Советниците од Уставниот суд на Република Северна Македонија учествуваа на обука на тема „Заштита и ограничувања на правата во Северна Македонија согласно судската пракса на Европскиот суд за човекови права“, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Обуката која ја водеа Симона Јорданова и Светлана Црвенковска, национални офицерки за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ, опфати повеќе тематски целини.
Првиот ден од обуката учесниците имаа можност да се запознаат со:
- компаративни искуства за преглед на човековите права заштитени со Уставот на Република Северна Македонија во споредба со клучните одредби од Европската конвенција за човекови права;
- доктрината за „слобода на проценка“ и примената на „тестот на пропорционалност“ во процесот на оценување на ограничувања на човековите права;
- основите и видовите на законски ограничувања и нивната примена во домашниот правен систем.
Вториот ден беше посветен на анализа на конкретни случаи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права, при што беа обработени студии на случај поврзани со:
- слободата на изразување и нејзиното ограничување преку закон;
- слободата на здружување и примената на ограничувања;
- прашања поврзани со дискриминација и нивната анализа во национален контекст.
Советниците на Уставниот суд спроведоа и анализа на одлуки на Судот во контекст на ограничување на правата на граѓаните, со цел унапредување на праксата и нејзино усогласување со меѓународните стандарди за заштита на човековите права.
Овие обуки се одржаа во периодот 22 и 23 мај 2025 година и се дел од заедничките активности за унапредување на работењето на Уставниот суд и промоција на вредностите за коишто се залага Мисијата на ОБСЕ во Скопје.




