У.бр.51/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.51/2023
Скопје, 16.04.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеи 1 и 3 и член 73 алинеja 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 16 април 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛA иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста  на член 1 став 2, член 4 став 2, член 27 став 2, член 29 став 1, член 34 став 3 и член 36 од Статутот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, донесен на 21.12.2015 година.

Образложение

I

Славко Лазовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста  на член 1 став 2, член 4 став 2, член 27 став 2, член 29 став 1, член 34 став 3 и член 36 од Статутот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

Според наводите во иницијативата, оспорените членови од Статутот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија не се во согласност со одредбите од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија” бр. 52/2010, 135/2011, 55/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр 239/2022) и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од Статутот не се во согласност со одредбите од Законот за здруженија и фондации, поради тоа што во член 1 став 2 од Статутот се наведува дека со Статутот ќе се уреди и начинот на избор и разрешување во Сојузот, но ова прашање воопшто не е уредено со одредбите на Статутот. Спротивно на оспорениот член 4 став 2, подносителот укажува дека oвластената организација за одредување на висината на придонесот за Солидарниот фонд и членарината, не е, ниту може да биде орган на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија. Подносителот  укажува дека, според него, регистрирана организација не може да биде самиот Сојуз на здруженијата на пензионерите на Македонија, како што стои во член 27 став 2 од Статутот.

Понатаму во иницијативата се наведува дека според член 29 став 1 од Статутот, на надзорниот одбор му се скратени надлежностите предвидени со член 56 став 2 од Законот за здруженија и фондации.

Според подносителот, временото финансирање не се однесува за 1/3 од приходите во претходната година како што е наведено во оспорениот член 34 став 2 од Статутот, туку треба да се однесува за ¼, бидејќи периодот од три месеци е ¼ од 12 месеци во годината.

Исто така, според наводите оспорениот член 36 од Статутот нема одредба соодветна на член 23 од Законот, дека Собранието усвојува Годишен извештај за работа и финансиски извештај и ги објавува на својата веб-страница, односно нема одредба која наложува двата извештаи да се објавувват на веб-страницата на Сојузот, ниту има одредба за начинот како да се објавува Годишниот финансиски извештал, ниту одредба дека Сојузот е должен извештаите да ги објави најдоцна до 30 април за претходна година.

Поради овие причини, подносителот на иницијативата бара да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Статутот како спротивни со член 11 став 2, член 18 став 2 алинеја 6, член 23 алинеја 2, член 53 и член 56  од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија” бр. 52/2010, 135/2011, 55/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр 239/2022) и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

II

На седницата Судот утврди дека оспорените одредби на член 1 став 2, член 4 став 2, член 27 став 2, член 29 став 1, член 34 став 3 и член 36 од Статутот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија имаат следна содржина:

Во член 1 став 2 од Статутот се предвидува дека Статутот содржи: здружување и раздружување во Сојузот; име и седиште; цели и дејности со кои се остваруваат целите; органите и нивниот состав; начинот на избор и разрешување, траење на мандатот на членовите во органите; начинот на одлучување; застапување по закон; начин на стекнување и располагање со средствата; начин на остварување јавност и отчет во работата; начин на донесување, изменување и дополнување на Статутот; начин на постапување со средствата и имотот во случај на престанок на Сојузот и други прашања од значење за работата на Сојузот.

Според член 4 став 2 се предвидува дека со барањето за прием во Сојузот, здружението на пензионери доставува: фотокопија од решението за регистрација во Централниот регистар на Република Македонија, Статут на здружението на пензионерите, Одлука за прифаќање на Статутот и програмата на Сојузот, Одлука за учество во финансирањето на дејноста на Сојузот, Одлука за овластување на органот на Сојузот да ја утврдува висината на делот од членарината за финансирање на дејноста на Сојузот, Одлука за овластување на органот на Сојузот да ја определува висината на задршката од пензијата за членарина на здружението и висината на придонесот за Солидарниот фонд и висината на испратнината на член на семејството на починат корисник на пензија и список на членови на здружението со пристапници (доказ за бројот на членството).

Согласно со член 27 став 2 регистрираната организација од став 1 на овој член е Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија бидејќи во својот состав има најголем број членови, по претходна согласност на сојузите на здруженија на пензионерите на Македонија.

Според член 29 став 1 од Статутот, надзорниот одбор врши увид во материјално-финансиската документација и ја контролира правилната примена на прописите од материјално-финансиското работење и со наодот ги информира Собранието и Извршниот одбор.

Со член 34 став 3 од истиот статут се предвидува дека во оправдани случаи, Собранието може до донесувањето на Финансискиот план да донесе одлука за времено финансирање на Сојузот, за првите три месеци на наредната фискална година, во висина на 1/3 од остварените приходи и расходи во претходната година.

Во член 36 се предвидува дека работата на Сојузот е јавна. Седниците на Собранието и на Извршниот одбор и другите органи и тела на Сојузот се отворени за јавноста и за претставниците на средствата за јавно информирање. Заради запознавање на јавноста со одредени состојби во здруженијата на пензионерите и со работењето на органите на Сојузот како и со остварувањето на уставните и законските права на корисниците на пензија, Извршниот одбор може да одржи конференција со новинарите или да издаде соопштение за јавноста преку средствата за јавно информирање. За информирање на членовите и пошироката јавност се користи печатот, радиото, телевизијата и веб-страницата и весникот на СЗПМ „Пензионер плус”.

III

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со овој статут се уредуваат целите и дејностите, организационата поставеност и функционирањето на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

Според член 2 од Статутот, Здруженијата на пензионерите на Македонија доброволно се здружуваат во Сојузот за остварување и заштита на целите и интересите на корисниците на пензија, за поцелосно и на единствен начин претставување пред надлежните органи на државата на нивните интереси, заштита и унапредување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, за остварување на поцелосна и поквалитетна здравствена заштита, како и за координирање, збогатување и унапредување на културните, спортските и хуманитарните потреби и на други дејности на пензионерите на Република Македонија.

Уставниот суд во рамки на своите уставни надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста и законитоста на одредбите кои се предвидени и содржани во Статутот, но нема надлежност да одлучува за тоа што оспорените одредби од овој статут не содржат, а требало да содржат, на што се укажува во наводите на иницијативата. Притоа, во иницијативата не се наведува ниту една причина зошто она што е предвидено во оспорените членови од Статутот, е во спротивност со Уставот и со Законот за здруженија и фондации.

Имајќи предвид дека се оспоруваат одредби од Статутот од аспект на отсуство на уредување на содржина, кое во иницијативата се смета дека би требало да биде уредена, Судот оцени дека постојат процесни пречки за мериторно постапување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 38 алинеи 1 и 3 од Актот, за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски