У.бр.68/2023


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.68/2023
Скопје, 12.09.2024 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, Добрила Кацарска и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 12 септември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес, бр.25-1145/5, донесена од Советот на Општина Велес на 24 февруари 2023 година („Службен гласник на Општина Велес“ бр.3 од 27.02.2023 година).

Образложение

I

Даница Чадиева од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Подносителката на иницијативата ја оспо­рува Oдлуката бр. 25-1145/5 („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 3 од 27.02.2023 година), донесена од Советот на Општина Велес и смета дека со необјавувањето на Oдлуката на начин и постапка пропишани со Законот за локалната самоуправа, не е запазена постапката за донесување на предметната одлука, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, поради што оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот и со член 62 ставовите 4 и 5 од Законот за локалната самоуправа, како и со член 49 од Статутот на Општина Велес.

Имено, подносителката на иницијативата ја цитира оспорената одлука и наведува дека Одлуката е донесена на 24.02.2023 година, објавена во „Службен гласник на Општина Велес“ бр.03 од 27.02.2023 година и влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето, а се применува од 01.03.2023 година.

Понатаму, подносителката на иницијативата ги цитира членовите 105,107,108,109,110,144,148 и 149 од Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.216/2021) и наведува дека со оспорената одлука се повредува член 105 став 11 од Законот за управување со отпадот од причина што давателот на услугата кој врши собирање и транспортирање на отпад не смее да наплати цена за услуга за управување со комунален отпад од крајниот корисник, која тарифа за отпад не е одобрена од страна на

Регулаторната комисија и утврдена во решение за утврдување на тарифи за отпад.

Во исто време, давателот на услугата со цел утврдување на тарифата за отпад што ја даваат на крајните корнисници е должен да подготви барање за утврдување на тарифа за отпад со предлог тарифи и истото да го достави до Регулаторната комисија, согласно член 107 став 4 од Законот, што не е случај при донесување на оспорената одлука, односно такво барање не е поднесено до Регулаторната комисија, од причина што согласно член 144 став 2 од Законот, таквите барања давателите на услуги ќе започнат да ги поднесуваат од 1 август 2023 година, а најдоцна до 31 декември 2023 година. Во конкретниот случај, се работи за преуранета промена на цените на услугите за собирање и транспортирање на отпадот, објавени во оспорената одлука, односно оспорената одлука е донесена врз основа на закон и законски одредби кои имаат одложена примена, како во конкретниот случај.

Исто така, не е испочитувана процедурата за донесување на новите цени за собирање и транспортирање на комуналниот отпад, односно, Регулаторната комисија не донела ниту решение за тарифа за отпад кое треба да биде објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија” и на веб-страницата на Комисијата и истото треба да го достави до давателот на услуга и до основачот на давателот на услуга, согласно член 108 од Законот. Давателот на услугата ќе го достави решението за тарифа за отпад до својот орган на управување заради донесување одлука за утврдување на тарифи за отпад без одлагање и не подоцна од 15 дена од денот на објавувањето на таквото решение во „Службен весник на Република Северна Македонија” и на веб-страницата на Регулаторната комисија. Во конкретниот случај, Управниот одбор на Јавното претпријатие „Дервен“ како давател на услугата е должен да ја донесе одлуката за утврдување тарифи за отпад во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката и истата да ја достави до градоначалникот на Општината заради давање согласност на одлуката во рок од осум дена од денот на нејзиното донесување, како што е предвидено во член 108 став 13 од Законот за управување со отпадот.

Во конкретниот случај, покрај наведеното, подносителката тврди дека самото објавување на оспорената Одлука во „Службен гласник на Општина Велес“ е противуставно и противзаконски и дека се повредени член 62 ставовите 4 и 5 од Законот за локалната самоуправа.

Поради сето горенаведено, подносителката на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, донесена од страна на Советот на Општина Велес и истата да ја поништи, по што предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, со што ќе се запрат сите активности на давателот на услугата Јавното комунално претпријатие „Дервен“ основано од Општина Велес, кои се однесуваат на изготвување и доставување на фактури до крајните корисници со пресметана цена за собирање и транспортирање на комуналниот отпад по методологијата и утврдени цени, согласно со оспорената одлука.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 1 и член 50 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/02), а согласно член 45 став 1 од Статутот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр.12/06, 03/09, 18/10, 15/14, 15/18, 06/19 и 08/21), Советот на Општина Велес на неговата седница одржана на ден 23.02.2023 година, донел Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес.

Оспорената одлука содржи 4 члена и со истата, според член 1 во Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 15/10 и 5/18), се врши изменување и дополнување и тоа:
– во член 3 став 1 алинеја 1 бројот 1,50 ден/м2 се брише и се заменува со бројот 3 ден/м2
– во алинеја 2 бројот 0,20 ден/м2 се менува и гласи 0,40 ден/м2,
– алинеја 3 бројот 3,50 ден/м2 се брише и се заменува со бројот 8,75 ден/м2, и
– алинеја 4 бројот 0,50 ден/м2 се брише и се заменува со бројот 1,25 2 ден/м2.

Во член 2 од Одлуката се предвидува дека во член 3 став 2 и став 3 после зборовите „од оваа Одлука“ се додава следниот текст „кои во текот на една календарска година создаваат повеќе од 100 тони неопасен отпад“.

Со член 3 од истата одлука се задолжува Комисијата за статут и прописи да изготви пречистен текст на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес.

Според член 4 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила нареден ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Велес“, а ќе се применува од 01.03.2023 година.

III

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 9 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно со член 36 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/02), Советот го донесува статутот на општината и другите прописи.
Во член 50 став 1 точка 6 од истиот закон се предвидува дека градоначалникот иницира и предлага донесување на прописи од надлежноста на советот.

Според член 62 став 4 од Законот за локалната самоуправа, прописите се објавуваат во службениот гласник на општината најдоцна во рок од седум дена од  денот на нивното донесување, а согласно став 5 од истиот член прописите од ставот 1 на овој член влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено.

Со Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.216/2021) се уредуваат начелата и целите за управување со отпад, стратегиите, плановите и програмите за управување со отпадот, правата и обврските на правните и физичките лица во врска со управувањето со отпадот, начинот и условите под коишто може да се врши собирање, транспортирање, повторна употреба, третман, складирање, преработка и отстранување на отпадот, увозот, извозот и транзитот на отпадот, воспоставување на информативниот систем, како и финансирањето и надзорот над управувањето со отпадот.

Согласно со член 81 од Законот за управување со отпадот, тарифата за депонирање на отпадот ја определува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Регулаторна комисија) со Правилник за утврдување на тарифа на услуга за управување со комунален отпад.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека законодавецот доследно ги операционализирал посочените темелни вредности на уставниот поредок со донесувањето на Законот за управување со отпадот со кој јасно и прецизно ги определил начелата и целите за управување со отпад, стратегиите, плановите и програмите за управување со отпадот, правата и обврските на правните и физичките лица во врска со управувањето со отпадот, начинот и условите под коишто може да се врши собирање, транспортирање, повторна употреба, третман, складирање, преработка и отстранување на отпадот, увозот, извозот и транзитот на отпадот, воспоставување на информативниот систем, како и финансирањето и надзорот над управувањето со отпадот

Од прибавената документација произлегува дека Советот на Општина Велес, врз основа на член 36 став 1 точка 1 и член 50 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа на седницата одржана на ден 23.02.2023 година, донел Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес, која е објавена во „Службен гласник на Општина Велес“ бр.03 од 27.02.2023 година, влегла во сила наредниот ден од денот на објавувањето, а се применува од 01.03.2023 година.

Судот смета дека се неосновани наводите на подносителката која ја оспорува уставноста и законитоста на Одлуката, тврдејќи дека со неа се прекршува член 105 став 11 од Законот за управување со отпадот, бидејќи давателот на услугата не смее да наплатува тарифа за управување со комунален отпад што не е одобрена од Регулаторната комисија. Дополнително, се посочува дека при носењето на Одлуката не бил земен предвид член 107 став 4 од истиот закон, кој налага давателот на услугата да поднесе барање со предлог тарифи до Регулаторната комисија, што не било направено. Исто така, се наведува дека согласно член 144 став 2, рокот за поднесување на овие барања бил од 1 август до 31 декември 2023 година, а давателот на услугата не го испочитувал овој законски рок.

Имено, во однос на ваквите наводи во иницијативата треба да се има предвид дека со одредбите од членовите од 104 до 112 од главата XIII насловена „Финансирање“ од Законот за управување со отпадот, меѓу другото, уредено е воспоставувањето на тарифа за утврдување на цената на услугата за управување со комуналниот отпад. Понатаму регулирани се надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија при воспоставување на истата, постапката за определување на тарифата за отпад и определувањето на тарифата за отпад и примената на истата. Исто така, во овие законски одредби е регулирано дека цената на услугите поврзани со управување со отпадот ќе биде утврдена од страна на Регулаторната комисија за секој регион пооделно, со цел обезбедување на одржливост на системот за управување со отпадот, врз основа на изготвен План за тарифи за отпад и Правилникот за тарифа за отпад.

Членовите 138 до 150 од глава XVI „Преодни и завршни одредби“ го утврдуваат временскиот период за донесување на стратешки и плански документи, затворање на нестандардните депонии и воспоставување на регионална депонија за неопасен отпад. Тие исто така, ги дефинираат роковите во кои субјектите што управуваат со отпад треба да го усогласат своето работење со законот, како и роковите за воспоставување на регионалниот систем и тарифите за отпад. Дополнително, се утврдуваат рокови за примена на новите законски одредби, усогласување на подзаконските акти и носење нови акти во согласност со надлежностите на Регулаторната комисија, вклучувајќи го и Правилникот за утврдување на тарифата за отпад, кој ќе ја замени постојната Методологија за пресметување на цените за собирање, транспортирање и отстранување на отпад („Службен весник на Република Македонија” број 30/13).

По извршената уставно-судска анализа, Судот утврди дека се неосновани наводите за незаконитост на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комунален и индустриски неопасен отпад на територијата на Општина Велес бр. 25-1145/5 од 27.02.2023 година („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 3).

Имено, согласно член 149 став 1 од Законот за управување со отпадот, новиот Закон влегол во сила на 25 септември 2021 година, при што престанал да важи претходниот Закон за управување со отпадот. Во член 149 став 2 е предвидено дека Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад ќе престане да важи дури со примената на новиот Правилник за утврдување на тарифа за отпад, предвиден во член 107 од Законот.

Во овој контекст, член 144 став 1 од Законот пропишува дека подзаконските прописи за тарифите треба да бидат донесени до 31 декември 2022 година од страна на Регулаторната комисија за енергетика. По нивното донесување, давателите на услуги за собирање и транспортирање на отпад имаат обврска да поднесат барање за утврдување на тарифата во периодот од 1 август 2023 до 31 декември 2023 година.

Со оглед на тоа што оспорената одлука е донесена на 27 февруари 2023 година, во време кога новите тарифи сè уште не биле утврдени и новиот Правилник не бил во примена, произлегува дека сè уште била применлива Методологијата за пресметување на цената за отпад, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 30/13.

Новиот Закон за управување со отпадот влегол во сила на 25 септември 2021 година. Методологијата за пресметување на цените останува во сила сè додека не започне примената на новиот Правилник за тарифи согласно со член 149 став 2 од истиот закон. Регулаторната комисија требало да ги донесе новите прописи за тарифи до 31 декември 2022 година, но нивната примена била планирана по поднесувањето на барањата од давателите на услуги, што требало да започне на 1 август 2023 година. Примената на новите правила за наплата на тарифите за отпад е предвидена да започне дури на 1 јуни 2024 година. Одлуката на Општина Велес е донесена на 27 февруари 2023 година, во период кога сè уште се применувала постојната Методологија, а не новите тарифни правила.

Имајќи го предвид наведеното, неосновани се наводите дека оспорената одлука е незаконска. Таа е донесена во период кога новите правила за тарифирање сè уште не биле во примена, а постојната Методологија сè уште важела. Со тоа, Општина Велес имала законски основ да ја донесе Одлуката согласно со важечките прописи во моментот на нејзиното донесување.

Дополнително, нема правен основ за тврдење дека е направена повреда на Законот за управување со отпадот, бидејќи со член 149 став 2 експлицитно е утврдено дека Методологијата останува на сила сè до стапување во примена на новиот Правилник. Поради тоа што во моментот на донесување на Одлуката новиот Правилник сè уште не бил применлив, нема законска пречка за нејзината валидност и нејзиното усогласување со тогаш важечките прописи.

Исто така, од уставно-судската анализа на оспорената одлука произлегува дека од страна на Советот на Општина Велес не е донесена нова Одлука за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад согласно Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.216/2021), туку е направена измена и дополнување на постоечката Одлука донесена на 29.10.2010 година од страна на Советот на Општина Велес во согласност со важечките закони, поради што Судот оцени дека оспорената Одлука е донесена во согласност со Законот за управување со отпад од 2021 година, и со Законот за локалната самоуправа.

Имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба и врз основа на направената анализа, Судот оцени дека Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цената за собирање и транспортирање на комуналниот и индустриски неопасниот отпад на територијата на Општина Велес бр.25-1145/5 од 27.02.2023 година („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 3) е донесена врз основа на релевантна законска регулатива која била на сила и произведувала правно дејство во моментот на донесување на Одлуката, како и дека се испочитувани законските одредби кои биле важечки во моментот на донесување на одлуката дека цената на услугата сè определува врз основа на Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад која има важност сè  до денот на започнување на примена на Правилникот за утврдување на тарифи за отпад. Оттука, Судот оцени дека не може да се доведе под сомнение уставноста на оспорената одлука во однос на член 8 став 1 алинеи 3, 9,10 и член 51 од Уставот, како и законитоста во однос на член 105 став 11, член 107 став 4 и член 144 став 2 од Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија” број 216/21).

Исто така, Судот оцени дека се неосновани наводите на подносителката на иницијативата дека оспорената одлука е објавена во „Службен гласник на Општина Велес“ спротивно на член 62 ставови 4 и 5 од Законот за локалната самоуправа, поради тоа што е објавена во „Службен гласник на Општина Велес“ бр.03 на 27.02.2023 година, влегла во сила наредниот ден од денот на објавувањето, односно на 28.02.2023 година, а се применува од 01.03.2023 година.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека ваквото постапување на Советот на Општината е во согласност со член 62 став 4 од Законот за локална самоуправа и член 49 став 1 од Статутот на Општина Велес кој дава можност по исклучок прописите да влезат во сила и со денот на објавувањето, што од овој аспект не ја чини одлуката спротивна на законските прописи. Поконкретно, со член 62 ставови 4 и 5 од Законот за локалната самоуправа е пропишано дека прописите се објавуваат во службениот гласник на општината најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, како и дека прописите влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, доколку со статутот поинаку не е определено. Во конкретниот случај, член 49 став 1 од Статутот на Општина Велес дава можност по исклучок прописите да влезат во сила и со денот на објавувањето.

Оттука, Судот оцени дека дека не се исполнети и условите од член 37 од Актот на Уставниот суд, да се прифати барањето на подносителот на иницијативата, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, до донесување на конечна одлука.

IV

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски