Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.210/2024
Скопје, 30.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 30 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 21 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 21 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).
Според подносителот на иницијативата, со оспорената одредба од член 21 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор се пропишува исклучок кој нема основа во Уставот, ниту пак во Законот за работните односи и во таа смисла, смета дека оспорената одредба е спротивна на член 8 алинеја 3 од Уставот, бидејќи се создава правна несигурност во правниот промет, што не е дозволено, но е и во спротивност со член 32 став 5 од Уставот, како и спротивна на член 12 ставови 2 и 3 од Законот за работните односи.
Согласно со наведеното, подносителот предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 21 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор и истиот да го укине, како и Судот да донесе решение со кое ќе го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба сè до окончување на постапката.
II
На седницата Судот утврди дека во член 21 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023) е определено дека по исклучок на ставот (1) на овој член, регресот за годишен одмор за 2023 година изнесува 10 000 денари, во нето износ.
III
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во член 21 став 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор е утврдено дека по искулучок на став 1 од истиот член, регресот за годишен одмор за 2023 година изнесува 10 000 денари, во нето износ.
Имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба, произлегува дека истата се однесува на висината на регресот за годишен одмор за 2023 година, поради што Судот оцени дека предметната одредба има темпорален карактер и е со важност само за определениот период, односно заклучно со 31 декември 2023 година.
Во конкретниот случај, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за мериторно одлучување, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.
Врз основа на сето наведено, според Судот, не се исполнети условите од член 37 од Актот на Судот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски