 од Уставот.
8. УЗ.бр.36/2025
Оспорен акт: Oдлука за давање согласност на тарифникот за надомстоци за извршени услуги на корисник на технолошка индустриска развојна зона, од 13 мај 2025 година
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорената Одлука е во спротивност со член 51 од Уставот, како и со член 12 став 4 алинеја 8 од Законот за технолошки индустриски развојни зони.
БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА
1. БЗСП.бр.7/2025
Подносител на барањето: Народен правобранител на Република Северна Македонија
Барањето е поднесено до Уставниот суд преку Народниот правобранител, по претходно поднесено барање до неговата канцеларија, од страна на Сали Мурати. Се наведува дека во актуелниот состав на извршната власт на 64 високи позиции, турската заедница нема ниту еден претставник, а за разлика од овој факт останатите помали заедници имаат потпретседател на Влада, министер, двајца заменици министри и еден државен секретар. Подносителот тврди дека овие факти со застапеноста на високи функции на останатите, укажуваат на постоење на системска дискриминација која не може да се оправда со никакви објективни критериуми.