Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.126/2024
Скопје, 20 мај 2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 213 ставови 16, 17 и 18 од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2008, 6/2009, 161/2009, 83/2010, 51/2011, 44/2012, 23/2013, 163/2013, 180/2014, 146/2015 и 52/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр.151/2021 и 3/2025).
Образложение
I
Друштвото за производство, промет и услуги ГОРСКА ДООЕЛ Скопје, Пелистерка АД Скопје, МЛ-ГАРИ ДООЕЛ Скопје и Друштвото за производство, трговија и услуги КОЖУВЧАНКА ДОО Кавадарци, преку полномошникот Симона Костадинова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби означени во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека подносителите со Владата на Република Северна Македонија имаат склучено Договор за концесија за експлоатација на минерална суровина, вода за пиење, врз основа на кој вршат експлоатација на подземната вода, наменета за полнење и пакување (флаширање), која согласно Законот за минерални суровини е регулирана со дозвола за експлоатација. На издавањето на наведената дозвола за експлоатација претходи обезбедување дозвола за користење на води, според Законот за водите, издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање како надлежен орган. Така, по издадената дозвола за користење на води, за подносителите произлегуваат дополнителни концесиски надоместоци, поради што се обврзани по еден ист основ, двократно да плаќаат надоместоци за флаширање на вода наменета за полнење и пакување.
Во иницијативата се образложува дека висината на концесискиот надоместок чие плаќање е утврдено како обврска со член 75 ставови 2 и 3 од Законот за минерални суровини е определена во Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини, според кој се плаќа концесиски надоместок за користење на просторот за концесија за експлоатација минерални суровини – минерални води како еднократна годишна паушална давачка во износ од 156.000,00 денари/км2 (член 3 точка 7 алинеја 1), како и определен износ за надоместок за експлоатација на минерални суровини, односно минерални и подземни води за пиење кој концесионерот го плаќа како квартална давачка (член 4 став 1).
Понатаму, подносителите образложуваат дека надоместокот кој е регулиран со оспорените одредби кои се предмет на иницијативата, кој го плаќаат за вода за пакување по издадената дозвола за користење на води врз основа на Законот за води е дополнително финансиско оптоварување, бидејќи за експлоатација, односно искористување на ресурсот од исто водно тело за иста суровина, подносителите, а воедно и сите концесионери кои вршат полнење и флаширање на вода се обврзани да плаќаат два вида надоместоци по еден ист правен основ, во услови кога како концедент се јавува еден ист субјект, Владата на Република Северна Македонија.
Во контекст на изнесеното, во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби е воведена дополнителна давачка за флаширање на вода, која е противуставна и противзаконска, поради нејзиното двојно дејство, бидејќи создава обврска за веќе исплатен и определен надоместок по основ на експлоатација на минерална суровина предвиден во Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини. За подносителите е нејасно која е оправданоста со Законот за води да се плаќа надоместок со ист основ – флаширање на вода, кога за ова правно прашање било предвидено надоместокот да се плаќа од концесионерите согласно наведениот Тарифник. Така, подносителите сметаат дека целта на законодавецот да се наплати надоместокот за флаширање на вода за комерцијални потреби била постигната со исплата на надоместокот определен во Тарифникот кој ја уредува материјата во однос на експлоатација на минерални суровини и флаширање вода, а воедно е прв донесен и од поголемо значење, бидејќи детално ја регулира исплатата на надоместокот.
Имајќи го предвид наведеното, произлегува несогласност на оспорените одредби од Законот со владеењето на правото и со обврската предвидена со член 33 од Уставот.
Според подносителите, наведената јавна давачка создава правна несигурност кај обврзниците затоа што ги обврзува повторно да плаќаат надоместок што веќе го платиле со што се нарушува концептот на правна сигурност и легитимните очекувања на сите концесионери врз основа на склучениот Договор за концесија за експлоатација на минерална суровина кој во конкретниот случај, подносителите на иницијативата во својство на концесионери, го склучиле со Владата, во својство на концедент.
Подносителите сметаат дека со оспорените одредби се одзема сопственоста, односно имотот на компаниите кои се обврзани да ја плаќаат давачката што не може да се оправда како одземање во јавен интерес, во смисла на член 30 од Уставот, бидејќи се работи за одредба со двојно дејство по истиот основ, за истата работа, а јавниот интерес што треба да се заштити е веќе заштитен, односно реализиран со плаќање на определениот надоместок, врз основа на друг пропис за истата работа во друга постапка.
Воедно, со наметнување на давачката со оспорените законски одредби се ограничува конкуренцијата на пазарот на македонските производители во споредба со компаниите коишто увезуваат и продаваат странски увозни води во нашата држава, а кои не се обврзани да го плаќаат надоместокот по основ на Законот за водите, со што увозните води се ставени во поповолна позиција пред водите произведени во нашата држава, на кој начин се повредуваат гаранциите за слобода на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на субјектите на пазарот.
Врз основа на изнесеното, според подносителите, оспорените одредби не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, како и со членовите 30, 33 и 55 од Уставот на Република Северна Македонија, поради што му предлагааат на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и да ги поништи оспорените одредби.
II
На седницата Судот утврди дека во член 213, ставовите 16, 17 и 18 од Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2008, 6/2009, 161/2009, 83/2010, 51/2011, 44/2012, 23/2013, 163/2013, 180/2014, 146/2015 и 52/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр.151/2021 и 3/2025) е предвидено:
Член 213
Определување на висината на надоместокот за користење на вода
(16) Висината на надоместокот што се плаќа при флаширање на вода за комерцијални потреби изнесува 0,5% од утврдената продажна цена на производот.
(17) Обврзник за плаќање и пресметување на надоместокот од ставот (16) на овој член е правното лице кое полни и флашира вода за комерцијални потреби.
(18) Обврзникот од ставот (17) на овој член е должен да го уплати надоместокот од ставот (16) на овој член најдоцна 30 дена од денот на фактурирањето на водата при пуштањето во промет и го прикажува одвоено во фактурата, а го уплатува на посебна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка еднаш месечно.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, меѓу другото, се владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Согласно со член 30 ставови 1, 2 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во член 33 од Уставот е определено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Во член 55 од Уставот е определено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Согласно со член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според ставот 3 од овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Основен законски пропис со кој е уредено управувањето со водите е Законот за водите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2008, 6/2009, 161/2009, 83/2010, 51/2011, 44/2012, 23/2013, 163/2013, 180/2014, 146/2015 и 52/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр.151/2021 и 3/2025) и подзаконските акти донесени врз основа на oвој закон. Законот за водите е рамковен закон кој ги регулира основните принципи и начела за управување со водните ресурси. Со Законот се воспоставува една општа правна рамка за регулирање на областа на управување со водите на интегриран и сеопфатен начин. Притоа управувањето со водите ги опфаќа сите мерки и активности за рационално и ефикасно користење на водите, одржливиот развој на водните ресурси, заштита на водите и заштита од штетно дејство на водите, водостопанските објекти и постројки, организациона поставеност и финансирање на управувањето со водите, како и начинот на кој се користат или испуштаат водите.
Со Законот за водите се уредуваат прашањата коишто се однесуваат на површинските води, вклучувајќи ги и постојаните водотеци или водотеците во коишто повремено тече вода, езерата, акумулациите и изворите, подземните води, крајбрежното земјиште и водните живеалишта и нивното управување вклучувајќи ги и распределбата на водите, заштитата и зачувувањето на водите, како и заштитата од штетното дејство на водите; водостопанските објекти и услуги; организационата поставеност и финансирањето на управувањето со водите, како и условите, начинот и постапките под кои можат да се користат или испуштаат водите (член 1 став 1).
Според член 3 став 1 од Законoт, управувањето со водите е дејност од јавен интерес којашто се врши во согласност со одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Во согласност со целите за долгорочна заштита и одржливо користење, управувањето со водите, крајбрежното земјиште и водните живеалишта се заснова на начелата за одржливо управување со водите од член 5 од Законот, меѓу кои се следните:
1. Еколошко-социјален и економски концепт – водите се дел од природните процеси и треба да се заштитуваат како живеалишта на флората и на фауната. Со управувањето со водите се обезбедува остварувањето на јавниот интерес, утврден со овој и со друг закон на начин со кој ќе се обезбеди одржливо управување со водите;
6. Начело „загадувачот плаќа” – загадувачот на водите и крајбрежното земјиште ги надоместува трошоците за враќање во поранешна состојба на водите и крајбрежното земјиште;
7. Начело „надомест на трошоци” – корисникот на водата ги надоместува сите трошоци кои настанале со давањето на водостопанската услуга во кои се вклучуваат и трошоците на водниот ресурс што го користи и трошоците за животната средина, во согласност со начелото „загадувачот плаќа”.
Овие начела произлегуваат од фактот дека водата претставува еден од клучните елементи за постигнување одржлив развој на животната средина. Состојбата и квалитетот на водите е од суштинско значење за социоекономскиот развој, заштитата на животната средина, како и за опстанокот и добросостојбата на човештвото. Како незаменлив ограничен ресурс, обновлив е само доколку со истиот соодветно се управува. Одржливо управување со водните ресурси претставува голем предизвик и доколку со истите се управува ефикасно и урамнотежено, водата може да има клучна улога во обезбедување на социјална добросостојба, економски просперитет, како и здрави екосистеми. Управувањето со „водниот биланс“ е основата на политиката за ефективно управување со водите.
Сè поголемата неурамнотеженост меѓу понудата и побарувачката на вода во многу делови од Европа, како и во Република Северна Македонија, достапноста на водата и недостигот од вода постепено прераснаа во главни точки при креирањето на политиките за вода на национално ниво и на ниво на Европската Унија. Промените во достапноста на водата може негативно да влијаат врз екосистемите и врз неколку социо-економски сектори, вклучително црпење вода за пиење, земјоделство, индустрија, производство на електрична енергија и пловидба. Една од основните обврски од политиката на Европската Унија за води е да се врши јасно идентификување и мерење на ризиците од недостиг на вода.
Во согласност со член 6 од Законот за водите, водите, како добра од општ интерес, се во сопственост на Република Северна Македонија и уживаат посебна заштита на начин и под услови определен со овој закон. Водите не се предмет на правото на сопственост на физички и правни лица, без оглед на правниот режим на земјиштето на коешто се наоѓаат. Акумулирањето, зафаќањето, црпењето, користењето, пренасочувањето, одведувањето и испуштањето, како и другите дејства врз водите се вршат под услови, на начин и во постапка утврдени со овој закон.
Водата како добро од општ интерес за Републиката, ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со закон и истата е комунална дејност од јавен интерес.
Заради остварување на јавниот интерес при користењето на водите, како и заради остварувањето на правата и обврските на правните и на физичките лица да користат или испуштаат води, правото на користење на водите од водните тела и правото на испуштање во водните тела, се доделува водно право на правните и на физичките лица кое се остварува под услови, на начин и во постапка утврдени со Законот за води (член 23 став 1).
Водното право се стекнува и за користење на водите заради вршење на дејност по пат на концесија или вршење на потфати за јавно приватно партнерство, а концесијата, односно јавното приватно партнерство не може да се додели без претходно стекнато водно право под услови и на начин утврдени со овој закон (член 23 ставови 4 и 5). Според член 24 од Законот, носител на водно право може да биде секое домашно или странско правно или физичко лице, вклучувајќи ги и органите на државната власт и општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, под услови и на начин утврдени со овој закон.
Во член 25 е определена содржината на водното право според која носителот на водното право има право непречено и целосно да ја користи и да располага со водата врз којашто стекнал водно право, доколку тоа не е спротивно на овој закон. Според став 2, водното право создава права и обврски и треба да служи за доброто на неговиот носител и на заедницата. Во став 3 е предвидено дека секој е должен да се воздржува од повреди на водното право на друго лице. Носителот на водното право, кој може да биде секое домашно или странско правно или физичко лице, има право на користење на водата со која располага, што значи дека во оваа ситуација не станува збор за право на користење на вода чија достапност државата е обврзана да ја обезбеди, туку станува збор за користење вода чие користење е обврзано со дозвола од надлежен орган. Така што и при ваква ситуација не станува збор за правото на вода како човеково право каде што граѓаните имаат право да се повикуваат на државната обврска за почитување, заштита и исполнување.
Во член 26 од овој закон, каде е регулиран начинот на стекнување на водното право, е предвидено дека правното или физичкото лице се стекнува со водно право врз основа на дозвола за користење на водата или дозвола за испуштање во вода, што значи дека реализирањето на ова право, е условено со добивање на дозвола што не е случај со реализирањето на правото на вода како човеково право. Врз основа на дефинираното водно право може да се констатира дека ваквото право не се гарантира, туку се доделува, а дефиницијата се однесува на водата заради вршење на дејност по пат на концесија или вршење на потфати за јавно приватно партнерство.
Според член 28 од Законот, дозволата од член 26 од Законот за водите е потребна заради извршување на активности, коишто влијаат или можат да влијаат врз режимот на водите и/или врз морфологијата на водното тело, особено во случаите на зафаќање, црпење, пренасочување, акумулирање и користење на водата од површинското водно тело, меѓу другото и заради полнење на водата во шишиња за комерцијални потреби.
Од наведената законска регулатива може да се констатира дека водното право не спаѓа во категоријата на човекови права од причина што истото не се однесува на неограничен број на граѓани, туку само на тие кои имаат дозвола за користење на водата.
Законот во член 49, ја предвидува и можноста за ограничување на водното право и тоа во случаите кога со остварувањето на ова право се загрозува здравјето на луѓето, се загрозува природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода, се ограничува општото користење на водите и се влијае штетно врз заштитените подрачја определени со прописите за заштита на природата. Во став 3 од овој член се наведува дека во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член, носителот на дозволата има право на надоместок на штета, согласно со општите прописи за надоместок на штета. Тоа значи дека законодавецот со ваква определба да овозможи надомест на штета при ограничување на ова право, во ваква ситуација водата ја третирал како економско добро за реализирање на одредени финансиски придобивки од страна на субјектите на правото кои имаа дозвола за користење на водата.
Предмет на уредување во Законот за водите е концесија за користење на водите. Според член 53 од Законот за водите, стопанските дејности кои се остваруваат со користење на водата од површинските и подземните водни тела може да се вршат преку доделување на концесија и јавно приватно партнерство на определено време на домашно и странско правно и физичко лице, меѓу другото и за флаширање на вода за комерцијални потреби. Концесијата ја дава Владата согласно член 54 од цитираниот закон, а во врска со постапката за доделување на концесијата, како и другите прашања во врска со концесијата соодветно се применуваат одредбите од Законот за концесии и јавно приватно партнерство.
Со член 56 став (3) од Законот за водите е уреден односот меѓу концесијата и дозволата за користење на вода на начин што дозволата за користење на вода прибавена во согласност со одредбите од овој закон нема да произведува правно дејство доколку не се склучи концесискиот договор. Според член 57 став (1) точка 2 од Законот, времетраењето на концесијата се утврдува со концесискиот договор при што најдолгиот период за флаширање на вода за комерцијални потреби, без оглед дали се работи за зафаќање на вода од површинско или подземно водно тело е со времетраење до 20 години.
Член 58 од Законот за водите се однесува на концесиски надоместок за користење на водите. Според член 58 став (1) од Законот, покрај надоместокот кој се плаќа за користење на водата врз основа на дозволата за користење на водата и други надоместоци утврдени со закон, концесионерот плаќа концесиски надоместок во зависност од видот на трговската дејност. Висината на надоместокот за секоја дејност се утврдува во концесискиот договор. Надоместокот за концесија за користење на водата, според член 58 став (2) од Законот се состои од два дела, и тоа, еднократен надоместок кој се плаќа со доделување на концесијата и годишен надоместок кој се плаќа секоја година за времетраењето на концесискиот договор.
Преку надоместоците за користење на вода што се наплаќаат врз основа на водното право се обезбедуваат финансиски средства за управувањето и развој на водите. Во согласност со член 206 од Законот, финансиски средства се обезбедуваат, меѓу другото, од надоместокот за користење вода.
Водата како ресурс е неопходен и се користи за еколошки, економски и здравствени цели, како што се водоснабдување, наводнување како и во многу индустриски процеси. Согласно со начелото „корисникот плаќа”, висината на цената што ја плаќат корисниците за водата треба да ги поттикне водата да ја користат ефикасно на начин кој ќе придонесе кон реализацијата на целите на животната средина со тоа што корисниците на водата треба да платат соодветен надоместок.
Барањата за исполнување на стандардите за животна средина се големи и истите бараат вложување големи финансиски средства. Во областа на водите, за исполнување на барањата кои произлегуваат од Директивата за урбани отпадни води и Директивата за вода за пиење, се потребни големи инвестиции (пречистителни станици, канализациони мрежи и др).
Средствата за управувањето и развој на водите се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија, буџетите на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и надоместок за користење вода, како и од меѓународни и европски фондови. Средства за изградба и одржување на водоснабдителен и канализационен систем се обезбедуваат од цената на услугата за водоснабдување и одведување како и надоместокот за приклучување на водоснабдителниот и канализациониот систем.
Во член 213 од Законот за водите се утврдени следните надоместоци: надоместокот за користење на вода наменета за консумирање од страна на човекот; надоместокот за користење на вода за наводнување, надоместок за користење на вода за одводнување на земјиште; надоместок за користење на вода при прозводство на електрична енергија; надоместокот за користење на вода за топлинска енергија од геотермални води; надоместок за користење на вода за одгледување на риби, во рибници и во кафези и водни птици; надоместок за користење на водата за миење и сепарирање на песок, чакал и камен; надоместок за користење на вода за производство и преработка на храна и пијалаци, индустриски и технолошки потреби и надоместок за испуштање на води и надоместок за вадење песок, чакал и камен. Средствата наплатени од надоместоците се користат врз основа на Програма за управување со водите, која на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање ја донесува Владата, а Министерството секоја година доставува до Владата извештај за реализација на средствата од надоместоците утврдени во Програмата за управување со води. Со Програмата за управување со води се финансира и/или кофинансира: реализацијата на повеќегодишните проекти, програми, активности и/или мерки кои се содржани во програмските и планските документи донесени согласно со Законот за водите; изработката на програмските и планските документи утврдени со закон; реализацијата на проекти, програми, активности и/или мерки наменети за општините, преку буџетите на органите на државната управа.
Во согласност со член 207 од Законот за води, обврзници за плаќање на надоместокот за користење вода се правните и физичките лица кои врз основа на дозвола за користење води издадена во согласност со овој закон: зафаќаат, црпат, пренасочуваат, акумулираат, складираат или на друг начин користат вода од природни и вештачки површински водни тела заради флаширање на вода за комерцијални потреби (точка 1, алинеја 5) или зафаќаат, црпат, пренасочуваат, акумулираат, складираат или на друг начин користат вода од подземно водно тело заради флаширање на вода за комерцијални потреби (точка 2 алинеја 4).
Член 212 од Законот за води ја уредува намената на средствата од надоместоците на членот 207 од овој закон. Така, средствата се користат за управување и развој на водните ресурси и надоместување на трошоците за работење на органите на државната управа и органите и организациите кои согласно со овој или друг закон имаат соодветни надлежности во управувањето со води, односно вршење на одделни активности во врска со водите. Средствата од надоместокот за користење на води за флаширање за комерцијални потреби, во согласност со член 212 став (3) од истиот закон, се користат за контрола на состојбите и собирање и обработка на податоците за резервите на вода и нивното рационално користење, а дел од нив се распределуваат според Програмата за управување со води од член 218 на овој закон.
Висината на надоместокот, обврзникот, рокот и обврската за плаќање на месечниот надоместок при флаширање на вода за комерцијални потреби е определена во одредбите кои се предмет на оспорување со иницијативата, осносно одредбите од член 213 ставови 16, 17 и 18. Така, предвидениот надоместок изнесува 0,5% од утврдената продажна цена на производот, а правното лице кое полни и флашира вода за комерцијални потреби како обврзник е должно да го уплати најдоцна 30 дена од денот на фактурирањето на водата при пуштањето во промет и го прикажува одвоено во фактурата, а го уплатува на посебна уплатна сметка во рамки на трезорската сметка еднаш месечно.
Од анализата на уставните одредби произлегува дека заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, сите природни богатства на Републиката се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Водите, како добра од општ интерес се во сопственост на Република Северна Македонија и уживаат посебна заштита на начин и под услови определени со Законот за водите кој воспоставува општа правна рамка за регулирање на областа управување со водите, според кој користењето, како и другите дејства врз водите се вршат под услови, на начин и во постапка утврдени со овој закон. Водите не се предмет на правото на сопственост на физички и правни лица, без оглед на правниот режим на земјиштето на коешто се наоѓаат.
Од содржината на член 33 од Уставот произлегува општата обврска на секој да ги плаќа јавните давачки на начин утврден со Закон. Во тој поглед во соодветните закони, при утврдувањето на видовите јавни давачки задолжително се утврдаат субјектите кои се должни да ги плаќаат тие давачки, нивната основица, висина и слично.
Од одредбите на Законот за водите произлегува правниот основ за предвидениот надоместок со оспорените одредби кој обврзникот, а тоа во конкретниот случај е правното лице кое полни и флашира вода за комерцијални потреби, е должен да го уплати еднаш месечно како јавна давачка, во предвиден износ од утврдената продажна цена најдоцна 30 дена од денот на фактурирањето на водата при пуштањето во промет и го прикажува одвоено во фактурата.
Врз основа на направената анализа, Судот утврди дека неосновани се наводите во иницијативата дека надоместокот за флаширање на вода кој е регулиран со оспорените одредби ги обврзува концесионерите кои вршат полнење и флаширање на вода да плаќаат два вида надоместоци по еден ист правен основ, а тоа е флаширање на вода за комерцијални цели, укажувајќи на надоместоците кои подносителите ги платиле по основ на експлоатација на минерална суровина предвидени во Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини. Наведениот Тарифник е донесен врз основа на Законот за минерални суровини и предвидува концесиски надоместок за експлоатација на минерални суровини за користење на просторот, како еднократна годишна паушална давачка, како и надоместок во определен износ кој концесионерот годишно го плаќа за експлоатација на минералните суровини, односно минерални и подземни води за пиење. Надоместоците за експлоатација на минерални суровини за користење на просторот, наспроти месечниот надоместок при флаширање на вода за комерцијални потреби во процентуален износ од утврдената продажна цена на производот, кој е предвиден во оспорените одредби претставуваат различни давачки, чиј правен основ произлегува од посебни закони, за сосема поинаква работа.
Оттука, јасно произлегува дека со воведувањето на обврската за плаќање на надоместокот при флаширање на вода за комерцијални потреби, што претставува плаќање за користење на водно право, не се воведува двојно оптоварување по ист правен основ, од кој аспект подносителите ги оспоруваат одредбите од Законот.
Во правниот систем на Република Северна Македонија, управувањето со водите како природен ресурс е уредено преку два основни правни механизми: концесијата и дозволата за користење вода. Иако двата механизми служат за регулирање на правото на користење на водите, тие имаат суштински разлики во однос на правната природа, целта и обемот на правата што ги доделуваат.
Концесијата за користење вода претставува договорен однос помеѓу државата и концесионерот, со кој државата му отстапува на користење определен воден ресурс за конкретна намена и за определен временски период, врз основа на јавен оглас и со почитување на принципите на транспарентност и конкуренција.
Клучни карактеристики на концесијата се долгорочно право на користење на водите (10, 20 или повеќе години); вообичаено се доделува за големи инвестиции, како што се хидроцентрали, индустриски капацитети, водоснабдителни и наводнителни системи; концесионерот плаќа надоместок за користењето на водниот ресурс и државата го задржува правото да ја контролира и регулира концесијата во согласност со законите и одредбите од договорот.
Дозволата за користење на вода е управен акт што го издава Министерството за животна средина и просторно планирање како надлежен орган на физички или правни лица кои имаат потреба од користење вода за одредена намена.
Клучни карактеристики на дозволата се дека се однесува на конкретно, ограничено право за користење на вода, за помали објекти или индивидуални корисници; се издава за пократок временски период во споредба со концесијата; не подразбира стекнување на сопственост врз водниот ресурс, туку само ограничено право на користење и вообичаено е неопходна за активности како што се земјоделско наводнување, индустриско користење во помал обем, снабдување со вода за комерцијални или домаќински потреби.
Иако и концесијата и дозволата за користење вода имаат за цел рационално и праведно управување со водните ресурси, нивната примена зависи од обемот и намената на користењето. Концесијата претставува долгорочен и економски значаен механизам кој обично е поврзан со големи инвестиции, додека дозволата за користење вода е полесен, административен механизам што овозможува пристап до водни ресурси за помали корисници и пократки временски периоди.
Во контекст на изнесеното, од содржината на Законот за водите произлегува дека концесијата се доделува за дејноста користење води, врз основа на претходно издадена дозвола за користење вода (водно право), која дозвола нема да произведува правно дејство доколку не се склучи концесискиот договор, како што е пропишано со член 56 став 3. Од содржината на член 58 став 1 од Законот, јасно произлегува дека покрај надоместокот кој се плаќа за користење на водата врз основа на дозволата за користење на водата и други надоместоци утврдени со закон, концесионерот плаќа концесиски надоместок, чија висина се утврдува во концесискиот договор, во зависност од дејноста. Воедно, од член 58 став 2 произлегува дека Законот за водите го уредува надоместокот за концесија за користење на водата, кој се состои од еднократен надоместок кој се плаќа со доделување на концесијата и годишен надоместок кој се плаќа секоја година за времетраењето на концесискиот договор.
Од направената анализа произлегува дека оспорените одредби од Законот за водите како правен основ за определување на обврската за плаќање на месечниот надоместок при флаширање вода за комерцијални потреби се јасни и недвосмислени од аспект на уставни одредби кои се посочени со иницијативата. Во Законот се утврдени обврзниците за плаќање, висината на надоместокот, намените за кои ќе се користат средствата од надоместокот што ќе се плаќа од каде произлегува дека тој по својот вид и карактер претставува јавна давачка чиешто плаќање, како обврска не е спорно дека може да се утврди со закон.
Од член 6 од Законот, според кој водите, како добра од општ интерес се во сопственост на Република Северна Македонија произлегува обврска за државата да води посебна грижа за добрата од општ интерес, па оттука и да има право со закон да предвиди обврска за правните субјекти, односно нормативно да го уреди прашањето на обезбедување на средства за оваа намена и да ја утврди висината на тие средства.
Разгледувајќи ги оспорените одредби од Законот за водите во однос на наведената смисла и содржина на член 33 од Уставот, а имајќи предвид дека водите се добро од општ интерес за Републиката, законодавецот, согласно со член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, имал уставно право да утврди надоместоци за користење на водите, давајќи им карактер на јавна давачка.
Од образложението за донесување на Законот за водите, произлегува дека при определувањето на субјектите кои се обврзници за плаќање на овие надоместоци, законодавецот се раководел од начелото „корисникот плаќа“ и „загадувачот плаќа“ промовирани со Рамковната директива за води. Почитувањето на предвидените начела во Законот за водите „корисникот плаќа“ и „загадувачот плаќа“ при утврдувањето на надоместоците и обврзниците за нивното плаќање, според Судот, не ги доведува во прашање уставните одредби на кои се посочува во иницијативата.
Што се однесува до наводите во иницијативата за оправданоста на предвидениот надоместок, имајќи ја предвид надлежноста определена во член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да се произнесува по истите.
Судот ги имаше предвид наводите во иницијативата дека со предвидениот надоместок се ограничува конкуренцијата на пазарот на македонските производители во споредба со компаниите коишто увезуваат и продаваат странски увозни води во нашата држава, меѓутоа Законот за водите на нив не се применува. Предмет на Законот за водите е управување со водите кои, како добра од општ интерес, според Законот, се во сопственост на Република Северна Македонија, а кои уживаат посебна заштита на начин и под услови определен со овој закон. Со уредувањето во оспорените законски одредби се определува висината на надоместокот за користење вода за обврзниците кои, во согласност со овој закон користат вода од природни и вештачки површински водни тела за флаширање на вода за комерцијални потреби.
Оттука, Судот утврди дека наводите на подносителите дека со оспорената одредба се повредува начелото на слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквата положба на субјектите на пазарот утврдени во член 55 од Уставот се неосновани, и во корелација со наведената уставна одредба, не може да се проблематизираат од аспект на оспорувањето во иницијативaтa.
Од направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека оспорените одредби од Законот за водите не можат да бидат доведени под сомнеж за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3, како и со членовите 30, 33 и 55 од Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски