УЗ.бр.9/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.9/2025
Скопје, 11.06.2025 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 јуни 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението бр. 25-33/15 од 21. 01. 2020 година, донесено од Министерството за финансии-Управа за имотно-правни работи, Подрачно одделение за првостепена управна постапка Делчево.

Образложение

I

Марјанчо Веселиновски од Делчево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија,  се обрати со допис во којшто  бара да се даде правно мислење за утврдување на јавен интерес и оценка на уставноста и законитоста на одреден ГУП и ДУП на Општина Делчево а потоа со прецизирање на иницијативата бара од Уставниот суд да се произнесе во однос на уставноста и законитоста на оспорениот управен акт Решение бр. 25-33/15 од 21. 01. 2020 година донесено од Министерството за финансии-Управа за имотно-правни работи, Подрачно Одделение за првостепена управна постапка Делчево, правосилно од 12. 08.2020 година за експропријација на недвижен имот на КП бр. 6581/1 КО Делчево.

Во образложението на иницијативата, подносителот всушност смета дека надлежниот орган кој го донел овој управен акт, погрешно ја утврдил фактичката состојба и погрешно го применил материјалното право при донесувањето на Решението.

Ова решение, според наводите во иницијативата е донесено во спротивност со член 8 (основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста) и член 30 од Уставот кој ги гарантира правата на сопственост, како и во спротивност со член 26 од Законот за експропријација кој пропишува дека во предлогот за експропријација треба да бидат содржани сите докази пропишани во овој член, што не било извршено во конкретниот случај.

Подносителот смета дека неговата приватна сопственост-земјиште е одземено за наводен јавен интерес (изградба на градски пазар), но според  Деталниот урбанистички план на оваа катастарска парцела не била планирана таква градба, а на дел од земјиштето била изградена пристапна улица која била планирана да се изгради на други катастарски парцели и смета дека овие наводи Судот може да ги утврди со увид во Деталниот урбанистички план кој е во прилог на иницијативата.

Во однос на дефинирање на тоа што претставува јавниот интерес подносителот како уставно-судска пракса наведува извадок од Одлука на Уставниот суд У. бр. 200/2007 од 11 февруари 2009 година со која е утврдено „ Имено не е доволно во Законот за експропријација да се каже дека постои само јавен интерес и да се набројат видовите на објектите за чија што изградба се врши експропријација, туку нужно е потребно да се утврди во што се остварува јавниот интерес, од што се состои и која е таа разумна причина што ја наметнува потребата преку експропријација да се навлезе во приватната сфера. Во спротивно со непочитување на наведените елементи, Судот оцени дека експропријацијата како една крајна, нужна и корисна мерка ќе ја изгуби смислата. “

Врз основа на овие свои наводи бара од Уставниот суд оспореното Решение да се поништи од причини што смета дека истото е донесено во спротивност на уставните и законските одредби и на тој начин ќе се заштитат неговите уставно загарантирани права.

II

На седницата Судот утврди дека Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи, Подрачно одделение за првостепена управна постапка Делчево, врз основа на член 205 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија” бр. 38/05, 110/08 и 51/11), член 31 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија” бр. 95/12, 131/12 и 24/13) и Пресуда У-2 бр. 883/2019 од 12. 12. 2019 година на Управен суд на Република Северна Македонија, во постапката по предлогот за експропријација бр. 10-1493/1 од 12. 08. 2019 година, за потребите на предлагачот на експропријацијата Општина Делчево, на ден 21. 01. 2020 година донела Решение со кое предлогот за експропријација на недвижен имот Уп. бр. 10-1493/1 од 12. 08. 2019 година, на КП бр. 6581/1 КО Делчево во површина од 930м2, 2/4 идеален дел, запишано во Имотен лист бр. 9650 КО Делчево, сопственост на Марјанчо Веселиновски, 2/4 идеален дел, со место на живеење на ул. „Плачковица” бр. 32 Делчево, се уважува.

Понатаму во диспозитивот е утврдено дека се експропреира правото на сопственост на недвижноста означена со нумерични податоци КП бр 6581/1 КО Делчево во површина од 930м2, 2/4 идеален дел, запишано во Имотен лист бр. 9650 КО Делчево, во сопственост на Марјанчо Веселиновски, ул. „Плачковица” бр. 32 Делчево за потребите на Општина Делчево, согласно Геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени бр. 08-424/12 од 22.11.2018 година на ТДГР „Геомер Плус” Делчево, Извештај за проценка на недвижен имот VI 361/2018 на Завод за вештачење ДООЕЛ Скопје, Одлука од Советот на Општина Делчево за резервирани средства за експропријација на недвижноста бр. 09-71/1 од 10. 01. 2020 година, Извод од ДУП бр. 12-1970/2 од 13. 11. 2018 година на Општина Делчево и Имотен лист за недвижноста.

Решението содржи образложение и правна поука дека против него може да се поднесе тужба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението до Управниот суд. Оспореното Решение е правосилно на ден 12. 08. 2020 година

III

Според член 110 алинеи  1 и 2 од Уставот, Уставниот суд  на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Согласно со член 2 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија„ број 38/05, 110/08 и 51/11) којшто бил на сила во времето на донесување на оспорениот акт, управни работи претставуваат сите акти и дејствија преку кои се изразуваат и извршуваат надлежностите на јавната администрација. Управни акти се сите оние акти и дејствија со коишто се решава за правата, обврските или правните интереси на странките во управната постапка.

Според член 14 ставови 1 и 3 од овој закон, правото на жалба против поединечните правни акти, донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон, а против решението донесено во втор степен не е допуштена жалба.

Член 15 став 1 од овој закон, определува дека решението против кое не е изјавена жалба во управната постапка, или пак жалбата е искористена, а со кое странката се стекнала со некое право, односно со кое на странката ѝ е определена некаква обврска, е конечно во управната постапка.

Според член 16 од овој закон, решението против кое не може да се изјави жалба ниту да се поведе управен спор, а со кое странката стекнала определени права, односно со кое на странката и се определени обврски е правосилно решение. Решението станува правосилно и доколку странката се откаже од право на жалба.

Значи, со одредбите од членовите 15 и 16 од наведениот закон, јасно е определено дека во рамки на правосилното окончување на постапката, законитоста на управните акти може да се оспорува со жалба пред второстепен управен орган, и секако уставно гарантираната судска заштита на законитоста на управните акти, согласно член 50 став 2 од Уставот, е обезбедена со правото на управен спор  пред Управниот суд на Република Северна Македонија.

Понатаму, според Законот за управните спорови е определено дека во управниот спор судот одлучува меѓу другото и за законитоста на конечните поединечни управни акти кои директно влијаат на правниот статус на тужителот, односно со кои се решава за правата, обврските и правните интереси на тужителот . Управниот суд одлучува во прв степен во управен спор а Вишиот управен суд одлучува по жалби против пресудите на Управниот суд и решенијата на Управниот суд против кои е дозволена жалба.

Имајќи го предвид изнесеното, оспореното решение ги има сите елементи на управен акт чија законитост може да се оспорува на начин и во постапка предвидени со Законот за општата управна постапка и Законот за управните спорови ( како што е наведено и во самото упатство за правно средство во оспореното решение), и не претставува пропис со кој се уредуваат односи на општ начин (erga omnes) туку решава за права и  обврски на конкретни субјекти (inter partes). Поради тоа, имајќи ги предвид уставните и одредбите од Актот на Судот, Уставниот суд оцени дека нема надлежност да ја цени уставноста и законитоста на оспореното решение и се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р  Дарко Костадиновски