Уставниот суд укина одредби од Методологијата за Пописот спроведен во 2021 година

Во предметот У.бр.251/2025 кој опфаќа одредби од спроведената Методологија за пописот од 2021 година информираме дека Уставниот суд со мнозинство гласови ги укина: 

Дел II „Општ дел“ точка 5 потточка 1 во делот „„Вкупно резидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ и потточка 2 во делот „„Вкупно нерезидентно население“ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година. 

Судот оцени дека означените делови од Методологијата, не се во согласност со темалната вредност на нашиот уставен поредок- владеењето на правото, кое е уредено со член 8 став 1 алинеја 3 и уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, уредена со член 51 од Уставот, потоа членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година. 

Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт (Методологијата) извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население, за што нема законско овластување, бидејќи Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година не предвидува категоризацијата на населението да се разработи со подзаконски акт. 

Поради фактот што станува збор за укинувачка, а не поништувачка одлука, Судот напоменува дека Одлуката ќе се применува од моментот кога ќе биде објавена во Службен весник (за подзаконските акти кои ќе се носат во иднина), но нема да важи ретроактивно-за веќе спроведениот попис од 2021 година. 

Подносител на иницијативата: Скендер Реџепи