Уставен суд
на Република Северна Македонија
У. бр.223/2024
Скопје, 16.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеи 1 и 2 и член 73 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 16 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 355 став 2 во делот „од член 353 став 2 на овој закон“, член 361 став 3 во делот „а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето“, член 362 ставови 1 и 2, став 3 во делот „Овој записник ќе го потпише испитаниот сведок, односно вештак“ и став 4 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010,100/2012,142/2016 и 198/2018).
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 345 став 3, член 350 став 3 во делот „кога странките и оштетениот присуствуваат на испитување ги имаат правата од член 219 став 7 на овој закон“, член 357 став 1 во делот „од членот 26 на овој закон“, член 364 став 1 во делот „кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините за својата спреченост, ќе се казни со парична казна предвидена во член 89 од овој закон а “, член 364 став 1 во делот „кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините за својата спреченост, ќе се казни со парична казна предвидена во член 89 од овој закон а “и член 364 во целост од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010,100/2012, 142/2016 и 198/2018).
Образложение
I
Леонид Трпеноски од Адвокатското друштво Трпеноски Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените одредби и делови од одредбите бидејќи смета дека со истите се повредуваат член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9 од Уставот и член 14 од Европската конвенција за човековите права.
Подносителот на иницијативата одделно ги цитира оспорените одредби или дел од одредбите од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018) и дава осврт на истите со изнесување на наводи за неуставност за секоја одредба поединечно.
Според подносителот на иницијативата, во член 345 став 3 од Законот во делот „од членот 94 од овој закон“ се повикува на погрешен член, кој според подносителот би требало да се однесува на член 93, бидејќи член 94 не соодветствува со содржината на член 345. Подносителот смета дека станува збор за техничка грешка, но истата опстојува и противречи на владеењето на правото, загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Член 350 став 3 во делот „кога странките и оштетениот присуствуваат на испитување ги имаат правата од член 219 став 7 на овој закон“ според подносителот упатува на член кој има само 4 става, односно упатува на погрешен член, а вака дефинираната одредба опстојува и противречи на владеењето на правото, загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Понатаму во иницијативата, според подносителот, одредбата во член 355 став 2 во делот „од член 353 став 2 на овој закон“ упатува на погрешен член кој е неприменлив и вака дефинираната одредба противречи на владеењето на правото. Имено, во конкретниот случај член 353 став 2 не опишува кои лица влегуваат во кругот на блиски роднини на обвинетиот, туку дека на главната расправа можат да присуствуваат само полнолетни лица. Според подносителот, член 353 од Законот за кривичната постапка го воведува начелото на јавност во постапката, член 354 уредува кога може да се исклучи јавноста од дел или целата главна расправа, а член 355 на кои лица не се однесува исклучувањето.
Подносителот на иницијативата смета дека член 357 е една од одредбите во Законот преку кои се обезбедува начелото на непосредност во кривичната постапка, според кое сите докази треба да бидат изведени пред тие кои одлучуваат за фактите во спорот поради што е потребно непрекинато задолжително присуство на главната расправа на претседателот и членовите на советот како и судиите и судиите-поротници. Но, во член 357 став 1 во делот „од членот 26 на овој закон“ наместо член 25 кој го уредува составот на судот упатува на погрешен член 26 кој се однесува на месната надлежност, а вака дефинираната одредба е во колизија со барањата за правна предвидливост и сигурност на Законот и противречи на владеењето на правото, загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Член 361, според подносителот, уредува дека на јавниот обвинител, бранител или полномошникот кој го нарушува редот или не се придржува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот, претседателот може да му изрече дисциплински мерки. Ако како резултат од таквиот недисциплиниран однос главната расправа се прекине или одложи, судот на бранителот односно полномошникот ќе му нареди да плати трошоци што настанале од прекинот или одложувањето, но вакво задолжение со трошоци не предвидува за обвинителот. Имено, според подносителот на иницијативата прекинатата или одложената расправа од исти причини (нарушување на редот од јавниот обвинител или адвокат) не повлекува исти последици, бидејќи вакво задолжение Законот не предвидувал за обвинителот во член 361 став 5. Па поради тоа, со вака дефинираната одредба во член 361 став 3 во делот „а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето“ според подносителот, е создаден нееднаков третман за страните во постапката, а со тоа и повреда на член 9 од Уставот и член 14 од Европската конвенција за човековите права.
Подносителот на иницијативата ги оспорува одредбите во член 362 ставови 1, 2 и 4 во кои е уредено како треба да постапи судот кога некој ќе стори кривично дело на главната расправа. Ги цитира законските одредби и дава свои согледувања. Имено, според член 362 став 1 законодавецот уредил дека доколку обвинетиот на главната расправа стори кривично дело ќе се постапи според одредбите од член 393 од овој закон. Според законското решение во ставовите 2 и 3 од истиот член е уредено дека ако обвинителот, бранителот, сведокот, оштетениот, вештакот, полномошникот, преведувачот, толкувачот или лице кое како јавност присуствува на расправата стори кривично дело на главната расправа, судот може да ја прекине расправата и по усно обвинение на тужителот да суди веднаш за стореното кривично дело, а може за стореното дело да суди по завршување на започнатата главна расправа или ако не е можно веднаш да му се суди на сторителот на кривичното дело за кое се гони по службена должност, за тоа ќе се извести надлежниот јавен обвинител заради натамошна постапка.
Со вака дефинираните одредби, според подносителот, постои мешање на својството на субјектите во постапката. Имено, судијата може да биде оштетен со стореното кривичното дело на главната расправа, а согласно член 33 став 1 точка 1 од Законот е уредено дека изречно се забранува судијата или судија поротник кој е оштетен со кривично дело да врши судиска должност и должен е да ја прекине постапката и да се изземе. Имено, Законот за кривичната постапка изречно го забранува тоа (член 33 став 1 точка 4 во врска со член 357 став 2, член 38 став 2, а во врска со член 238 став 3 и член 73 став 2). Според подносителот, за да се обезбедат правата на одбраната, обвинетиот мора да има право да се соочи со сведоците против себе (член 6 став 3 од Европската конвенција за заштита на човековите права и член 70 став 1 алинеја 7 од Законот за кривичната костапка). Ако сведок на настанот, односно обвинението е судија кој го суди случајот, тогаш обвинетиот нема да има можност да го испита и на таков начин ќе му се ограничи правото на правична постапка пред непристрасен суд (член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права, член 5 од Законот за кривичната костапка и член 6 став 2 од Законот за судовите). Учеството на главната расправа на судијата или судија поротник кој морал да се изземе претставува суштинска повреда на одредбите од член 415 став 1 точка 2 од Законот за кривичната постапка.
Според подносителот, Уставот, меѓународните акти и законите предвидуваат почитување на минималните гаранции на правото на секој на правично и јавно, во разумен рок пред независен и непристрасен суд да биде утврдена основаноста на кривични обвиненија против него. За основаноста на овие наводи подносителот цитира и судска пракса на Уставниот суд на Хрватска и правно становиште на Европскиот суд за човекови права. Поради сето наведено, подносителот смета дека член 362 ставови 1, 2 и 4 од Законот за кривичната постапка е спротивен на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот и член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Во делот на одредбата од член 362 став 3 „ Овој записник ќе го потпише испитаниот сведок, односно вештак“ подносителот смета дека е спротивен на член 8 став 1 алинеи 1,3 и 11 од Уставот и член 6 ставови 1 и 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Имено, ставот 3 од членот уредува дека доколку сведокот или вештакот дал лажен исказ на главната расправа, а не може да му се суди веднаш во тој случај претседателот на советот може да нареди за исказот на сведокот односно вештакот да се состави посебен записник што ќе го достави до јавниот обвинител, што според подносителот не е спорно. Спорно е што е наметната обврска истиот да мора да го потпише сведокот односно вештакот без можност да одбие и е спротивно на начелото на презумција на невиност. Имено, според подносителот, Законот за кривичната постапка во член 216 му дава право на сведокот да не одговара на одредени прашања, ако е веројатно дека со тоа би се изложил себеси на тежок срам, значителна материјална штета или кривично гонење, а од друга страна го присилува да го потпише записникот во кој се содржани основите за сомневање дека самиот тој дал лажен исказ на главната расправа што е кривично дело казниво со член 367 од Кривичниот законик.
Понатаму во иницијативата, според подносителот, член 364 став 1 од Законот во делот „кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините за својата спреченост, ќе се казни со парична казна предвидена во член 89 од овој закон а “ упатува на погрешен член кој е неприменлив во таква ситуација, а неговото опстојување противречи на владеењето на правото, загарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Од наводите во иницијативата може да се види дека подносителот на иницијативата ги оспорува и останатите одредби од член 364 каде законодавецот предвидел дека за недоаѓањето на јавниот обвинител, кој е уредно повикан на главната расправа е предвидена парична казна за обвинителот и одлагање на расправата, додека за недоаѓање на уредно повиканиот приватен тужител и неговиот полномошник на главната расправа е предвидено запирање на постапката. Со така дефинираните одредби, законодавецот предвидел различен третман во постапувањето на судовите во зависност од тоа дали како тужител се јавува јавен обвинител или пак приватен тужител, а тоа е спротивно на член 9 од Уставот и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Поради сето наведено подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да се впушти во уставно-правна анализа и да поведе постапка за оспорените одредби и делови од одредби.
II
На седницата Судот утврди дека во оспорените одредби од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија бр.150/2010,100/2012,142/2016 и 198/2018) е предвидено:
Член 345 став 3
Закажување на главна расправа
„(3) Ако претседателот на советот утврди дека во списите се наоѓаат записници или известувања од членот 94 на овој закон ќе донесе решение за нивно издвојување, пред закажувањето на главната расправа, а по правосилноста на решението ќе ги издвои во посебна обвивка и ќе му ги предаде на надлежниот јавен обвинител заради одвоено чување од другите списи“.
Член 350 став 3 во дел
Испитување на сведоци надвор од судот
„(3) За времето и за местото на испитувањето задолжително ќе се известат странките и бранителот, а оштетениот ако тоа е можно со оглед на итноста на постапката. Ако обвинетиот е во притвор, за потребата од негово присуство на испитувањето одлучува претседателот на советот. Кога странките и оштетениот присуствуваат на испитувањето ги имаат правата од членот 219 став (7) на овој закон.“
Член 355 став 2 во дел
На кого не се однесува исклучувањето на јавноста
„(2) Советот може да дозволи на главната расправа на кој е исклучена јавноста да присуствуваат одделни службени лица, научни и јавни работници, а по барање од обвинетиот тоа може да им го дозволи и на неговиот брачен, односно вонбрачен другар и на неговите блиски роднини од членот 353 став (2) на овој закон“.
Член 357 став 1 во дел
Задолжителна присутност на главната расправа
„(1) Претседателот и членовите на советот, како и судиите и судиите – поротници од членот 26 на овој закон, задолжително непрекинато присуствуваат на главната расправа.“
Член 361 став 3 во дел
Казнување поради нарушување на редот и дисциплината
“(3) На бранителот или полномошникот, кој по казната ќе продолжи да го нарушува редот, советот може да му ја ускрати натамошната одбрана, односно застапување на главната расправа и во тој случај странката ќе се повика да земе друг бранител, односно полномошник. Ако е невозможно обвинетиот или оштетениот тоа да го сторат веднаш без штета за своите интереси или ако во случај на задолжителна одбрана не може веднаш да се постави нов бранител или полномошник, главната расправа ќе се прекине или одложи, а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето.“
Член 362
Кривично дело сторено на главна расправа
„(1) Ако обвинетиот на главната расправа стори кривично дело ќе се постапи според одредбите на членот 393 од овој закон.
(2) Ако некој друг во текот на главната расправа стори кривично дело, советот може да ја прекине главната расправа и, по усно обвинение на тужителот, да суди за стореното кривично дело веднаш, а може за тоа дело да суди по завршувањето на започнатата главна расправа.
(3) Ако постојат основи за сомневање дека сведокот или вештакот дал лажен исказ на главната расправа за тоа кривично дело не може веднаш да се суди. Во таков случај претседателот на советот може да нареди за исказот на сведокот, односно на вештакот да се состави посебен записник, што ќе го достави до јавниот обвинител. Овој записник ќе го потпише испитаниот сведок, односно вештак.
(4) Ако не е можно веднаш да му се суди на сторителот на кривичното дело за кое се гони по службена должност, за тоа ќе се извести надлежниот јавен обвинител заради натамошна постапка.“
Член 364 во дел
Недоаѓање на тужителот на главната расправа
„(1) Ако на главната расправа што е закажана врз основа на обвинителен акт од јавниот обвинител не дојде јавниот обвинител, кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините за својата спреченост, ќе се казни со парична казна предвидена во членот 89 од овој закон, а главната расправа ќе се одложи.
(2) Ако на главната расправа не дојде приватниот тужител, иако е уредно повикан, ниту неговиот полномошник, претседателот на советот или судијата поединец ќе ја запре постапката со решение.“
III
Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, покрај другите, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Во член 9 од Уставот е уредено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 11 став 2 од Уставот, се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување.
Во член 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.
Членот 98 од Уставот е целосно заменет со Амандманот XXV на Уставот и гласи:
Судската власт ја вршат судовите.
Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Забранети се вонредни судови.
Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организа-цијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Согласно член 102 од Уставот на Република Северна Македонија расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата се јавни. Јавноста може да биде исклучена во случаи утврдени со закон
Членот 106 став 1 од Уставот определува дека Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. Членот 106 став 2 од Уставот е заменет со Амандманот XXX на Уставот. Според овој Амандман, Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласно со Уставот.
Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители.
Според член 118 од Уставот на Република Северна Македонија, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Во член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права е предвидено дека уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.
Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018), претставува системски закон во кој процесни дејствија се со точно утврдена форма, начин, рок, редослед и овластен субјект за нивно преземање.
Кривичната постапка ја остварува својата цел врз основа на почитување на начелата кои овозможуваат процедурална правда, утврдување вина, односно невиност преку ползување на законски пропишаните процесни овластувања на судот, на странките, на бранителот и на другите учесници во постапката.
Во оддел В. Главна расправа и пресуда, глава XXIII „Подготовки за главна расправа“ од Законот се дефинирани одредби со кои се врши подготовка за главната расправа за обезбедување услови на ефикасно спроведување на текот на главната расправа и други дејствија кои судијата, претседателот на советот се овластени да ги преземе пред да отпочне рочиштето за главна расправа.
Член 345 став 3 уредува дека кога во списите на предметот се содржани записници или известувања од членот 94 на овој закон на кои не може да се заснова судската одлука, претседателот на советот ќе донесе решение за нивно издвојување пред закажувањето на главната расправа, а по правосилноста на решението ќе ги издвои во посебна обвивка и ќе му ги предаде на надлежниот јавен обвинител заради одвоено чување од другите списи. Како причина за оспорување подносителот го наведува погрешното повикување на член 94 кој опстојува во Законот и противречи на владеењето на правото. Имено, повикувањето на член 94 од Законот „Снимање на истражните дејствија“ а се мисли на член 93 од Законот „Издвојување на доказ“ според подносителот доведува на повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Според Судот, станува збор за пропуст од технички карактер кој не може да доведе до заблуда при примена на одредбите, поради што и не доведува до повреда на уставниот принцип на владеење на правото.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, во конкретниот случај исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
Член 350 носи наслов „Испитување на сведоци надвор од судот“. Став 1 од истиот член уредува дека, сведок, кој во претходна постапка не е испитан, а не може да дојде на главната расправа поради долготрајна болест или неподвижност, може да се испита во местото каде што се наоѓа. Согласно став 3, за времето и за местото на испитувањето на ваков сведок задолжително ќе се известат странките и бранителот, а оштетениот – ако тоа е можно, со оглед на итноста на постапката. Со последната реченица од ставот 3 се уредува дека доколку странките и оштетениот се присутни, по испитувањето од страна на претседателот на советот, тие имаат право да поставуваат прашања согласно член 219 став 7. Согласно наводите во иницијативата членот 219 содржи 4 става, а вака дефинираната одредба опстојува и противречи на владеењето на правото.
Член 219 од Законот носи наслов „Начинот на испитувањето на сведок“. Од анализата на содржината на член 219 од Законот, произлезе дека еден од основните аспекти на правото на правична судска постапка е дека кривичната постапка, вклучувајќи ги процедуралните елементи што се поврзани со неа, треба да бидат контрадикторни и дека треба да постои еднаквост на оружјето меѓу обвинителството и одбраната. Правото на контрадикторна судска постапка, во кривичните постапки, значи дека и на обвинителството и на одбраната мора да им се даде можноста да ги знаат и коментираат сите поднесени забелешки или изнесени докази од другата страна. Во конкретниот случај,тоа се однесува на правото на испитувањето на сведоците. Според Судот, станува збор за пропуст од технички карактер кој не може да доведе до забуна при примена на одредбата, поради што и не доведува до повреда на уставниот принцип на владеење на правото.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, во конкретниот случај, исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
Согласно со член 102 од Уставот на Република Северна Македонија расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата се јавни. Јавноста може да биде исклучена во случаи утврдени со закон. Во глава XXIV „Главна расправа“ со поднаслов под точка 1 „ Начело на јавност на главната расправа“ од Законот за кривичната постапка се одредби со кои се реализира начелото на јавност на главната расправа.
Член 355 од Законот ги уредува случаите на кого не се однесува исклучувањето на јавноста на главната расправа. Имено, став 1 уредува дека „ Исклучувањето на јавноста не се однесува на странките, на оштетениот, нивните законски застапници и полномошници, како и на бранителот, освен во случаи определени со закон“. Во став 2 од истиот член е уредено дека „Советот може да дозволи на главната расправа на кој е исклучена јавноста да присуствуваат одделни службени лица, научни и јавни работници, а по барање од обвинетиот тоа може да им го дозволи и на неговиот брачен, односно вонбрачен другар и на неговите блиски роднини од членот 353 став (2) на овој закон“.
Во член 353 став 1 од Законот е уредено дека главната расправа е јавна, а во став 2 е уредено дека на главната расправа може да присуствуваат само полнолетни лица.
Подносителот на иницијативата смета дека член 355 став 2 во оспорениот дел од одредбата „од членот 353 став (2) на овој закон“ доведува до заблуда при примена и повреда на принципот на владеење на правото бидејќи не е уредено за кои блиски роднини станува збор. Но, според Судот, оспорениот дел на одредбата е упатувачка одредба која уредува дека за да може овие лица да присуствуваат на главната расправа мора да бидат полнолетни. Кои лица нема да се исклучат од јавноста и може да присуствуваат на главната расправа, а да се полнолетни одлучува Советот што според Судот, не претставува основ за уставно проблематизирање од аспект на принципот на владеење на правото. Станува збор за одредба која не може да доведе до заблуда при примена на одредбите, поради што и не доведува до повреда на уставниот принцип на владеење на правото. Воедно судот води сметка во однос на тоа кој спаѓа во кругот на субјекти односно блиски роднини притоа имајќи ги предвид и материјалните закони меѓу кои и Кривичниот законик кој во член 122 „Значење на изразите на овој закон“ став 25 е уредено дека „Под семејство се подразбира брачниот другар, вонбрачниот другар, децата, родителите, браќата и сестрите и други роднини со кои лицето живее во семејна заедница“.
Поради сето наведено, Судот оцени во овој дел од иницијативата да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 355 став 2 во оспорениот дел од одредбата „од членот 353 став (2) на овој закон.
Во глава XXIV „Главна расправа“ со поднаслов под точка 2 „Раководење со главната расправа“ од Законот за кривичната постапка се одредби со кои е уредена улогата на претседателот на советот и на советот во однос на раководењето со главната расправа, како и за казнувањето во текот на расправата и за постапувањето на судот во случај на сторено кривично дело на главната расправа.
Согласно со член 357 став 1 од Законот се предвидува обврската за непрекинато присуство на претседателот и членовите на советот, како и дополнителните судии и судии поротници од членот 26 на главната расправа. Оваа обврска за непрекинато присуство на претседателот и членовите на советот, како и дополнителните судии и судии поротници произлегува од правилата на непосредност и континуитет на главната расправа.
Според подносителот, оспорената одредба се повикува на член 26 од Законот со кој член е уредена „Месна надлежност“, но станува збор за печатна односно техничка грешка и се мисли на член 25 од Законот „Состав на судот“. Според Судот, станува збор за пропуст од технички карактер кој не може да доведе до забуна при примена на одредбите, поради што и не доведува до повреда на уставниот принцип на владеење на правото.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, во конкретниот случај исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
Според подносителот на иницијатиивата, во член 361 став 3 од Законот во делот „а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето“ е создаден нееднаков третман за страните во постапката, а со тоа е сторена повреда на член 9 од Уставот и член 14 од Европската конвенција за човековите права.
Поаѓајќи од наведеното, а со цел добивање одговор на прашањето дали со оспорениот дел од одредбата се повредуват цитираните одредби од Уставот и член 14 од Европската конвенција за човековите права потребна е анализа и корелација со останатите одредби од членот во Законот.
Имено, во Законот за кривичната постапка во глава XXIV „Главна расправа“ со поднаслов под точка 2 „Раководење со главната расправа“ во член 361 со наслов „Казнување поради нарушување на редот и дисциплината“, законодавецот го регулира постапувањето на судот на главната расправа, во случај на нарушување на редот и последиците за секое лице учесник или присутен на главната расправа.
Претседателот на советот има примарна улога во одржувањето на редот и грижата за достоинството на судот и на сите учесници во постапката, а отстранувањето на лицата кои го нарушуваат редот во судницата и другите мерки против овие лица се во надлежност на советот и се дел од записникот за главната расправа.
Против одлуката за казнување дозволена е посебна жалба, а против други одлуки што се однесуваат на одржувањето на редот и управувањето со главната расправа не е дозволена посебна жалба (член 361 ставови 7 и 8).
Имено, согласно став 1 од член 361, учесниците во постапката или друго лице кое присуствува на главната расправа кое го нарушува редот или не се придржува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот претседателот на советот може да се казни. Најпрвин ќе го опомене, а ако опомената биде безуспешна, советот може да нареди лицето да се отстрани од судницата, како и да го казни со парична казна, предвидена во член 88 став 1 од Законот, со исклучок на обвинетиот кој според став 2 од истиот член советот може да нареди да биде отстранет од судницата на определено време.
Ставот 3 уредува дека ако бранителот или полномошникот, по изречената казна, продолжи да го нарушува редот, советот може да одлучи да му ја ускрати понатамошната одбрана, односно застапување на главната расправа, а обвинетиот, односно оштетениот ќе се повика да земе друг бранител, односно полномошник, а ако е невозможно тоа да го стори веднаш без штета за своите интереси, или ако во случај на задолжителна одбрана, односно застапување, не е можно веднаш да се постави нов бранител или полномошник, главната расправа ќе се прекине или ќе се одложи. На бранителот, односно полномошникот на кој му е ускратено понатамошното застапување, судот ќе му нареди да ги плати трошоците што настанале поради прекинот или одложувањето на расправата.
Во случај кога нарушување на редот на главната расправа е од страна на јавниот обвинител, претседателот на советот ќе го извести основниот јавен обвинител, а може да одлучи и да ја прекине главната расправа и од основниот јавен обвинител да побара да определи друго лице да го застапува обвинението (став 5).
Во став 6 од истиот член е уредено дека за казнување на адвокат поради нарушување на редот, судот ќе ја извести Адвокатската комора.
Од содржината на член 361 произлегува дека овластувањето на судот да изрекува парични казни поради злоупотреба на правата во постапката се однесува на сите учесници во постапката, од што може да се заклучи дека примарна цел на законодавецот со оваа одредба било да обезбеди процесна дисциплина на сите учесници во постапката заради обезбедување на непречено одвивање на постапката, без одлагање и без злоупотреба на процесните права и овластувања на учесниците. Според Судот, законодавецот сосема легитимно му дал овластување на судот како орган задолжен за водење на постапката и кој се грижи за обезбедување на редот во судницата и за достоинството на судот, да може да изрекува парични казни во случај на злоупотреба на правата од страна на учесниците во постапката.
Според наводите во иницијативата, вака поставената одредба не обезбедува еднаков третман на граѓаните под исти околности, односно во зависност од тоа кој учесник во постапката ќе го наруши редот на главната расправа повлекува различни последици. Вака поставената одредба доведувала до различен третман на учесниците во постапката.
Членот 9 од Уставот не може да биде повреден кога со оспорените законски одредби се уредуваат права и обврски на различен начин за различни субјекти, од причина што принципот на еднаквост важи само за оние субјекти во правото што се наоѓаат во еднаква правна положба и услови.
Принципот на еднаквост подразбира еднаков третман на граѓаните кои се во иста фактичка и правна состојба во рамките на правниот режим кој е законски утврден. Повреда на принципот на еднаквост може да има во случај кога субјектите во правото што се наоѓаат во еднаква правна положба и услови немаат еднаков третман. Во конкретниот случај според Судот станува збор за субјекти кои во кривичната постапка немаат иста правна и фактичка положба (обвинет, јавен обвинител, бранител односно полномошник), а со тоа не се повредува принципот на еднаквост утврден во член 9 од Уставот и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Поради сето наведено, во овој дел од иницијативата Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на член 361 став 3 во оспорениот дел од одредбата „а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето“.
Член 362 со наслов „Кривично дело сторено на главна расправа“ од Законот за кривичната постапка, уредува:
(1) Ако обвинетиот на главната расправа стори кривично дело ќе се постапи според одредбите на членот 393 од овој закон.
(2) Ако некој друг во текот на главната расправа стори кривично дело, советот може да ја прекине главната расправа и, по усно обвинение на тужителот, да суди за стореното кривично дело веднаш, а може за тоа дело да суди по завршувањето на започнатата главна расправа.
(3) Ако постојат основи за сомневање дека сведокот или вештакот дал лажен исказ на главната расправа за тоа кривично дело не може веднаш да се суди. Во таков случај претседателот на советот може да нареди за исказот на сведокот, односно на вештакот да се состави посебен записник, што ќе го достави до јавниот обвинител. Овој записник ќе го потпише испитаниот сведок, односно вештак.
(4) Ако не е можно веднаш да му се суди на сторителот на кривичното дело за кое се гони по службена должност, за тоа ќе се извести надлежниот јавен обвинител заради натамошна постапка.
Со вака дефинираните одредби, според подносителот, постои мешање на својството на субјектите во постапката. Имено, согласно Уставот, меѓународните акти и законите се предвидува почитување на минималните гаранции на правото секому правично и јавно, во разумен рок пред независен и непристрасен суд да биде утврдена основаноста на кривични обвиненија против него.
Во оспорената одредба од став 1 на член 362 е уредено дека „Ако обвинетиот на главната расправа стори кривично дело ќе се постапи според одредбите на членот 393“.
Член 393 од Законот носи наслов „Измена и проширување на обвинението“ и со оваа одредба законодавецот уредил во кој случај може постојното обвинение да биде проширено или изменето. Ставот 1 од членот ја уредува постапката кога доколку обвинителот оцени дека со изведените докази во текот на главната расправа укажуваат дека се променила фактичката состојба изнесена во обвинението, може на главната расправа да го измени обвинението. Но, заради подготовка на одбраната, главната расправа може да се одложи. Во овој случај, не се врши потврдување на обвинението.
Согласно став 2 од член 393 ако обвинетиот во текот на главната расправа во заседанието стори кривично дело или ако во текот на главната расправа се открие некое порано сторено кривично дело на обвинетиот, советот по правило, по обвинение на овластениот тужител, кое може да биде и усно изнесено, и во тој случај советот може да ја прошири главната расправа и на тоа дело. Но, согласно став 3 од истиот член во случаите од став 2 од членот за да се подготви одбраната, судот во овој случај може да ја прекине главната расправа, а може по испитувањето на странките да одлучи за делото да се суди посебно.
Имено, законодавецот го уредил начинот и правилата на постапување на судот и со оспорената одредба предвидел упатувачка одредба за идна можна ситуација во која во конкретниот случај ја уредува со примена на член 393 став 2 бидејќи станува збор за кривично дело сторено на главната расправа и дефинира во кој случај и под кои услови советот може да ја прошири главната расправа и на тоа дело на начин што може да ја прекине главната расправа со цел одбраната да се подготви, а може по испитувањето на странките да одлучи за делото од ставот (2) на овој член да се суди посебно, притоа судот по службена должност води сметка за примена на упатувачката норма со цел да не дојде до суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка. Според Судот, во конкретниот случај во овој дел од иницијативата отсуствуваат конкретни причини и издржани аргументи за оспорување.
Ставот 2 од член 362 од Законот уредува дека кога во текот на главната расправа, со исклучок на обвинетиот, било кое од останатите присутни лица како обвинител, бранител, сведок, полномошник, вештак, оштетен, кое присуствува на истото без разлика во кое својство е на главната расправа, ќе стори кривично дело, Судот може да ја прекине главаната расправа и да суди веднаш по стореното кривично дело по претходно усно поднесено обвинение од овластен тужител за конкретно кривично дело. Судот, воедно може за конкретното кривично дело да суди и по завршување на започнатата главната расправа.
Со одредбата од ставот 3 од член 362 од Законот е регулиран посебен начин на постапување кога постојат основи за сомневање дека определен сведок или вештак на главната расправа дал лажен исказ, а со тоа сторил кривично дело предвидено во Кривичниот законик во член 367 „Давање лажен исказ“ каде е уредено дека на сторителот не може веднаш да му се суди и предвидува посебно казнување за основното кривично дело.
Согласно со член 17 од Законот, судот никогаш не може по своја иницијатива да ја поведе кривичната постапка, бидејќи неговата функција се состои во утврдување на фактите и во пресудување. Имено, овластените тужители – јавниот обвинител и приватниот тужител како и оштетениот во определени случаи, можат да поведат кривична постапка.
Во кривичната постапка во основа доминира официјалноста во поведување на постапката, бидејќи за најголемиот број кривични дела според Кривичниот законик постапката се поведува и се води по службена должност од страна на јавниот обвинител, како овластен државен орган.
Приватната тужба е вид обвинение кое за помал број полесни кривични дела може да ја поднесе оштетениот како физичко лице. Кривичните дела, кои според Кривичниот законик се гонат по приватна тужба, се таксативно набројани.
Во член 21 од Законот, законодавецот го појаснува значењето на изразите што се користат со цел тие поблизу да се определат, да се дефинираат и да се појаснат. Во точка 7 од истиот член поимот тужител е дефиниран на следниот начин „Тужител е јавниот обвинител и приватниот тужител“.
Според оваа одредба, поимот „тужител” значи јавен обвинител, приватен тужител и оштетен како тужител, а кој од нив ја има улогата на тужител во постапката и под кои услови е определено со одредбите од Законот за кривичната постапка и Кривичниот законик.
Тргнувајќи од содржината на членот од Законот за кривичната постапка, како и од содржината на останатите одредби од Законот, обвинетиот, оштетениот и јавниот обвинител во кривичната постапка имаат точно определена правна положба со јасно определени права и обврски за преземање на процесни дејствија во целокупната постапка, вклучувајќи ги и вонредните правни лекови. Оттука одредени дејствија во постапката можат да бидат преземани од сите учесници во постапката, според законското решение, а пак други само од одделни учесници.
Со оглед на тоа дека во конкретниот случај, делото сторено на главна расправа е дело кое се гони по службена дожност, во случајот, тужител е јавниот обвинител кој може усно да поднесе обвинение.
Во насока на дообјаснување на став 2 од член 362 од Законот е и став 4 кој предвидува дека ако не е можно веднаш да му се суди на сторителот на кривичното дело за кое се гони по службена должност, за тоа ќе се извести надлежниот јавен обвинител заради натамошна постапка, притоа судот при примена на оспорениот член води сметка да не дојде до суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка.
Воедно, според подносителот на иницијативата, со законската одредба став 3 од членот 362 во делот „Овој записник ќе го потпише испитаниот сведок, односно вештак“ е наметната обврската сведокот односно вештакот да мора да го потпише записникот без можност да одбие.
Согласно со член 89 од Законот за секое преземено дејствие во текот на кривичната постапка се составува записник истовремено кога се врши дејствието, а ако тоа не е можно, непосредно по тоа.
Записникот е писмено официјализирање на текстот и на содржината на процесното дејствие кој го составува органот кој ја води постапката, односно кој го спроведува процесното дејствие и има карактер на јавна исправа составена од овластен државен орган во форма пропишана со закон. Записникот е приказ на резултатот од процесното дејствие. Доколку лицата кои присуствувале на дејствието и кои треба да го потпишат записникот, одбиваат тоа да го сторат, тогаш во записникот се внесува забелешка за тоа кои лица одбиле да го потпишат, како и причините кои ги навеле за нивното непотпишување. Ваквата забелешка се внесува на крајот од записникот, како и останатите приговори на записникот.
Контролата на веродостојноста на содржината на записникот во текот на спроведувањето на процесното дејствие ја имаат странките и другите учесници во неговото спроведување.
Согласно член 95 од Законот, за записникот за главната расправа важат одредбите од членовите 374 и 375 од Законот.
Имено, член 374 уредува дека текот на главната расправа се снима тонски или визуелно-тонски. Таквата снимка ги содржи податоците на лицето кое се испитува, како и својството што го има тоа лице (обвинет, сведок, оштетен, вештак и сл.). Тоа значи дека кога се врши испитување на некое лице (обвинет, сведок, оштетен) од страна на јавен обвинител, бранител или од страна на судот, тоа мора да биде нагласено заради распознавање на лицето кое зборува во секој момент. Кога не постојат технички услови за тонско или визуелно-тонско снимање на текот на главната расправа, претседателот на советот може да нареди за текот на главната расправа да се води стенографски записник.
Но, ако постојат основи за сомневање дека сведокот или вештакот дал лажен исказ на главната расправа, за тоа кривично дело не може веднаш да се суди и во тој случај претседателот на советот може да нареди за исказот на сведокот, односно на вештакот да се состави посебен записник, што ќе го достави до јавниот обвинител.
Решение за издвојување на ваквиот доказ судот донесува по службена должност да се состави посебен записник, кој ќе го достави до јавниот обвинител со цел да се потврди веродостојноста на неговиот исказ.
Имено, со вака дефинираната одредба законодавецот го овластил претседателот на советот да може да нареди за исказот на сведокот, односно на вештакот да се состави посебен записник, кој ќе го достави до јавниот обвинител, а испитаниот сведок, односно вештак ќе го потпише ваквиот записник.
Во конкретниот случај ваквото уредување во одредбата, според Судот не претставува основ за уставно проблематизирање од аспект на принципот на владеење на правото и не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните бидејќи истата не предвидува строга норма за задолжителност, дотолку повеќе што законодавецот водел сметка за ваквите можни ситуации и токму заради правната сигурност го уредил и начинот и постапувањето во случај доколку лицата одбиваат да го потпишат записникот.
Според Судот, вака дефинираните одредби не претставуваат основ за повреда на владеење на правото и уставноправно проблематизирање.
Според наводите на подносителот на иницијативата, одредбата во член 364 став 1 во делот „кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините за својата спреченост, ќе се казни со парична казна предвидена во член 89 од овој закон а “ упатува на погрешен член кој е неприменлив во таква ситуација, а нејзиното опстојување противречи на владеењето на правото, предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. По однос на наводите, повикувањето на член 89 „Записник“ од Законот, а се мисли на член 88 „Казнување поради навреда на судот“ од Законот, според Судот станува збор за очигледен пропуст од технички карактер кој не може да доведе до заблуда при примена на одредбите како што е наведено во иницијативата, поради што и не доведува до повреда на уставниот принцип на владеење на правото.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, во конкретниот случај исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
Според наводите на подносителот на иницијативата дека и во останатите одредби од член 364 законодавецот предвидел различен третман во постапувањето на судовите во зависност од тоа дали како тужител се јавува јавен обвинител или пак приватен тужител, тоа е спротивно на член 9 од Уставот и член 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Од анализата на оспорената одредба произлегува дека во истата се предвидени различни процесни последици ако на главната расправа закажана врз основа на обвинителен акт, уредно повикан, не дојде јавен обвинител и ако на главната расправа, уредно повикан, не дојде приватен тужител или негов полномошник. Одредбата уредува обврска за почитување на редовното јавување на главната расправа и последиците од недоаѓање на јавниот обвинител или пак приватниот тужител на главната расправа.
Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решението У.бр.129/2023 од од 20.12.2023 година зазел стојалиште дека неоснован е наводот дека со член 364 од Законот се повредува член 9 од Уставот на начин што одредбата создавала нееднаквост на граѓаните пред Уставот и законите во зависност од тоа дали постапката е иницирана од јавниот обвинител или пак, приватниот тужител. Од анализата на оспорената одредба и останатите цитирани одредби произлегува дека јавниот обвинител и приватниот тужител кои се уредно поканети, но нема да дојдат на главната расправа трпат различни процесни последици односно парична казна за јавниот обвинител која ја изрекува судот и дисциплински мерки според одредбите од Законот за јавното обвинителство и запирање на постапката за приватниот тужител. Разликата во уреденоста на последиците произлегува пред сè од нееднаквата положба во постапката на јавниот обвинител и приватниот тужител што има своја уставна оправданост. Имено, согласно член 106 став 1 од Уставот, јавниот обвинител е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривичните и други со закон утврдени кривични дела и врши други работи утврдени со закон. Значи оспорената одредба определува процесни последици за државен орган, наспроти процесни последици за приватен тужител. Имено, што се однесува до правата, Законот за кривичната постапка во член 65 предвидува дека приватниот тужител ги има истите права што ги има јавниот обвинител, освен оние што му припаѓаат на јавниот обвинител како на државен орган. Оттаму, јавниот обвинител не може да гони за кривични дела за кои е предвидено гонење по приватна тужба и обратно приватниот тужител не може да гони за останатите кривични дела чие гонење спаѓа во надлежност на јавниот обвинител како државен орган. Според наведеното во прашање е концептот на кривичното законодавство кое примарно во Кривичниот законик предвидува прецизно кога и за кои кривични дела гонењето се презема по приватна тужба. Значи во прашање е дадена законска можност за приватен тужител наспрема уставна должност од член 106 став 1 од Уставот за јавниот обвинител кој нема можност да бира дали при постоење на сомнение и докази за сторено кривично дело ќе преземе соодветни дејствија или не.
Имајќи предвид дека со оспорената одредба се воспоставени правила за почитување на обврската за уредно присуство на главната расправа од страна на овластениот тужител, односно јавниот обвинител и приватниот тужител, произлегува дека оспорената одредба неосновано се напаѓа заради повреда на уставните начела на недискриминација и владеењето на правото, уставното начело за почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, уставното начело на почитување и заштита на човековите права, правото на правична судска постапка, правото на непистрастно судење, правото на судење во разумен рок и презумцијата на невиност.
Поради сето горенаведено, сметаме дека по наводите во иницијативата на одредбите од член 364 од Законот, Судот веќе зазел став и во овој дел од иницијативата исполнети се условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата со оглед дека за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Од утврдената фактичка состојба и правна анализа на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка во корелација со други одредби со кои се тесно поврзани оспорените одредби и тоа: на член 355 став 2 во делот „од член 353 став 2 на овој закон“, член 361 став 3 во делот „а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето“ член 362 ставови 1 и 2, став 3 во делот „Овој записник ќе го потпише испитаниот сведок, односно вештак“ и став 4 од Законот за кривичната постапка, Судот не најде спротивност со ниту една уставна норма посочена во иницијативата, а за член 345 став 3, член 350 став 3 во делот „кога странките и оштетениот присуствуваат на испитување ги имаат правата од член 219 став 7 на овој закон“, член 357 став 1 во делот „од членот 26 на овој закон“, член 364 став 1 во делот „кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините за својата спреченост, ќе се казни со парична казна предвидена во член 89 од овој закон а “, член 364 став 1 во делот „кој е уредно повикан, а не го извести судот за причините за својата спреченост, ќе се казни со парична казна предвидена во член 89 од овој закон а“ и член 364 во целост од Законот за кривичната постапка, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски