Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.73/2022
Скопје, 30.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 30 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 бр.07-5068/1 од 03.12.2012 година, донесена од Советот на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.18/2012); Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Стакларница Пинтија“ бр.07-4421 од 06.07.2007 година, донесена од Советот на Општина Кисела Вода; Одлуката за донесување Детален урбанистички план за населба Пинтија бр.07-49/2 од 31.05.2004 година, донесена од Советот на Општина Кисела Вода и Одлуката за донесување Детален урбанистички план за фабриката „Охис“ бр.07-8027/9 од 27.12.2011 година, донесена од Советот на Општина Кисела Вода.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Стакларница“ бр.07-599/5 од 05.06.2008 година, донесена од Советот на Општина Кисела Вода и Проектот за инфраструктура со тех.бр.ПА-002-01/14/2 од „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ и др.ДОО од месец мај 2014 година.
Образложение
I
Велимир Димовски и други, застапувани од Мефаиљ Арслани, адвокат од Скопје, до Уставниот суд поднесoa иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки донесени од страна на Советот на Општина Кисела Вода. Со наводите во иницијативата се оспоруваат сите наведени одлуки, со назнака дека генерално се идентични. Според подносителите, оспорената одлука за донесување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, како и останатите одлуки за донесување на деталните урбанистички планови на предметниот простор донесени од Советот на Општина Кисела Вода се во спротивност со Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за локалната самоуправа од причина што со истите се повредува правото на сопственост на физички и правни лица чие земјиште се наоѓа на едната страна од булеварот на која е предвидено проширување. Имено, оштетувањето на носителите на правото на сопственост е повеќекратно и се состои во драстично намалување на вредноста на недвижностите до практично оневозможување на пристап до парцелите, односно објектите што се наоѓаат на тие парцели што има неотстранлива последица на запирање на стопанските процеси кои се одвиваат во тој дел од градот.
Со предвидувањето на трасата за проширување на Булеварот на начин на кој се зафаќа само во имотите на сопствениците од десната страна на трасата доведува до нееднаквост во третманот на носителите на правото на сопственост чии имоти се наоѓаат на двете страни од сегашната траса на булеварот. Со извршеното просторно планирање со ГУП-от на Град Скопје за 2012-2022 година, како и со деталните урбанистички планови е извршено грубо прекршување на основните начела на просторното планирање бидејќи просторниот развој е нерамномерен и е на штета на едни сопственици на парцелите, а во корист на други.
Во Иницијативата се наведува дека уредувањето на просторот е извршено со нерационално користење на просторот. Понатаму во иницијативата се наведува дека Проектот за инфраструктура како урбанистичко плански документ согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање изготвен од „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ и др. ДОО од месец мај 2014 година е изготвен врз основа на ГУП за Град Скопје 2012-2022 година и деталните урбанистички планови на Општина Кисела Вода кои датираат од период од 2004-2011 година, односно пред донесување на ГУП-от за Град Скопје 2012-2022, не се во согласност со ГУП-от.
Подносителите на иницијативата наведуваат дека ниту една од одлуките со кои се донесени оспорените детални урбанистички планови не е објавена во службеното гласило на општината, што е спротивно на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Од наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки, како и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија кои се преземени врз основа на оспорените одлуки.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 26 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011 и 144/2012), Советот на Град Скопје на седумдесет и седмата седница одржана на 3 декември 2012 донел Одлука за донесување на Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 бр.07-5068/1 кој содржи 5 члена.
Врз основа на член 26 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007) и член 34 став 1 точка 6 од Статутот на Општина Кисела Вода („Службен гласник на Град Скопје“ број 08/2005 и „Службен гласник на Општина Кисела Вода“ број 13/2006), Советот на Општина Кисела Вода на седумдесет и осмата пленарна седница одржана на 5 јуни 2008 година донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план „Стакларница“ Општина Кисела Вода-Скопје бр.07-5990/5 кој содржи 7 члена.
Одлуката за донесување на Детален урбанистички план Стакларница-Пинтија бр.07-4421/4 од 6 јули 2007 која содржи 7 члена, е донесена врз основа на член 80 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005), Програмата за урбанистичко планирање и уредување на просторот на подрачјето на Општина Кисела Вода за 2007 година-Потпрограма Ф1 за урбанистичко планирање на Општина Кисела Вода за 2007 година („Службен гласник на Општина Кисела Вода“ број 13/2006) и член 34 став 1 точка 6 од Статутот на Општина Кисела Вода („Службен гласник на Град Скопје“ број 08/2005 и „Службен гласник на Општина Кисела Вода“ број 13/2006), од страна на Советот на Општина Кисела Вода.
Врз основа на член 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 4/1996, 28/1997, 18/1999 и 53/2001),Програмата за изработка на урбанистички планови на територијата на Општина Кисела Вода за 2004 година („Службен гласник на Град Скопје “ број 2/2004) и член 24 став 1 точка 6 од Статутот на Оштина Кисела Вода („Службен гласник на Град Скопје“ број 2/2004 “ број 13/2002), Советот на Општина Кисела Вода на триесет и петтата седница одржана на 31 мај 2004 година донел Одлука за измена и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за населба Пинтија бр.07-49/2 која е содржан од 7 члена.
Одлуката за донесување Детален урбанистички план за фабрика „Охис“ Општина Кисела Вода-Скопје за плански период 2010- 2015, бр.07-8027/9 од 27.12.2011 година која е содржана од 7 члена е донесена врз основа на член 26 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011) и член 34 став 1 точка 6 од Статутот на Општина Кисела Вода („Службен гласник на Град Скопје“ број 08/2005 и „Службен гласник на Општина Кисела Вода“ број 13/2006), од страна на Советот на Општина Кисела Вода.
Проектот за инфраструктура со тех.бр.ПА-002-01/14/2 од „Геинг Кребс енд Куфер интернешнл“ и др. Доо содржи планска документација, цели, методологија, вид на планска документација, погодности и ограничувања на идниот просторен план, географско и геодетско одредување на подрачјето на планскиот опфат.
При утврдување на фактичката состојба, врз основа на сите прибавени докази Судот го констатираше следното:
– За Деталниот урбанистички план за Стакларница-Пинтија, Општина Кисела Вода донесен со Одлука на Совет на Општина Кисела Вода бр.07-4421/4 од 06.07.2007 година, објавен во „Службен гласник на Општина Кисела Вода бр.9/2007, изготвена е стручна ревизија во јули 2003; Деталниот урбанистички план е изготвен врз основа на Програмата за изработка на урбанистички планови за подрачјето на Општина Кисела Вода за 2005 година; Прибавено е Стручно мислење од главен архитект со број.18а-2966/1 од 04.11.2003 година; Изготвен е Записник за утврдување на текстот на нацрт-план ДУП Стакларница-Пинтија со бр.15-451/1 од 25.05.2004 година; Донесен е Заклучок за утврдување на текстот на нацрт-план ДУП Стакларница-Пинтија со бр.15-451/2 од 25.05.2004 година; Донесена е Одлука за организирање јавна анкета по нацрт планот со бр.08-451/3 од 25.05.2004 година; Објавено е Соопштение за јавна анкета во дневниот весник Утрински весник на ден 02.06.2004 година; Донесено е Решение за формирање комисија за спроведување постапка за јавна анкета по ДУП Стакларница-Пинтија со бр.08-1942 од 04.04.2006 година; Изготвено е известување за постапување по Извештајот бр.08-661/7 од 23.05.2007 година; Добиена е Согласност од Министерството за транспорт и врски бр.16-6929 од 13.06.2007 година, и донесена е Одлука за донесување на ДУП Стакларница-Пинтија бр.07-4421/4 од 06.07.2007 година.
– Град Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот изготви Планска програма за изработка на Проект инфраструктура со сите фази, со вклучена ревизија за Ул. Борис Трајковски од пред влез во Стаклара со кружен тек пред мост на Маркова река.
– Град Скопје- Сектор за планирање и уредување на просторот изготви Проектна задача за изработка на Идеен сообраќаен проект за ул. Борис Трајковски од пред влез во Стаклара со кружен тек пред мост Маркова река.
– Геинг Кребс Кифер интернешнл и др. ДОО –Друштво за градежништво, промет и услуги изготви Проект за инфраструктура за Ул. Борис Трајковски од пред влез во Стаклара до кружен тек пред мост на Маркова река Општина Кисела Вода со планска документација, мај 2014. Кон изработка на проект за инраструктура се започна по добивање на следните планови од повисоко ниво:
• Извод на ГУП на Град Скопје 2012-2022,
• Извод од план ДУП Стакларница со одлука бр.07-5995/5 од 05.06.2008 година,
• Извод од план ДУП Стакларница-Пинтија со Одлука бр.07-4421/4 од 06.07.2007 година,
• Извод од ДУП нас.Пинтија со Одлука бр.07-49/2 од 31.05.2004 година,
• Извод од ДУП Фабрика „Охис“ со одлука бр,07-8027/9 од 27.12.2011 година.
– ЗУМ ПРОЕКТ – ДОО – Скопје, Друштво за проектирање, ревизија и надзор, изврши Стручна ревизија на Проект за инфраструктура за Ул. Борис Трајковски од пред влез во Стаклара до кружен тек пред мост на Маркова река Општина Кисела Вода-скопје, април 2014, по кое е донесен Заклучок дека постапката за одобрување во согласност со законската регулатива може да продолжи.
– Геинг Кребс Кифер интернешнл и др. ДОО –Друштво за градежништво, промет и услуги изготви Елаборат за заштита на животната средина за реконструкција и рехабилитација на Ул. Борис Трајковски од пред влез во Стаклара до кружен тек пред мост на Маркова река Општина Кисела Вода-Скопје, април 2014, со тех.бр.ПА-002-01/14/2, Скопје, април 2014.
– Агенцијата за катастар и недвижности до Град Скопје достави известување дека геодетскиот елаборат за геодетски работи за посебни намени за ажурирана геодетска подлога КО Кисела Вода 2, КО Горно Лисиче вон град, КО Драчево 2, изработен од Друштво за геодетски работи и услуги „Геодин Гео“ ДООЕЛ Скопје, со деловоден број 07-25/2 од 03.07.2014 година е изработен во согласност со Правилникот за геодетски работи за посебни намени поради што се исполнети условите за издавање на согласноста.
III
Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Северна Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Републиката е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.
Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка, 91/2009 124/2010 18/2011, 53/2011 и 144/2012) во чие време на важење се донесени оспорените одлуки.
Во член 3 од наведениот Закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.
Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со „II. Планирање на просторот“, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.
Според членот 7 од овој Закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.
Генерален урбанистички план се донесува за населено место град утврдено со закон. Генералниот урбанистички план од ставот 1 на овој член содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, како и нумерички дел со билансни показатели (член 10 ставови 1 и 2). Генералниот урбанистички план се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно со закон. Изменување и дополнување на Генералниот урбанистички план со кое се врши проширување на планскиот опфат, се врши врз основа на услови за планирање за просторот за делот за кој се проширува планскиот опфат (став 6).
Согласно со член 11 ставови 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.
Според член 13-а од Законот, со урбанистичките планови од член 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон предмет на планирање може да биде и една градежна парцела, а може да се врши и нивно изменување и дополнување во рамки на една градежна парцела, доколку постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура. Во случаите од ставот 1 на овој член, урбанистичките планови се донесуваат во постапка утврдена во член 24 од овој закон, а јавната анкета трае од најмалку пет до најмногу десет работни дена.
Со член 15 став 1 од Законот се предвидува дека за согледување на планските можности за планирање на просторот односно изготвување на урбанистички планови освен детален урбанистички план, донесувачот на планот е должен да побара услови за планирање на просторот, од органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање, согласно со закон. Услови за планирање на просторот не се бараат при изработување на урбанистички планови и измени и дополнувања на урбанистички планови доколку тие се прават во период кога е на сила истиот Просторен план на Република Македонија според кој претходно се издадени услови за планирање на просторот за истиот плански опфат.
Во член 15-а е предвидено дека урбанистичките планови од член 7 точка 2 на овој закон, државната урбанистичка планска документација и локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат. Планската програма се состои од текстуален и графички дел. Планската програма ја изработува овластено правно лице од членот 18 на овој закон по барање на донесувачот на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, односно по барање на барателот за одобрување на државната и локалната урбанистичка планска документација односно урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп. Планската програма за урбанистичките планови од член 7 точка 2 и за локалната урбанистичка планска документација од овој закон ја одобрува радоначалникот на предлог на Комисијата од член 17 став 4 на овој закон, а за државната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп ја одобрува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот на предлог на Комисијата од член 31 став 2 на овој закон. Одобрената планска програма се заверува со печат и потпис од страна на членовите на надлежната комисија. Пред одобрување на планската програма за урбанистичките планови, државната и локалната урбанистичка планска документација од член 11-а на овој закон согласност дава Министерството за одбрана, а за урбанистичките планови од членот 11-б на овој закон согласност дава Министерството за култура.
Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од член 7 точка 2 на овој закон, општините и Градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според став 2 од истиот член од Законот, програмата од став 1 на овој член општините и Градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
Изработување на урбанистички планови, согласно член 18 од Законот, вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.
Согласно со член 19 став 1 од Законот, урбанистичките планови и државната и локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето (став 2).
Според член 22 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно член 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на Градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на Градот Скопје. Согласно со став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
Во член 23 од Законот е уредена поконкретно постапката за донесување на генерален урбанистички план. По нацртот на генералните урбанистички планови се организира стручна расправа со учество на субјектите од член 29 ставови 1 и 2 на овој закон и други заинтересирани лица од подрачјето опфатено со планот. Заинтересираните лица и субјектите од член 29 ставови 1 и 2 на овој закон можат да достават забелешки по нацртот на планот, во рок од десет дена од одржувањето на стручната расправа а доколку истите не бидат доставени ќе се смета дека немаат забелешки на планското решение. Стручна расправа по утврдените нацрти на планови од ставот 1 на овој член, организира градоначалникот на општината и градоначалникот на Градот Скопје. Времето и местото на одржување на стручната расправа на нацртот на планот се објавува во најмалку две јавни гласила, најмалку два работни дена пред одржувањето. За стручната расправа се изработува извештај. Извештајот од став 2 на овој член со записник од расправата и со посебни образложенија за прифатените и неприфатени забелешки од стручната расправа го изработува стручна комисија составена од три члена и тоа еден претставник од донесувачот на планот. Извештајот од став 3 на овој член е составен дел на предлогот на планот.
Во член 24 од Законот поблиску е уредена постапката за донесување на деталниот урбанистички план. Според став 1 на овој член од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од став 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од член 17 став 4 на овој закон. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај. За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од член 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од член 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од член 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение. Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината. Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од став 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Извештајот од став 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот. Врз основа на извештајот, комисијата од став 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Доколку Комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацр
тот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.
Според член 25 од Законот, на плановите од член 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во став 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Согласно со член 25 став 3 од Законот, мислењето од став 1 и согласноста од став 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според став 5 на истиот член по добивањето на согласноста од став 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.
Во член 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.
Од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање произлегува дека законодавецот предвидел комплексна постапка во која се донесуваат урбанистичките планови која се состои од повеќе фази и повеќе дејствија. Секоја фаза во постапката резултира со донесување на соодветна документација во форма и содржина утврдена со наведените одредби од Законот. Сите инволвирани субјекти во процесот на планирање имаат законска обврска во изработка, донесување и спроведување на плановите да обезбедат похумано живеење и работа на граѓаните, рамномерен и просторен развој на населените места и градби, рационално и одржливо користење на просторот, заштита на културно наследство и заштита и унапредување на животната средина и природа, усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирање и уредување на просторот што е и интенцијата на Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Имено, законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Од списите по предметот се утврди дека во постапката за донесување на конкретните одлуки од страна на Советот на Град Скопје, по однос на донесување на оспорениот Генерален урбанистички план 2012-2022, како и од Советот на Oпштина Кисела Вода биле почитувани сите фази за донесување на конкретните урбанистички планови на начин како што предвидел Законот за просторното и урбанистичко планирање. Оттука, според Судот, неосновани се наводите во иницијативата дека со донесувањето на истите со кои се утврдува траса на проширување на булеварот „Борис Трајковски“ на потегот од пред влез во Стаклара со кружен тек пред мостот на Маркова Река, со што планираните сообраќајни ленти зафаќаат во недвижен имот кој е во приватна сопственост на физички и правни лица кои се наоѓаат само на едната страна на постоечкиот булевар со што се врши експропријација, се повредува начелото на сопственост.
Ова од причина што Градот Скопје, како и Општината, согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, секој во своите законски овластувања, имаат право и можност по нивно наоѓање и оценка, како планери на просторот да може во секое време доколку се јави потреба за тоа во нова постапка, спроведена согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање, да донесе нов детален урбанистички план. При реализацијата на плановите и предвидените инфраструктурни проекти нужно доаѓа до навлегување во нечиј имот, но притоа односите помеѓу сопствениците на имотите и единиците на локалната самоуправа се уредуваат со Законот за експропријација, со што не може да се прифати тврдењето во иницијативата за несогласност на оспорените одлуки со одредбите на Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
По однос на наводот во Иницијативата дека со проширувањето на трасата на булеварот„Борис Трајковски“ на начин на кој се зафаќа само во имотите на сопствениците од десната страна на трасата и со што се доведува до нееднаков третман на носителите на правото на сопственост чии имоти се наоѓаат на двете страни, Судот оцени дека е неоснован, Имено, предвидената интервенција и проширување е направена во законска постапка по изготвен проект од стручни лица. Станува збор за „Геинг Кребс Кифер интернешнл“ и др. ДОО –Друштво за градежништво, промет и услуги кој изготвил Проект за инфраструктура за бул. „Борис Трајковски“ од пред влез во Стаклара до кружен тек пред мост на Маркова река Општина Кисела Вода со планска документација. Понатаму, извршена е и Стручна ревизија од „ЗУМ ПРОЕКТ“ – ДОО – Скопје, Друштво за проектирање, ревизија и надзор, на Проект за инфраструктура за бул. „Борис Трајковски“ од пред влез во Стаклара до кружен тек пред мост на Маркова река Општина Кисела Вода-Скопје, април 2014, по што е донесен Заклучок дека постапката за одобрување е во согласност со законската регулатива и истата може да продолжи.
Оттука, од аспект на уставносудската анализа на законитоста на планирањето на предметниот простор за кој се однесуваат оспорените одлуки, релевантно е дека сите фази и дејствија на донесување на оспорените одлуки се запазени и спроведени согласно со закон.
Наводите во иницијативата дека Проектот за инфраструктура за бул. „Борис Трајковски“ од пред влез во Стаклара до кружен тек пред мост на Маркова река Општина Кисела Вода-Скопје, април 2014, не е во согласност со ГУП-от 2012-2022 не може да подлежат под уставно-судска контрола, заради тоа што се работи за технички документ кој е дел од фазата на донесување на оспорените одлуки и истиот бил под контрола на стручни лица.
Наводите во иницијативата дека оспорените одлуки не се објавени во службено гласило на Општина Кисела Вода, односно истите не се обнародени поради што јавноста не била запознаена со содржината на истите поради што е сторена повреда на одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за локалната самоуправа, се неосновани. Ова, од причина што во текот на претходната постапка од прибавената писмена документација со сигурност се утврди дека сите оспорени одлуки се објавени во „Службен гласник на Општина Кисела Вода“ во периодите кога истите биле донесувани. Одлуката која била донесена во текот на 2004 година е објавена во „Службен гласник на Град Скопје“ од причина што во тој период актите на Општина Кисела Вода исклучиво се објавувале во службеното гласило на Град Скопје.
Оттука, според Судот и по однос на овој навод не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорените одлуки со Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и со член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа во кој, меѓу другите надлежности, е предвидено дека градоначалникот има надлежност да ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината.
Предмет на оценување уставност и законитост, со поднесената иницијатива е и Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Стакларница“ бр.07-599/5 од 05.06.2008 година, донесена од Советот на Општина Кисела Вода. Меѓутоа, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучувал по однос на нејзината согласност со Уставот и Законот за просторно планирање и со Решението У.бр.211/2008 од 25 март 2009 година не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Стакларница“ Општина Кисела Вода Скопје, бр. 07-5990/5 од 5 јуни 2008 година, донесена од Советот на Општина Кисела Вода („Службен гласник на Општина Кисела Вода“ бр. 9/2008).
Согласно со член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на фактот што пред Судот повторно се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Стакларница“ бр.07-599/5 од 05.06.2008 година, донесена од Советот на Општина Кисела Вода, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на овој дел од иницијативата.
Врз основа на направената уставно-судска анализа, а имајќи ги предвид цитираните одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање и неговите измени и дополнувања, кои биле во примена при донесувањето на оспорените одлуки, Законот за локалната самоуправа, како и приложената писмена документација прибавена во текот на претходната постапка, неспорно произлегува дека предметните постапки се законито спроведени. Ова од причина што, според Судот, при нивното донесување се испочитувани сите фази во постапката, односно се утврди дека Советот на Општина Кисела Вода при донесување на оспорените одлуки во целост ги испочитувал одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и од Законот за локалната самоуправа.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски