У.бр.100/2021, 102/2021 и 103/2021


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.100/2021, 102/2021 и 103/2021
Скопје, 20.05.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти („Службен весник на Република Северна Македонија број 196/2021).

Образложение

I

Светскиот македонски конгрес од Скопје, Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе и Политичката партија „Левица” од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата по предметот У.бр.100/2021, поднесена од Светскиот македонски конгрес се наведува дека оспорениот правилник не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, Амандманот VI и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија” број 19/2007), со наводи дека донесувајќи го оспорениот правилник, министерот за внатрешни работи се впуштил во изворно уредување на материја којашто е предмет на законско уредување бидејќи законодавецот не донел Закон за изменување и дополнување на Законот за личната карта со кој ќе го пропише образецот на личната карта на поинаков начин од она што веќе е уредено во Законот за личната карта, вклучително и ново овластување за операционализација на такви поинакви законски решенија, со што министерот не можел да се повика на овластувањето од член 13 од погоре наведениот закон, бидејќи тоа се однесува на операционализација на постојните актуелни законски решенија. Во однос на наведувањето на новото уставно име на државата во образецот на личната карта, подносителот наведува дека Уставниот закон за спроведување на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот, не предвидува обврска за промена на името на државата во личните карти, веднаш, туку најдоцна во рок од 5 години од почетокот на преговорите со Европската Унија. Од наведените причини со иницијативата се бара оспорениот правилник да биде поништен, како неуставен и незаконит, а до донесувањето на конечната одлука, се предлага донесување решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорениот акт поради суспензија и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните, уставниот поредок на државата и штетни последици по Буџетот на државата и даночните обврзници.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.102/2021, поднесена од Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе, оспорениот правилник е спротивен на членовите 1, 2, 8, 9, 50, 51 и 52 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија” брoj 19/2007), конкретно на членовите 4, 13 и 14 од наведениот закон, бидејќи министерот за внатрешни работи со неговото донесување самоволно ја изменил содржината на образецот на личната карта, спротивно на веќе пропишаната содржина во постојниот Закон за личната карта. Имено, во член 5 од оспорениот правилник стои натпис Република „Северна” Македонија, а никаде во Законот за личната карта не стои зборот „Северна”, со што оспорениот правилник не е во согласност со Законот за личната карта. Наведува дека правилникот служи, пред сè, за поконкретно извршување на пооделни законски одредби, односно за појаснување на повисокиот правен акт, во случајот Законот за личната карта, а не да се создаваат задолженија и обврски коишто ги нема во Законот. Со оспорениот правилник, практично се суспендира постоечкиот Закон за личната карта, спротивно на уставниот принцип на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, со што во прашање е доведена и правната сигурност на граѓаните. Од овие причини, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот правилник, истиот да се поништи, а до донесувањето на конечната одлука, со иницијативата се предлага и донесување решение со кое ќе се запре примената на оспорениот правилник.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.103/2021, поднесена од Политичката партија „Левица” од Скопје, оспорениот правилник е спротивен на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и Амандманот V став 3 од Уставот, со Законот за личната карта и Законот за внатрешни работи. Подносителот наведува дека образецот на личната карта се уредува исклучиво со закон, а не со подзаконски акт. Член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија” број 19/2007) на кој се повикал министерот за внатрешни работи при донесувањето на оспорениот правилник, не може да биде, и не е основа за донесување на оспорениот правилник, бидејќи овластувањето за донесување на подзаконски пропис уредено со член 13 од тој закон, е исцрпено и се однесува на претходниот правилник. Оспорениот правилник не претставува операционализација на законските одредби од Законот за личната карта и од Законот за внатрешни работи, туку напротив, излегува и ги пречекорува утврдените законски рамки, со што директно се нарушува уставниот принцип на поделба на власта и владеењето на правото, а го нарушува и системот на нормативна хиерархија и илегално овозможува игнорирање на предвидените уставни и законски норми, спротивно на член 51 од Уставот, и спротивно на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок, гарантиран со член 8 од Уставот, како и правната сигурност на граѓаните како негов составен и нераскинлив дел. Со иницијативата подносителот предлага поништување на оспорениот правилник како спротивен со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и Амандманот V став 3 од Уставот, како и поради негова спротивност со Законот за личната карта и Законот за внатрешни работи, а до донесување на конечната одлука, со иницијативата се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот правилник, бидејќи со неговото спроведување и ефективно извршување во пракса, секојдневно се предизвикуваат тешко отстранливи, штетни и опасни правни последици по правната сигурност на граѓаните.

II

На седницата Судот утврди дека министерот за внатрешни работи донел Правилник за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти („Службен весник на Република Северна Македонија број 196/2021).

III

Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, Уставниот суд утврди дека постапувајќи по иницијативата по предметот У.бр.100/2024, Судот веќе одлучувал за уставноста и законитоста на Правилникот за образецот на барањето за издавање на личната карта, образецот на потврдата за поднесено барање за издавање на личната карта, образецот на личната карта, постапката за издавање и замена на личната карта и за начинот на водење на евиденција за издадените лични карти („Службен весник на Република Северна Македонија број 196/2021), и со Решението У.бр.100/2024 од 26.02.2025 година, не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот.

Имајќи предвид дека Уставниот суд за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на поднесената иницијатива.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски