Не се поведува постапка за оценување на Листата на стоматолошки услуги

Не се поведува постапка за оценување на Листата   на    стоматолошки услуги со  минимални (референтни) цени донесена од Извршниот одбор на Стоматолошката комора на Македонија од 24.04.2024 година. 

За Уставниот суд се неприфатливи наводите дека оспорениот акт ја нарушува слободата на пазарот со поставување на минимални цени и ограничување на рекламирањето врз основа на цената. Според Судот, Стоматолошката комора на Македонија, со воспоставување на минимални цени, гарантира дека приватните стоматолози нема да го загрозат квалитетот на услугата и професионалната етика заради пазарната конкуренција, од каде корист би имале самите пациенти а со тоа, индиректно се поддржува поширокото право на здравствена заштита, на начин усогласен со јавниот интерес. За Судот неспорен е фактот дека Листата на стоматолошки услуги е од општ карактер и се однесува подеднакво за сите и нема елементи на селективна примена или создавање на привилегирана или дискриминирана категорија на граѓани. 

Во однос на наводите во иницијативата дека Извршниот одбор немал надлежност да ја усвои Листата без овластување од Собранието на Комората, Судот утврди дека таква надлежност на Извршниот одбор постои и е уредена со членот 27 став 2 точка 22 од Статутот на Стоматолошката комора на Македонија каде што јасно му е наложено на Извршниот одбор да воспостави листа на минимални цени за приватни стоматолошки услуги.

Подносител на иницијативата: Филип Стојковски

Број на предмет:У.бр.236/2024