У.бр.257/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.257/2024
Скопје, 20.05.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 16 став 3 во делот „и членот 16-б став 2 од овој закон” од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 135/2007, 18/2011, 42/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013, 164/2013, 39/2014, 130/2014, 166/2014, 72/2015, 98/2015, 154/2015, 215/2015, 7/2016 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 161/2019, 178/2021, 91/2023 и 218/2024 и 235/2024).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот, означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата подносителот наведува дека член 16 став 3 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 135/2007, 18/2011, 42/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013, 164/2013, 39/2014, 130/2014, 166/2014, 72/2015, 98/2015, 154/2015, 215/2015, 7/2016 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 161/2019, 178/2021, 91/2023 и 218/2024 и 235/2024) упатува на примена на член 16-б став 2 од истиот закон, а кога една одредба упатува на друга одредба, потребно е одредбата којашто треба да се примени, да биде дел од правниот поредок. Меѓутоа, оспорениот дел „и членот 16-б став 2 од овој закон” содржан во член 16 став 3 од Законот за земјоделското земјиште, не е дел од правниот поредок. Имено, согласно со член 45 од Законот за консолидација на земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 187/2013) со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат членовите 16-а и 16-б од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 135/2007, 18/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013 и 106/2013). Законот е влезен во сила на 07.01.2014 година, со што одредбата на којашто се упатува, сметано од наведениот датум, не е дел од правниот поредок, па оттука нејзиното опстојување во член 16 став 3 од наведениот закон, не е во согласност со начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.

Од наведените причини подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел „и членот 16-б став 2 од овој закон” содржан во член 16 став 3 од Законот за земјоделското земјиште и истиот да го укине како спротивен на Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека според член 16 став 3 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 135/2007, 18/2011, 42/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013, 164/2013, 39/2014, 130/2014, 166/2014, 72/2015, 98/2015, 154/2015, 215/2015, 7/2016 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 161/2019, 178/2021, 91/2023 и 218/2024 и 235/2024), размената може да се врши само доколку земјоделското земјиште кое подносителот на барањето го отстапува за размена е во негова сопственост и граничи со земјоделско земјиште во државна сопственост, а истовремено поседува и земјоделско земјиште во негова сопственост, кое граничи со земјоделско земјиште во државна сопственост на местото каде што се бара размената, освен во случаите утврдени во ставот 4 на овој член и членот 16-б став 2 од овој закон. Со иницијативата се оспорува делот „и членот 16-б став 2 од овој закон”.

III

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Иницијативата со која се оспорува член 16 став 3 во делот „и членот 16-б став 2 од овој закон” од Законот за земјоделското земјиште, содржи наводи дека со член 45 од Законот за консолидација на земјоделско земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 187/2013), којшто стапил на сила на 07.01.2014 година, членовите 16-а и 16-б од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија” број 135/2007, 18/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013 и 106/2013) со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат. Меѓутоа, иако член 16-б од Законот за земјоделското земјиште, не е повеќе во правниот поредок, на истиот сè уште се упатува со член 16 став 3 од истиот закон. Подносителот смета дека Уставниот суд треба да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од законската одредба, и истиот да го укине, со наводи дека спротивно на принципот на владеење на правото е една одредба да упатува на друга одредба, а одредбата којашто треба да се примени, е надвор од правниот поредок.

Разгледувајќи ја иницијативата и причините за нејзиното поднесување, Судот, го утврди следното:

Пред донесувањето на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, постапките за спроведување на консолидација на земјоделското земјиште, беа предмет на уредување со Законот за земјоделското земјиште. Постапката за консолидација на земјоделско земјиште во приватна сопственост, беше уредена со член 16-а од Законот за земјоделското земјиште, додека постапката за консолидација на земјоделско земјиште во државна сопственост, со член 16-б од истиот закон. Со донесувањето на посебниот закон, поточно Законот за консолидација на земјоделско земјиште, материјата во врска со постапките за спроведување на консолидација на земјоделското земјиште, којашто претходно беше предмет на уредување со Законот за земјоделското земјиште, сега е предмет на уредување со Законот за консолидација на земјоделско земјиште. Содржините на одредбите од членовите 16-а и 16-б од Законот за земјоделското земјиште, всушност, сега се содржини на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, опфатени со членовите 33 и 34 од Законот за консолидација на земјоделско земјиште.

Член 16 став 3 од Законот за земјоделското земјиште во кој е содржан оспорениот дел „и членот 16-б став 2 од овој закон” уредува „Размената може да се врши само доколку земјоделското земјиште кое подносителот на барањето го отстапува за размена е во негова сопственост и граничи со земјоделско земјиште во државна сопственост, а истовремено поседува и земјоделско земјиште во негова сопственост, кое граничи со земјоделско земјиште во државна сопственост на местото каде што се бара размената, освен во случаите утврдени во ставот 4 на овој член и членот 16-б став 2 од овој закон.”

Член 16-б став 2 од Законот за земјоделското земјиште на којшто се упатува со член 16 став 3 од Законот, уредува „Размената на земјоделското земјиште во државна сопственост со земјоделското земјиште во приватна сопственост во постапка спроведена согласно со ставот 1 на овој член може да се изврши и без да биде исполнет условот од членот 16 став 3 од овој закон”.

Со стапувањето на сила на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, член 16-б од Законот за земјоделското земјиште, престана да важи, меѓутоа содржината којашто ја имаше овој член, сега е содржина на член 34 од Законот за консолидација на земјоделско земјиште, а во став 2 на член 34 од наведениот закон, се уредува дека  „Размената на земјоделското земјиште во државна сопственост со земјоделското земјиште во приватна сопственост во постапка спроведена согласно со ставот 1 на овој член, може да се изврши и без да биде исполнет условот од член 16 став 3 од Законот за земјоделското земјиште”.

Во конкретниот случај, неспорен е фактот дека член 16-б став 2 од Законот за земјоделското земјиште со содржината којашто ја имал, престанал да биде дел од Законот за земјоделското земјиште, но неспорен е и фактот дека истата таа содржина сега е уредена во член 34 став 2 од Законот за консолидација на земјоделско земјиште, што значи таа продолжува да важи, и е во правниот поредок, но во друг закон.

Според Судот, околноста што оспорениот член 16 став 3 од Законот за земјоделското земјиште упатува на член 16-б став 2 од истиот закон којшто не е во правниот поредок, не е од таква природа што може да предизвика правна несигурност во примената на законите, бидејќи единствен закон којшто е во примена, и којшто ги регулира постапките за спроведување на консолидација на земјоделското земјиште, е Законот за консолидација на земјоделско земјиште. Притоа, овој закон во член 45, јасно и недвосмислено определува дека со денот на неговото влегување во сила, престануваат да важат членовите 16-а и 16-б од Законот за земјоделското земјиште, така што, норма којашто престанала да важи нема правно дејство, па околноста дека оспорениот член 16 став 3 од Законот за земјоделското земјиште упатува на одредба од истиот закон којашто престанала да важи во тој закон, не остава простор за забуна во практикувањето на правото, бидејќи норма којашто упатува на норма која не е во правниот поредок, е неприменлива во тој дел.

Оттука, Судот ги имаше предвид наводите од подносителот и причините за оспорување на членот од Законот, коишто се всушност укажување за недоследности на законодавецот во уредувањето на прописите, со други зборови, не е сторена интервенција во Законот за земјоделското земјиште при донесувањето на Законот за консолидација на земјоделско земјиште, меѓутоа, уставно-судската контрола како надлежност на Уставниот суд, не се однесува на проверка на меѓусебната усогласеност на законите, што е во надлежност на законодавецот, туку да одлучува за согласноста на законите со Уставот, од кои причини, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед дека иницијативата е всушност барање, за постапување коешто е во надлежност на законодавецот.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски