Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.106/2024
Скопје, 18.06.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 18 јуни 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА барањето на Војо Ѓуроски од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, кое се однесува на заштита на правото на слобода на движење.
Образложение
I
Војо Ѓуроски од Скопје, до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, кое се однесува на заштита на правото на слобода на движење.
Според наводите во барањето, подносителот смета дека му е повредена слободата на движење со примена на Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122 од 03.06.2021 година), односно со издавањето на патната исправа на подносителот на образец кој е со наслов „Република Македонија“ и покрај тоа што на денот на издавањето на патната исправа името на државата е „Република Северна Македонија“.
Подносителот наведува дека по истекувањето на рокот на важност на неговата патна исправа, на негово барање, од Министерството за внатрешни работи на ден 10.01.2020 година, му е издадена нова патна исправа која е со рок на важност до 09.01.2030 година. Новата патна исправа е издадена на образец кој е со наслов „Република Македонија“ и покрај тоа што на денот на издавањето на патната исправа името на државата е „Република Северна Македонија“.
Понатаму во барањето, подносителот го цитира член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122 од 03.06.2021 година) и наведува дека со примената на овој член, му се забранува користење на неговата патна исправа која му е издадена на ден 10.01.2020 година, а со важност до 09.01.2030 година, со што му се забранува правото на слобода на движење. Подносителот ги цитира член 27 од Уставот на Република Северна Македонија и член 26 од Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија.
Со оглед на тоа дека законските услови за замена и поништување на неговата патна исправа не се исполнети, смета дека нема обврска да ја менува истата, која е со рок на важност до 09.01.2030 година. На крајот од барањето, подносителот наведува дека Уставниот суд е должен да утврди повреда на слободите и правата на граѓаните, а особено основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и воедно бара да се утврди повреда на неговото право и да се поништат конкретните акти со кои е сторена повредата.
II
На седницата Судот утврди дека од страна на Министерството за внатрешни работи на подносителот на барањето, на ден 10.01.2020 година му е издадена патна исправа, која е со рок на важност до 09.01.2030 година. Патната исправа е издадена на образец кој е со наслов „Република Македонија“. Со вака издадената патна исправа, а со примена на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122 од 03.06.2021 година), подносителот смета дека му се забранува користењето на неговата патна исправа, односно дека му е повредено правото на слобода на движење.
III
Во член 27 од Уставот е предвидено дека секој граѓанин на Република Северна Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште. Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.
Во Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.122/21, со член 3 е предвидено дека патните исправи кои го содржат натписот „Република Македонија” издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа, најдоцна до 12 февруари 2024 година. Уставниот суд на Република Северна Македонија ја ценел уставноста на оваа одредба и со Решението У.бр.10/2024 од 7 ноември 2024 година, не повел постапка за оценување на нејзината уставност.
Во член 5 од истиот закон е предвидено дека овој закон стапува на сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија” а ќе започне да се применува од 1 јули 2021 година.
Слободното движење на граѓаните на територијата на Републиката е право кое е поврзано со обврската за поседување на важечка лична карта, но патувањето надвор од државата и назад во државата се остварува само со важечка патна исправа. Во член 2 од Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, се определува дека за патување во странство на државјаните на Република Северна Македонија им е потребна патна исправа утврдена со овој закон, ако со меѓународен договор не е поинаку определено. Обврската за поседување на важечка патна исправа за патување не значи ограничување на правото на слободно движење.
Правото да се замине од земјата, вклучително и од својата, како и правото на движење во рамки на својата земја се интегрален дел од меѓународното право за човекови права. Правото на движење, нити во Уставот нити во меѓународните договори не е апсолутно право. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето, но содржината на член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија како и неговата примена, не може да се смета како ограничување на слободата на движење надвор од уставната рамка од член 27 став 3 од Уставот, бидејќи со истата се утврдува краен рок во кој граѓаните треба да ги заменат старите патни исправи со нови.
Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија е надлежен да одлучува за три групи на слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа се оние кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, потоа на оние поврзани со политичкото здружување и дејствување, како и забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Анализирајќи го барањето во целина наспроти уставните одредби и одредбите од Актот на Судот кои се однесуваат на надлежноста на Уставниот суд во сферата на апстрактната надлежност и заштитата на слободите и правата на човекот и граѓанинот, произлегува дека означената слобода на движење наведена во барањето, не спаѓа во корпусот на слободи и права кои ги штити Уставниот суд на Република Северна Македонија, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на барањето.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски