Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.207/2023
Скопје, 20.05.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024) на седницата одржана на 20 мај 2025 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 17 став 3 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Северна Македонија“ број. 129/2023 и 53/2024).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, со Решението У.бр.207/2023 од 5 февруари 2025 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од диспозитивот на оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека со член 17 став 3 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, е предвидено дека директорот и заменикот имаат право на додаток на плата заради заштита на угледот на институцијата и доверливоста во работењето, а чија висина поблиску се уредува со акт на Академијата.
III
Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, во член 1 помеѓу другото, ги определил органите на управувањето и финансирањето на Академијата.
Според член 8 од Законот, Управниот одбор, директорот и Програмскиот совет се органи на управување на Академијата.
Со член 11 од Законот, детално се уредени надлежностите на Управниот одбор на Академијата, а алинејата 14 од истиот член, донесува акти за прашања за кои во овој закон е утврдено овластување да ги донесува Академијата.
Согласно со член 66 од овој закон, средствата за работа на Академијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија преку буџетот на „судска власт“, како и од други извори на финансирање, односно донации и подароци, самостојни приходи и приходи преку издавање на публикации, реализација на обуки за други целни групи кои се надвор од областа на правосудството и во правосудството, реализација на проекти и грантови кои не се во спротивност со дејноста на Академијата, а во согласност со Управниот одбор.
Законодавецот, со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, го уредил работењето на Академијата како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.
Во член 17 од Законот, законодавецот ја пропишал платата на директорот и заменикот на директорот на Академијата на начин што во ставот 1 предвидел платата на директорот да се определува на нивото на плата на судија на Врховниот суд, која е утврдена со закон, а на неговиот заменик согласно ставот 2 од истиот член, платата се определува на ниво на плата на судија во апелационен суд која е утврдена со закон. Покрај основната плата на директорот и неговиот заменик, законодавецот со ставот 3, предвидел и право на додаток на плата заради заштита на угледот на институцијата и доверливоста во работењето, а висината на додатокот пропишал дека се утврдува со акт на Академијата, што е предмет на оспорување со иницијативата.
За подносителот е нејасно кој го носи подзаконскиот акт кој треба да ги содржи параметрите за висината на додатоците на плата на директорот и неговиот заменик, за кои смета дека исклучиво мора да бидат предмет на уредување на Законот, а не на подзаконски акт.
Од анализата на наведените законски одредби, како и од целината на Законот произлегува дека законодавецот ја востановил Академијата како јавна установа која врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители, при што главен извор за финансирање на Академијата е Буџетот на Република Северна Македонија преку буџетот на „судската власт”.
Оттука, имајќи предвид дека државата е таа која ги обезбедува финансиските средства, покрај другото, и за додаток на плата на директорот и неговиот заменик, основано се постави прашањето дали решението од оспорениот член 17 став 3 од Законот е оправдано во смисла на тоа Академијата во своите акти да ја определи висината на додатокот на плата на директорот и неговиот заменик. Ова дотолку повеќе што општите акти на Академијата ги носи Управниот одбор на предлог на директорот.
Неспорно е дека на директорот и на заменикот на директорот на Академијата им следува додаток на плата заради заштита на угледот на институцијата и доверливоста во работењето, но законодавецот не пропишал критериуми односно рамка врз основа на која Академијата во своите акти ќе ја определи висината на тој надоместок како што тоа го предвидел во ставовите 1 и 2 од истиот член.
Тргнувајќи од наводите во иницијативата и содржината на оспорената одредба со која на Академијата ѝ се овозможува со свој акт поблиску да ја утврди висината на надоместокот, без притоа Законот да содржи параметри, критериуми и рамка за утврдување на висината на надоместокот, Судот оцени дека основано се доведува во прашање уставноста на оспорената одредба, односно нејзината согласност со уставната одредба на која се повикува подносителот на иницијативата.
Од анализата на оспорената одредба, Судот оцени дека оспорениот член 17 став 3 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, е спротивен на темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат јасни и прецизни норми и истите да бидат правно усогласени со Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски