Писмен допис на претседателот д-р Дарко Костадиновски до независни советници во врска со Изборниот законик

Поради повеќе прашања пристигнати до Уставниот суд, во врска со барањeто на независни кандидати од десет општини Судот да реагира на новиот Предлог-закон за измени на Изборниот законик, информираме дека Претседателот д-р Дарко Костадиновски испрати писмен допис во кој им одговори на прашањата. Ви го пренесуваме во целост: 

Почитувани, 

Со оглед дека Вашето барање се однесува на реализирање на уставната надлежност на Уставниот суд, нормативната контрола на општите правни акти односно оценување на уставноста на Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, Ве известувам дека Уставниот суд, согласно со Уставот и Актот на Судот, е надлежен да ја цени уставноста на законите, а не на Предлог- законите. Следствено на ова, Уставниот суд, од аспект на апстрактната контрола, е надлежен да ја цени уставноста и законитоста на позитивното право односно на општите прописи и општите акти што се дел од правниот поредок и нивната уставност и законитост во време на нивното важење.

                   Неспорно е дека согласно со член 13 и 91 од Актот на Судот, Уставниот суд го следи остварувањето на уставноста, законитоста и слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот и по свое наоѓање, може да усвои посебен извештај во кој ќе укаже на потребата за преземање мерки за нивно остварување и заштита и ќе го достави до надлежниот орган односно врз основа нa претходно добиени податоци и известувања, Уставниот суд може да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото кое не ја извршило одлуката на Судот. Но, во однос на Вашето барање за усвојување на посебен извештај за Предлог за закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, Ве известувам дека Уставниот суд, извештај од аспект на член 13 од Актот на Судот, може да усвои исклучиво за закон кој е дел од првниот поредок”.

Овој допис е испратен до: 

-Независни советници од Независни за Карпош- За заштита на Карпош во Општина Карпош;

–Независни советници од Зелен Хуман Град во Град Скопје

-Независни советници од Шанса за Центар во Општина Центар

-Независни советници од Поинаку во Општина Битола

-Независни советници од Стига Е во Општина Струмица

-Независни советници од Стига Е во Општина Босиловo

-Независни советници од Стига Е во Општина Ново Село

-Независен Градоначалник на Општина Кочан

-Поранешни независни советници од Më mirë për Tetovën / Подобро за Тетово во Општина Тетово

-Граѓанска иницијатива Зелените од Гази Баба