Средба Костадиновски-Чевик: Привршуваат подготовките за проектот за дигитализација на Уставниот суд

Претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски оствари работна средба со Махмут Чевик, претседател на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).

На средбата која се организираше по повод размена на информации околу фазите на спроведување на дигитализацијата на Судот, учествуваа и судијата м-р Фатмир Скендер и шефот на кабинетот , д-р Екрем Халимовски.

Беше констатирано дека во завршна фаза се подготовките за реализација на проектот за унапредување на информатичко-комуникациските технологии во Уставниот суд. Преку дигитализирање на Судот, предвидено е усовршување на алатките за работа на советниците и судиите, но и алатките за комуникација со јавноста, со што се очекува значително подобрување и зголемување на ефикасноста во работењето и транспарентноста на Уставниот суд.

Претседателот Костадиновски изрази благодарност за досегашната поддршка од страна на „ТИКА” и нагласи дека Судот е подготвен за спроведување на дигитализацијата во наредниот период. 

Во февруари минатата година, Уставниот суд доби донација од техничка опрема, компјутери и печатачи за вработените. Претходно, „ТИКА” учествуваше во опремување на салата за состаноци и прес конференции во 2020 година, како и обезбедување на техничка опрема во 2013 година.