У.бр.256/2024


Уставен суд
на Република Северна Македонија
У. бр.256/2024
Скопје, 16.04.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски , претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 16 април 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 65 алинеја 8 во делот „Монополската“ од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република  Македонија” бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „ Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 110/2019, 154/2019 – автентично толкување и 121/2024).

Образложение

I

Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од оспорената одредба од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 95 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека со оспорениот дел „Монополската“ од член 65 алинеја 8 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, се упатува на орган, кој од 08.07.2008 година, престанал да постои во правниот промет како правен субјект.

Во Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република  Македонија” бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024), оспорениот дел „Монополската“ од член 65 алинеја 8  останал во текстот на одредбата, иако со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008), изменет е член 20 став 2 односно избришана е алинеја 1 односно избришана е „монополската управа“ заклучно со 08.07.2008, кога овој закон стапува на сила.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.121/2024), во член 20 став 2 законодавецот пропишал дека во состав на Министерството за економија и труд е Управата за наменско производство.

Според подносителот, монополската управа како орган во состав на Министерството за економија, престанала да постои со влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа од 2008 година, односно заклучно со 08.07.2008 година, но поимот „Монополска“ управа сè уште постоел во правниот поредок како орган во состав на Министерството за економија во оспорениот член од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Кога една одредба упатува на примена на друга одредба или на одредби од прописи како целина кон чија примена се упатува, неминовно мора да бидат дел од правниот поредок. Со оспорениот дел „за електронско управување“ од член 41 став 3 од Законот за општа управна постапка,  се упатува на примена на одредба од пропис кој не бил дел од правниот поредок, со оглед на тоа дека Законот за електронско управување престанал да важи на 29.05.2019 година.

Со иницијативата се предлага, Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел на одредбата како спротивен на принципот на владеењето на правото и истиот да го укине како спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 95 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека во член 65 алинеја 8 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република  Македонија” бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „ Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024), е уредено дека со денот на влегувањето во сила на овој закон, Монополската управа продолжува да работи, како орган во состав на Министерството за економија.

III

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај, се оспорува член 65 алинеја 8 во делот „Монополската“  од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019, 110/2019, 154/2019 и 121/2024). Со овој закон се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.

Оспорениот член 65 алинеја 8 од Законот, уредува дека монополската управа продолжува да работи, како орган во состав на  Министерството за економија.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008), законодавецот со член 8 извршил промена на член 20 од основниот закон, па помеѓу другото ја избришал алинеја 1 од став 2 на овој член односно монополската управа. Со овие измени на Законот, законодавецот пропуштил називот од овој орган да го избрише и во сега оспорениот член 65 алинеја 8 од Законот.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.121/2024), законодавецот, со член 11 од истиот закон го изменил член 20 од основниот закон така што во став 1 во воведната реченица по зборот „економија“ се додаваат зборовите „и труд“, што значи Министерството за економија станува Министерство за економија и труд, додека во став 2 од овој член се менуваат зборовите „Министерство за економија“ со „Министерство за економија и труд“  во чиј состав сега е Управата за наменско производство.

И со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.121/2024), законодавецот повторно пропуштил да направил измена на зборовите „Монополска управа“ со зборовите „Управата за наменско производство“  во оспорениот член 65 алинеја 8 од Законот, од кои причини се оспорува во оваа иницијатива, бидејќи упатува на орган, кој престанал да постои во правниот промет како правен субјект.

Во врска со наводите, Судот смета дека станува збор за прашање во надлежност на законодавецот, кое не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно нема реални можности оспорениот дел од член 65 алинеја 8 од Законот да предизвика некаква забуна во организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа, поточно во Министерството за економија и труд, во чиј состав е сега Управата за наменско производство, која претхоно била Монополска управа во состав на Министерството за економија.

Ова дотолку повеќе што законодавецот во член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, го изменил член 20 став 2 во кој прецизно и јасно предвидел дека „во состав на Министерството за економија и труд е Управата за наменско производство“.

Во конкретниот случај, барањето со иницијативата е всушност барање, Уставниот суд, преку уставниот механизам – поведување постапка да изврши корекција на техничка грешка во Законот за организација и работа на органите на државната управа, меѓутоа, ваквото барање е надвор од уставните надлежности од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, според кој Уставниот суд, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Во надлежност на законодавецот е да ги креира прописите, истите да ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми и да врши технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата со оглед на тоа дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски