У.бр.196/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.196/2024
Скопје, 28 мај 2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 28 мај 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019, 31/2020,  267/2020, 67/2022, 79/2023 и 193/2023).

Образложение

I

Здравко Тумбовски од Радовиш, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите означени во диспозитивот на ова решение, како спротивни на член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8, член 20 ставови 1 и 2, член 30 ставови 1, 2 и 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и со Законот за здруженија и фондации.

Подносителот наведува дека сето тоа што е предвидено со оспорените членови не спаѓа во дејноста на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Со оспорените членови, на пензионерите кои се членови на Здружението на пензионери, обединети во Сојуз на пензионери, им се укинуваат правата да располагаат со нивните примања по основ на пензија. Со нивните сопствени пари сега располага некој друг, кој според поднoсителот неосновано сам се овластил за тоа. Вистински сопственици на паричните средства од солидарниот фонд – посмртна помош, се пензионерите кои се членови на Здружението на пензионери, на кои им се запираат паричните средства од пензијата и истите се трошат, без да се прашаат сопствениците дали се сложуваат со ваквиот начин на работење.

Имено, според подносителот, сè до носењето на оспорените одредби, со паричните средства собрани по основ на членарина и солидарен фонд – посмртна помош, располагале и ги распределувале членовите на Здружението на пензионери на Македонија. Со оспорениот член 115 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се одземале ингеренциите на Законот за здруженија и фондации, бидејќи не е точно наведено каква согласност треба да даде корисникот на пензија, кој ќе ја побара таа согласност и кој ќе дава отчет за собраните и потрошени парични средства од пензионерите. Законодавецот не определил кој ќе го основа Здружението на пензионери, кој ќе го пропишува образецот за зачленување, нити пак навел кој орган ќе ги собира согласностите од корисниците на пензија. Паричните средства за солидарен фонд – посмртна помош, не треба да се уплаќаат на посебна потсметка во рамки на Трезорската сметка како што е предвидено во член 115 став 2, бидејќи тоа не се пари од даноци, акцизи, придонеси или други давачки, туку се тоа лични пари на пензионерите. По однос на член 116, наведува дека со овој член им се одзема правото на пензионерите да располагаат со собраните средства, бидејќи законодавецот вештачки формирал „Регистрирана организација на Сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија“, која не е регистририрана во Централниот регистар на Република Северна Македонија и нема своја жиро-сметка преку која законски ќе функционира. Со оспорениот член 117, законодавецот им ги одзел правата на пензионерите и ги пренел на „Регистрирана организација на Сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија“. Според подносителот на иницијативата, членовите на Здружението на пензионери на Македонија, можеле сами да ја вршат исплатата на посмртната помош од средствата за солидарен фонд, а не тоа да го прави стручната служба на Фондот преку подрачните единици, како што предвидел законодавецот. Фондот никогаш не дал отчет за тоа колку парични средства се собрани, колку се потрошени и колку останале непотрошени.

Подносителот на иницијативата се повикува на решенијата У.бр.15/2013 од 25 септември 2013 година и У.бр.157/2017 од 17 октомври 2018 година на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со кои Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117 од Законот  за пензиското и инвалидското осигурување.

Подносителот во иницијативата наведува дека вистински сопственици на парите собрани по основ на солидарен фонд – посмртна помош се пензионерите кои се членови на Сојузот на здруженија на пензионери, а со ваквото законско решение не можат сами да располагаат со тие средства. Согласно со наведеното, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117, и истите да ги укине, со што би се овозможило вистинските сопственици на парите собрани по основ на солидарен фонд – посмртна помош да располагаат со нив и да ги трошат за своите членови.

II

На седницата Судот утврди дека со оспорениот член 115 е пропишан начинот на запирање и уплата на средства од пензијата на корисниците на пензија, за обезбедување средства потребни за исплата на посмртна помош и членарина. Со оспорениот член 116 се уредени начинот на издвојување на посмртната помош и членарината од пензијата на корисниците на пензија, како и тоа дека  висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината и начинот на исплатата на посмртната помош се уредуваат со акт на регистрираната организација на сојузите на здруженијата на пензионери.  Со оспорениот член 117 е пропишано дека стручната служба на Фондот преку подрачните единици ја врши исплатата на посмртната помош, начинот на поднесување на барањето заради исплата, како и тоа дека барањето се поднесува на образец кој го пропишува министерот за социјална политика, демографија и млади.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото, како и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 38 алинеја 2 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај се бара оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019, 31,20 267/2020, 67/2022, 79/2023 и 193/2023).

Имајќи ја предвид уставно-судската пракса, оспорените членови во неколку наврати биле предмет на оценка пред Уставниот суд, односно Судот претходно во два предмети одлучувал за уставноста на оспорените членови. Уставниот суд со Решението У.бр.15/2013 од 25.09.2013 година, не повел постапка за оценување на нивната уставност. Според ставот на Судот, оспорениот член од Законот, не бил во спротивност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8, член 30 и член 51 од Уставот. Во наведеното решение, предмет на уставно-судска оценка биле наводите за несогласноста на оспорените одредби од членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со член 20 од Уставот, и при мериторното одлучување по наведениот предмет, Судот имајќи ги предвид наводите во иницијативата, оценил дека оспорените одредби не се во спротивност со член 20 од Уставот, поради што и не повел постапка.

Со Решението У.бр.157/2017 од 17.10.2018 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 116 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, и утврдил дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 116 од Законот со член 8 алинеја 6 и со член 30 став 3 од Уставот, додека со Решението У.бр.5/2022 од 11 мај 2022 година, Судот ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

По однос на наводите од иницијативата дека оспорените одредби се во спротивност со член 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и со Законот за здруженија и фондации, истите не може да бидат предмет на уставно-судска оцена, од причина што Уставниот суд на Република Северна Македонија не е надлежен да одлучува за меѓусебната усогласеност на законски одредби со одредби од друг или ист закон, туку е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со оглед на тоа дека содржината на оспорените членови од Законот, во неколку наврати била предмет на оценување на Уставниот суд од различни аспекти, а во конкретниот случај нема основ за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски