Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.250/2024
Скопје, 28.05.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 28 мај 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021)
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).
Образложение
I
Ѓорѓи Андов од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021), член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).
Подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот член 1 од Законот за дополнување на Законот за облигациони односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021) односно член 389-а кој уредува дека кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече, не е во согласност со член 30 став 1 и став 3, член 55 став 1 и став 2, член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 9 став 2 и со член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
Со ваквото законско решение, подносителот смета дека со фактот што договорната камата престанува да тече се намалува имотот на доверителот во корист на должникот од причини што договорената камата извира од главнината и двете претставуваат имот на доверителот договорен помеѓу страните во облигациониот однос како резултат на слободно изразена волја на пазарот. На овој начин без вина на доверителот, се намалува неговиот приход што доведува до загрозување и повреда на уставно загарантираното право на сопственост од член 30 став 1 и став 3, а со тоа законодавецот предизвикал и одземање и ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа што доведува до нееднаквост меѓу граѓаните, што не е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок, како што се владеење на правото и правната заштита на сопственоста, како и уставната гаранција дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Понатаму, во насока на оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) со кој во член 266-а се додава нов став 8 кој определува дека кога износот на достасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече, и оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) со кој во член 18 став 1 се регулира дека кога во извршната исправа е определена наплата на камата од должникот, истата се пресметува и наплатува до денот на исплатата на средствата на посебната сметка на извршителот, односно до моментот кога неисплатената камата ќе го достигне износот од главниот долг, подносителот дава идентични наводи за оспорување, како и во претходно оспорениот член од Законот за облигациони односи.
Ваквите законски одредби, според подносителот, исто така не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 9 став 2, член 30 став 1 и став 3, член 51, член 55 став 1 и став 2 како и со Амандман XXV од Уставот на Република Северна Македонија. Со фактот дека каматата ќе престане да тече, се намалува имотот на доверителот во корист на должникот од причини што казнената камата извира од главнината којашто е имот на доверителот, па од тие причини произлегува дека сопственоста е ограничена и се загрозуваат како уставно загарантираното право на сопственост, така се повредуваат и темелните вредности на уставниот поредок со кои се гарантира владеењето на правото и правната заштита на сопственоста. Казнената камата во најголем дел ја досудуваат судовите како приход на доверителите поради задоцнување и пенализација на должниците.
Во прилог на своите наводи наведува дека најчест вид на извршни исправи кај извршителите се правосилни и извршни акти на судовите во кои се наведува дека казнената камата на главнината се пресудува од некој датум, на пример од денот на поднесување на тужбата или од денот на пресудувањето, но секогаш се пресудува до конечната исплата. Со оспорените законски одредби се менувале судските пресуди односно казнената камата ќе престане да тече кога ќе се достигне износот на главнината, што не е во согласност со Амандманот XXV каде што меѓу другото, е регулирано дека судовите се самостојни и независни, а следствено на тоа, судската одлука може да ја заменува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон.
Врз основа на дадените наводи во иницијативата, подносителот му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови и истите да ги укине, а до завршување на постапката да донесе времена мерка за забрана за примена на оспорените членови од Законот за облигационите односи и од Законот за извршување.
II
На седницата Судот утврди дека во Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021) во член 1 е определено дека во Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009), по членот 389 се додава нов член 389-а, кој гласи „Кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.“
Според Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) во член 1 е определено дека во Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/13 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 215/21), во членот 266-а по став (7) се додава нов став (8), кој гласи „(8) Кога износот на достасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.“
Во оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) е определено дека во Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 14/2020), во член 18 став (1) точката на крајот од реченицата се заменува со запирка и се додаваат зборовите „односно до моментот кога неисплатената камата ќе го достигне износот од главниот долг.“
III
Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 6 од Уставот на Република Северна Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и правната заштита на сопственоста.
Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од овој член од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата. Според став 3 од истиот член, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест, кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Со Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021, 154/2023, 220/2023, 149/2024 и 209/2024) се уредуваат основите на облигационите односи, договорните и други облигациони односи во прометот на стоки и услуги.
Законот за облигационите односи, (во натамошниот текст: ЗОО) во глава V посветена меѓу другото и на паричните обврски со посебни одредби ја уредува и договорната камата (член 388-390).
Согласно со член 388 од Законот, стапката на договорната камата во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право се определува договорно, но не повисока од стапката на законската казнена камата утврдена во членот 266-а на овој закон, зголемена најмногу за 50 проценти (став 1). Стапката на договорната камата во договорите меѓу лица од кои барем едното не е трговец, не може да биде повисока од стапката на законската казнена камата за соодветната валута, што важела на денот на склучувањето на договорот, односно на денот на промената на каматната стапка, ако е договорена променлива каматна стапка (став 2). Ако во договорите меѓу лица од кои барем едното не е трговец е договорена повисока каматна стапка од дозволената, ќе се применува највисоката дозволена каматна стапка за соодветната валута (став 3). Целосно или делумно е ништовна одредбата за определување на висината на стапката на договорната камата ако од околностите на случајот, трговските обичаи или природата на предметот на обврската произлегува дека со вака договорената стапка на договорна камата, спротивно на начелата на совесност и чесност, еднаква вредност на заемните давања и справедливоста, како и на одредбите за лихварските договори, е предизвикан очигледен несразмер меѓу правата и обврските на договорните страни (став 4). При оценувањето дали одредбата за определување на висината на стапката на договорната камата е ништовна, предвид ќе се земе и кои биле причините за така определена висина на стапка на договорната камата (став 5). Ако плаќањето на каматата е договорено, а не е определена нејзината стапка, во договорите меѓу лицата од кои барем едното не е трговец се применува каматна стапка во висина од една третина од стапката на законската казнена камата за соодветната валута, а во трговските договори или договорите меѓу трговци и лицата на јавното право се применува каматна стапка во висина од една половина од стапката на законската казнена камата за соодветната валута, определена според одредбите на овој закон (став 6). Ако во трговските договори или договорите меѓу трговци и лица на јавното право е договорена повисока стапка на договорна камата од стапката на законската казнена камата, а притоа не е договорена д
оговорна казнена камата, по задоцнувањето со исполнувањето на паричната обврска тече само договорната камата (став 7). Ништовна е одредбата на договорот која предвидува истовремено течење и пресметување на договорна казнена камата и законска казнена камата (став 8).
Според член 388-б од цитираниот Закон, ништовна е одредбата на договорот со која се предвидува дека на каматата, кога ќе пристигне за исплата, ќе почне да тече камата доколку не биде исплатена по нејзиното пристигнување, освен за депозитите кај банките, штедилниците и другите финансиски институции.
Со член 389 од Законот, е определено дека е дозволена договорната одредба со која однапред се договара зголемување на годишната каматна стапка, до највисоко допуштената, во случај должникот да не ги исплати пристигнатите договорни камати навреме.
Со измените и дополнувањата на Законот за облигационите односи во 2021 година, се воведе правилото дека договорната камата престанува да тече кога ќе стигне до висината на главнината (главниот долг). Со дополнувањата се додаде нов член 389-а со кој се уредува дека каматата престанува да тече кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главниот долг. Одредбата со која се додава нов член 389-а се применува и за неплатената камата од 1 јануари по годината во која стапката на инфлацијата била во рамки на умерена инфлација, односно до 50% на годишно ниво. Одредбата со која се додава нов член 389-а не се применува од 1 јануари по годината во која стапката на инфлацијата е во рамки на голема инфлација, односно над 50% на годишно ниво. Одлуката за прогласување на година на ниска (до 3%), умерена (од над 3% до 50%) или висока инфлација (над 50%) ја донесува Советот на Народната Банка на Република Северна Македонија.
Со измените и дополнувањата на ЗОО во јули 2023 година во член 3 став 3 се нормира дека „стапката на инфлација претставува просечната годишна стапка на промена на индексот на трошоци на живот за соодветната календарска година, пресметана од страна на Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија и објавeна на нивната веб- страница.“
Видно од законското уредување, договорната камата претставува надомест односно цена која се плаќа за употреба на парични средства или други по род одредени предмети дадени на заем односно кредит или отстапени на друг начин на должникот. Овој надомест всушност е дел од вишокот на вредноста, создаден од употребата на парите како основна вредност, кој натаму во вид на камата му се плаќа, односно (враќа) на давателот. Ако се има предвид ова, многу лесно може да се сфати и правната природа на договорната камата. Имено, вишокот на вредност кој должникот му го враќа (плаќа) на давателот на паричните средства, правно уреден, за корис-никот (должникот), претставува обврска да се плати камата, а за давателот (доверителот), право да бара да му биде платена оваа камата. Од економски аспект, каматата е цената на паричните средства (капиталот) што должникот ја плаќа на давателот за користењето на овие средства, а од правен аспект, пак, оваа цена за должникот е неговата обврска што на доверителот му ја плаќа во вид на камата. На овој начин, поимно определена каматата како економска и правна категорија укажува на тоа дека она што на економски план се јавува како вишок на вредноста произлезен од употребата на парите како основна вредност, на правен план се јавува како цивилен плод (камата). Инаку, oвој вид на обврска (да се плати камата) на должникот, споредена со неговата главна обврска (да се врати заемот односно кредитот), претставува споредна (акцесорна) обврска. Споредна обврска во таа смисла што нејзиното плаќање е условено од претходното постоење на главната обврска (да се врати заемот односно кредитот). Ако последнава не настанала за должникот, тогаш нема ос-нова за настанување ниту за споредната обврска (да се плати камата). Ако ова го погледнеме од аспект на правото на доверителот да може да го бара плаќањето на каматата од должникот (како негова обврска), и притоа, ако се побара одговор на прашањето на што се засновува ова негово право, во правната доктрина за тоа ќе сретнеме (одговор) дека основата на ова негово право лежи во неговото право на сопственост врз средствата што ги пренел во сопственост на должникот, а со тоа и на користење од негова страна. Тој како сопственик на овие средства, покрај другите овластувања, кога нив ги дал на друг на користење, има и право од другиот да бара да му плати и камата.
Оспорената законска одредба од член 1 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021) односно член 389-а која регулира дека кога износот на стасаната, а неисплатена договорна камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече, била оспорена пред Уставниот суд со поднесена иницијатива за оценување на уставноста но само во делот „договорна” со аргументи на наводна повреда на принципот на владеење на правото, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законот и еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, наспроти казнената камата и нејзиното законско регулирање во моментот на оспорувањето и со Решението У. бр. 127/2021 од 2 март 2022 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел.
Со оваа иницијатива оспорена е согласноста на член 1 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021) односно член 389-а од Законот за облигационите односи, во целина со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 9 став 2, член 30 став 1 и став 3 и член 55 став 1 и став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
Притоа, Судот оцени дека е погрешно толкувањето на подносителот дека со ова законско решение се повредува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законот со тоа што на доверителите им се намалува и ограничува имотот во корист на должниците со кои ја договориле договорната камата.
Принципот на еднаквоста се нарушува, ако на ист вид субјекти во ист правен однос им се даваат различни по вид и обем права и обврски и обратно, ако на различен вид субјекти во ист правен однос им се даваат исти по вид и обем права и обврски. Во конкретниот случај односите кои настануваат меѓу субјектите врз основа на законските одредби кои ја уредуваат договорната камата претставуваат правен однос за иста правна ситуација. Во таквите околности во различни правни односи оправдано и целисходно е субјектите, да имаат ист по вид и обем права и обврски, како што впрочем и имаат субјектите кои влегуваат во правни облигациони односи согласно со оспорениот член 389-а, односно член 1 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи, па оттука Судот одлучи дека не може да биде предмет на оспорување во поглед на уставните одредби од член 9 став 2 на кои што се повикува подносителот на иницијативата.
Понатаму, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со член 55 став 1 и став 2 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Уредувањето во член 55 од Уставот, има за цел да ја обврзе Републиката, еднаквата правна положба на субјектите на пазарот да ја обезбеди преку утврдување на такви услови за одвивање на меѓусебните односи на субјектите на пазарот, како и нивните односи со државата, кои ќе бидат еднакви за сите субјекти на пазарот, а не тие субјекти да ги изедначи со оглед на посебните уредувања во рамки на односите во кои стапуваат. Тоа значи дека во сферата на должничко-доверителските односи уставното начело за еднаквоста на субјектите на пазарот ја обврзува Републиката при законското уредување на тие односи да пропише еднакви услови за одвивање на тој однос кои еднакво ќе се однесуваат на сите доверители во деловите што се однесуваат на доверителите односно еднакво ќе се однесуваат на сите должници во деловите што се однесуваат на должниците.
Во конкретниот случај договорната камата својот основ за настанување го има во договорот, односно зависи исклучиво од волјата на страните во договорниот однос во рамки на законски уредените еднакви услови за одвивање на облигационите односи. Во таа насока, Судот оцени дека со оспорената одредба не се поттикнува монополско однесување на законодавецот, ниту се доведуваат во дискриминирачки и нееднаков однос субјектите од облигациониот однос.
Исто така, имајќи предвид дека принципот на владеењето на правото го обврзува законодавецот да создава прецизни, недвосмислени и јасни норми, бидејќи само таквите правни норми можат да претставуваат солидна основа за постапување од страна на државните органи, цениме дека во конкретниот случај законското решение кое е содржано во оспорената одредба е јасно и прецизно, а пред сѐ е поповолно за граѓаните, од причина што се овозможува ефикасен начин на справување со стекнувањето на т.н. незаработени доходи, а со цел подобро функционирање, раководење, организирање и заштита на добрите деловни односи, а со тоа се гарантира правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеењето на правото и не претставува повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во предметната иницијатива, од страна на подносителот Ѓорѓи Андов, оспорениот член 1 од Законот за изменување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021) е проблематизиран и од аспект на член 8 став 1 алинеја 6 односно правната заштита на сопственоста како темелна вредност на уставниот поредок и член 30 став 1 и став 3 од Уставот со кој се гарантира правото на сопственост и наследување односно дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Исто така, Судот одлучи дека се неосновани наводите во иницијативата дека со оспорениот член 1 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи од 2021 година се повредува правото на сопственост, односно дека со истите се уриваат сите гаранции на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, содржани во член 30 од Уставот.
Имено, во иницијативата се тврди дека со оспорената законска одредба доаѓа до одземање или ограничување на сопственоста на доверителите од облигационо-правните односи, односно доверителот очекувал многу поголем приход и од договорната камата, но без негова вина тој приход многу се намалил со што многу се намалил и неговиот имот што доведува до загрозување и повреда на уставно загарантираното право на сопственост. Меѓутоа, според Судот, неосновани се ваквите тврдења од причина што од содржината на оспорениот член од Законот не може да се прифати дека со истиот се повредува со Устав загарантираното право на сопственост.
Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, утврдена во член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот, е правната заштита на сопственоста која влегува во економско-социјалните права и истата ја обезбедува социјалната и економската положба и сигурност на граѓаните. Оттука, со оваа одредба правото на сопственост добива третман на највисока правна заштита поради што Уставот на Република Северна Македонија го гарантира правото на сопственост, коешто е етаблирано во член 30 од Уставот, и тоа претставува уставна рамка на правото на сопственост и истовремено претставува категорија којашто создава права и обврски.
Правото на сопственост во принцип е неприкосновено и правата што произлегуваат од него никој никому не може да им ги одземе или ограничи. Од тој аспект легитимно право, а истовремено и обврска е на законодавецот со закон да го уреди остварувањето на правото на сопственост и начинот на неговото остварување, како едно од основните економски права кое се наоѓа во исто рамниште, како и заштитата на слободите и правата на граѓаните. Со оспореното законско решение законодавецот го предвидува горниот праг за наплата на стасаната, а неисплатена договорна камата да престане да тече кога ќе се достигне износот на главнината, со што институтот договорна камата опстојува и понатаму во правниот промет. Договорната камата е институт кој може да се предвиди при склучување на одредени облигациони договори, каде што договорните страни се согласни како една од клаузулите во договорот да биде вметнато и плаќањето на ваков вид камата поради постоење на одредени околности коишто се предвидени во самиот договор.
Од наведеното јасно произлегува дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со ограничувањето на висината на договорната камата до висината на главнината се повредува правото на сопственост на доверителите од причина што тие не се ни стекнале со правото на сопственост на идна и неизвесна ствар, односно со оспорениот член од Законот не го губат правото на договорна камата, туку само се ограничува висината на износот на истата, што е право на законодавецот да го уреди.
При уставно-судската анализа на оспорените законски одредби несомнено се постави и прашањето дали во компаративното право постојат вакви и слични решенија за уредување на односите помеѓу доверителите и должниците. Вакво решение се среќава и историски во нашето законодавство, но и споредбено во современите правни прописи и судската практика, како во регионот така и во Европа.
Правилото за забрана на ultra altera tantum беше содржано во членот 401 на Сојузниот закон за облигациони односи на СФРЈ од 1978 година (во понатамошниот текст: ЗОО/78), според кој „каматата престанува да тече кога износот на доспеаните камати ќе го достигне износот на главнината“. Одредбата од член 401 на овој закон се однесуваше на течењето на договорните камати, а не на текот на затезната камата.
Решението за забрана на течење на каматата беше имплементирано во Законот за облигационите односи на Црна Гора. Во регионот доста често се полемизира дали треба или не треба да се воведе забраната на начелото ultra altera tantum.
Интересен е односот на законодавецот во Република Словенија за примена на ова правило. Како и во поголемиот дел од бившите југословенски земји и во Република Словенија ЗОО/78 беше инкорпориран во словенечкото право без член 401 од ЗОО/78 за забрана на ultra alterum tantum (којшто беше избришан од овој закон во 1989 година, а ова правило не беше воведено ниту со подоцнежните промени и дополнувања на словенечкиот ЗОО). Овој ЗОО престана да важи на 1 јануари 2002 година со влегувањето во сила на новиот Облигационен законик. Со одредба од член 376 од новиот Облигационен законик во словенечкото право повторно е воведена забраната за ultra alterum tantum и со таа одредба беше пропишано „каматите престануваат да течат кога износот на достасаната и неплатената камата го достигнува главниот долг”. Во словенечкото право станува збор за апсолутна забрана, член 376 е ставен помеѓу општите одредби за камата (членовите 374 – 377), додека посебни одредби за затезна камата се поместени во членовите 378 – 381 и посебни одредби за договорна камата во членовите 382 -383 затоа, забраната за ultra alterum tantum од член 376 се однесува и на казнената и договорната камата. Облигациониот законик кој е донесен во 2001 година стапи на сила во јануари 2002 година. Меѓутоа, одредбата содржана во член 1060 определува дека одредбите на овој закон нема да се применуваат на облигационите односи кои настанале пред стапување на сила на овој закон, така доколку каматите почнале да течат пред стапување на сила на Законот тие продолжуваа да течат и по јануари 2002 година иако ја достигнале главницата затоа што новиот закон не се однесувал на нив. И покрај ваквото решение содржано во член 1060 на новиот Облигационен законик, дека тој ќе се применува на односите кои настанале по негово стапување во сила Уставниот суд во 2006 година расправал за еднаквоста на должниците и решил делумно да го стави вон сила член 1060 и тоа во однос на каматите и решил дека камата која течела пред стапување на сила на овој закон ќе престане да тече доколку после 1 јануари 2002 ја достигне висината на главнината (иако облигациониот однос настанал пред стапување на сила на новиот закон). Примената на нормата од член 1060 беше исклучена и за односи кои биле пресудени до 18 март 2006 година, кога одлучувал Уставниот суд ако за нив бил е покренати уставни тужби. Во 2007 година Уставниот суд на Словенија, расправал за уставноста на член 376 со кои е регулирано дека каматата престанува да тече кога ќе ја достигне висината на главнината. Уставноста на оваа норма е преиспитувана во однос на гарантирањето на правото на приватна сопственост. Тогаш Уставниот суд сметал дека нормата треба да се разгледува и пошироко во однос на тоа дека Република Словенија се декларира како правна и социјална држава и исто така Уставниот суд сметал дека каматите не се единствено правен институт туку и монетарен, економски, социјален инструмент во однос на кој законодавецот има широки дискрециони овластувања. Уставниот суд сметал дека може да му се меша на законодавецот единствено ако ги пречекори своите дискрециони овластувања. Уставниот суд сметал дека повеќе норми се во насока да обезбедат рамнотежа меѓу должникот и доверителот, како што е висината на каматната стапка, забрана на анатоцизмот, валутната клаузула, индексната клаузула, лизгавата скала, надоместот на штета. Имено, се сметало дека и да престане да тече каматата кога ќе ја достигне главнината, сепак доверителот може да бара надомест на штета кога штетата е поголема од тоа што го добил како казнена камата поради доцнењето. Навистина, казнената камата има и превентивна репресивна функција кон должникот, но и репараторна функција за доверителот која може покрај со каматата да се оствари и преку надомест на штета, член 380 став 2 од ОЗ на Република Словенија – според кој доверителот има право да ја бара разликата до потполниот надомест на штета ако поради доцнењето на должникот штетата е поголема од она што би го добил преку казнената камата. Со Измените и дополнувањата на ОЗ на Република Словенија во 2007, избришен е член 376 и додаден е член 382-а со кој забраната за течење на камата кога ќе ја надмине главницата е ограничена на договорната камата. Образложено е дека превентивната функција и репресивната функција на казнената камата се остварува единствено ако не се прекинува рокот на течење кога таа ќе ја достигне главницата, нагласено е дека и покрај правото на потполн надомест на штета доверителите не можат да предвидат колку ќе трае парничната постапка и извршувањето и да побараат со тужбата и штетата која ја трпат поради доцнењето на должникот. Измените стапија на сила 15 дена по донесувањето и тие немаа ретроактивно дејство и за ситуациите за кои каматата престанала да тече пред донесување на измените, извршителите требале да водат сметка по службена должност. За оние камати кои не ја достигнале висината на главнината пред стапување на сила на измените и дополнувањата тие по измените продолжуваа да течат и над главнината.
Исто така, за примена на забрана на правилото ultra alterum tantum расправал и Европскиот суд за човекови права. Во случајот Nemec Европскиот суд расправал дали примената на забраната на ultra alterum tantum е во согласност со Директивата 2000/35/ЕЗ по барање на Врховниот суд на Република Словенија како претходно прашање во тужбата поднесена од Драго Немец против Република Словенија за надомест на штета. Постапката пред словенечките судови почнала во 1996 година главниот долг бил вратен, меѓутоа тој побарувал надомест на штета за казнената камата која не му била исплатена, а престанала да тече на 1 јануари 2002 година, а долгот му бил вратен на 18 март 2010 година, по второстепената одлука со која се одбива плаќањето на каматите, која била донесена 2012 година. Во предметот Немец против Република Словенија C256/15, S.L. EU бр. С 302, 14.9.2015, известувањето имаа задача да го дадат: Република Словенија, Република Латвија и адвокатот Михај Бобек. Сите тврдења од известувањата оделе во насока дека со правилото за забрана на течење на камата кога ќе достигне главницата, сепак се остварува забраната за доцнење на исполнувањето од страна на должникот; не е оневозможена превентивната и репресивната функција на каматата; дека постојат и други мехнизми кои му овозможуваат на доверителот да си ја надомести потполно претрпената штета од доцнењето; дека ова правило му ја олеснува претерано тешката положба на должникот и стимулирачки делува кон доверителот да се грижи за своите побарувања, како и фактот дека слични правила има и во австриското и чешкото право; исто така и дека не е спротивно на решенијата содржани во Директивата 2000/35 ЕЗ за задоцнети плаќања. Европскиот суд потсети дека Директивата 2000/35/ЕЗ не ги усогласува сите аспекти на казнената камата кои треба да се уредат. Директивата уредува само одредени правни прашања од регулирањето на казнената камата: и тоа правото на доверителот на паричната обврска на казнена камата во случај на задоцнување со плаќање; датумот на доспевање на казнената камата; стапката на казнената камата и последиците од злоупотреба на слободата на договарањето на штета на доверителите на финансиските обврски. Директивата 2000/35/ЕЗ не содржи одредби што би се однесувале на течењето на казнената камата или за границите на највискота сума на казнената камата и затоа државите земји/членки се слободни да ги регулираат овие прашања во националното законодавство. Европскиот суд нагласи дека целите на Директивата 2000/35/ЕЗ се да ги одврати должниците од задоцнето плаќање, особено со обезбедување дека задоцнето плаќање не е финансиски привлечно за должниците на паричните обврски и ги штитат доверителите на финансиски обврски од задоцнето плаќање. Судот заклучил дека забраната ultra alterum tantum е навистина правило што може да делува врз ефектот на одвраќање бидејќи е поврзан со плаќањето на казнената камата. Меѓутоа, од една страна, судот заклучил дека таквото правило не ја доведува во прашање целта на заштитата на доверителот, што Директивата за борба против задоцнети плаќања во комерцијални трансакции 2000/35/ЕЗ настојува да ја постигне бидејќи не доведува до такво ограничување на висината на казнената камата која би ја нарушила самата суштина на правото на доверителот да бара камата за неисполнување на обврските, ниту пак го оневозможува постигнувањето на превентивната функција на казнената камата, а не влијае на стапката на казнената камата која треба да се усогласи со одредбите на Директивата 2000/35/ЕЗ. Од друга страна, националниот законодавец во рамки на своите дискрециони овластувања може да смета дека е неопходно да се воспостави рамнотежа помеѓу целта на заштитата на финансиските обврски на доверителот и потребата да се обезбеди финансиските обврски на должникот да не пораснат во неразумно висок долг за должникот и дека правилото за забрана ultra alterum tantum е едно од соодветните средства за постигнување на таа рамнотежа. Оттука, националниот законодавец може да смета дека можноста за доверителот да бара надомест на потполна штета доколку казнената камата не ја обезбеди оваа репараторната функција е корекција на оваа воведена забрана за ultra alterum tantum.
Во Општиот австриски граѓански законик – ABGB во параграф 1335 предвидено е дека каматата престанува да тече кога ќе ја достигне висината на основната главнина. Според коментарите на овој параграф 1335, целта на оваа одредба е да се избегне лихварството, доколку доверителот не презел ништо да го наплати главното побарување, тогаш казнената камата престанува да тече кога нејзиниот износ ќе го достигне главниот долг. Во главниот долг за да се зголеми неговата висина се пресметуваат и ненаплатени договорни камати, се капитализираат.
Правилото за забрана ultra alterum tantum е содржано и во чешкото право во одредбата од член 1805 од Граѓанскиот законик која гласи „Доверител кој неразумно поради некоја причина го одложи остварувањето на правото на наплата на долгот, така што каматата би била толку висока колку и главнината го губи правото да бара понатамошна камата. И право на казнена камата ќе има повторно од денот на покренување на судска постапка.“
Во член 1763 точка 1 на Граѓанскиот законик на Латвија содржано е следното решение „Не може да се зголемува износот на каматата кога доспеаната камата ќе ја достигне главнината“.
Оттука, Судот оцени дека оспорениот член 1 од Законот за дополнување на Законот за облигационите односи е во насока на заштита на правниот поредок на државата, односно остварување на темелните вредности за владеењето на правото и заштита на сопственоста утврдени во член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 30 став 1 и став 3 од Уставот и со истите се гарантира остварувањето на правото на сопственост и другите стварни права што е во насока на остварување на начелото на владеење на правото и правната заштита на сопственоста како темелни вредности на уставниот поредок во Република Северна Македонија.
Во врска пак со оспорените член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023), во претходната постапка Судот утврди дека по повод претходно поднесена иницијатива од Ѓорѓи Андов од Куманово, како и иницијативи од други подносители кои содржеле слични наводи како предметната иницијатива која повторно е поднесена од Ѓорѓи Андов, Судот донел Решение У.бр.114/2023, У.бр.115/2023, У.бр.117/2023, У.бр.118/20, У.бр.123/2023, У.бр.126/2023, У.бр.127/2023, У.бр.130/2023, У.бр.133/2023,У.бр.134/2023, У.бр.137/2023, У.бр.141/2023, У.бр.160/2023, У.бр.188/2023, У.бр.194/2023 од 10 јануари 2024 година, со кое не е поведена постапка за оценување на уставноста, меѓу другото, на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) и на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).
Со оглед на тоа што со оваа иницијатива се оспоруваат истите одредби кои веќе биле ценети од Судот и со наведеното Решение не била поведена постапка за оценување на уставноста, а нема основи за поинакво одлучување, настанати се претпоставки за отфрлање на иницијативата во однос на овие оспорени одредби.
Врз основа на изнесената аргументација во горенаведеното Решение, Судот и во постапката по предметот У.бр.129/2023 и У. бр. 132/2023 од 7 февруари 2024 година, исто така, со Решение ја отфлил иницијативата, согласно со член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, бидејќи оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) веќе бил предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод идентични наводи, а во конкретниот случај немало основи за поинакво одлучување.
Оттука, станува збор за работа за која Судот веќе одлучувал, а нема аргументи за поинакво одлучување и согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, Судот одлучи дека треба да се отфрли иницијативата во делот во кој се бара оценка на уставноста на оспорените член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) и на член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски