Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.240/2024
Скопје, 12.03.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеи 1 и 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 март 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 4, 5 и 6 од Законот за престанување на важењето на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024).
Образложение
I
Елизабета Русеска од Охрид, Кирил Давков од Битола, Мирјана Панатојова од Струмица и Трајанка Бошева од Кавадарци, до Уставниот суд поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите означени во диспозитивот на ова решение.
Подносителите на иницијативата сметаат дека донесениот Закон за престанување на важењето на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.194/2024) е спротивен на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 52 ставови 3 и 4, член 54 став 3 и Амандман ХХІ, член 61 ставови 1 и 2, член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на член 3 став 3 и член 4 ставови 1 и 5 од одредбите од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Во продолжението на иницијативата, подносителите изразуваат загриженост за недоволната јасност и прецизност на Законот, како и за потенцијалните последици и недостатоци во преодниот период и трансферот на вработените и укажуваат дека Законот не вклучува преодни и завршни одредби со кои би се регулирало завршувањето на постапките започнати со претходните прописи пред да стапи на сила новиот закон. Се истакнуваат прашањата за несигурностите и нејасноста на Законот, особено во однос на одговорностите за вработените и други аспекти, како оставки, именувања и исплати на плати.
Понатаму, подносителите ја доведуваат во прашање уставноста на Законот и неговата усогласеност со човековите права, нагласувајќи ја потребата од правна сигурност и заштита на стекнатите права и интереси. Тие тврдат дека законските измени ги поткопуваат уставните одредби, ги нарушуваат основните слободи и права на граѓаните и го нарушуваат принципот на владеење на правото.
Како заклучок, подносителите ја нагласуваат важноста од поставување уставни граници за престанок на мандатот и заштита на слободите и правата на граѓаните. Се истакнува потребата од соодветни мерки и ресурси за преминување кон новиот правен режим без загрозување на правната сигурност и стекнатите права. Подносителите заклучуваат дека законските измени не можат да бидат легитимна причина за ограничување на мандатите на веќе избраните лица и изразуваат загриженост затоа што Собранието на Република Северна Македонија не наведува причини за исклучоци при објавувањето на законите во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Подносителите ги истакнуваат прашањата во врска со недостигот на преодни и завршни одредби во Законот, кои би го регулирале процесот на транзиција на вработените на јасен и прецизен начин во одредена временска рамка. Нагласена е нејасноста на обврските за вработените и други аспекти како оставки, именувања, исплати на плати .
Подносителите наведуваат дека Законот не содржи одредби кои ќе се однесуваат на завршување на тековните постапки започнати со претходните прописи пред да стапи на сила новиот закон.
Понатаму, се изразува загриженост за престанок на мандатите на претседателот и членовите на Комисијата, како и за потенцијалното влијание врз правата и интересите на засегнатите страни поради законските измени. Подносителите ја доведуваат во прашање уставноста на Законот и неговата усогласеност со човековите права, нагласувајќи ја потребата од правна сигурност и заштита на стекнатите права и интереси.
Во заклучокот, подносителите тврдат дека законските измени не можат легитимно да го оправдаат ограничувањето на мандатите на веќе избраните функционери и дека причините за исклучоците при објавувањето на законите во „Службен весник на Република Северна Македонија“ не биле соодветно образложени од Собранието на Република Северна Македонија.
II
На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 4 од Законот за престанување на важењето на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024) вработените кои до денот на влегувањето во сила на овој закон имаат засновано работен однос во Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка ги презема Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, најдоцна до именувањето на претседател и членови на Државната комисија, согласно со актите за внатрешна организација и систематизација.
Во член 5 од истиот закон е предвидено дека со денот на именувањето на претседателот и на членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен им престанува мандатот на претседателот и на членовите на Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекциски надзор и прекршочната постапка именувани согласно со Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 130/14,53/16 и 11/18).
Со член 6 од истиот закон се предвидува дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
III
Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 38 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Законот за престанување на важењето на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024) содржи 6 члена.
Со членот 1 престанува да важи Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 130/14, 53/16 и 11/18).
Во членовите 2, 3, 4 и 5 се уредуват прашањата за пренесување на надлежностите на постојната Државна комисија, опремата, инвентарот и другите работи, архивата, документацијата, средствата за работа и другите средства на Државната комисија, вработените и престанокот на мандатот на претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во втор степен од областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка именувани согласно Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, додека член 6 уредува влегување во сила на Законот.
Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителите на иницијативата ја оспоруваат уставноста на членовите 4, 5 и 6 од Законот за престанување на важењето на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024), како спротивни на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 52 ставови 3 и 4, член 54 став 3 и Амандман ХХІ, член 61 ставови 1 и 2, член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот на Република Северна Македонија, и член 3 став 3 и член 4 ставови 1 и 5 од одредбите од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, со образложение дека во преодните и завршните одредби на Законот не е содржана регулатива што се однесува на процесот на транзиција на вработените на јасен и прецизен начин во одредена временска рамка, нејасноста на обврските за вработените и други аспекти како оставки, именувања, исплати на плати, како и дека Законот не содржи одредби кои ќе се однесуваат на завршување на тековните постапки започнати со претходните прописи пред да стапи на сила новиот закон.
Со оглед на фактот дека подносителите на иницијативата при оспорувањето на уставноста на оспорените одредби не ги навеле причините поради кои сметаат дека истите се спротивни на наведените уставни одредби, што според член 23 став 2 од Актот на Судот треба да се направи, Судот оцени дека исполнети се условите за отфрлање на иницијативата во овој дел, согласно член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.
Во врска со барањето на подносителите на иницијативата Уставниот суд преку своите механизми да изврши корекција на оспорените одредби од Законот, поради тоа што не содржи нешто што според нив требало да постои или на одреден начин да биде регулирано, а што е прашање во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми, врши и технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува согласно со член 68 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед на тоа дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
Во однос на наводите на подносителите на иницијативата дека оспорените одредби се спротивни на член 3 став 3 и член 4 ставови 1 и 5 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка којшто со влегување во сила на Законот за престанување на важењето на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.194/2024), престанал да важи, според Судот, станува збор за прашање коешто се однесува на уставна-судска оцена на согласноста помеѓу два закони и тоа во ситуација кога еден од наведените закони не е веќе дел од правниот поредок. Поради сето наведено, Судот оцени дека иницијативата во овој дел треба да се отфрли, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот, заради постоење на процесни пречки.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски