Дневен ред за 16. седница на Уставниот суд која ќе се одржи на 9 јули 2025 година во 9:30 часот

На 9 јули 2025 година Уставниот суд ќе ја одржи 16 седница со Дневен ред за кој е предвидено да се дискутира за осум иницијативи за кои се бара оценување на уставност и законитост, три барања за заштита на слободи и права и за еден предмет е предвидено да се донесе конечна одлука. 

1. Реферат У.бр.4/2025

Оспорен: Член 9 став 4 во делот „без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеци“ од Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта

Подносител на иницијативата: Манчо Манчев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот тврди дека е повреден уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите од член 9 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија. Се наведува дека со оспорената одредба се овозможува вработување на лице на арбитрарен начин поради немање на оглас кој ќе ги содржи условите за вработување на кои би се јавиле заинтересираните кандидати и тоа доведува до правна несигурност.

2. Реферат У.бр. 15/2025

Оспорен акт: Член 30 ставови 1 и 2 од Законот за вршење на сметководствени работи

Подносител на иницијативата:Јовица Јовевски

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените одредби предвидуваат обврска за задолжително присуство на семинарите организирани од приватните консалтинг куќи и тоа не претставува континуирано професионално усовршување, туку изнуда. 

Посебно се нагласува дека овластените сметководители кои завршиле Економски факултет своето образование го стекнале на високообразовна установа, акредитирана од страна на државата, каде има проверка на стекнатото знаење на начин што за секој предмет се полага. Истото се однесува и на стекнатите звања на последимпломски студии. 

Обврската сметководителите и овластените сметководители задолжително да посетуваат обука за континуирано усовршување и пред се на семинари организирани од приватни консалтинг куќи како обуки од информативен карактер каде не се проверува знаењето на учесниците, наместо пред акредитирани образовни установи, е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, се наведува во иницијативата.

3. Реферат У.бр. 35/2025 

Оспорен акт: Член 17 став 3 од Законот за здравственото осигурување

Подносител на иницијативата: Љупчо Божиновски

Содржина на оспорената одредба: 

Висината на надоместокот на плата пресметан врз основа на членот 16 на овој закон не може да биде повисока од износот на две просечни месечни плати, при просечни месечни плати во 2012 година и четири просечни месечни плати по 2012 година исплатени во Републиката во претходната година. 

Oд наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека со оспорениот член се воведува ограничување кое не е правно оправдано бидејќи, според него, се прави разлика меѓу осигурениците врз основа на нивниот статус и финансиска состојба. Се наведува дека се наметнува ограничување кон одредена категорија граѓани-работници кои примале повисоки плати и со тоа плаќале поголеми износи на придонеси. 

4. Реферат У.бр. 43/2025 

Оспорен акт: Членовите 115, 116 и 117 oд Законот за пензиското и инвалидско осигурување

Подносител на иницијативата: Мирослав Трлин

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со член 20 од Уставот кој ја уредува слободата на здружување. Се тврди дека со ова законско решение, пренесувањето на солидарен фонд под надлежност на Фондот за ПИОМ, средствата кои се однесуваат за солидарен фонд, директно од сметката на Фондот на ПИОМ се префрлуваат на Трезорска сметка од каде што се врши исплата за посмртна помош на членовите на семејството за покривање на погребните трошоци, а барањето и документите за исплата се доставуваат до Фондот за ПИОМ во подрачни единици од каде е осигуреникот и уплаќач на солидарен фонд. Дополнително, се тврди дека и членарината се условува по пакет со солидарниот донд за да може пензионерот да стекне право да членува во солидарен фонд, што според подносителот е противуставно. Според наводите, неуставно е зачленувањето во граѓанска организација и доброволно плаќање на членарина да биде „законска обврска” и истата да се реализира преку државна институција, а не преку Сојузот на здруженијата на пензионери, кој е самостоен орган.

5. Реферат У.бр. 47/2025 и У.бр.49/2025 

У.бр.47/2025

Оспорен акт: Член 17, став 1 од Законот за нотаријат во делот „или навршени 64 години”

Подносител на иницијативата: Лорија Ваневска

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека оспорената одредба има ограничувачки карактер бидејќи според неа, именуваните нотари со навршени 64 години старост го исполнуваат условот за одење во старосна пензија, без можност да продолжат со работа до 67 годишна возраст. Подносителката тврди дека пензионирањето според старосна граница не може да важи за нотарите бидејќи тие се именувани лица кои не засноваат работен однос во смисла на Законот за работни односи, туку се носители на јавна функција со јавни овластувања. 

У.бр.49/2025

Оспорен акт: Член 18, став 1 точка б од Законот за нотаријат

Подносител на иницијативата: Јасмина Радончиќ

Од наводите во иницијативата: 

Подносителката наведува дека оспорената одредба е противуставна бидејќи се ускратуваат правата на нотарите да ја вршат работата за која се именувани (со одлука на Министерот за правда), односно дека им престанува нотарската функција со навршување на 64 годишна возраст, без да се земе предвид фактот дека тие немаат засновано работен однос.

6. Реферат У.бр. 51/2025 

Оспорен акт: Член 6 став 1 и член 62 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење 

Подносител на иницијативата: Ванчо Стојанов

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото како темелната вредност на уставниот поредок, членот 52 став 4 од Уставот кој уредува дека законите и другите прописи не може да имаат повратно дејство, како и со член 55 став 2 од Уставот во кој е уредено дека на сите субјекти на пазарот треба да им биде обезбедена еднаква правна положба.

7. Реферат У.бр. 242/2024 

Оспорен акт: Член 3 став 6 во делот „особено доказот дека имотот го има државата, единица на локалната самоуправа, јавна установа, јавно претпријатие и друга јавна институција(Исправа издадена од Републичката геодетска управа и слично)” од Уредбата за спроведување на постапката за денационализација. 

Подносител на иницијативата: Александар Наумовски 

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот меѓу другото наведува дека со оспорената одредба се повредуваат правата на граѓаните, бидејќи постои опасност во преостанатите предмети кои треба да ги одлучи Вишиот Управен суд да ги изгубат правата за побарување на своите имоти. 

8. Реферат УЗ.бр. 6/2025 

Оспорен акт: Одлука за донесување на Предлог-детален урбанистички план за населба „ДЕВЕАНА” УЕ „Д” Блок „Д5”- дел плански период од 2018-2023 (1ха)-Општина Кичево од бр.08-1747/18 од 18.07.2023

Подносител на иницијативата: Фадил Сулоски

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека е сопственик на градежна парцела која со оспорената одлука ќе се промени и улицата која е пристап до пат до неговата куќа ја откупува друг сопственик, при што тој ќе остане до пристап до својот дом кој го користи повеќе од 40 години. Тој тврди дека со донесување на Одлуката не е испочитувана процедурата и постапката е спроведена во спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Дополнително се тврди дека ДУП-от донесен со наведената одлука не е во согласност со Генералниот урбанистички план, па следствено на тоа, оспорената одлука е во спротивност со членот 51 од Уставот. 

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

1. БЗСП бр.1/2025

Подносител на барањето: Ангелчо Бузлиев

Оспорени акти: Пресуда на Основен граѓански суд Скопје од 25 март 2022 година и пресуда на Апелациониот суд Скопје донесена на 15 октомври 2024 година.

Од наводите во барањето:

Подносителот наведува дека е дискриминиран по основ на социјална припадност согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот. Според наводите во неговото барање, го известува Судот дека незаконски, без негово знаење и одобрување, му е преземан имот, и во текот на судските постапки било утврдено дека ја продал сопственоста поради влошената имотна состојба која настанала по семејни здравствени ситуации. Подносителот тврди дека двата суда, во постапките го дикриминирале и не му дозволиле да докаже дека преземањето на неговата фирма, фото-напонската централа и земјиште од 40 000m2 од закупец кој според него потоа станал сопственик, било овозможено на начин што судовите го третирале како странка со лоша имотна состојба и не му ги прифатиле ниту наводите, ниту сведоците за да ја докаже сопственоста.

2. БЗСП.бр. 6/2025 

Предмет: Барање за заштита на правото на правично судење

Подносител на барањето: О.М

Оспорени:

Пресуди на Основен суд Тетово, Апелационен суд Гостивар

Подносителот наведува дека е осуден за обид за силување  за настан од 26.08.2020 година и притоа тврди дека тужителката сведочела дека настанот се случил на една локација, додека нејзиниот тогашен партнер во судската постапка кажал дека биле заедно, на сосема друга локација. Меѓу другото, подносителот наведува и други сведоци кои дале изјави што го потврдуваат неговото тврдење.

3. БЗСП.бр. 7/2025

Подносител на барањето: Народен правобранител на Република Северна Македонија

Барањето е поднесено до Уставниот суд преку Народниот правобранител, по претходно поднесено барање до неговата канцеларија, од страна на Сали Мурати. Се наведува дека во актуелниот состав на извршната власт на 64 високи позиции, турската заедница нема ниту еден претставник, а за разлика од овој факт останатите помали заедници имаат потпретседател на Влада, министер, двајца заменици министри и еден државен секретар. Подносителот тврди дека овие факти со застапеноста на високи функции на останатите, укажуваат на постоење на системска дискриминација која не може да се оправда со никакви објективни критериуми. 

ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

1. У.бр. 137/2017

На 25.09.2024 Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 176, 177 и 178 од од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2014, 188/2014, 44/2015, 193/2015, 11/2018 и 21/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/19, 153/19, 92/2021) и определи рок  од 6 месеци на Собранието на Република Северна Македонија за измена и/или дополнување на Законот од точката 1 од диспозитивот во согласност со ставовите на Судот изнесени во образложението на ова Решение.