На 28 мај 2025 година со почеток во 9:30 часот ќе се одржи 11. седница со Дневен ред за кој се предвидени седум предмети за оценување на уставност и законитост.
I- ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ
1. Реферат У.бр.146/2024
Оспорен: Член 13 став 2 во делот „и заклучок“ од Законот за извршување
Подносител: Оливер Давидовски од Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека е нејасно „како одлука во управна постапка, во смисла на овој закон, се смета… и заклучок на орган на државната управа…“, бидејќи во актуелниот Закон за општа управна постапка веќе не е уреден „заклучокот“ како еден од видовите на управни акти како што било предвидено во претходниот Закон за општата управна постапка, кој одамна не е во примена. Оттука, подносителот смета дека оспорената законска одредба е спротивна на владеењето на правото и правната сигурност.
2. Реферат У.бр.196/2024
Оспорен акт: Член 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување
Подносител на иницијативата: Здравко Тумбовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените членови се во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3, 6 и 8, членот 20 став 1 и 2, член 30 став 1, 2 и 3, член 51 став 1 од Уставот. Се тврди дека оспорените одредби се спротивни на членот 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Подносителот тврди дека со горенаведените членови во иницијативата, се обесправени и не можат да располагаат со нивните пензии, без одобрување на пензионерите-членови е воведен солидарен фонд-посмртна помош и членарина.
3. Реферат У.бр.250/2024
Оспорен акт: Член 1 од Законот за дополнување на Законот за облигациони односи, член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување.
Подносител на иницијативата: Ѓорѓи Андов
Од наводите во иницијативата:
Подносителот меѓу другото го оспорува членот кој предвидува дека каматата престанува да тече тогаш кога ќе го достигне износот на главнината и смета дека не е во согласност со уставно гарантираното право на сопственост и правото на наследување. Во иницијативата се наведува дека откако каматата престанува да тече, се намалува имотот на доверителот во корист на должникот, како и дека договорната камата извира од главнината и двете се имот на доверителот, а притоа каматата е договорена меѓусебно.
4. Реферат У.бр.8/2025
Оспорен акт: Делот „членот 38 став 3” од членот 39 став 3 од Законот за градежни производи
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот тврди дека оспорениот дел упатува на примена на одредба која не е дел од правниот промет во Република Северна Македонија, сметано од 06.07.2018 година.
5. Реферат У.бр.262/2024
Оспорен акт: Делот „спогодба” од член 47 став 2 од Општиот колективен договор за јавниот сектор
Подносител на иницијативата: Игорчо Точев
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорената одредба се остава можност арбитрерно да се договорат страните на Колективниот договор кои се обврзуваат преку спогодба да ги утврдат коефициентите на сложеност на работата, што според него предизвикува правна несигурност на граѓаните и е во спротивност со владеењето на правото.
6. Реферат У.бр.158/2024
Оспорен акт: Одлуката за донесување на ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров, Скопје од 17.02.2024 година
Подносител: Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје
Од наводите во иницијативата:
Во иницијативата се наведува дека завршната одредба од оспорената одлука за донесување на ДУП во која е уредено дека истата стапува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Ѓорче Петров, е спротивна на уставниот принцип на владеењето на правото и на одредбите од Законот за локалната самоуправа и Статутот на Општина Ѓорче Петров од причина што Уставот определува објавување на прописот како услов за влегување во сила. Меѓудругото, се наведува дека оспорената одлука не е објавена на веб-страницата на Општината што ја прави формално-правно невалидна и спротивна на Законот за урбанистичко планирање. Според подносителот на иницијативата, донесениот ДУП поради непочитување на законската постапка и неприфаќањето на мислењата од стручните лица, како и без позитивно мислење од Град Скопје не е во согласност со ГУП на Град Скопје 2012-2022 при што реализација на истиот може да предизвика еколошка и безбедносна закана за жителите на град Скопје. Понатаму се наведува дека оспорениот ДУП за Градска четврт С3 16 Општина Ѓорче Петров има промена на намена и регулација со што не е во согласност со процедурите и законите и предвидува изградба на 2% повеќе од максимално дозволеното со закон. Оттука, подносителот смета дека со предимензионирањето на висините на градбите и додавање на производни капацитети од хемиската индустрија загрозена е една од темелните вредности на Уставот – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
7. Реферат У.бр.236/2024
Оспорен акт: Листа на стоматолошки услуги со минимални(референтни цени) на Извршен одбор на Стоматолошката комора на Македонија од 24.04.2024
Подносител на иницијативата: Филип Стојковски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот ја оспорува листата на стоматолошки услуги бидејќи со неа е утврдено дека Извршниот одбор на Стоматолошката комора одредил минимални (референтни) цени и со тоа на стоматолозите им се забранува да вршат стоматолошки услуги по цени пониски од утврдените, при што е предвидено и санкционирање доколку стоматолозите не се придржуваат до Листата. Во иницијативата се тврди дека стоматолозите се приморани да пружаат услуга само на оние граѓани кои имаат финансиска можност да платат најмалку колку што е предвидената минимална цена, наместо да го унапредат здравјето на сите останати без оглед на нивната финансиска моќ. Токму ова, подносителот наведува дека е во спротивност со членот 9 од Уставот кој предвидува еднаквост на сите граѓани.