Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.255/2024
Скопје, 16.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 16 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на член 5 став 1 точка 4 потточка а алинеја 3 од Условите за задолжително осигурување во сообраќајот од одговорност за штети предизвикани од трети лица (осигурување на автоодговорност – АО), донесени од Управниот одбор на ГРАВЕ осигурување неживот АД Скопје, со Одлуката број 28/37 од 05.12.2019 година.
Образложение
I
Миодраг Видиниќ од Скопје, преку адвокат Билјана Крстевска, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на член 5 став 1 точка 4 потточка а алинеја 3 од Условите за задолжително осигурување во сообраќајот од одговорност за штети предизвикани од трети лица (осигурување на автоодговорност –АО), донесени од Управниот одбор на ГРАВЕ осигурување неживот АД Скопје, со Одлуката број 28/37 од 05.12.2019 година.
Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба се повредува член 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот бидејќи надвор од законските одредби доносителот додал дополнителен услов каде осигуреникот ги губи правата од осигурување со барање истите да се укинат.
Според подносителот на иницијативата, во Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, со осигурувањето од автомобилска одговорност меѓу другото, се регулирани и штетите предизвикани со употреба на моторно возило од неовластено лице. Имено, во член 16 став 2 од Законот во делот за правото на суброгација е уредено дека како неовластено лице се сметаат лица кои управувале моторно возило без соодветна возачка исправа, лицата кои на нелегален начин управувале со моторното возило и лицата кои управувале со моторното возило под дејство на алкохол над дозволеното ниво, согласно со Законот, додека во член 5 став 1 точка 4 потточка а алинеја 3 од Условите за задолжително осигурување во сообраќајот од одговорност за штети предизвикани од трети лица е регулирано дека правата од осигурување лицето ги губи кога се смета дека лицето е под дејство на алкохол, ако по сообраќајната незгода избега или одбие да се подложи на испитување на неговата алкохолизираност или консумира алкохол, така што го оневозможи утврдувањето на присуството на алкохол во крвта во моментот на настанување на штетата.
Според подносителот вака дефинираната одредба во Условите за задолжително осигурување во сообраќајот од одговорност за штети предизвикани од трети лица е спротивна на член 16 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот бидејќи Друштвото во тие услови дополнително уредило неовластено лице да се смета и лице кое го напуштило местото на сообраќајната незгода со што надвор од законските прописи е пропишано правото на регрес за исплатениот износ на надоместокот за штета заедно со каматата и трошоците создадени на тој начин од неовластеното лице.
Понатаму во иницијативите подносителот го посочува своето сопствено искуство во постапка со примена на оспорената одредба и воедно бара Уставниот суд да ја прекине постапката за исплата на штета.
Поради сето наведено, подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да се впушти во уставно-правна анализа и да поведе постапка за оспорената одредба.
II
На седницата Судот утврди дека со Одлуката број 28/37 од 05.12.2019 година Управниот одбор на ГРАВЕ осигурување неживот АД Скопје ги донел Условите за задолжително осигурување во сообраќајот од одговорност за штети предизвикани од трети лица (осигурување на автоодговорност – АО). Во член 5 став 1 точка 4 потточка а алинеја 3 е уредено дека „ако во моментот на собраќајната незгода возилото го управувал под дејство на алкохол, дрога или други наркотици се смета дека возачот бил под дејство на алкохол ако по сообраќајната незгода избега или одбие да се подложи на испитување на неговата алкохолизираност, или консумира алкохол, така што го оневозможи утврдувањето на присуство на алкохол во крвта во моментот на настанување на штетата“.
III
Според член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.
Со Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 27/2002, 79/2007, 67/2010 ,44/2011, 188/2013, 43/2014, 112/2014, 153/2015, 192/2015, 23/2016, 83/2018, 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 101/2019, 31/2020, 173/2022) се уредуваат условите под кои можат да се вршат работи на осигурување на живот, неживотно осигурување и реосигурување, работи на застапување во осигурувањето, осигурително брокерски работи, основање, работење, супервизија и престанок со работа на трговските друштва за осигурување и реосигурување, осигурителните брокерски друштва и друштвата за застапување во осигурувањето како и основањето и работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Според член 3 став 1 од Законот, работите на осигурувањето може да ги врши друштво за осигурување кое се основа како акционерско друштво со седиште во Република Северна Македонија, под условите утврдени со овој закон и Законот за трговските друштва.
Согласно член 5 точка 1 од истиот закон, осигурувањето од последици на несреќен случај – незгода е утврдено како посебна класа на осигурување и истото, во случај на смрт или нарушување на здравјето поради повреда, покрива: исплата на осигурената сума во еден целосен износ, исплата на осигурената сума во рати, комбинација на исплати од претходните два случаи или исплата поради повреди, нарушување на здравјето или смрт на патници.
Во член 6 од наведениот закон, друштвото за осигурување може да врши работи на осигурување во една или повеќе класи на осигурување, во рамките на една од групите на осигурување и тоа:
1. неживотно осигурување, кое ги опфаќа класите на осигурување од точките 1 до 18 од членот 5 на овој закон и
2. осигурување на живот, кое ги опфаќа класите од точките 19 до 25 од членот 5 на овој закон.
Општите и посебните услови за осигурување по класи на осигурување се акти на деловната политика на друштвото, согласно член 39 од Законот за супервизија на осигурување.
Со Законот за задолжително осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2005 70/2006 81/2008 47/2011 135/2011 112/2014 145/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 220/2019) се уредува задолжителното осигурување на: а) патници во јавен превоз од последици на несреќен случај – незгода; б) сопственици, односно корисници на моторни и приклучни возила; в) патници, багаж и ствари во воздушен сообраќај како и авиопревозниците односно операторите на воздухоплови и г) сопственици, односно корисници на бродови, односно чамци на моторен погон, од одговорност за штети предизвикани на трети лица во сообраќајот и други прашања од значење за задолжителното осигурување во сообраќајот.
Според член 14 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, сопственикот, односно корисникот на моторно и приклучно возило е должен да склучи договор за осигурување од одговорност за штети што со употреба на моторното возило ќе им ја причини на трети лица поради смрт, телесна повреда, нарушување на здравјето, уништување или оштетување на предмети (во натамошниот текст: осигурување од автомобилска одговорност) освен од одговорност за штети за предметите што ги примил на превоз.
Осигурителните компании во исплатата на ваков вид штета имаат за цел да определат со свои акти насоки за договорните правила во исплатата на штетата причинета на трети лица врз основа на осигурувањето, каде меѓу другото, ги утврдуваат и случаите кога осигурителното друштво има право на регресно побарување.
Овие услови не претставуваат пропис, тие се составен дел на договорот за осигурување што договорувачот на осигурувањето ќе го склучи со осигурителот, на кој договор инаку се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи.
Според тоа, за секој настанат спор меѓу договорните страни во врска со содржината на договорот, како и нивните права, обврски и одговорности од аспект на Законот за облигационите односи, е надлежен да решава друг суд, а не Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Имајќи го предвид наведеното, како и тоа дека во конкретниот случај станува збор за Услови за осигурување од автомобилска одговорност донесени од Акционерско друштво за осигурување, согласно со Законот за задолжителното осигурување во сообраќајот, Судот утврди дека оспорениот акт не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, туку е акт на деловната политика на друштвото за осигурување коешто го донело.
Со оглед на наведеното, а имајќи предвид дека согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот не е надлежен да одлучува за законитоста на оспорениот акт, настапени се условите за отфрлање на иницијативата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски