Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.261/2024
Скопје, 18.06.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 18 јуни 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 во делот „крајот на месецот во“ од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/ 2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 51/2023, 65/2023, 51/2024 и 272/2024).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 3 во делот „крајот на месецот во“ од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Подносителот на иницијативата го цитира оспорениот член од Законот и смета дека истиот е спротивен на член 32 ставови 3 и 5 и член 58 став 1 од Уставот и воедно ги цитира уставните одредби.
Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од членот 3 од Законот може да се доведе под сомнение со горенаведените уставни одредби, при што, подносителот смета дека доколку сопственоста на трудот е основа за управување и учество во одлучувањето, во тој случај, доколку мандатот на функционерот или раководниот работник што ја извршува функцијата којашто му започнала во кој било ден од месецот и според тоа, завршува на тој ден во месецот со истекот на мандатот, во тој случај основано се поставува прашањето за оправданоста за исплата на платата „до крајот на месецот во“ бидејќи во останатиот дел од месецот не доаѓа до размена на сопственоста на трудот како што тоа било за времетраењето на мандатот односно периодот за кој бил именуван функционерот или раководниот работник.
Во иницијативата се наведува дека оспорениот дел на членот 3 од Законот е во спротивност со член 32 став 2 од Уставот бидејќи доколку секој вработен има право на соодветна заработувачка во тој случај, повторно се поставува прашањето за основаноста односно оправданоста на „соодветната заработувачка“ доколку мандатот на именуваниот функционер или раководен работник му завршува пред истекот на календарскиот месец. Тој смета, дека согласно прописите од работното законодавство, платата или надоместокот од плата која секој вработен ја прима, ја прима врз основа на размена на трудот којшто го вложува во работниот процес при извршување на своите работи и работни задачи и тоа право на плата и надоместок на плата, му припаѓа до моментот кога односот работник – работодавач престанува.
Понатаму, подносителот го цитира член 8 став 1 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и наведува дека доколку должностите коишто ги извршувал функционерот или раководниот работник престануваат во кој било друг ден од месецот во кој бил именуван односно му престанал мандатот, а не со истекот на календарскиот месец, во тој случај, доколку не се извршуваат должностите за тој период, се поставува прашањето за оправданоста за исплата на плата односно надоместок на плата од датумот на престанок на функцијата односно од датумот на истекот на мандатот за кој бил именуван до истекот на календарскиот месец.
Поради горенаведените причини, подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од членот 3 од Законот и истиот да го укине како спротивен на Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека со оспорениот член 3 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/ 2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/2013, 139/ 2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 51/2023, 65/2023, 51/2024 и 272/2024), се предвидува дека правата утврдени со овој закон им припаѓаат на функционерите и на раководните работници од денот на изборот, именувањето, односно назначувањето до крајот на месецот во кој им престанала функцијата, ако со овој закон не е поинаку определено.
III
Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото уредени во член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, се темелни вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Секој вработен има право на соодветна заработувачка согласно со член 32 став 3 од Уставот. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, согласно со ставот 5 на овој член од Уставот.
Сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, согласно со член 58 став 1 од Уставот. Учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност, според член 58 став 2 од Уставот.
Собранието на Република Северна Македонија, согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, меѓу другото, донесува закони и дава автентично толкување на законите. Според алинеја 16 од овој член, Собранието врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон. Воедно, Собранието според Уставот, меѓу другото, е надлежно да избира Влада на Република Северна Македонија (алинеја 13), да избира судии на Уставниот суд (алинеја 14), да избира народен правобранител (член 77 и Амандман XI).
Исто така, со Уставот се дадени и овластувања нa други органи на Рeпубликата да избираат и разрешуваат одредени носители на јавни функции коишто имаат посебен статус и посебни права и обврски, како на пример: претседателот на Република Северна Македонија, кој според член 84 алинеја 8 од Уставот, именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон; Владата на Република Северна Македонија, којашто според член 91 алинеја 13 од Уставот, врши именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон; Судскиот совет согласно Амандманот XXIX на Уставот ги избира и разрешува судиите, судиите поротници и претседателите на судовите.
Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот.
Согласно со член 1 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1990, 11/1991, 38/1991, 23/1997, 37/2005, 84/2005, 121/2007, 161/2008, 92/2009, 42/2010, 97/2010, 162/2010, 11/2012, 145/2012, 170/ 2013, 139/2014, 45/2018 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2023, 65/2023, 51/2024 и 272/2024), право на плата во месечен износ за вршење на функцијата имаат претседателот на Република Северна Македонија, функционерите избрани од редот на пратениците, функционерите и лицата кои ги избира или кои ги именува Собранието, функционерите кои ги именува претседателот на Република Северна Македонија и кои ги именува Владата на Република Северна Македонија.
Во член 2 од овој закон е уредено дека платата на претседателот на Републиката, на функционерите избрани од редот на пратениците, на функционерите кои ги избира или кои ги именува Собранието и на раководните работници кои ги назначува надлежното тело на Собранието ги утврдува Собранието или телото што ќе го овласти (став 1). Платата на функционерите и на раководните работници кои ги именува, односно кои ги назначува претседателот на Република Северна Македонија или телото што тој ќе го овласти ги утврдува претседателот на Република Северна Македонија или телото што тој ќе го овласти (став 2). Владата ги утврдува платите на функционерите и на раководните работници кои ги именува или назначува (став 3).
Согласно со оспорениот член 3, правата утврдени со овој закон им припаѓаат на функционерите и на раководните работници од денот на изборот, именувањето, односно назначувањето до крајот на месецот во кој им престанала функцијата, ако со овој закон не е поинаку определено.
Во член 8 од овој закон е утврдено дека средствата за платите на функционерите се обезбедуваат зависно од општественото значење и вредноста на работите и задачите што ги вршат и од сложеноста, обемот и вкупниот придонес што функционерот со својот труд го дава во остварувањето на правата и должностите на органот во кој ја врши функцијата.
Со Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/ 2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018, 110/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.267/2020, 151/2021, 288/2021 и 111/2023), согласно член 1, се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.
Според член 5 точка 1. „Работниот однос“ е договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот. Според точката 2 на овој член „Работник“ е секое физичко лице кое е во работен однос врз основа на склучен договор за вработување.
Од погоре наведените уставни одредби, произлегува дека за вршење на определени општествени функции од значење за целото општество и за секој граѓанин, Собранието на Република Северна Македонија, како и други со Устав овластени органи и институции, избираат, именуваат и разрешуваат определени носители на јавни функции и раководни лица.
Имајќи ја предвид изнесената уставна поставеност на Собранието на Република Северна Македонија, како законодавен орган надележен да донесува закони, има уставно овластување да ги уредува општествените односи, односно да ги определува правата и обврските на граѓаните, а во тие рамки да ги утврдува и правата на носителите на јавните функции во Република Северна Македонија, вклучително и нивната плата.
Согласно со член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка (плата) и тоа соодветна како право што произлегува од неговиот статус на вработен, а остварувањето на тоа право, како и на другите права по тој основ, се уредуваат со закон и со колективни договори. Според тоа, правото на соодветна заработувачка е уставно право на секој вработен и обврска на државата преку законското уредување да обезбеди правна основа за нивното остварување.
Трудот е основа на управување и учество во одлучувањето, од што произлегува дека зависно од трудот и придонесот во општеството и зависно од стручноста и компетентноста, се врши и соодветно вреднување на трудот на секој вработен, според член 58 од Уставот.
Со оглед на тоа што трудот на избраните и именуваните лица е фокусиран на управување и донесување одлуки коишто имаат далекусежни последици за целото општество и за сите граѓани, истиот има посебно значење, поради што, тоа прашање е соодветно уредено со посебен закон – Законот за плата и надоместоци на избрани и именувани лица, којшто содржи посебни правила во врска со правото на плата на избраните и именуваните лица што произлегуваат од нивниот посебен статус.
Од посебниот статус на избраните и именуваните лица, произлегуваат и посебни права и обврски, поради што оваа категорија вработени лица не може да се изедначи во сите свои права и обврски со другите вработени. Поради тоа законодавецот, односно Собранието на Република Северна Македонија, правата и обврските на носителите на јавни и други функции, вклучително и нивната плата и надоместоци, го уредил со донесување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, како lex specialis. Во овој закон, на посебен начин е утврдено правото на плата и други надоместоци на лицата што ги избира, именува и разрешува Собранието и другите со Устав овластени институции и органи, за разлика од уредувањето на ова прашање за платите на другите вработени коишто се уредени со Законот за работните односи и со колективни договори.
Од анализата на наведените одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, Судот смета дека правото на соодветна плата, како право што произлегува од нивниот општествен статус, создава обврска за државата преку законското уредување да обезбеди правен основ за негово остварување, при што средствата за платите на овие лица се обезбедуваат зависно од нивното општествено значење и вредноста на нивните работи и задачи што ги вршат, како и од нивниот вкупен општествен придонес.
Во прашање е специфично право предвидено за лица носители и вршители на значајни и неопходни општествени функции, чиј мандат е ограничен и често неизвесен по однос на времетраењето, па Собранието врз основа на уставното овластување од член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот се определило да ја обезбеди материјалната положба на овие лица за лимитиран временски период сè додека истите не најдат ново вработување или пак не стекнат услови за старосна пензија. На овој начин се охрабруваат граѓаните да прифатат да вршат значајни државнички и општествени функции, а воедно се уредува статусот и дигнитетот во извршувањето на конкретната функција. Треба да се има предвид и тоа што Собранието има уставно овластување да го уреди прашањето по однос на платите и другите надоместоци на избраните и именуваните лица, како за време на траењето, така и по престанокот на вршењето на функцијата.
Воедно, не може да се стави знак на еднаквост меѓу граѓаните односно вработените во правните лица во Републиката за кои важи Законот за работните односи и избраните и именуваните лица, поради околноста што тие не се наоѓаат во еднаква правна положба, имаат различни права и одговорности, од каде и примаат плата според различни начини на пресметка и на нив не може да се примени ист закон.
Еднаквоста, подразбира еднакви права за граѓаните кои се наоѓаат во иста положба, што овде не е случај.
Понатаму, во Законот за работните односи, иако експлицитно не е наведено дека овој закон не се однесува на избраните и именуваните лица кога станува збор за нивното право на плата и други надоместоци, ограничувањата за примената на овој закон за избраните и именуваните лица произлегува и од одредбата на членот 1 од Законот за работните односи бидејќи именуваните и избраните лица не склучуваат договор за вработување, туку нивниот правен статус е уреден со Уставот и со посебни закони (Законот за Владата, Законот за судовите, Законот за локалната самоуправа, Законот за административни службеници, Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата и др.).
Согласно горенаведеното, Судот оцени дека мислењето на подносителот на иницијативата дека согласно прописите од работното законодавство, платата или надоместокот од плата која секој вработен ја прима, ја прима на основа на размена на трудот којшто го вложува во работниот процес при извршување на своите работи и работни задачи и тоа право на плата и надоместок на плата, му припаѓа до моментот кога односот работник – работодавач престанува, не може да се прифати за избраните и именуваните лица бидејќи тие имаат посебен статус и посебни права и одговорности. Според тоа постои посебен начин на определување и на нивните плати и надоместоци.
Oвој механизам им обезбедува на функционерите правна и социјална сигурност при престанокот на функцијата, со што би се спречила финансиска несигурност и би се зачувал интегритетот на функцијата. Платата или надоместокот на плата на функционерите не е само надомест за труд, туку надомест и за одговорност и статус. Генералното отстапување што го дозволува Законот не е произволно, туку целосно оправдано од потребата да се заштити интегритетот на функцијата. Во оваа смисла Законот не ја предвидува одредбата за да се плаќа труд кој не постои, туку за да се обезбеди правна сигурност, институционален континуитет и фер третман на функционерите кои носат одговорност и во периодот кога функцијата им престанува.
Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и врз основа на уставно-судската анализа на оспорената одредба, Судот оцени дека делот „крајот на месецот во“ на член 3 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, не може да се доведе под сомнение за несогласност со член 32 став 3 и член 58 став 1 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски