Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.Бр.3/2025
Скопје, 11 јуни 2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 11 јуни 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА барањето на Соња Велјаноска од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.
Образложение
I
Соња Велјаноска од Скопје, до Уставниот суд поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.
Според наводите во барањето, Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија на ден 31.10.2024 година, донел Решение бр.05302609077 за остварување право на старосна пензија на осигуреникот Соња Велјаноска од Скопје и во диспозитивот на истото е наведено дека осигуреникот стекнал право на старосна пензија во износ од 87.179,00 денари, а бидејќи определената пензија е поголема од највисокиот износ на пензија, ќе се исплатува највисокиот износ на пензија во висина од 76.239,00 денари. Со оглед на тоа дека во образложението на Решението е наведено дека највисокиот износ на пензија е утврден согласно член 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, подносителката го цитира истиот член во барањето.
Понатаму, подносителката на барањето наведува дека Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија во месец јануари 2024 година, согласно методологијата од член 230 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, ја утврдил максималната пензија во износ од 73.053,00 денари и согласно став 2 од истиот член, овој износ помножен со процент од 5,3%, со кој се усогласени другите пензии во месец март 2024 година како и додаден износ од 2.500,00 денари со кој износ се усогласени другите пензии во месец септември 2024 година, висината на максималната пензија во месец септември изнесува 82.780,00 денари.
Подносителката на барањето смета дека во нејзиниот случај не е применет член 230 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Според неа, највисоката пензија во Република Северна Македонија не се определува за секој осигуреник поединечно како кај останатите старосни пензии, туку таа е пресметковна категорија и треба во текот на годината на сите осигуреници да им обезбеди конзистентен и еднаков износ. Против Решението на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, сагласно правната поука на истото, подносителката на ден 07.11.2024 година поднела жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, но до денот на поднесувањето на барањето нема добиено одговор.
На крајот во барањето, подносителката бара Уставниот суд да ја потврди повредата на нејзините права од член 110 алинеја 3 и членот 9 од Уставот. Воедно, бара Судот да му наложи на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, целосно да го примени член 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и највисокиот износ за пензија за месец јануари 2024 година да го усогласи како и другите пензии во 2024 година, а тоа да се стори на начин што диспозитивот на предметното решение ќе се коригира и ретроактивно да се примени од датумот на стекнување на правото за старосна пензија.
II
На седницата Судот утврди дека Фондот на пензиското и инвалидско осигурување на Северна Македонија донел Решение бр.05302609077 од 31.10.2024 година, со кое определил дека осигуреникот Соња Велјаноска од Скопје, се стекнува со право на старосна пензија во износ од 87.179,00 денари, сметано од 14.10.2024 година, а ќе се исплатува од 14.10.2024 година. Во диспозитивот од истото е наведено дека усогласувањето ќе се врши по службена должност и бидејќи определаната пензија е поголема од највисокиот износ на пензија, ќе се исплатува највисокиот износ на пензија во висина од 76.289,00 денари.
Согласно со правната поука на истото, против Решението донесено во прв степен од Фондот, подносителот има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 дена од приемот на Решението.
Подносителката на барањето, Решението на фондот го примила на ден 04.11.2024 година и во законски превидениот рок, на ден 07.11.2024 година против Решението поднела жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, но како и што самата наведува во барањето, до денот на поднесувањето на барањето до Уставниот суд нема добиено одговор.
III
Согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Во член 53 став 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија е пропишано дека барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
Според член 53 став 5 од Актот, со барањето се поднесува и оспорениот поединечен акт, доказите дека се исцрпени правните средства, како и други докази од значење за одлучувањето.
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од содржината на цитираниот член 53 став 3 од Актот, произлегува дека основен предуслов за поведување постапка за заштита на слободите и правата, утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, е барањето да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт и тоа во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства.
Во конкретниот случај од страна на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија донесено е Решение бр.05302609077 од 31.10.2024 година, со кое подносителката се стекнува со право на старосна пензија. Подносителката смета дека со ова решение е сторена повредата, односно е дискриминирана по основ на социјална припадност. Во правната поука на решението, е наведено дека против решението донесено во прв степен од Фондот, подносителот има право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од 15 дена од приемот на Решението.
Од наводите во барањето како и од приложената документација произлегува дека подносителката Решението на фондот го примила на ден 04.11.2024 година и во законски предвидениот рок од 15 дена, на ден 07.11.2024 година против Решението поднела жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Во барањето не е доставен доказ дека се исцрпени правните средства, напротив подносителката во барањето наведува дека од страна на органот до кој е поднесена жалбата нема добиено одговор. Оттука, Судот оцени дека поднесеното барање за заштита на слободите и правата не ги задоволува предвидените критериуми за да се впушти Судот во мериторно одлучување по истото.
Имајќи го предвид сето погоре наведено, произлегува дека по предметното Решение бр.05302609077 од 31.10.2024 година, на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија, не се исцрпени сите редовни и вонредни правни средства за заштита. Неисполнетоста на овој услов во конкретниот случај претставува процесна пречка, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот за натамошно водење на постапката, поради што Судот цени дека се исполнети условите за отфрлање на барањето.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски