У.бр.238/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.238/2024
Скопје, 16.04.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 16 април 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 од Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, бр. 08-4692/2 од 05.04.2024 година, донесена од Советот на Општина Тетово („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.5/2024 од 08.04.2024 година).

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на Ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, бр.08-217/12 од 12.01.2024 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.1/2024 од 15.01.2024 година) во целина и на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, бр. 08-4692/2 од 05.04.2024 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.5/2024 од 08.04.2024 година),  двете донесени од Советот на Општина Тетово.

Образложение

I

Бранислав Стефановски од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на Ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.1/2024 од 15.01.2024 година) и Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.5/2024 од 08.04.2024 година).

Во иницијативата, подносителот ги цитира оспорените акти и смета дека истите се спротивни на член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 9 и член 51, член 52 став 4 и член 55 од Уставот, како и на членовите 1, 2, 4, 4-а и 4-б од Законот за јавните претпријатија, член 2, член 4 став 1 точка 4, член 5 став 1 точка 7 и точка 11 од Законот за комуналните дејности членовите 21, 22 и 24 од Законот за локалната самоуправа, член 32, член 34 и член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија и со Законот за трговски друштва на кој упатува Законот за јавни претпријатија.

Подносителот смета дека одредбите од оспорените одлуки се непрецизни и двосмислени и ја нарушуваат функционално-логичката целина на законските одредби што се однесуваат на единиците на локалната самоуправа и се остава можност за недоследна односно различна примена на одредбите од Законот за јавни претпријатија, Законот за трговски друштва и Законот за комунални дејности во практиката. Ова од причина што, од една страна, пропишуваат еднаквост на граѓаните за една иста услуга и обврска од јавен интерес-собирањето и транспортирањето на комунален отпад и други видови на неопасен и инертен отпад којшто настанал односно го создало населението (во конкретниот случај граѓаните на Општина Тетово), а од друга страна, врз основа на оспорените членови на одлуките доаѓа до наплата на надоместок од страна на, сега друг, издвоен правен субјект за празни објекти, односно надоместок што се побарува по м2 на недвижноста на којашто одредено лице полага право на сопственост.

Таквата непрецизност или двосмисленост, нарушувањето на функционално-логичката целина на наведените законски одредби и можноста за нивно недоследно или различно применување во однос на позитивното право на Република Северна Македонија, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја З и член 51 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека правното дејство на Одлуката е со суспензивно дејство, бидејќи со членот З од истата се пропишува дека ценовникот ќе се применува од 01.02.2024 година, а операторот Друштво за производство и комунални услуги ОАЕНЕУМ ДООЕЛ експорт-импорт Тетово се задолжува во рок од 6 месеци да достави извештај во врска со ценовникот, а Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавување на истата во „Службен гласник на Општина Тетово“, што значи престанување на важењето на актите врз основа на коишто Општина Тетово и ЈПК Тетово вршеле собирање и транспортирање на отпад.

Суспензивното дејство на Одлуката врз основа на Законот за трговските друштва е поради тоа што со член 4 и член 4-а од Законот за јавните претпријатија се дава правна можност јавните претпријатија или пак дел од јавното претпријатие да се преобразби во трговско друштво (ДОО или АД), а трансформацијата на јавното претпријатие е по Законот за трговските друштва и оттука, на подносителот му се поставува прашањето во врска со законитоста на постапката за основање на оператор што ќе врши собирање и транспортирање на комунален отпад на подрачјето на Општина Тетово.

Понатаму, подносителот смета дека оспорените акти се спротивни на член 52 став 4 од Уставот којшто ја уредува забраната за повратно дејство на законите и другите прописи, освен кога тоа е поповолно за граѓаните и смета дека со одлука не може да се ограничува правното дејство на законите, а одлуката има ретроактивно дејство, дејствува од моментот кога е донесена и наназад од оној момент кога единиците на локалната самоуправа донеле основачки акти со кои се основани правните лица.

Цитирајќи го член 55 од Уставот, подносителот наведува дека ограничувањата на слободата на пазарот и претприемништвото треба да бидат експлицитно образложени и истовремено истите можат да бидат предмет на ограничување исклучиво со закон, а не со одлука на совет на општина.

Од фактурите коишто ги доставува во прилог на оваа иницијатива, подносителот констатира дека „комунален отпад“ се наплаќа врз основа на големината на домаќинството односно квадратурата на недвижниот имот на којшто носителот на правото на сопственост, корисник на комуналните услуги, е впишан во катастарските книги, без оглед на фактот дали се работи за земјиште или пак за етаж. Ваквото нешто е спротивно на темелните вредности утврдени со Уставот на Република Северна Македонија бидејќи во никој случај не се води сметка за бројот на членовите на домаќинството коишто всушност го создаваат комуналниот отпад, туку сметките се изготвуваат врз основа на квадратурата на недвижниот имот, како да недвижниот имот е оној кој што го создава комуналниот отпад, а не членовите на домаќинствата. Исто така, се наведува дека комуналниот отпад се плаќа и за празни објекти во кои не живее никој подолго време што значи дека во такви домаќинства нема отпад, нема потрошувачка на вода за пиење, бидејќи никој и не живее, а за ваквите комунални услуги се бара надомест што е класична изнуда на пари за нешто што воопшто и не е потрошено односно услугата и не е извршена бидејќи нема кој да ја изврши.

Во конкретниот случај, жителите на Општина Тетово плаќаат комунален отпад како погоре опишано врз основа на една незаконита и спротивна на Уставот одпука со паушални цени без да биде земено предвид кој колку комунален отпад создал.

Во смисла на наведеното, подносителот додава дека во конкретниот случај, со обврската којашто произлегува од оспорените одлуки за комуналниот отпад да се бара ист надомест за две домаќинства со иста квадратура иако во едно домаќинство живее едно лице, а во другото живеат 5-10 лица, се повредува принципот на еднаквост помеѓу граѓаните за една иста услуга и обврска.

Во продожение на иницијативата, подносителот се осврнува и на надоместот за вода дека граѓаните на Општина Тетово се единствените кои плаќаат надомест за потрошена вода за пиење на паушална основа, што значи дека операторот што ја фактурира „наводно потрошената вода за пиење“ си става паушални износи по глава жител на едно домаќинство, односно ниту има читање на водомерите ниту пак обид за такво нешто бидејќи како општо правило е земено да се наплаќа водата за пиење според бројот на лицата што живееат во едно домаќинство. Тоа значи дека и лица кои поседуваат повеќе од една недвижност плаќаат исто како да живеат на сите недвижности и тоа истовремено.

Новоформираното Друштво за производство и комунални услуги ОАЕНЕУМ ДООЕЛ експорт­импорт Тетово, како и сите вакви слични облици на трговски друштва, според подносителот, се формирани врз основа на законски решенија за нивно формирање, но формирањето на ваквите трговски друштва, покрај намената која е од јавен интерес, а во услови на постоење на Јавно претпријатие за собирање и транспорт на комунален отпад, можат истото да го понудат на граѓаните и за пониски цени од цените на универзалниот оператор за таквата намена, со што се оди и директно на штета на граѓаните.

Од сето горенаведено, подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки и истите да ги поништи. Истовремено, предлага Уставниот суд да изрече времена мерка и да го запре извршувањето на оспорените одлуки за собирање и наплата на комунален отпад со цел да се спречи нееднаквиот однос на единиците на локалната самоуправа поточно Општина Тетово кон населението на територијата на оваа општина. Со извршувањето на оспорените одлуки, според подносителот, би настанале ненадоместливи последици во смисла на попречување на вршење јавна и комунална услуга кои последици директно би се рефлектирале и на граѓаните и на нивните уставно загарантирани права.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 4 и член 36 став 1 точка 10 и точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), како и врз основа на Одлуката на Совет бр.08-16725/6 од 14.12.2023 година и бр.08-14772/24 од 29.12.2022 година, a врз основа на прифатената понуда од понудувачот Саубермахер Словенија, услуги за заштита на животна средина трговија и транспорт ДОО согласно огласот објавен во е-набавки бр. 0002/2023 во Општина Тетово и договорот за ЈПП арх.бр. 09-10224/13, Советот на Општина Тетово на ден 12.01.2024 година, донел Одлука за усвојување на Ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово.

Согласно член 1 од Одлуката, Советот на Општина Тетово го усвојува Ценовникот на Друштвото за производство и комунални услуги ОАЕНЕУМ ДООЕЛ експорт-импорт Тетово, со седиште на ул.120 бб Тетово за извршување на услуги за собирање и транспортирање на отпад на цела територија на Општина Тетово.

Во членот 2 е уредено дека Ценовникот за собирање на смет е по метар квадратен (м2) со следниве групи:
– Цената за Собирање отпад за домаќинства (станбена површина по м2) ќе изнесува 3.20 денари (три денари и дваесет дени);
– Цената за собирање на отпад за прва подгрупа од правни субјекти по м2 ќе изнесува 4.35 денари (четири денари и триесетипет дени);
– Цената за собирање на отпад за втората подгрупа од правни субјекти по м2 (мали, средни и големи субјекти) изнесува 4,95 (четири денари и деведесет и пет пени).

Согласно член 3, овој ценовник ќе се применува за услугите вршени по 01.02.2024 година. Согласно усвоениот Заклучок од страна на Советот на Општина Тетово, се задолжува Друштвото за производство и комунални услуги ОАЕНЕУМ ДООЕЛ експорт-импорт Тетово, во рок од 6 месеци да достави извештај во врска со Ценовникот.

Според член 4, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Oпштина Тетово”.

На седницата Судот, исто така, утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 4 и член 36 став 1 точка 10 и точка 15 од Законот за локална самоуправа, како и врз основа на Одлуката на Советот бр.08-16725/6 од 14.12.2023 год. и бр. 08-14772/24 од 29.12.2022 год., а врз основа на прифатена понуда од понудувачот Саубермахер Словенија, услуги за заштита на животна средина трговија и транспорт д.о.о согласно огласот објавен на е-набавки бр.0002/2023 во Општина Тетово и договорот за ЈПП арх.бр.09-10224/13, Советот на Општина Тетово на ден 05.04.2024 година, донел Одлука за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово.

Според член 1 со оваa oдлука се врши измена и дополну­вање на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово со бр.08-217/12 од 12.01.2024 год., а објавена во „Службен гласник на Општина Тетово“ бр.1 од 15.01.2024 година.

Согласно член 2 од оваа одлука, членот 2 од Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово се менува и гласи:
„Ценовникот за собирање на смет е по метар квадратен (м2) со следните групи:
– Цената за собирање на отпад за домаќинства (станбена површина по м2) за КО Тетово 1, КО Тетово 2, КО Тетово 3, КО Тетово вон град ќе изнесува 3,20 МКД по м2;
– Цената за собирање на отпад за домаќинства за рурални средини – села во КО Мала Речица, Голема Речица, Голема Речица-Вонград, Фалиште, Сарачин, Порој, Порој-Вонград, Џепчиште, Џепчиште-Вонград, ќе изнесува 540,00 МКД;
– Цената за собирање на отпад за домаќинства за рурални средини – села во планински предел од територија на Шар Планина, Бозовце, Бозовце-Вонград, Бродец, Вејце, Вешала, Гајре, Лавце, Лисец, Лисец-Вонград, Селце, Селце-Вонград, Шипковица, Шипковица-Вонград, Вејце, Вејце-Вонград, Ѓермо, Једоарце, Отуње и Сетоле  ќе изнесува 340,00 МКД;
– Цената за собирање на отпадот од домаќинството за лица резиденти и нерезиденти кои имаат два или повеќе станбени објекти ќе се фактурира само за 50% од станбениот простор;
– Цената за собирање на отпад од правни субјекти по м2 површина ќе изнесува 4,95 МКД по м2“.

Според член 3 од оваа одлука, членот 3 од Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово се менува и гласи:
„Овој ценовник ќе се применува за услугите вршени по 01.03.2024 година.
Согласно усвоениот Заклучок од страна на Советот на Општина Тетово, се задолжува ДПКУ САУБЕРМАХЕР ДОО Тетово во рок од 6 месеци да достави извештај во врска со ценовникот“.

Во член 4 е уредено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Тетово“.

III

Владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија утврдени во член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 9 од Уставот.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Со член 52 став 4 од Уставот, е уредено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Согласно членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот.

Согласно член 21 став 1 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), во кој се утврдени надлежностите на општините, е предвидено дека општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење.

Во член 22 од овој закон, во точката 4 е наведено дека општините се надлежни за вршење на комуналните дејности, во кои меѓу другите спаѓа и снабдувањето со вода за пиење; испораката на технолошката вода, собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад.

Членот 24 од овој закон го утврдува начинот на извршување на надлежностите на општините и согласно ставот 1 на овој член заради извршување на своите надлежности, општините можат да основаат јавни служби, во согласност со закон. Општината може да го делегира вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон (став 2), при што според став 3 од овој член општината е супсидијарно одговорна за извршува-њето на работите од јавен интерес од ставовите (1) и (2) на овој член.

Вршењето на комуналните дејности е уредено со Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/ 2012, 163/2013, 42/2014, 44/2015, 147/2015, 31/2016, 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.302/2020). Согласно член 2 од Законот, вршењето на комуналните дејности е од јавен интерес.

Согласно член 4 точка 4. од Законот, „Давател на комунална услуга“ е јавно претпријатие основано од општината, општините во Градот Скопје и Градот Скопје и Владата на Република Северна Маке­до­нија или правно и физичко лице кое поседува дозвола за вршење на комунална дејност.

Комунални дејности во смисла на член 5 точка 7 од овој закон, се и собирање и транспортирање на комунален отпад и други видови на неопасен и инертен отпад, под што се подразбира собирање, селектирање, транспортирање и депонирање на уредени депонии.

Согласно член 9 став 1 од Законот, комуналните дејности се вршат во согласност со овој и друг закон, како и прописите донесени од страна на општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје. За вршење на комуналните дејности, согласно ставот 2 на овој член, општините, односно Градот Скопје можат да основаат јавно претпри­јатие, доколку со посебен закон со кој се уредува одделна комунална дејност поинаку не е уредено. Во ставот 3 од овој член е уредено дека доколку општината, односно Градот Скопје немаат основано јавно претпријатие, вршењето на комуналните дејности можат да го доверат на правни и физички лица кои поседуваат дозвола за вршење на соодветната дејност, согласно со условите утврдени во посебен закон со кој се уредува одделна комунална дејност поинаку не е уредено.

Јавни претпријатија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес согласно со член 1 став 1 од Законот за јавни претпријатија („Службен весник на Република Македонија” број 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014, 138/2014, 61/2015, 39/2016, 64/2018 и 35/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 275/2019, 89/2022, 274/2022). Во ставот 2 на овој член е уредено дека Република Северна Македонија, општините и Градот Скопје можат да основаат јавни претпријатија во согласност со овој закон, со цел вршење на дејности од јавен интерес на терито­ријата на Република Северна Македонија.

Дејности од јавен интерес се дејностите или одделни работи од дејностите со кои се остварува јавен интерес од аспект на член 2 став 1 од овој закон. Дејностите од јавен интерес ги вршат јавните претпри­јатија или друштва на коишто им е доверено вршењето на дејностите од јавен интерес, согласно став 2 на член 2 од Законот.

Според член 4 став 1 од овој закон, основачот на јавното претпријатие со одлука може јавното претпријатие да го преобрази во друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво.

Поконкретно управувањето, собирањето и транспортирањето на отпадот е уредено со посебен закон, Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.216/ 2021), иако подносителот на иницијативата не го споменува овој закон и не ги оспорува предметните одлуки во однос на овој закон, но со оглед на тоа што овој закон е lex specialis од аспект на управување со отпадот Судот оцени дека треба да се имаат предвид и одредбите на овој закон при уставно-судката оцена на оспорените одлуки.

Управувањето со отпадот е дејност од јавен интерес, којшто се врши согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, согласно членот 4 од овој закон.

Начинот на остварување на јавната услуга од страна на општините и Градот Скопје е регулиран во член 60 од Законот, при што во ставот 1 на овој член се предвидува дека собирањето и транспорти­ра­њето на комуналниот отпад, обезбедувањето на селекција на посебните текови на отпад, собирањето на напуштениот отпад, како и ракувањето и одржувањето на садовите за селекција и собирање на комунален отпад, собирните места и собирните центри, како и организирање на интегри­раниот систем за управување со отпад на подрачјето на општината односно Градот Скопје и од изолираните населби во членот 6 став (6) од овој закон, претставуваат јавни услуги од локално значење кои се спроведуваат согласно со принципот на универзалност на услугата.

Согласно став 2 на член 60 од овој закон, на предлог на градоначалникот на општината и Градот Скопје, советот на општините и Советот на Градот Скопје може да основаат јавно претпријатие за собирање и транспортирање на комуналниот отпад.

Според став 4 на овој член, собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад, за една или повеќе општини, градоначалникот на општината и Градот Скопје можат да му го доверат на правни лица со склучување на договор, во постапка согласно со Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

Со член 105 став 1 од Законот за управување со отпадот, за вршење на услугата за управување со комунален отпад, давателот на услуга има право на наплата на цена за обезбедената услуга за управување со комунален отпад. Согласно став 2 на овој член услугата за управување со комунален отпад од ставот (1) на овој член, опфаќа: услуга за собирање, транспортирање и селектирање на комунален отпад и услуга за третман на комунален отпад. Согласно ставот 6 на овој член, тарифата за отпад се определува врз основа на количеството и видот на отпадот и истата може да се утврдува според единица мерка и тоа денар по метар кубен, денар по квадратен метар за станбена, односно дворна површина или денар по килограм во согласност со Правилникот за тарифа за отпад.

Од наведената законска регулатива произлегува дека собира­њето и транспорти­рањето на комуналниот отпад е комунална дејност, а општината, покрај другото, е надлежна да ги врши и работите во врска со комуналните работи што се однесуваат на собирање, транспортирање и постапување со комуналниот отпад. Општината може да формира јавно претпријатие за вршење на комунални дејности, но исто така е дадена можност вршењето на комуналните дејности општи­ната да му го довери на други правни или физички лица, врз основа на договор за извршување работи од јавен интерес, односно дејностите од јавен интерес можат да ги вршат јавните претпријатија или друштва на коишто им е доверено вршењето на дејностите од јавен интерес.

Согласно со изнесените законски одредби, како и од одредбите на За­ко­нот за управување со отпад произлегува дека е обврска на општината да управува со комуналниот отпад, односно, покрај другото, да се грижи за отпадот што се создава од домаќинствата. Исто така, од одредбите на овој закон произлегува дека за вршење на услугата за управување со комунален отпад давателот на услугата има право на наплата на цена за обезбедената услуга за управување со комуналниот отпад. Тарифата за наплата на цената за управување со комуналниот отпад, се утврдува според единица мерка и тоа денар по метар кубен, денар по квадратен метар за станбена, односно дворна површина или денар по килограм.

Од анализата на содржината на оспорените одлуки, произлегува дека Општина Тетово комуналната дејност за собирање, транспортирање и постапу­вање со комуналниот отпад ја доверила на посебно друштво, а не на јавното комунално претпријатие, а според воведот на оспорените одлуки се воочува дека е постигнат договор за јавно приватно партнерство меѓу јавното претпријатие и наведеното друштво.

Од тие причини, не може да се постави прашањето за соглас­носта на оспорените одлуки со наведените законски одредби и со чле­нот 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприем­ништвото, поради што, Судот оцени дека се неосновани наводите на подно­сителот дека на јавното комунално претпријатие му било ограничено правото на слобода на пазарот со тоа што комуналната услуга за собирање и транспортирање на отпад му е дадено на посебно друштво.

Оспорените одлуки на Советот на Општина Тетово со кои се усвојува Ценовник за собирање и транспорт на отпад, со иницијативата се оспоруваат од аспект на нивната несогласност со Уставот и законите бидејќи надоместокот се плаќа според м2 од недвижноста што е соп­ственост на граѓаните, а не според бројот на членовите на семејството кои всушност го создаваат отпадот. Притоа, подносителот наведува дека овој надоместок по м2 се наплаќа и за празни објекти во кои никој не живее со години и никој не создава отпад.

Во оспорената Одлука за усвојување на Ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово и Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на Ценовник на собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово е даден ценовник за собирање на смет по метар квадратен (м2).

Од погоре изнесеното, произлегува дека надоместокот или цената за користење на комуналните услуги за индивидуална потрошу­вачка, во која спаѓа и собирање и транспортирање на комунален отпад, може да се определи на неколку начини и тоа според м2, паушално или по м3 по член на домаќинство. Притоа, кој начин и за кои корисници на услугите ќе се примени за одреден надоместок, оценува давателот на услугата, секако во зависност од количината и видот на отпадот што го создаваат различни видови корисници на услугите и зависно од реонот во кој се создава отпадот, односно дали станува за градска или селска рурална средина и дали станува збор за физички или правни субјекти. Притоа, според оспорените одлуки за домаќинствата во катастарските општини во Тетово е определена иста цена за сите дома­ќинства по м2, со што сите семејства се ставени во еднаква положба, а за руралните средини надоместокот е утврден паушално, којшто исто така е еднаков за сите населени места, што значи дека и тие не се ставени во различна состојба, како што смета подносителот на иницијативата.

Оттука, уредувањето во оспорените одлуки собирањето на смет да се утврдува според м2, а не според бројот на членовите во семејството е во согласност со горенаведените одредби од Законот за комунални дејности, поради што Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата за несогласноста на оспорените одлуки со уставните и законските одредби на коишто се повикува подносителот. Ваквиот начин на утврдување на надоместокот за комуналните услуги определен со оспорените одлуки, е во согласност со законската определба дека плаќањето на комуналната услуга се врши според мерна единица денар по метар квадратен.

Во однос на наводите во иницијативата дека одредбите од оспорените акти се неприменливи и ја нарушуваат функционално-логичката целина на законските одредби што се однесуваат на едини­ците на локалната самоуправа и се остава можност за недоследна односно различна примена на одредбите од Законот за јавни претпри­јатија, Законот за трговски друштва и Законот за комунални дејности во практиката, Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на одредбите во практиката.

Исто така и во однос на наводите во иницијативата дека наплатата на цената на водата се врши паушално, според Судот, Уставниот суд нема основ за постапување бидејќи подносителот на иницијативата само како пример ги споменува фактурите за наплата на месечниот надоместок за потрошена вода коишто се поединечни акти, а притоа со иницијативата не се оспорува општиот акт со кој е утврдена цената на водата.

Согласно горенаведеното, Судот оцени дека не постојат основи за сомнение во уставноста и законитоста на целината на Одлуката за усвојување на Ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, бр.08-217/12 од 12.01.2024 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.1/2024 од 15.01.2024 година) и на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, бр. 08-4692/2 од 05.04.2024 година („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.5/2024 од 08.04.2024 година),  двете донесени од Советот на Општина Тетово.

IV

Во однос на наводите во иницијативата за ретроактивната примена на оспорената Одлука за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.5/2024 од 08.04.2024 година), Судот оцени дека истите се основани.

Имено, оспорената одлука е донесена на ден 05.04.2024 година, а со член 3 е изменет членот 3 од прводонесената одлука, така што во ставот 1 од овој член е предвидено ценовникот да се применува за услугите вршени по 01.03.2024 годи­на, од што произлегува дека оспорената измена на Одлуката има ретроактивно дејство.

Измените направени во член 3 став 1 од Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово, единствено можат да се однесуваат на идни односи коишто настануваат по нејзиното влегување во сила, а не и да се менуваат претходно утврдените цени за собирање и транспорт на отпад. Наспроти ова, со наведениот член 3 став 1 од оспорената одлука е создадена правна ситуација во која цените за собирање и транспорт на отпад коишто ги плаќаат граѓаните на Општина Тетово, се применуваат наназад, што е спротивно на принципот на забрана на повратно дејство на законите и другите прописи, утврден во член 52 став 4 во Уставот на Република Северна Македонија.

Оттука, Судот оцени дека член 3 став 1 од Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на ценовник за собирање и транспорт на отпад на територија на Општина Тетово („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.5/2024 од 08.04.2024 година), основано може да се доведе под сомнение по однос на член 52 став 4 од Уставот.

Исто така, Судот, смета за потребно да укаже дека видно од содржината на воведниот дел на оспорените одлуки постои недостаток во наведувањето на правниот извор од кој Општината ја црпи надлежноста да носи одлуки од ваков карактер, при што Судот утврди дека како правен основ за нивното донесување се наведени само одредбите од Законот за локалната самоуправа, но не и релевантните одредби од Законот за комуналните дејности и Законот за управување со отпадот во кои е утврдена обврската и начинот на плаќање надомест за комуналната услуга собирање, транспортирање и поста­пување со комуналниот отпад. Но, и покрај направениот пропуст од формално – правен аспект, Судот оцени дека со оглед на тоа што од содржината на оспорените одлуки произлегува дека Општината ги уредува прашањата за кои е надлежна согласно горенаведените уставни и законски одредби, нема повреда на начелото на владеење на правото, уредено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски