У.бр.11/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.11/2025
Скопје, 18.06.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 и од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 115/2024), на седницата одржана на 18 јуни 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 23-а став 5 во делот „Критериумите“ од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002, 66/2004, 83/2005, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016, 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 52/2019, 98/2019, 244/2019, 53/2024, 74/2024, 170/2024 и 59/2025).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 23-а став 1 во делот „Законот за игри на среќа“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 23-а став 1 во делот „Законот за игри на среќа“ и став 5 во делот „Критериумите“ од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/2002, 66/2004, 83/2005, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016, 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 52/2019, 98/2019, 244/2019, 53/2024, 74/2024, 170/2024 и 59/2025).

Во иницијативата се цитираат одредбите на став 1, став 2 алинеи 3 и 6 и ставови 4 и 5 од членот 23-а од Законот за спортот и се наведува дека во правниот промет на Република Северна Македонија постои пропис под називот „Закон за игрите на среќа и забавните игри“ објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ заедно со неговите измени и дополнувања.

Според подносителот, кога една норма упатува на примена на друга норма или една норма упатува на примена на други норми или пак дури и на закон во целина, неминовно е нормата кон која се упатува или законот кон чија примена се упатува, да се дел од правниот промет, како не би дошло до забуна во практикувањето на правото и нејзината примена од оние што ја креирале и на оние на кои се однесува или кои треба да ја применат. Во конкретниот случај, подносителот смета дека со оспорениот дел „Законот за игри на среќа“ од член 23-а став 1 од Законот за спортот, се упатува на примена на пропис којшто не постои во правниот промет на Република Северна Македонија што може да доведе до забуна во примената на самата норма и не е во согласност со начелото на владеење на правото пропишано со Уставот.

Во однос на оспорениот дел „Критериумите“ од член 23-а став 5 од Законот за спортот, подносителот смета дека доколку станува збор за позитивна импликација на одредена група луѓе – во конкретниот случај спортисти, од конкретна област од општествениот живот – спортот, во тој случај потребно е критериумите за тоа што се подразбира под „врвен тренер“ односно „врвен активен спортист“ да се пропишуваат со закон, а не со подзаконски акт.

Ова од причини што, според подносителот, со подзаконскиот акт, при општа определба во Законот како „критериуми“ без попрецизно да се определат истите со самиот закон, со подзаконскиот акт може арбитрарно да се определуваат „критериумите“, за тоа што се подразбира под „врвен тренер“ односно „врвен активен спортист“ без притоа да постои каква било основа во Законот, што не е во согласност со правната сигурност како дел од начелото на владеење на правото што подразбира дека во правниот промет треба да има јасни, прецизни норми кои нема да остават можност арбитрарно да се толкуваат или на основа на истите, арбитрарно да се постапува.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека се воспоставува нееднаквост од причини што, од содржината на член 24 став 1 од Законот за спортот, неспорно произлегува јасната и недвосмислена определба на законодавецот да ги пропише со закон критериумите распределба на средства за програмите, а не тоа да се дозволи со подзаконски акт како што е со оспорениот дел „Критериумите“ од член 23-а став 5 од Законот за спортот.

Согласно наведеното, подносителот бара, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови на член 23-а ставови 1 и 5 од Законот за спортот и истите да ги укине како спротивни на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека во член 23-а став 1 од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/2002, 66/2004, 83/2005, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016, 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 52/2019, 98/2019, 244/2019, 53/2024, 74/2024, 170/2024 и 59/2025) е уредено дека надоместоците за спорт утврдени во членовите 79 став (2) и 94 став (2) од Законот за игри на среќа се уплатуваат на посебна наменска сметка на националните спортски федерации и на спортските клубови, а според став 5 на овој член од Законот, критериумите за определување на врвен тренер, односно врвен активен спортист поблиску се уредуваат со подзаконски акт кој го донесува функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.

III

Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија, согласно со член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според ставот 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Владата на Република Северна Македонија, согласно со член 91 алинеја 5 од Уставот, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот.

Согласно со член 38 став 1 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Co Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002, 66/2004, 83/2005, 81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014, 138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/ 2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016, 190/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 52/2019, 98/2019, 244/2019, 53/2024, 74/ 2024 и 170/2024) се уредуваат условите и начинот на вршењето на дејноста спорт заради остварување на јавниот интерес во спортот во надлежност на Република Македонија, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, стопанисувањето со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, како и други прашања од значење за спортот.

Согласно со оспорениот член 23-а став 1 од Законот, надоместоците за спорт утврдени во членовите 79 став (2) и 94 став (2) од Законот за игри на среќа се уплатуваат на посебна наменска сметка на националните спортски федерации и на спортските клубови.

Во ставот 4 на членот 23-а, е уредено дека врвен тренер од став 2 алинеја 3 на членот 23-а, односно врвен активен спортист од ставот 2 алинеја 6 на овој член е тренер, односно спортист кој исполнува критериуми особено во поглед на број на освоени титули во домашно првенство и најдобри домашни и меѓународни резултати во соодветниот спорт.

Според оспорениот став 5 од овој член, критериумите за определување на врвен тренер, односно врвен активен спортист поблиску се уредуваат со подзаконски акт кој го донесува функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.

Во член 24 од Законот за спортот, се дадени сите критериуми врз основа на кои органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот утврдува распределба на средства од програмите од членот 23 став 5 од овој закон.

Со иницијативата се оспорува делот „Законот за игри на среќа“ на член 23-а став 1 од Законот, според кој „Надоместоците за спорт утврдени во членовите 79 став (2) и 94 став (2) од Законот за игри на среќа се уплатуваат на посебна наменска сметка на националните спортски федерации и на спортските клубови“ со наводи дека оспорениот дел „Законот за игри на среќа“ упатува на примена на пропис којшто не постои во правниот промет на Република Северна Македонија, со што се доведува до забуна во примената на самата норма и не е во согласност со начелото на владеење на правото.

Во конкретниот случај, во оспорената одредба од член 23-а став 1 од Законот, станува збор за очигледна техничка грешка, затоа што погрешно се повикува на „Закон за игрите на среќа“ наместо на точниот назив Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Поради тоа, Судот оцени дека во оспорената законска одредба јасна е интенцијата и упатувањето на сега важечкиот закон, која грешка според Судот, не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно не може да предизвика забуна во однос на правилна примена на одредбите од предметниот закон.

Во суштина, наводите во предметната иницијатива, во однос на оспорениот дел од член 23-а став 1, не се однесуваат на содржината на одредбата, којашто единствено може да биде предмет на уставно-судска оцена на согласноста со Уставот, туку се оспорува поради сторен номотехнички пропуст на законодавецот, односно поради погрешно повикување на „Законот за игри на среќа“ наместо на точниот назив – Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли во овој дел, согласно член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со оглед на тоа дека наводите се сведуваат на барање за постапување на овој суд што е во надлежност на законодавецот којшто ги креира, изменува и дополнува законите што ги донесува, а преку истото се врши и исправка на номотехничките пропусти.

Со иницијативата се оспорува и делот „Критериумите“ од член 23-а став 5 од Законот за спортот, со наводи дека критериуми за тоа што се подразбира под „врвен тренер“ односно „врвен активен спортист“ треба да бидат пропишани со закон, а не со подзаконски акт. Ова од причина што, според подносителот, во Законот постои само општа определба за „критериуми“ без попрецизно да се определат истите во самиот закон што доведува до арбитрарно определување на критериумите во подзаконски акт и нивно арбитрарно толкување, што е спротивно на начелото на владеењето на правото, а со тоа и на правната сигурност како негов составен дел.

Во член 23-а став 4 од Законот за спортот, се дадени основните критериуми за определување врвен тренер, односно врвен активен спортист, а согласно оспорениот став 5 на член 23-а од Законот, критериумите за определување врвен тренер, односно врвен активен спортист поблиску се уредуваат со подзаконски акт кој го донесува функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.

Во Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019 и 121/2024), во член 55 став 1 е уредено дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Во ставот 2 е пропишано дека директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во член 56 од овој закон е пропишано дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување (став 1); со наредба се наредува или забранува постапување во определена ситуација која има општо значење за извршување на законите и други прописи (став 2); со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и други прописи (став 3); со план и програма се утврдуваат и се разработуваат одделни прашања за извршување на законите и други прописи за кои е потребно утврдување на рокови и динамика на нивно извршување (став 4).

Од изнесените законски одредби, произлегува дека основните критериуми за врвен тренер, односно за врвен активен спортист се утврдени со закон, а притоа се дава можност со подзаконски акт да се доразработат основните критериуми определени со Законот за спортот.

Оттука, имајќи ја предвид содржината на наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот има овластување поблиску да ги уреди критериумите за определување на врвен тренер, односно врвен активен спортист со подзаконски акт, како што е предвидено во оспорената одредба на член 23-а став 5 од Законот за спортот, поради што не може да се доведе под сомнение по однос на согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ова од причина што од анализата на горецитираните законски одредби, произлегува дека законодавецот дава рамка, односно општи критериуми за тоа што се подразбира под „врвен тренер“ односно „врвен активен спортист“ и дава овластување на функционерот којшто раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот да донесе конкретен подзаконски акт што е во функција на операционализација на одредбите на Законот за спортот.

Имено, од содржината на одредбата на член 23-а став 4 од Законот, јасно произлегува дека врвен тренер односно врвен активен спортист може да биде само лице кое има освоено титули во домашното првенство и кое има остварено најдобри домашни и меѓународни резултати во соодветниот спорт, така што со подзаконскиот акт функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, евентуално поблиску би го прецизирал бројот на освоените титули и на остварените резултати на домашно и меѓународно ниво, како што впрочем произлегува и од формулацијата на наведената законска одредба („критериуми особено во поглед на број….“).

Во однос на наводите во иницијативата дека се создава нееднаквост меѓу содржината на член 24 став 1 од Законот за спортот од која произлегува јасната и недвосмислена определба на законодавецот да ги пропише со закон критериумите: распределба на средства за програмите, во однос на содржината на член 23-а став 5 во делот „Критериумите“ во кој се дозволува критериумите да се уредат со подзаконски акт, Судот оцени дека се неосновани.

Имено, дали законодавецот ќе се одлучи одредени критериуми да ги пропише со закон или поблиску ќе бидат уредени со подзаконски акт согласно закон, е прашање на целисходност за која одлучува законодавецот, a не е прашање коешто може да се оценува од уставно-правен аспект.

Врз основа на сето горенаведено, Судот оцени дека не може да се дoведе под сoмнеж согласноста на член 23-а став 1 во делот „Законот за игри на среќа“ и став 5 во делот „Критериумите“ од Законот за спортот со правната сигурност на граѓаните, како елемент на владеење на правото уредено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски