Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.233/2024
Скопје,26.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 26 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА барањето на Филип Џуклески од Скопје, за заштита на слободите и правата коишто се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на национална и социјална припадност.
Образложение
I
Филип Џуклески од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на национална и социјална, односно општествена положба во поглед на професионален статус, за кои смета дека му се повредени со сторени последователни дејствија од страна на лицето Ранко Станојковски како одговорно лице при Автомобилистичката федерација на Северна Македонија.
Според наводите, во конкретниот случај има повреда на неговиот морален и личен интегритет што произлегува од регистрирањето на информации преку обработка на податоци како и повреда на достоинството и угледот, гарантирана со член 11 алинеја 1, член 18 и член 25 од Уставот на Република Северна Македонија. Подносителот во прецизирање на барањето, појаснува дека бара заштита на неговите слободи и права за недискриминација по основ на национален и социјален, односно професионален статус.
Дискриминацијата во конкретниот случај произлегува од следните причини и факти:
На ден 27.07.2022 година, на барање на подносителот, Автомобилистичката федерација на Северна Македонија (во натамошниот текст: АФСМ), му доставила електронско известување дека неговите податоци не евидираат во нивниот систем и доколку некогаш постоеле, истите биле веќе избришани.
Ваквото известување, подносителот го доставил по електронски пат до Спортскиот автокартинг сојуз на Србија САКСС /Авто Мото Сојуз на Србија (АМСС) од каде заради спречување на двојно издавање на лиценци требало да се обрати до АФСМ за повлекување на лиценците на подносителот на барањето заради премин во нивниот сојуз.
На ден 13.10.2022 година, од страна на одговорно лице при АФСМ – Ранко Станојковски, била доставена службена електронска пошта до официјалните лица при САКСС/АМСС, спортски фондации на Република Србија, која порака според подносителот на барањето, содржела невистинит, тенденциозен и погрешен одговор, односно во истиот било наведено дека подносителот на барањето бил доживотно казнет и избркан возач од АФСМ со што било спречен подносителот да стане член на спортските федерации на Република Србија.
Подносителот смета дека со наведената невистинита содржина во електронската порака од страна на АФСМ, му биле повредени угледот, моралниот интегритет и достоинство во повеќе наврати, злоупотребени му биле личните податоци и ограничени му биле слободите и правата на слободно здружување.
Во дополнување на поднесеното барање, подносителот наведе дека АФСМ со свој допис од 30.08.2024 година, доставен до САКСС/АМСС, потпишан од страна на Ранко Станојковски како претседател за спорт, се барало да не им биде овозможено учество на сите македонски возачи кои се регистрирале за учество на натпреварот „Novak Race Trasc 2024“ во Белград, што за подносителот претставува дејствие за поттикнување дискриминација по национална основа.
Од наведените причини, подносителот на барањето смета дека во конкретниот случај Судот треба да утврди повреда на неговите слободи и права, да му наложи на повредувачот, писмено да му се извини, како и Судот да ги извести засегнатите страни дека подносителот не е член на Автомобилистичката федерација на Северна Македонија ниту на еден активен клуб од 2019 година и дека ниту еден активен клуб член на АФСМ немал доставено барање за издавање на натпреварувачка лиценца на име на подносителот, согласно важечките правилници за тековната 2024 година, како и тоа Судот да утврди дека подносителот нема никакви материјални и финансиски обврски према АФСМ согласно првичниот договор, дека подносителот не е казнуван ниту избркан за да може слободно да одлучува за своето пристапување кон САКСС и АМСС, односно трето здружение.
Од наведените причини, предложи Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на решението за дејност спорт, издадено од Министерството за спорт, до донесување на конечна одлука на Судот.
II
Врз основа на податоците и известувањата прибрани во текот на претходната постапка, Судот на седницата утврди дека:
Подносителот на барањето, Филип Џуклески од Скопје, е автомобилист кој според доставените прилози кон барањето, се стекнал со титулите шампион на брдски натпревари и вицешампион на кружни натпревари во својата последна натпреварувачка сезона извозена во рамките на Автомобилистичка федерација на Република Северна Македонија.
На ден 21 јули 2022 година, подносителот на барањето, по електронски пат, се обратил до АФСМ на службената мејл-адреса со барање АФСМ да му издаде официјално известување дека тој како натпреварувач повеќе не постои во евиденцијата на Федерацијата од почетокот на 2019 година.
Во содржината на електронската пошта е наведено дека барателот бил слободен возач и немал никакви заостанати обврски спрема Федерацијата или какви било други финансиски импликации.
Барањето го испраќа со цел да добие официјална потврда дека нема поднесено барање за членство и издавање на лиценца, а со тоа не евидира ниту како возач ниту како член, како би можел да пристапи во рамки на друга федерација.
Во натамошната комуникација, подносителот наведува дека бара официјално неговите податоци доколку постојат, да бидат избришани од нивната евиденција.
На ден 27.07.2022 година, Автомобилистичката федерација на Република Северна Македонија, му доставила електронско известување дека неговите податоци не евидираат во нивниот систем и доколку некогаш постоеле, истите веќе биле избришани.
Ваквото известување, подносителот го доставил по електронски пат до Спортскиот автокартинг сојуз на Србија САКСС /Авто Мото Сојуз на Србија (АМСС) заради запознавање, со барање САКСС да се обрати до АФСМ да ги повлече неговите суспендирани лиценци истата по поднесување на барање за членство во САКСС.
САКСС се обратило со електронска порака до АФСМ на ден 24.08.2022 година, со барање да се овозможи понатамошно настапување на нивниот натпреварувач – македонскиот возач Филип Џуклески на кружни и брдски тркала за шамионатот на Србија и нова електронско комуникација од 12.10.2022 година, од страна на АМСС до АФСМ со која е побарано да дадат дозвола за натпреварувачот Филип Џуклески за да истиот може да извади лиценца од САКСС.
На ден 13.10.2022 година, од страна на одговорно лице при АФСМ – Ранко Станојковски, била доставена службена електронска пошта до официјалните лица при САКСС/АМСС, со кој ги известуваат дека за лицето Филип Џуклески веќе имаат доставено одговор дека за наведеното лице федерацијата не може да даде одобрување за да можат САКСС да му издаде лиценца. Во мејл пораката е наведено дека лицето за кое бараат лиценца било исфрлено од Федерацијата како лице кое го рушело угледот и работело во рушење на угледот на истата.
Во дополнување на поднесеното барање, подносителот достави допис од 30.08.2024 година, испратен од АФСМ до САКСС/АМСС, потпишан од страна на Ранко Станојковски како претседател за спорт, со кој се бара од САКСС да не им биде овозможено учество на сите македонски возачи кои се регистрирале за учество на натпреварот „Novak Race Trasc 2024“ во Белград.
На поднесена претставка од страна на подносителот, Народниот правобранител, на ден 20.02.2023 година, доставил известување за запирање на постапката со образложение дека Агенцијата за млади и спорт доставила информација до Народниот правобранител дека лицето Филип Џуклески до нив не доставило официјална претставка, како и тоа дека во евиденцијата на Автомобилистичката федерација не постои евиденција за наведеното лице и доколку постоеле какви било податоци истите веќе биле избришани.
Понатаму, во дописот се наведува дека Агенцијата за млади и спорт нема надлежност да издава потврда по барање на физички и правни лице и дека Автомобилистичката федерација е здружение на граѓани, независен и самостоен спортски правен субјект.
Од овие причини, Народниот правобранител ја запрел постапката со оглед на тоа дека не констатирал повреда на правата наведени во претставката.
Подносителот, на ден 11.07.2024 година, поднел претставка и до Министерството за спорт. Одговор од Министерството не е доставен во прилог на барањето за заштита на слободите и правата.
III
Уставниот суд на Република Северна Македонија, ги штити правата или слободите на секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му се повредени, утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, меѓу кои и заштита на слободите и правата од дискриминација кои се однесуват на национална и социјална припадност на кои се повикува подносителот на барањето.
Конкретното барање, се однесува на барање за заштита на слободите и правата кои според подносителот биле поврзани со дејствија.
Судот мериторно ќе се впушти да одлучува по предметот доколку утврди дека повредата на слободите и правата на граѓанинот се сторени со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единицата на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања.
Автомобилистичката федерација на Северна Македонија, е здружение на граѓани, независен и самостоен спортски правен субјект кој нема својство на субјект на кој со закон му е доверено да врши јавни овластувања во ниту еден дел од своето функционирање.
Согласно со Статутот на АФСМ, таа е здружение кое ги собира, организира и координира автомобилистите, автомобилистички клубови, историски (олдтајмери) клубови и картинг клубови на територија на Република Северна Македонија заради остварување на нивните лични и заеднички интереси и потреби од областа на авто спорт, основана на неопределено време.
Автомобилистичката федерација на Северна Македонија, како здружение, своите цели и задачи ги остварува во согласност со Законот за спортот, Законот за здруженија и фондации и Статут. Законодавецот во наведените закони не ѝ доверил јавни овластувања поради што не се исполнети процесните претпоставки за мериторно одлучување по предметот.
Овој факт е од значење со оглед на тоа дека индивидуалната уставно-судска заштита на слободите и правата се однесува на заштита од поединечни акти и дејствија на субјектот на кој му е доверено вршење јавно овластување.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај се бара Судот да утврди постоење дискриминација по основ на национална и социјална припадност сторени со дејствија од страна на одговорно лице на Автомобилистичката федерација на Северна Македонија која е здружение на граѓани, независен и самостоен спортски правен субјект, кој нема статус на субјект на кој му е доверено да врши јавно овластување, не постојат процесни претпоставки Судот да одлучува за суштината на барањето, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на барањето.
По однос на истакнатото барање Судот, да донесе решение за запирање на извршувањето на решението за дејност спорт, издадено од Министерството за спорт, со оглед на тоа дека Судот не се впушти мериторно да одлучува за суштината на барањето, не постојат услови за одлучување по истото.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски