У.бр.204/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.204/2024
Скопје, 20.05.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 211 став 1 точка 24 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 142/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14,44/15, 129/15, 192/15, 39/16, и 99/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/22, 171/22 и 3/25).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 211 став 1 точка 24 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 142/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14,44/15, 129/15, 192/15, 39/16, и 99/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/22 и 171/22 ).

Оспорените одредби смета дека се  спротивни со Уставот на Република Северна Македонија, односно на член 8 став 1 алинеја 3 – владеење на правото, од причина што во правниот промет мора да постојат јасни и недвосмислени норми кои нема да предизвикуваат забуна во нивната примена од оние кои ги применуваат како и кон оние кон кои се однесуваат тие норми.

Во оспорениот член 211 став 1 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 142/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14,44/15, 129/15, 192/15, 39/16, и 99/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/22 и 171/22) е регулирано дека при вршењето на надзорот над работата на органите на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, меѓу другото, во точка 24 има право да утврди дали донеле план за спроведување инспекциски надзор и дали истиот го доставиле до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, согласно со член  208 став 2 од истиот закон.

Понатаму во иницијативата подносителот ја наведува хронологијата на сите измени и дополнувања на член 208 од Законот за животната средина и заклучува дека овој член ја регулира  постапката за вршење на инспекциски надзор. Во став 1 од овој член е определено дека во вршењето на инспекциски надзор, државниот и овластениот инспектор во рамки на својата надлежност, утврдена со овој и другите закони е самостоен и независен во вршењето на инспекцискиот надзор и во преземањето на управни и други мерки утврдени со закон.

Според став 2 од цитираниот член 208, државниот инспектор е овластен да врши инспекциски надзор над правни и физички лица, во секое време и на лице место, без претходна најава во деловните простории, инсталациите, објектите, како и на средствата и опремата за вршење на активноста за која е потребно А-интегрирана еколошка дозвола и за кои е потребна Б-интегрирана еколошка дозвола согласно со членот 95 од овој закон, како и врз правните и физички лица кои вршат активности и дејности во согласност со прописот од членот 24 став (4) на овој закон. Додека според став 3, овластениот инспектор за животна средина на општината и овластениот инспектор за животна средина на Градот Скопје е овластен да врши инспекциски надзор, над правни и физички лица, во секое време и на лице место, без претходна најава во деловните простории, инсталациите, објектите, како и на средствата и опремата за вршење на дејноста и активноста за кои е потребно Б-интегрирана еколошка дозвола.

Понатаму наведува дека според став 4 од цитираниот член, овластениот инспектор за животна средина на општината и овластениот инспектор за животна средина на општините во Градот Скопје е овластен да врши инспекциски надзор над правни и физички лица, во секое време и на лице место, без претходна најава во деловните простории, инсталациите, објектите, како и на средствата и опремата за вршење на дејноста и активноста за кои не е потребна интегрирана еколошка дозвола, додека во став 5 е пропишано дека за определени работи за кои согласно со одредбите од овој или друг закон се утврдени како надлежност на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, државниот инспектор може да врши надзор и над инсталациите со Б-интегрирани еколошки дозволи, како и над објектите кои вршат други активности и дејности.

Во продолжение од иницијативата наведува дека во став 6 е регулирано дека државниот инспектор е овластен да врши инспекциски надзор во секое време и на лице место, без претходна најава во деловните простории, инсталациите, објектите, како и на средствата и опремата за вршење на дејноста и активноста за кои е потребно Б-интегрирана еколошка дозвола и за други активности за кои не е потребна интегрирана еколошка дозвола, доколку добие сознание или е известен дека овластениот инспектор за животна средина не постапил по основ на добиена пријава и/или сознание од страна на други државни органи, организаци, институции, правни и физички лица, како и од средствата за јавно информирање а според став 7, доколку овластениот инспектор за животна средина при вршењето на инспекцискиот надзор утврди дека има неправилности во поголем обем или во инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола, или кај друго правно и физичко лице, должен е без одлагање да го информира Државниот инспекторат за животна средина.

Според ставовите 8 и 9, по жалба против одлуките на државниот инспектор односно овластениот инспектор одлучува Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, а според став 10, жалбата од ставот (8) и (9) на овој член не го одлага извршувањето на решението, ако со одлагањето би настанала опасност за загрозување на животната средина и животот и здравјето на луѓето.

Неспорно е, според подносителот дека прописите можат да се надополнуваат, изменуваат или дополнуваат со цел нивно подобрување. но тие треба да содржат правна логика и новокреираната одредба која се дополнува или изменува мора да биде во хармонија и да претставува логична правно-функционална целина.

Меѓутоа, оспорената точка 24 од став 1 на член 211 упатува на одредба од член 208  која во себе нема предмет на уредување – донесување на план за спроведување инспекциски надзор и истиот да го достават до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.

Така определено, според подносителот, може да доведе до забуна во примената на одредбата и од тие причини е повредено начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок  односно истите се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на точка 24 од став 1 на член 211 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 142/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14,44/15, 129/15, 192/15, 39/16, и 99/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/22 и 171/22) и да ја укине како спротивна на Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека во член 211 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 142/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14,44/15, 129/15, 192/15, 39/16, и 99/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/22, 171/22 и 3/25) се уредени  надлежностите во вршењето на надзорот.

Според став 1 точка 24 од членот 211 е определено дека при вршењето на надзорот над работата на органите на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина меѓу другото утврдува  дали донеле план за спроведување инспекциски надзор и истиот го доставиле до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина (член 208 став 2).

III

Член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, утврдува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Видно од Законот за инспекциски надзор во животната средина, донесен на 19 април 2022 година, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 99 од 21.04.2022 година и влезен во сила на 29.04.2022 година, во глава XII. Преодни и завршни одредби, односно во член 47 со наслов „Престанок на важење на одредбите од други прописи”  меѓу другото,  пропишано е дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат членовите 194 ставови (6) и (7), 196, 197, 205, 205-а, 206, 207, 207-а, 208, 208-а, 209 и 211 став (1) точките 24) и 25) од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/10, 124/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14, 44/15, 129/15, 192/15, 39/16 и 99/18).

Подносителот на иницијативата ја оспорува точка 24 од став 1 на член 211 од Законот за животна средина со наводи за истата дека упатува на член 208 став 2 од истиот закон која во себе нема предмет на уредување – донесување план за спроведување инспекциски надзор и истиот да го достават до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, и како такви одредбите не се надополнуваат и не претставуваат логична правно-функционална целина.

Имајќи ја предвид фактичката состојба, од Уставниот суд се бара да направи уставно-судска анализа на одредба која повеќе не е дел од правниот поредок на Република Северна Македонија што претставува процесна пречка за впуштање во уставно-судска анализа. Имено, Судот може да ја оценува уставноста и законитоста само на оние акти и содржини коишто се дел од правниот поредок, а со престанување на важење на оспорената точка 24 од став 1 на член 211 оваа одредба не е дел од правниот поредок, а со тоа и не може да биде предмет на анализа.

Врз основа на сето наведено, Судот оцени дека по однос на оспорениот член 211 став 1 точка 24 од Законот за животната средина, постојат процесни пречки за одлучување, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски