Во текот на месец Април 2025 година, Уставниот суд оформи 26 предмети по претходно поднесени иницијативи за заштита на уставноста и законитоста и два предмети по претходно поднесени барања за заштита на слободи и права на граѓани.
I – Предмети во кои е оспорена уставноста на акти
1. У.бр.43/2025
Оспорен акт: Глава X od Законот за пензиското и инвалидско осигурување
Подносител на иницијативата: Мирослав Трлин
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со член 20 од Уставот кој ја уредува слободата на здружување. Се тврди дека со ова законско решение, пренесувањето на солидарен фонд под надлежност на Фондот за ПИОМ, средствата кои се однесуваат за солидарен фонд, директно од сметката на Фондот на ПИОМ се префрлуваат на Трезорска сметка од каде што се врши исплата за посмртна помош на членовите на семејството за покривање на погребните трошоци, а барањето и документите за исплата се доставуваат до Фондот за ПИОМ во подрачни единици од каде е осигуреникот и уплаќач на солидарен фонд. Дополнително, се тврди дека и членарината се условува по пакет со солидарниот донд за да може пензионерот да стекне право да членува во солидарен фонд, што според подносителот е противуставно. Според наводите, неуставно е зачленувањето во граѓанска организација и доброволно плаќање на членарина да биде „законска обврска” и истата да се реализира преку државна институција, а не преку Сојузот на здруженијата на пензионери, кој е самостоен орган.
2. У.бр.44/2025
Оспорен акт: Член 36 став 1 точка 9 од Законот за вршење на сметководствени работи
Подносител на иницијативата: Виктор Василевски
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека со оспорената одредба е предвидено бришење на физичко лице кое има соодветно уверение за сметководител или овластен сметководител од соодветниот регистар само поради тоа што остварува право на пензија. Подносителот тврди дека на тој начин му се ускратува правото на граѓанинот кој се стекнал со пензија, да го изгуби основното професионално звање како сметководител и да биде ангажиран со договор на дело или работен однос.
3. У.бр.45/2025
Оспорен акт:Член 86 став1 од Законот за извршување
Содржина на оспорениот акт: Странката, учесникот или трето лице коe што смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него, се спроведува.
Подносител на иницијативата: Манчо Манчев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорената одредба се нарушува владеењето на правото и доведува до правна несигурност бидејќи, според него, заинтересираните страни кои имале намера да поднесат правен лек им застарува правото на поднесување на правниот лек бидејќи одредбата е непрецизна и конфузна. Се тврди дека со одредбата се дискриминираат граѓаните, при остварување на правото за поднесување на правен лек против првостепените одлуки, поединечни акти на институциите на државната управа и другите институции кои вршат јавни овластувања. Следствено на ова е наведено дека учесниците во граѓанските и кривичните постапки кога ги добиваат првостепените акти од основните судови добиваат и јасна правна поука со наведување на рок за поднесување на правен лек, како и органот до кој треба да се поднесе правниот лек.
4. У.бр.46/2025
Оспорен акт: Член 160 став 6 од Законот за високо образование
Содржина на одредбата: На иста единица на универзитет не можат да бидат избрани во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања, лица кои се родени по крв во прва линија до кој и да е степен.
Подносител на иницијативата: Кристина Димитријевиќ
Од наводите во иницијативата:
Подносителката наведува дека оспорениот член е противуставен бидејќи секој има право на работа, слободен избор на вработување и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место. Се тврди дека оспорената одредба е дискриминирачка, со што и ги загрозува уставните права и е попречена да направи избор во професијата, како и да напредува во кариерата и во научното и интелектуално творештво, од причини што нејзин роднина од прва линија е редовен професор на Медицинскиот факултет и член на наставно-научен совет кој брои 147 членови.
5. У.бр.47/2025
Оспорен акт: Член 17, став 1 од Законот за нотаријат во делот „или навршени 64 години”
Подносител на иницијативата: Лорија Ваневска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката наведува дека оспорената одредба има ограничувачки карактер бидејќи според неа, именуваните нотари со навршени 64 години старост го исполнуваат условот за одење во старосна пензија, без можност да продолжат со работа до 67 годишна возраст. Подносителката тврди дека пензионирањето според старосна граница не може да важи за нотарите бидејќи тие се именувани лица кои не засноваат работен однос во смисла на Законот за работни односи, туку се носители на јавна функција со јавни овластувања.
6. У.бр.48/2025
Оспорен акт: Делот „на” од членот 14 став 1 алинеја 7 од Законот за супервизија на осигурувањето
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорениот дел од одредбата не е доволно јасен и прецизен и може да предизвика забуна при примената.
7. 4. У.бр.49/2025
Оспорен акт: Член 18, став 1 од Законот за нотаријат во делот „или навршени 64 години”
Подносител на иницијативата: Јасмина Радончиќ
Од наводите во иницијативата:
Подносителката наведува дека оспорената одредба е противуставна бидејќи се ускратуваат правата на нотарите да ја вршат работата за која се именувани(со одлука на Министерот за правда), односно дека им престанува нотарската функција со навршување на 64 годишна возраст, без да се земе предвид фактот дека тие немаат засновано работен однос.
8. У.бр.50/2025
Оспорен акт: Членот 104-а од Законот за работни односи
Содржина на одредбата: Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со закон поинаку не е уредено.
Подносителка на иницијативата: Јованка Тренчевска
Од наводите во иницијативата:
Подносителката тврди дека предлагачот на Законот не дал образложени причини со кои се оправдува исклучокот за продолжување на старосната граница на избраните и именуваните функционери и го поставува прашањето дали именуваните функционери претставуваат дефицитарен кадар. Се тврди дека оваа одредба овозможила одредена категорија (избрани и именувани) да се стават во поповолна положба, наспроти сите работници за кои важи Законот за работните односи. Се наведува дека оспорената одредба е спротивна на членот 9 од Уставот кој уредува дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и пред законите.
9. У.бр.51/2025
Оспорен акт: Членовите 6 став 1 и 62 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење
Подносител на иницијативата: Ванчо Стојанов
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со владеењето на правото како темелната вредност на уставниот поредок, членот 52 став 4 од Уставот кој уредува дека законите и другите прописи не може да имаат повратно дејство, како и со член 55 став 2 од Уставот во кој е уредено дека на сите субјекти на пазарот треба да им биде обезбедена еднаква правна положба.
10.У.бр.52/2025
Оспорен акт: Закон за изменување на Законот за платите на судиите
Подносител на иницијативата: Здружение на судии на Репбулика Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се тврди дека со измените се врши целосна корекција и намалување на коефициентите за уредување на платите на судиите, на начин што наместо претходните коефициенти кои се движат од 2.43 до 3.21 сега се утврдени во висина од 2.15 до 2.84, со примена од исплата на платата во февруари 2025 година. Според подносителот, ова намалување на коефициентите се повредува едно од уставно-загарантираните права, а тоа е правото на соодветна заработувачка уредено со членот 32 став 3 од Уставот. Дополнително се тврди дека е доведено во прашање уставно-воспоставениот систем на поделба на власта, владеењето на правото како и самостојноста и независноста на судската власт, гарантирани преку член 98 став 2 од Уставот.
11. У.бр.53/2025
Оспорен акт: Член 12 став 1 алинеја 9 од Законот за адвокатура
Содржина на оспорената одредба:
Во именикот на адвокатите може да се запише лице кое ги исполнува општите услови за основање на работен однос во органите на државната управа, кое ужива углед и е достојно за вршење адвокатска дејност и ги исполнува следните услови:
- да не му престанала функцијата судија, јавен обвинител, државен правобранител или заменик, народен правобранител или заменик, избран или именуван функционер, односно да не му престанал работниот однос како државен службеник, нотар, заменик или помошник нотар, извршител или заменик извршител со конечна одлука во судска, дисциплинска или друга постапка со која е утврдена одговорност во вршење на функцијата односно службата додека не поминат пет години од конечноста на одлуката.
Подносител на иницијативата: Атанасов Таско
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека одредбата е спротивна на Уставот бидејќи престанокот на функцијата или работниот однос со судска, дисциплинска или друг вид на постпака не смее да претставува ограничувачки критериум или услов за пристап до работно место, односно до вршење на професија, дејност или должност и може да произлезе единствено врз основа на правосилна судска одлука и изречена кривична санкција.
12. У.бр.54/2025
Оспорен акт: Член 2 и член 7 став 2 од Законот за средното образование
Подносител на иницијативата: Исламската верска заедница на Република Северна Македонија
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби не дозволуваат она што го гарантира Уставот, а тоа е „слобода на основање на верски училишта”., туку исклучиво јавни средни и приватни средни училишта. Наведено е дека оспорената одредба е во спротивност со 7 Амандман од Уставот. Членот 19 од Уставот кој уредува дека МПЦ и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта.
13. У.бр.55/2025
Оспорени акти:
– Член 177 од Законот за вонпарнична постапка;
– Член 12 од Законот за нотаријатот;
– Нотарско решение
Подносител на иницијативата: Санде Пејоски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорените одредби се противуставни бидејќи му дозволуваат на нотарот да постапи ако постои спор, но не му дава овластување да прекине правосилна постапка и да пренесе сопственост. Се наведува дека оспорените членови овозможуваат нотарот да запира оставинска постапка и да пренесува сопственост без судска одлука.
II- Предмети во кои е оспорена и уставност и законитост на акти
1. УЗ.бр.16/2025
Оспорен акт: Табеларен норматив за корекција на варијабилниот дел од надоместокот за топлинска енергија во колективен станбен објект кога измерените внатрешни температури се помали од 20 степени од Правилникот за утврдување на квалитетот на испорачана топлинска енергија, донесен во мај 2021 година и Правилник за утврдување на квалитет на топлинска енергија на ЕСМ снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје бр. 11-18 од 04.01.2024 година.
Подносител на иницијативата: Вера Георгиева
Од наводите во иницијативата:
Подносителката наведува дека според член 43 став 1 од Правилата, во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1 степени во грејните простории во времето од 6-22 часот во текот на денот при потполно отворени радијаторски вентили. Се тврди дека постои неусогласеност на Табеларниот норматив со правилата, во членовите 43, 1 и 5, како неусогласени со самата дејност на снабдувачот. Подносителката тврди дека температура од 15, 16, и 17 степени не е снабдување со топлина бидејќи, според неа во становите без никакво греење се постигнуваат тие температури. Дополнително се тврди дека во Договорот со ЕСМ, во член 15 Снабдувачот може да го раскине договорот без согласност на потрошувачот да пристапи кон исклучување на потрошувачот од системот на централно греење поради ненавремено плаќање на фактури за топлинска енергија. Се наведува дека оспорените делови се во спротивност со владеењето на правото.
2. УЗ.бр.17/2025
Оспорен акт: Член 2 став 1 од правилникот за проценка на средствата на задолжителните и доброволните пензиски фондови.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека со оспорената одредба, Советот на експерти на Агенцијата за супревизија на капитално финансирано пензиско осигурување излегол надвор од Уставот и законите, бидејќи одредбата не е во согласност со начелото на владеење на правото, но и нема основ во членот 83 став 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или било кој друг член на Законот.
3. УЗ.бр.18/2025
Оспорен акт: Решение УП бр.03-3232/26 од 22.01.1980
Подносител на иницијативата: Санде Пејоски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека му била спроведена незаконита експропријација и злоупотреба на имотот, притоа тврдејќи дека Решение од 1980 година е втемелено на лажен јавен интерес, бидејќи на местото на куќата не е изграден јавен објект, туку приватен деловен простор кој државниот правобранител го издава под кирија на обложувалници и кафулиња. Се наведува дека е повредена правната сигурност и правото на сопственост уредено со членот 30 од Уставот, бидејќи му е извршено присилно иселување и рушење на куќата за три дена без да се обезбеди компензација.
4. УЗ.бр.19/2025
Оспорен акт: Одлуки У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024
Подносител на иницијативата: Кузман Цилков
Од наводите во иницијативата:
Подносителот ги оспорува одлуките на Судот од аспект на евентуална повреда на начелото за пресудена работа, за укинување на членовите 2 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигациони односи. Се наведува дека укинувањето на оспорените членови не се однесува на пресудите кои се правосилно завршени, во периодот кога Законот за облигациони односи бил во сила, односно на 20 јули 2023 година до 10 октомври 2024 година.
5. УЗ.бр.20/2025
Оспорен акт: Член 114 став 1 точка 4 и точка 7
Подносител на иницијативата: Мултиетнички синдикат претставуван преку претседател Александар Насковски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со членот 114 став 1 се предвидува дека Министерството соработува (преку финансирање) при реализација на синдикални спортски игри организирани од синдикатите, при што на Репрезентативниот синдикат му се одобруваат средства во висина од 50 просечни нето плати, а на синдикатот кај кого членуваат повеќе од 400 члена му се одобруваат средства во висина од 10 просечни нето плати. Според подносителот синдикатите имаат голем број на членови кои плаќајќи членарина овозможуваат самофинансирање, како на пример Репрезентативниот синдикат со 2500 членови има приближно 700 илјади денари, а дополнително со поддршката од Министерството има 170 илјади евра годишни приходи, за организирање на синдикални игри. Се тврди дека на овој начин останатите синдикати се дискриминирани, бидејќи според него, се фаворизира само Репрезентативниот синдикат, се обезбедуваат средства од буџетот на Министерството во приближна сума како што е потребната за Репрезентативниот синдикат, а со тоа се маргинализираат правата на професионалните војници.
6. УЗ.бр.21/2025
Оспорен акт: Барање за преиспитување на отфрлањето на иницијативата за оценување на уставност и законитост на член 46 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци на ЗАМП(У.бр.179/2024).
Подносител иницијативата: Славко Димитров
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека отфрлањето на иницијативата се смета за правна грешка, бидејќи се занемарени правните последици. Се тврди дека распределбата на средства за 2024 година била извршена до крајот на март 2025 година и резултирала со намалени надоместоци за одредени автори(како оние кои се емитуваат ноќе) и повластување на други (популарни автори), што претставува правна последица.
7. УЗ.бр.22/2025
Оспорен акт: Член 1 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи од 18 декември 2023 година.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека доносителот на актот излегол од своите надлежности, бидејќи според него нема можност за овластување на Управниот одбор да донесе акт со кој ќе може да се одземаат или ограничуваат јавните овластувања на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи. Се наведува дека на овој начин е нарушена правната сигурност.
8. УЗ.бр.23/2025
Оспорен акт: Ставовите 3, 4, 5 и 6 од Правилникот за овластување за овластен геодет и за именик на овластени геодети
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите на иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорените одредби не овозможуваат со Правилникот да се разработуваат прашања кои се однесуваат на прекршочната комисија во прекршочниот орган, бидејќи според него ова прашање е уредено со закон.
9. УЗ.бр.24/2025
Оспорен акт: Правилник за техничките и организациските мерки за безбедност и заштита на обработка на личните податоци од 28 октомври 2021 година.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорениот акт е спорен бидејќи, според него не е јасно дали истиот е донесен врз основа на претходна согласност од Министерството за труд и социјална политика, односно денес Министерство за социјална политика,демографија и млади. Дополнително, се наведува дека во ниту еден член на законот не се определува контролорот, на начин на кој што се посочува.
10. УЗ.бр.25/2025
Оспорен акт: Правилник за начинот на уништување на документи и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Агенцијата за супервизија на капитално динансирано пензиско осигурување од 30 август 2013 година.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорениот Правилник не е усогласен со Законот за заштита на личните податоци, со што, според него е повредено владеењето на правото уредено со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и членот 51 од Уставот.
11. УЗ.бр.26/2025
Оспорен акт: Делот „преземени обврски од 2024 година согласно склучени договори” од член 2 од Програмата за користење на капиталните дотации за финансирање на инвестициони проекти на општините и општините во Градот Скопје во 2025 година од 25 март 2025 година.
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Oд наводите во иницијативата:
Подносителот смета дека не соовествува текстот што се уредува со Законот на кој се повикуваат доносителите при носење на Програмата.
12.УЗ.бр.27/2025
Оспорен акт: Член 4 став 1 дел B неметалични суровини: точка 6, член 4 став 3 и член 4 став 6 од Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини
Подносител на иницијативата: Aкционерско друштво за производство, преработка, трговија и монтажа на украсен камен МЕРМЕРЕН КОМБИНАТ АД ПРИЛЕП, застапувано преку адвокатско друштво Георги Димитров
Од наводите во инцијативата:
Подносителот меѓу другото тврди дека Тарифникот ја повредува еднаквата правна положба на концесионерите кои експлоатираат архитектонско-украсен камен, на штета на оние кои експлоатираат мермер. Дополнително се наведува дека Тарифникот создава правна неизвесност бидејќи го издвојува мермерот со останатите типови на минерална суровина, вклучително и од групата на архитектонско-украсен камен како минерална суровина, за која експлоатацијата ја прави несигурна и непредвидлива во однос на другите типови на минерална суровина која се експлоатира.
13. УЗ.бр.28/2025
Оспорен акт: Одлука за донесување на ДУП за Градска четврт Ј02- Жданец-Нерези (локалитети А,Б и В), Општина Карпош, донесена на 13.03.2025 година
Подносител на иницијативата: РБЦ Медиа ДООЕЛ Скопје
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека со оспорената Одлука се повредени членовите 8, 30, 51 и 52 од Уставот. Подносителот тврди дека дадената согласност од Министерството за транспорт и врски не е законски употребена. Дополнително се наведува дека Градоначалникот не ја спровел Одлуката на Советот на Општина Карпош во дадениот временски период. Подносителот тврди дека како сопственици на имот, се лишени од слободата да го користат бидејќи општината го елиминирала пристапниот пат.
Предмети кои се оформени по поднесени барања за заштита на слободи и права
1. БЗСП.бр.5/2025
Подносител на барањето: Лејла Кадриу
Оспорени акти: Решение на Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител при вршењето на јавнообвинителската функција при ЈО од 01.02.2022
-Решение на Советот на јавни обвинители од 29.03.2022 година
-Пресуда од 07.03.2022 година на Управен суд
-Пресуда од 20.01.2025 на Виш Управен суд
Подносителката на барањето се жали на повреда на забраната за дискриминација по основ на социјална припадност, односно општествената положба во поглед на професионален статус (согласно член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот).
Подносителката наведува дека е настапена застареност кога била поведена дисциплинската постапка против неа, и тврди дека Решението за дисциплинска постапка треба да биде поведено во рок од 6 месеци по доставување на предлогот за поведување на 19 ноември 2020 година, најдоцна до 19 мај 2020 година,а во случајот Решението е донесено на 4 ноември 2021 година, што таа го оценува како ненавремено. Дополнително, наведува уште два примери на јавни обвинители од Вишото јавно обвинителство за кои тврди дека за нив постапки не се поведени поради застареност. Правејќи ја таа паралела, подносителката наведува дека е жртва на дискриминација во однос на колегите, вршители на иста професија, но со повисока хиерархиска поставеност.
БЗСП.бр.6/2025
Предмет: Барање за заштита на правото на правично судење
Подносител на барањето: О.М
Оспорени:
Пресуди на Основен суд Тетово, Апелационен суд Гостивар
Подносителот наведува дека е осуден за обид за силување за настан од 26.08.2020 година и притоа тврди дека тужителката сведочела дека настанот се случил на една локација, додека нејзиниот тогашен партнер во судската постапка кажал дека биле заедно, на сосема друга локација. Меѓу другото, подносителот наведува и други сведоци кои дале изјави што го потврдуваат неговото тврдење.