Уставната судијка Татјана Васиќ-Бозаџиева одржа предавање пред студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“- Скопје

Уставната судијка м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева одржа предавање пред студентите од прва година на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Ова предавање се реализира како една од активностите предвидени со Меморандумот за соработка кој го потпишаа Уставниот суд на Република Северна Македонија и Правниот факултет, во јули 2024 година.

Судијката Васиќ-Бозаџиева ги запозна студентите со надлежноста, составот, функцијата и значењето на Уставниот суд, како и неговата поставеност во корелација со другите власти и државни органи. На предавањето беа презентирани практични примери и се презентираа одлуки на Судот, при што студентите добија јасна претстава за суштинската улога на Судот во заштитата на уставноста и човековите права.

Предавањето поттикна голем интерес кај студентите, кои активно се вклучија во дискусијата предлагајќи можни аспекти на испитување и аргументи за поткрепа на одлуките. Нивната ангажираност и љубопитност беа препознаени како показател за растечкиот интерес за уставното право и посветеност на студиите. Предавањето се одржа во амфитеатар на Правниот факултет во Скопје на 13 мај 2025 година.

Судот ја нагласува важноста на ваквите предавања кои овозможуваат директна комуникација помеѓу студентите и институциите, и кои придонесуваат за развој на практични знаења и разбирање на улогата на Уставниот суд во одржување на општествениот баланс и владеење на правото во демократските општества.