У.бр.226/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.226/2024
Скопје, 16.04.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 1 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 16 април 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 508 став 2 во делот „за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа; за притвор”, член 517 став 1 во делот „забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и” и член 539 во делот „ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено” од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018).

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 502 став 1 во делот „486 став (2)”, член 506 став 6 во делот „членот 58-а став (3) на”, член 509 став 2 во делот „врз основа на членот 45 од овој закон”, член 535 став 1 во делот „утврдени со членот 194 од овој закон”, член 551 став 2 во делот „членот 551 став (1) од” и член 556 во делот „(член 123)” од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018).

Образложение

I

Леонид Трпеноски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 502 став 1 во делот „486 став (2)”, член 506 став 6 во делот „членот 58-а став (3) на”, член 508 став 2 во делот „за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа; за притвор”, член 509 став 2 во делот „врз основа на членот 45 од овој закон”, член 517 став 1 во делот „забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и”, член 535 став 1 во делот „утврдени со членот 194 од овој закон”, член 539 во делот „ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено”, член 551 став 2 во делот „членот 551 став (1) од” и член 556 во делот „(член 123)”, сите од Законот за кривичната постапка.

Подносителот наведува дека со оспорените делови од законските одредби се повредува принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, со следното образложение:

Во последната реченица на член 502 став 1 од Законот „За одрекување од правото на жалба или за писмената изработка на решението согласно се применува одредбата на членот 486 став (2) од овој закон”, законодавецот упатува на член 486 став 2 од истиот закон, меѓутоа членот на којшто се упатува не се однесува на одредби за одрекување од правото на жалба или за писмената изработка на решението, туку на одредби за задолжителна обврска на бранител во постапка за спогодување. Упатувањето на погрешен член од Законот,  се коси со барањата за правна предвидливост и сигурност на Законот, и е во спротивност со начелото на владеење на правото.

Во однос на оспорениот член 506 став 6 во делот „членот 58-а став (3) на” од Законот, подносителот наведува дека и овој член упатува на погрешна одредба од Законот, односно наместо во членот да стои повикување на член 58-б став (3) од Кривичниот законик, којшто се однесува на општокорисната работа, стои повикување на член 58-а став (3) од Кривичниот законик, којшто се однесува на условното прекинување на кривичната постапка, што не е во согласност со принципот на владеење на правото.

Во однос на оспорениот член 508 став 2 во делот „за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа; за притвор;”, подносителот наведува дека по логиката на нештата против правно лице не може да се применат мерките од оспорениот дел бидејќи тоа не може никаде да побегне, ниту да се притвори, па опстојувањето на оспорениот дел во законската одредба му противречи на принципот на владеење на правото, а без тој дел одредбата може да функционира во правниот поредок. Во иницијативата подносителот изнесува и мислење зошто оспорениот дел не може да се однесува ниту за претставникот на правното лице, а при ова ги цитира член 144 став 1, член 146 став 1, член 150 став 1, член 163 став 1, член 165 став 1 и член 511 ставови 2 и 7 од Законот за кривичната постапка, наведувајќи дека во кривична постапка којашто се води против правно лице, како претставник на правното лице никогаш не може да биде некој кој и сам како физичко лице е обвинет како сторител на кривично дело, па ако претставникот на правното лице, не може истовремено да биде и некој кој е лично обвинет како сторител на кривично дело, тогаш против него, не може да се определи гаранција или притвор. Со оглед дека оспорениот дел содржан во член 508 став 2 од Законот, упатува на примена на одредби од Законот за кривичната постапка коишто никако не можат да се применат во постапка против правно лице, неговото опстојување во законската одредба го повредува начелото на владеење на правото.

Во однос на оспорениот член 509 став 2 во делот „врз основа на членот 45 од овој закон” од Законот, подносителот наведува дека Законот упатува на погрешен член, односно наместо да стои упатување на член 44 со наслов „Непреземање кривично гонење”, се упатува на член 45 којшто го уредува прашањето за можноста и начинот на формирање истражни центри на јавното обвинителство, што се коси со барањата за правна предвидливост и сигурност на Законот, спротивно на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во однос на оспорениот член 517 став 1 во делот „забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и” од Законот за кривичната постапка, подносителот наведува дека е недозволиво на правното лице да му се определат мерките од оспорениот дел. Ова, од причини што привремените мерки се идентични со една од споредните казни (привремена забрана за вршење на одделна дејност) коишто судот може да ги изрече врз основа на член 96-б став 1 точка 7 од Кривичниот законик, па на таков начин би се прејудицирал исходот на спорот. Подносителот смета дека оспорениот дел дозволува определување споредна казна, замаскирана како привремена мерка со решение, а не со пресуда којашто може да се донесе дури по спроведена контрадикторна постапка, и дека тоа е во судир со член 3 став 2 од Законот за кривичната постапка според кој кривичната санкција на сторителот на кривичното дело може со одлука да му ја изрече само надлежен суд во постапка спроведена според овој закон, а и со член 404 став 1 од Законот за кривичната постапка според кој во пресудата во која обвинетиот се огласува за виновен, судот, помеѓу другото, ќе изрече за кое дело се огласува за виновен, законски назив на кривичното дело и на каква казна според одредбите од Кривичниот законик се осудува. Според подносителот, оспорениот дел од член 517 став 1 од Законот за кривичната постапка, дозволува изрекување споредна санкција пред пресудување на случајот, од кои причини неговото опстојување во законската одредба, не е во согласност со принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во однос на оспорениот член 535 став 1 во делот „утврдени со членот 194 од овој закон” од Законот за кривичната постапка, подносителот наведува дека одредбата е дел од посебните одредби коишто се однесуваат на постапката за одземање на предмети и конфискација на имот и имотна корист прибавена со кривично дело, што е уставно оправдано, и приговорот во однос на оваа одредба, не е во суштината или правото судот да определи привремени мерки, туку во тоа што оваа одредба упатува на член 194 од Законот, иако во него поименично не се посочени никакви мерки. Имајќи предвид дека со оспорениот дел од законската одредба се упатува на погрешен член од Законот, не е во согласност со начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Со иницијативата се оспорува и член 539 од Законот за кривичната постапка, според кој „Ако во одредбите на оваа глава не е предвидено нешто друго во однос на постапката за примена на мерки на безбедност или за конфискација на имотот и имотната корист, согласно ќе се применуваат другите одредби на овој закон, ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено”. Во однос на овој член од Законот, подносителот наведува дека оспорениот дел „ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено”, очигледно е вишок и како таков внесува конфузија. Наведува дека главата XXXV од Законот за кривичната постапка содржи одредби за постапката за примена на мерките за безбедност, конфискација на имот и имотна корист, одземање на предмети и отповикување на условна осуда (подносителот наведува погрешна нумерација на главата, бидејќи глава XXXV се однесува на постапка за донесување одлука за пократко траење на казната на забрана, престанување на правните последици од осудата и бришење на осудата, додека oдредбите за кои зборува подносителот се содржани во глава со нумерација XXXIV), и дека сосема е доволен делот којшто бара согласна примена на другите одредби од Законот за кривичната постапка – ако во одредбите на оваа глава не е предвидено нешто друго во однос на постапката за примена на мерки на безбедност или за конфискација на имотот и имотната корист. Според подносителот, специјалните одредби од глава XXXV (се мисли на глава XXXIV) ги дерогираат другите одредби, но ако во специјалните одредби нешто не е предвидено, ќе се применат општите од останатите глави на Законот, и нејасно е што всушност мислел законодавецот со додавањето на оспорениот дел „ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено” бидејќи со кои одредби поинаку би било определено кога освен специјалните во глава XXXV (се мисли на глава XXXIV) и општите во сите други глави, трети одредби Законот нема. Од изнесените причини подносителот смета дека оспорениот дел од законската одредба внесува конфузија и неизвесност, се коси со барањата за правна предвидливост и сигурност на Законот, што е спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во однос на оспоренот член 551 став 2 во делот „членот 551 став (1) од” од Законот за кривичната постапка, подносителот наведува дека и оваа одредба од Законот се повикува на погрешен член од Законот, што е спротивно на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. За подносителот е неспорно дека се работи за очигледна техничка грешка, меѓутоа забележува дека закон од ваква важност каков што е Законот за кривичната постапка, не смее да содржи толку многу технички грешки.

Подносителот наведува дека и член 556 во делот „(член 123)” од Законот за кривичната постапка, е неуставен, бидејќи упатува на погрешен член. Член 123 од Законот го утврдува редоследот на прашањата за кои се гласа при советувањето и гласањето, а не правото на оштетениот и приватниот тужител за разгледување и препишување на списите, со што и овој оспорен дел од законската одредба не е во согласност со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека според член 502 став 1 од Законот за кривичната постапка решението за судска опомена се објавува веднаш по завршувањето на главната расправа со суштествените причини. Во тој случај претседателот на советот ќе го предупреди обвинетиот дека за кривичното дело што го сторил не му се изрекува казна, зашто се очекува дека и судската опомена врз него доволно ќе влијае повеќе да не врши кривични дела. Ако решението за судска опомена се објавува во отсуство на обвинетиот, судот ваквото предупредување ќе го внесе во образложението на решението. За одрекување од правото на жалба или за писмената изработка на решението согласно се применува одредбата на членот 486 став (2) од овој закон. Со иницијативата се оспорува последната реченица во целина, но од наводите во иницијативата Судот утврди дека се оспорува делот „членот “486 став (2).

Според член 506 став 6 од Законот, ако со пресудата судот изрекол парична казна до 90 дневни глоби или казна затвор во траење до три месеци а обвинетиот упатил барање за замена со алтернативната мерка општокорисна работа од членот 58-а став (3) на Кривичниот законик, судот донесува решение за начинот на замена на паричната казна, односно казната затвор со општокорисна работа. Со иницијативата се оспорува делот „членот 58-а став (3) на”.

Според член 508 став 2 од Законот, доколку со одредбите од оваа глава поинаку не е определено, во постапката спрема правни лица соодветно се применуваат одредбите од овој закон: за основните начела; за месната надлежност, за последиците од ненадлежност и судир на надлежноста; за изземање; за обвинет; за бранител; за поднесоци; за записници; за рокови; за враќање во поранешна состојба; за трошоци; за имотноправно барање; за донесување и соопштување на одлуките; за доставување на писмена; за повикување; за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа; за притвор; за докажување; за скратена постапка; за изрекување на мерката конфискација на имот и имотна корист и за одземање предмети; за редовни и вонредни правни лекови и за постапка за надоместокот на штета на неоправдано осудени лица. Со иницијативата се оспорува делот „за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна на исправа; за притвор;”.

Според член 509 став 2 од Законот, јавниот обвинител може да одлучи да не презема гонење или да се откаже од кривичното гонење врз основа на членот 45 од овој закон, ако правното лице нема никаков имот или имотот е толку мал, што не може да ги покрие ниту трошоците на кривичната постапка, или ако против правното лице се води постапка за стечај. Со иницијативата се оспорува делот „врз основа на членот 45 од овој закон”.

Според член 517 став 1 од Законот, во текот на постапката судот може по предлог на јавниот обвинител да определи една или повеќе привремени мерки согласно со одредбите за привремено обезбедување и одземање на предмети или имот од членовите 194, 195, 196, 197, 198, 199, 200, 201, 202, 203 и 204 на овој закон, како и забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и забрана за статусни промени во правното лице. За изречените забрани се врши упис во судскиот или во друг регистар. Со иницијативата се оспорува делот „забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и”.
Според член 535 став 1 од Законот, кога се исполнети условите за конфискација или проширена конфискација на имот и имотна корист, судот по предлог на јавниот обвинител ќе нареди привремени мерки на обезбедување утврдени со членот 194 од овој закон. Со иницијативата се оспорува делот „утврдени со членот 194 од овој закон”.

Според член 539 од Законот, ако во одредбите на оваа глава не е предвидено нешто друго во однос на постапката за примена на мерки на безбедност или за конфискација на имотот и имотната корист, согласно ќе се применуваат другите одредби на овој закон, ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено. Со иницијативата се оспорува делот „ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено”.

Според член 551 став 2 од Законот, додека трае постапката од ставот (1) на овој член не тече застареноста предвидена во членот 551 став (1) од овој закон. Со иницијативата се оспорува делот „членот 551 став (1) од”.

Според член 556 од Законот, лицето на кое му е дозволено разгледување и препишување на списите (член 123) што се однесуваат на неоправдана осуда или на неосновано или незаконито лишување од слобода, не може да употреби податоци од тие списи на начин што би бил од штета за рехабилитацијата на лицето против кое е водена кривична постапка. Претседателот на судот е должен на ова да го предупреди лицето на кое му е дозволено разгледување, и тоа ќе се забележи на списот, со потпис на тоа лице. Со иницијативата се оспорува делот „(член 123)”.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспоруваат делови од девет одредби на Законот за кривичната постапка со наводи дека нивното опстојување во одредбите на Законот, го доведуваат во прашање принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

По разгледувањето на иницијативата и причините поради кои се оспорува уставноста на деловите содржини во законските одредби, Судот, го утврди следното:

Според член 502 став 1 од Законот за кривичната постапка решението за судска опомена се објавува веднаш по завршувањето на главната расправа со суштествените причини. Во тој случај претседателот на советот ќе го предупреди обвинетиот дека за кривичното дело што го сторил не му се изрекува казна, зашто се очекува дека и судската опомена врз него доволно ќе влијае повеќе да не врши кривични дела. Ако решението за судска опомена се објавува во отсуство на обвинетиот, судот ваквото предупредување ќе го внесе во образложението на решението. За одрекување од правото на жалба или за писмената изработка на решението согласно се применува одредбата на членот 486 став (2) од овој закон”. Со иницијативата се оспорува делот „членот “486 став (2).

По разгледувањето на законската одредба Судот утврди дека законодавецот при креирањето на нормата, извршил погрешно означување на одредбите за одрекување од правото на жалба или за писмената изработка на решението. Оспорениот дел „членот 486 став (2)”, не се однесува на одрекувањето од правото на жалба или за писмената изработка на решението, туку на учество на бранителот на осомничениот во спогодувањето.

Според Судот, станува збор за очигледна техничка грешка за којашто не може да се каже дека ја прави нормата непредвидлива, односно дека може да доведе до забуна во фактичката примена на членот од Законот, бидејќи од самата содржина пред оспорениот дел јасно се препознава дека токму одредбите за одрекување од правото на жалба или за писмената изработка на решението, треба да се применат во конкретниот случај.

Интенцијата на подносителот со поднесената иницијатива е преку иницирање уставно-судска постапка, да се изврши корекција, односно исправка на направената техничка грешка во Законот. Меѓутоа, не е во надлежност на Уставниот суд да ги исправа техничките грешки и пропусти направени при креирањето на законите, туку на законодавецот.

Имајќи предвид дека барањето со поднесената иницијатива излегува надвор од утврдените надлежности на Уставниот суд, Судот оцени дека се исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Според член 506 став 6 од Законот за кривичната постапка ако со пресудата судот изрекол парична казна до 90 дневни глоби или казна затвор во траење до три месеци а обвинетиот упатил барање за замена со алтернативната мерка општокорисна работа од членот 58-а став (3) на Кривичниот законик, судот донесува решение за начинот на замена на паричната казна, односно казната затвор со општокорисна работа. Со иницијативата се оспорува делот „членот 58-а став (3) на”.

Разгледувајќи ја законската одредба, Судот, утврди дека законодавецот при креирањето на нормата направил техничка грешка на начин што наместо да го наведе член 58-б став 3 од Кривичниот законик којшто се однесува на општокорисната работа, го навел членот 58-а став 3 којшто се однесува на условно прекинување на кривичната постапка. И во овој случај, според Судот, оспорениот дел не е од таков степен и карактер што може да доведе до правна непредвидливост и несигурност на Законот, бидејќи самата содржина пред оспорениот дел јасно одредува дека станува збор за ситуација на упатено барање од обвинет за замена со алтернативната мерка општокорисна работа, па од истите причини како и во однос на претходно оспорениот член од Законот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата и во овој дел.

Според член 508 став 2 од истиот закон, доколку со одредбите од оваа глава поинаку не е определено, во постапката спрема правни лица соодветно се применуваат одредбите од овој закон: за основните начела; за месната надлежност, за последиците од ненадлежност и судир на надлежноста; за изземање; за обвинет; за бранител; за поднесоци; за записници; за рокови; за враќање во поранешна состојба; за трошоци; за имотноправно барање; за донесување и соопштување на одлуките; за доставување на писмена; за повикување; за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа; за притвор; за докажување; за скратена постапка; за изрекување на мерката конфискација на имот и имотна корист и за одземање предмети; за редовни и вонредни правни лекови и за постапка за надоместокот на штета на неоправдано осудени лица. Со иницијативата се оспорува делот „за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна на исправа; за притвор”.

Според подносителот, оспорениот дел од член 508 став 2 од Законот за кривичната постапка, создава правна несигурност во примената на Законот, бидејќи упатува на примена на одредби од истиот закон коишто никако не можат да се применат во постапка против правно лице од едноставна причина што против правно лице по логика на нештата не може да се применат мерки за задржување на лице, за одземање на патна исправа, за гаранција и за притвор, бидејќи тоа не може никаде да побегне, ниту да се притвори и слично. Според него, во член 508 став 2 од Законот, не треба да постои упатување на одредбите од Законот за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа и за притвор, бидејќи ако некој од одговорните лица, другите вработени и застапници на правното лице, е обвинет како извршител на некое кривично дело, тогаш против него како и против секое друго обвинето лице се применуваат сите одредби од Законот за кривичната постапка коишто важат за сите физички лица сторители на кривични дела, и за нив не треба никакво упатување. Тој смета дека без оспорениот дел, одредбата може да функционира во правниот поредок, а со оспорениот дел, не може, бидејќи ја прави нормата непредвидлива, несигурна и конфузна.

Ваквите наводи според Судот, не се основани поради следното:

Во глава XXXIII од Законот за кривичната постапка, е уредена постапката спрема правни лица, чиишто одредби се систематизирани во три дела и тоа: 1. Општи одредби (членовите од 508 до 514), 2. Обвинување и главна расправа (членовите од 515 до 517) и 3. Пресуда и правни лекови (членовите од 518 до 521). Според член 508 став 1 од Законот, одредбите на оваа глава се применуваат во постапката за утврдување на кривичната одговорност и изрекување казни и други мерки на правни лица како сторители на кривични дела.

Во истата глава „Постапка спрема правни лица”, е содржан и член 509 став 1, според кој „Кога е поднесена кривична пријава против одговорно лице или претставник на правно лице, ако постојат основи на сомневање дека се исполнети условите за кривична одговорност на правните лица определени со Кривичниот законик, јавниот обвинител може по службена должност да бара покренување кривична постапка за истото кривично дело и против правното лице”, а според став 3 од истиот член „За кривично дело на правното лице и на одговорното лице во правното лице се спроведува единствена постапка, а ако за тоа постојат оправдани причини постапката може да се раздвои”.

Погоре наведенот член од Законот уредува можност од спроведување единствена постапка за кривично дело на правното лице и на одговорното лице во правното лице. Одговорноста на правното лице е објективна и произлегува пред сè од одговорноста на одговорното лице (вработен, застапник) кое презело дејствија во име и за сметка на обвинетото правно лице. Член 508 став 2 од Законот во кој е содржан оспорениот дел, зборува за соодветна примена на одредбите од Законот, па во оваа смисла, во случај кога постапката се води само против правното лице, секако дека оспорениот дел не наоѓа соодветна примена, но доколку за кривично дело на правното лице и на одговорното лице во правното лице се спроведува единствена постапка, според Судот, се подразбира дека соодветната примена на одредбите за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа и за притвор, се однесува само за одговорните лица или другите вработени и застапници на правното лице при преземање на дејствија во име и за сметка на правното лице со кое е сторено кривично дело, а не за самото правно лице како кривично одговорно.

Оттука, Судот не гледа реална причина за сомнеж дека оспорениот дел може да предизвика некаква забуна кај органите во примената на правото, и оцени дека од аспект на изнесените наводи не може да се доведе под уставно сомнение член 508 став 2 во делот „за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа; за притвор” од Законот за кривичната постапка во однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според член 509 став 2 од Законот за кривичната постапка јавниот обвинител може да одлучи да не презема гонење или да се откаже од кривичното гонење врз основа на членот 45 од овој закон, ако правното лице нема никаков имот или имотот е толку мал, што не може да ги покрие ниту трошоците на кривичната постапка, или ако против правното лице се води постапка за стечај. Со иницијативата се оспорува делот „врз основа на членот 45 од овој закон”.

По разгледување на одредбата, Судот утврди дека законодавецот при нормирањето на истата направил техничка грешка кога за непреземање на кривично гонење или откажување од гонење, упатил на член со нумерација 45 од Законот, што е погрешно, бидејќи се однесува на истражни центри на јавното обвинителство, а не на соодветниот член којшто е со нумерација 44.

Меѓутоа, и во однос на оспорениот член 509 став 2 во делот „врз основа на членот 45 од овој закон”, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата во овој дел, со соодветно образложение како и во однос на законските одредби опфатени со иницијативата коишто подносителот ги оспорува од истите причини.
Според член 517 став 1 од Законот, во текот на постапката судот може по предлог на јавниот обвинител да определи една или повеќе привремени мерки согласно со одредбите за привремено обезбедување и одземање на предмети или имот од членовите 194, 195, 196, 197, 198, 199, 200, 201, 202, 203 и 204 на овој закон, како и забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и забрана за статусни промени во правното лице. За изречените забрани се врши упис во судскиот или во друг регистар.

Според став 2 од истиот член, забраните од ставот 1 на овој член се изрекуваат со решение против кое претставникот на правното лице има право на жалба во рок од три дена до советот од членот 25 став 5 на овој закон. Жалбата не го задржува извршувањето на решението.

Подносителот го оспорува член 517 став 1 во делот „забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и” од Законот за кривичната постапка, со наводи дека не може на правното лице да му се изрече привремената мерка забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката, бидејќи според член 96-б став 1 точка 7 од Кривичниот законик, тоа е споредна казна, па според него, е недозволиво да се определи привремена мерка којашто е идентична со санкцијата, бидејќи на таков начин би се прејудицирал исходот на спорот. Според подносителот, одредбата во оспорениот дел содржан во член 517 став 1 од Законот за кривичната постапка, се коси со правната сигурност бидејќи дозволува изрекување споредна санкција пред пресудување на случајот, што е спротивно на принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок.

Според Судот, од аспект на изнесените наводи не може да се доведе под уставно сомнение оспорениот дел на членот од Законот, поради следното:

Во Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017 и 248/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 36/2023 и 188/2023), е содржана глава шеста-а „Казнување на правно лице” (одредбите од 96-а до 96-л).

Според член 96-а став 1 од Законикот, за кривични дела на правни лица како главна казна се изрекува парична казна.

Кривичниот законик, со член 96-б точки од 1) до 9) ги уредува споредните казни коишто можат да му се изречат на правното лице под услови определени со овој законик кога судот ќе оцени дека правното лице ја злоупотребило својата дејност и дека постои опасност во иднина да го повтори делото, меѓу кои: 7) привремена забрана за вршење на одделна дејност; 8) трајна забрана за вршење на одделна дејност и 9) престанок на правното лице. Во Законот за кривичната постапка, конкретно во оспорениот член 517 став 1, законодавецот уредил дека по предлог на јавниот обвинител, судот може на правното лице со решение да му изрече забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности до завршување на постапката. Неспорно е дека, и кај забраната за вршење на дејност/дејности на правното лице од член 517 став 1 од Законот за кривичната постапка, којашто се изрекува до завршување на кривичната постапка, и кај привремената забрана за вршење на одделна дејност од член 96-б точка 8 од Кривичниот законик којашто се изрекува како споредна казна, е привремено невршење дејност. Меѓутоа, тоа не значи дека помеѓу нив може да се стави знак на равенство и да се смета дека оспорениот дел од член 517 став 1 од Законот за кривичната постапка – забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката, е всушност замаскирана казна пред пресудување. Ова, од причини што забраната за вршење на дејност/дејности на правното лице којашто се изрекува согласно со Законот за кривичната постапка, е превентивна мерка којашто со решение, може да ја изрече судот до завршување на постапката со цел да се спречат можни штети. При ова, сомнежот од можни штети, секако треба да биде добро образложен во предлогот од јавниот обвинител. Законот за кривичната постапка со член 517 став 2, против тоа решение предвидува жалба во рок од три дена до советот од член 25 став 5 на овој закон. Жалбата, не го задржува извршувањето на решението, и секако на изрекувањето на ваквата забрана, треба да му претходи сериозна процена за оправданоста од истата, поради штетата којашто би можела да биде предизвикана со изрекувањето на забраната од оспорениот дел на член 517 став 1 од Законот, а којашто би требало да биде надоместена во таков случај. Додека, привремената забрана за вршење на одделна дејност, е споредна казна којашто може да му се изрече на правното лице покрај паричната како главна казна, што значи таа е санкција за утврдено кривично дело со пресуда на судот, против која се предвидени правни средства со кои правното лице може истата да ја побива.

Соодветно на начинот на кој подносителот го перципира оспореното законско решение од член 517 став 1 од Законот, тоа би значело дека и со определена мерка притвор се прејудицира исходот на спорот, односно дека исходот на спорот би резултирал со казна затвор, ако претходно е изречена мерката притвор. Неспорно е дека заедничко и кај казната затвор и кај изречената мерка за обезбедување присуство – притвор, е ограничување на личната слобода, но и во овој случај, помеѓу истите не може да се стави знак на равенство односно дека мерката притвор е замаскирана казна затвор пред пресудување, и дека со определената мерка притвор се прејудицира исходот на спорот. Причините за потребата од мерката притвор, секако дека треба да бидат добро образложени, и секако, доколку постапката не резултира со осудителна пресуда, штетата треба да биде надоместена согласно Законот за кривичната постапка (член 13 – право на отштета и рехабилитација „Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надоместок на штета од буџетските средства, има право да биде рехабилитирано, како и други права утврдени со закон”).

Оттука, од аспект на изнесените наводи, според Судот, не може да се доведе под уставно сомнение согласноста на оспорениот член 517 став 1 во делот „забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и” од Законот за кривичната постапка, со принципот на владеење на правото  од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според член 535 став 1 од Законот, кога се исполнети условите за конфискација или проширена конфискација на имот и имотна корист, судот по предлог на јавниот обвинител ќе нареди привремени мерки на обезбедување утврдени со членот 194 од овој закон. Со иницијативата се оспорува делот „утврдени со членот 194 од овој закон”.

Во однос на оваа законска одредба во делот којшто се оспорува, Судот утврди дека член 194 од Законот е несоодветен со оглед на тоа што во тој член се зборува за наредба за привремено одземање на предмети, а не за конфискација или проширена конфискација на имот и имотна корист. Меѓутоа, и во овој случај Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата во овој дел, со соодветно образложение како и во однос на законските одредби опфатени со иницијативата коишто подносителот ги оспорува од истите причини.

Според член 539 со поднаслов „соодветна примена на другите одредби од овој закон” од Законот за кривичната постапка „Ако во одредбите на оваа глава не е предвидено нешто друго во однос на постапката за примена на мерки на безбедност или за конфискација на имотот и имотната корист, согласно ќе се применуваат другите одредби на овој закон, ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено”. Со иницијативата се оспорува член 539 во делот „ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено”.

Според наводите од подносителот, главата XXXV oд Законот за кривичната постапка содржи одредби за постапката за примена на мерките за безбедност, конфискација на имот и имотна корист, одземање на предмети и отповикување на условна осуда (и подносителот прави техничка грешка бидејќи глава XXXV е со наслов „Постапка за донесување одлука за пократко траење на казната на забрана, престанување на правните последици од осудата и бришење на осудата”, а главата за која зборува подносителот, е со нумерација XXXIV). По ова наведува дека во однос на согласната примена на другите одредби од Законот за кривичната постапка, сосема е доволен делот од член 539 од Законот „Ако во одредбите на оваа глава не е предвидено нешто друго во однос на постапката за примена на мерки на безбедност или за конфискација на имотот и имотната корист”, додека оспорениот дел од истиот член „ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено”, е вишок, прашувајќи со кои одредби од истиот закон поинаку би било определено, кога освен специјалните во глава XXXV (подносителот мисли на глава XXXIV) и општите во сите други глави, трети одредби нема, со што смета дека оспорениот дел треба да се отстрани од законската одредба бидејќи  внесува конфузија и неизвесност и се коси со барањата за правна предвидливост и сигурност на Законот, што е спротивно на уставниот принцип на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Судот, ги имаше предвид изнесените наводи како причини за неуставноста на оспорениот дел од законската одредба, меѓутоа Уставниот суд не се впушта по прашањата кој дел од нормата е доволен, а кој отповеќе, туку дали нормата или нејзин дел, е во согласност со одредбите на Уставот. Во конкретниот случај, по оцена на Судот, оспорениот дел не е од таква природа којшто може да предизвика забуна кај органите во примената на правото, па од аспект на изнесените наводи, според Судот, не може да се доведе под уставно сомнение член 539 во делот „ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено” од Законот за кривичната постапка со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според член 551 став 1 од Законот за кривичната постапка „Ако барањето за надоместок на штетата не биде усвоено или по него Министерството за правда не донесе одлука во рок од три месеци од денот на поднесувањето на барањето, оштетениот може кај надлежниот суд да поднесе тужба за надоместок на штета. Ако е постигната спогодба само во поглед на дел од барањето, оштетениот може да поднесе тужба во однос на остатокот од барањето”. Според член 551 став 2 од Законот за кривичната постапка  додека трае постапката од ставот (1) на овој член не тече застареноста предвидена во членот 551 став (1) од овој закон. Со иницијативата се оспорува член 551 став 2 во делот „членот 551 став (1) од” од Законот за кривичната постапка.

За подносителот е неспорно дека се работи за очигледна техничка грешка, бидејќи во член 550 став 1 од Законот се определува рокот за застареност за поднесување барање за надоместок на штета, а не во член 551 став 1 од Законот, меѓутоа забележува дека закон од ваква важност каков што е Законот за кривичната постапка, не смее да содржи толку многу технички грешки, со што и во однос на овој оспорен дел од законската одредба смета дека е спротивен на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи внесува конфузија и се коси со барањата за правна предвидливост и сигурност на Законот.

Судот ги имаше предвид изнесените наводи и се согласува со констатацијата дека Законот за кривичната постапка содржи технички грешки, но во надлежност на законодавецот е истите да ги исправа, поради што оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Според член 556 од Законот за кривичната постапка „Лицето на кое му е дозволено разгледување и препишување на списите (член 123) што се однесуваат на неоправдана осуда или на неосновано или незаконито лишување од слобода, не може да употреби податоци од тие списи на начин што би бил од штета за рехабилитацијата на лицето против кое е водена кривична постапка. Претседателот на судот е должен на ова да го предупреди лицето на кое му е дозволено разгледување, и тоа ќе се забележи на списот, со потпис на тоа лице”.

Со иницијативата се оспорува член 556 во делот „(член 123)” од Законот, бидејќи член 123, не е во врска со разгледување и препишување на списите, туку со редослед на прашањата за кои се гласа при советувањето и гласањето, па подносителот смета дека одредбата поради оспорениот дел, доведува до правна непредвидливост и несигурност на Законот, односно нејзиниот оспорен дел е противречен со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според Судот, станува збор за очигледна техничка грешка за којашто не може да се каже дека ја прави нормата непредвидлива, односно да доведе до забуна во фактичката примена на членот од Законот, бидејќи од самата содржина пред оспорениот дел, а и од насловот на член 556 „Ограничување на разгледување и препишување на списи” јасно се препознава дека станува збор за погрешна нумерација на членот во заградата, со што и во однос на овој оспорен член од Законот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата, бидејќи не е во надлежност на Уставниот суд да ги исправа техничките грешки и пропусти направени при креирањето на законите, туку на законодавецот.

Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека член 508 став 2 во делот „за задржување на лица, за гаранција и одземање на патна исправа; за притвор;”, член 517 став 1 во делот „забрана за вршење на определена дејност или на сите дејности на правното лице до завршување на постапката и” и член 539 во делот „ако со одредбите на овој закон поинаку не е определено” од Законот за кривичната постапка, не се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во однос на член 502 став 1 во делот „486 став (2)”, член 506 став 6 во делот „членот 58-а став (3) на”, член 509 став 2 во делот „врз основа на членот 45 од овој закон”, член 535 став 1 во делот „утврдени со членот 194 од овој закон”, член 551 став 2 во делот „членот 551 став (1) од” и член 556 во делот „(член 123)” од истиот закон, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски