Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.207/2024
Скопје, 09.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 107 став 2 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2014, 188/2014, 44/2015, 193/2015, 11/2018, 21/2018 и „ Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019, 153/2019, 169/2020, 92/2021, 269/2023, 213/2024, 222/2024 и 59/2025) и уставноста и законитоста на член 13, член 28 ставови 15 и 16, член 29 ставови 13 и 14 и член 29 став 38, во делот: „односно за достигнување на вкупен износ од 3000 денари со вклучен ДДВ“ од Правилникот за видот и содржината на податоците и информациите за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги кои ги објавуваат операторите и за видот и содржината на податоците што ќе ги објавува Агенцијата за електронски комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2015,179/2017, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.148/2020, 274/2021 и 30/2022).
Образложение
I
Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите од Законот и уставноста и законитоста на членовите од Правилникот, означени во диспозитивот од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба на член 107 став 2 од Законот за електронските комуникации корисниците се ставаат во нерамноправна положба наспрема операторите. Подносителот на иницијативата образложувајќи ги своите наводи тврди дека иако навидум истите стапуваат во облигациони односи кои се дел од темелните вредности каде е загарантирана слободата на пазарот и претприемништвото со оспорената одредба се отвара правна рамка за злоупотреба и монополска положба на операторите во однос на корисниците.
Едностраната промена на условите, како што е наведено во иницијативата, е овозможена само за операторот, но не и за граѓанинот, со што граѓанинот е ставен во нерамноправна положба. Иако претплатникот склучува договор согласно кој тој плаќа и за возврат добива услуги по наведени цени во договорот, тие услови и цени операторот може да ги промени во секое време без знаење на претплатникот и да му бидат доделени нови услуги по нови цени без да се произнесе по известувањето.
Во иницијативата се цитираат член 13, член 28 ставови 15 и 16, член 29 ставови 13 и 14, како и член 29 став 38 во делот “односно за достигнување на вкупен износ од 3000 денари со вклучен ДДВ” од Правилникот за видот и содржината на податоците и информациите за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги кои ги објавуваат операторите и за видот и содржината на податоците што ќе ги објавува Агенцијата за електронски комуникации. По завршување со цитирање на оспорените одредби се наведува „и посебните акти на операторите А1 и Телеком како стандардни претплатнички договори и општи услови донесени врз основа на оспорените одредби”, без да се наведе конкретно на кои посебни акти и општи услови се повикува подносителот.
Според подносителот, со оспорените одредби од Правилникот уредената законска опција е доразработена, и според наводите во иницијативата предвиденото постапување е неосновано затоа што со едностраните договори се гарантира монополската положба на операторите. Токму поради овие причини оспорените одредби од Законот и Правилникот се спротивни на член 51 од Уставот на Република Северна Македонија, а дотолку повеќе што за доразработката во подзаконскиот акт нема основ ниту во оспорениот член на Законот кој иако отвара нејасна правна можност за еднострана промена на условите во договорот, истовремено не дава јасни насоки како таа промена би се спровела, па недозволиво е со подзаконскиот пропис да се ставаат повеќе обврски за граѓанинот.
Во продолжение на иницијативата се цитира дел од издвоеното мислење кон Решението У.бр.15/2023 од 2 ноември 2023 година со кое подносителот на иницијативата се согласува во целост и за кое смета дека претставува основ за поинакво одлучување на Судот.
Од наведените причини подносителот смета дека оспорените одредби од Законот и Правилникот се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 7, член 51, член 55 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, поради што предлага Судот да ги укине оспорените членови и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби.
Со поднесок од 13.11.2024 година подносителот доставува Договор за засновање претплатнички однос за користење на јавни електронски комуникациски услуги бр.528344843 од 17.10.2024 година склучен помеѓу подносителот и операторот Друштво за комуникациски услуги А1 Македонија ДООЕЛ Скопје со Прилог 1 кон Договорот, фактури и Известување од операторот до подносителот на иницијативата од 8.11.2024 година. Со поднесокот, врз основа на член 37 од Актот на Уставниот суд се предлага Судот со посебно Решение да ги запре од извршување поединечни акти или дејствија што се превземаат врз основа на оспорените одредби.
II
На седницата Судот утврди дека оспорениот член 107 став 2 од Законот за електронските комуникации предвидува:
(2) Договорот од ставот (1) на овој член треба да содржи и одредби дека претплатникот мора да биде информиран за сите предложени измени во условите наведени во договорот во рок не пократок од 30 дена пред воведувањето на измените, како и за правото дека во истиот период, без известување или последици може да го раскине договорот доколку не се согласува со предложените измени. Формата и начинот на информирањето на претплатниците го утврдува Агенцијата со подзаконскиот акт од членот 108 став (2) од овој закон.
Оспорениот член 13 од Правилникот ја уредува измената на условите од претплатничкиот договор и според кој:
(1) Операторот може да ги менува условите од претплатничкиот договор по претходно известување на претплатникот.
(2) Операторот треба да го извести претплатникот за сите предложени измени во условите наведени во договорот во рок не пократок од 30 дена пред воведувањето на измените, како и за правото дека во истиот период, без известување или последици може да го раскине договорот доколку не се согласува со предложените измени.
(3) Известувањето од ставот (2) на овој член треба да биде во пишана форма и треба особено да содржи:
– Име или назив на претплатникот;
– Адреса на претплатникот;
– Претплатнички број;
– Број на претплатничкиот договор;
– Сите предложени измени на договорот;
– Информација за правото дека без известување или последици може да го раскине договорот.
(4) Доколку операторот не постапи во согласност составот (2) од овој член, тоа нема да ги ослободи претплатниците од плаќање на пристигнатите и неплатени обврски или исполнување на договорените обврски пристигнати пред извршените измени во условите наведени во претплатничкиот договор.
Според член 28 ставови 15 и 16 од Правилникот, операторот има обврска, особено да ги менува условите од стандардниот претплатнички договор по претходно известување на претплатникот, во согласност со член 13 од овој правилник и да го информира претплатникот, во пишана форма, за сите предложени измени во условите наведени во договорот во рок не пократок од 30 дена пред воведувањето на измените, како и за правото дека во истиот период, без известување или последици може да го раскине договорот доколку не се согласува со предложените измени, во согласност со член 13 од овој правилник.
Според член 29 ставови 13, 14 и 38 од Правилникот, претплатникот има право, особено да му се менуваат условите од претплатнички договор само по писмено известување, во согласност со член 1З од овој правилник, да биде информиран, во пишана форма, за сите предложени измени во условите наведени во договорот во рок не пократок од 30 дена пред воведувањето на измените, како и за правото дека во истиот период, без известување или последици може да го раскине договорот доколку не се согласува со предложените измени, во согласност со член 13 од овој правилник и да му се овозможи контрола на трошоци преку следење на вообичаеното однесување на претплатникот кој користи роаминг услуги и бесплатно, со СМС порака да биде предупреден, во случај на невообичаени или прекумерни трошоци за услугата односно за достигнување на вкупен износ од 3000 денари со вклучен ДДВ за реализиран сообраќај во меѓународен роаминг и ограничување на услугата, со негова согласност, во согласност со член 25 од овој правилник.
III
Согласно со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
По повод претходно поднесена иницијатива, Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на одредбата од Законот за електронските комуникации и уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот за видот и содржината на податоците и информациите за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги кои ги објавуваат операторите и за видот и содржината на податоците што ќе ги објавува Агенцијата за електронски комуникации, кои и сега се предмет на оспорување со иницијативата.
Оспорените одредби биле предмет на разгледување пред Уставниот суд при што со Решението У.бр.15/2023 од 2 ноември 2023 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 107 став 2 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2014, 188/2014, 44/2015, 193/2015, 11/2018, 21/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019, 153/2019, 169/2020, 92/2021) и уставноста и законитоста на член 13, член 28 ставови 15 и 16, член 29 ставови 13 и 14 и член 29 став 38, во делот: „односно за достигнување на вкупен износ од 3000 денари со вклучен ДДВ“ од Правилникот за видот и содржината на податоците и информациите за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги кои ги објавуваат операторите и за видот и содржината на податоците што ќе ги објавува Агенцијата за електронски комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2015, 179/2017, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 148/2020, 274/2021 и 30/2022).
Судот, во образложението на Решението У.бр.15/2023, го изразил следниот став:
„Тргнувајќи од анализата на целината на член 107 од Законот произлегува дека законодавецот во оваа одредба ги уредува елементите на договорот кој го склучува операторот со потрошувачот или крајниот корисник. Имено, во став 1 на овој член од Законот децидно се наведени условите што треба да ги содржи истиот за да биде во јасна, сеопфатна и лесно достапна форма.
Анализирајќи ја оспорената одредба од член 107 став 2 од Законот од аспект на наводите во иницијативата за сторена повреда на член 9 и член 55 од Уставот, односно дека корисниците се ставени во нерамноправна положба наспрема операторите на кои им е дадено исклучиво право да ги менуваат условите во договорот, сметаме дека во овој случај таква повреда не е сторена. Имено, станува збор за одредба уредена со Закон и истата ги утврдува условите кои треба да ги содржи предметниот договор. Од содржината на оспорената одредба недвосмислено произлегува дека истата се однесува подеднакво за сите корисници, односно потрошувачи, што значи не може да се прифати дека оспорената одредба уредува различен третман.
Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополската положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите договорни страни да вршат определена дејност од друга страна.
Меѓутоа, оспореното законско решение, според Судот, не може уставно да се проблематизира од аспект на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, во смисла на одредбата на член 9 од Уставот, бидејќи одредбата која се оспорува не се однесува на иста категорија на субјекти. Во конкретниот случај не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека станува збор за субјекти кои имаат ист правен статус, од причина што операторот е физичко лице кое врши дејност или правно лице кое обезбедува или има намера да обезбедува јавна електронска комуникациска мрежа и/или услуги, врз основа на доставена нотификација и потврда за регистрација од Агенцијата за електронски комуникации. Токму овој факт го чини поинаков статусот на операторот и истиот не може да се поистовети со крајниот корисник или потрошувачот, што следствено и доведува до различен пристап кон договорот и уредување на условите во истиот.
Имено, во член 107 од Законот децидно се утврдени елементите кои треба да ги содржи договорот, што значи дека иако станува збор за договорни односи, тие елементи се обврзувачки дотолку повеќе што договорните односи се од сферата на дејности од јавен интерес. А кога станува збор за дејности од јавен интерес, неспорно државата има право да ги регулира условите, односно слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа. само на субјектите на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството. Во таа насока е и оспорената законска одредба со која се регулираат, односно утврдуваат условите кои треба да ги содржи предметниот договор, како и можноста операторот да врши измена на условите наведени во договорот, за што корисникот има можност во определениот рок да биде известен и за што може да се произнесе во смисла на тоа доколку не е задоволен со предложените измени, договорот да го раскине.
Уставот им гарантира еднаква положба на сите субјекти на пазарот, подразбирајќи ги субјектите со еднаков правен статус на пазарот, што не е во конкретниов случај. Оттука, Судот оцени дека се неосновани и наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се повредува еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, гарантирана со член 9 став 2 од Уставот.
Во контекст на изнесеното, исто така, Судот го имаше во вид и член 3 од Законот за облигационите односи според кој учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи, меѓутоа суштината на оваа законска одредба е дека слободата на договарањето не може да се апсолутизира во случај кога со друг закон се уредува нешто друго, а како што во случајов е Законот за електронските комуникации. Оттука, државата, кога се работи за дејности од јавен интерес има право со соодветен закон да утврди механизми со кои ќе се уредат условите и начинот за обезбедување на јавни електронски комуникациски мрежи и јавни електронски комуникациски услуги, и тоа го чини преку договорот за приклучок и користење на истите на начин како што уредува член 107 од Законот.
Според член 6 од Законот за електронските комуникации Агенцијата за електронски комуникации е самостојно, непрофитно регулаторно тело на пазарите за електронски комуникации во Република Северна Македонија и има статус на правно лице со јавни овластувања утврдени со овој закон. Република Северна Македонија е основач на Агенцијата.
Согласно член 8 став 1 точка 21 од Законот, за остварување на регулаторните цели и начела од член 7 од овој закон, Агенцијата е надлежна да донесува подзаконски акти потребни за спроведување на овој закон.
Според член 108 став 1 од Законот за електронските комуникации операторите се должни да објавуваат транспарентни, споредливи, соодветни и ажурирани информации за применливите цени и тарифи, за сите надоместоци во случај на раскинување на договорот од член 107 став (1) од овој закон, како и информации за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги што ·ги обезбедуваат. Таквите информации се објавуваат во јасна, разбирлива и лесно достапна форма.
Во член 108 став 2 од Законот за електронските комуникации, се предвидува дека Агенцијата со подзаконски акт подетално ги пропишува видот и содржината на податоците од ставот (1) на овој член кои операторите се должни да ги објават.
Тргнувајќи од овластувањата дадени во цитираната законска одредба, Агенцијата го донела оспорениот правилник со кој ги пропишува видот и содржината на податоците и информациите што треба да ги објавуваат операторите за применливите цени и тарифи, за сите надоместоци во случај на раскинување на претплатнички договор и информации за општите услови во однос на пристапот и користењето на јавните комуникациски услуги што ги обезбедуваат, како и видот и содржината на податоците што ќе ги објавува Агенцијата за електронски комуникации со кои ќе им овозможи на крајните корисници да направат самостојна процена за слободен избор на комуникациски услуги врз основа на квалитетот и цените на услугите.
Имајќи ја предвид содржината на оспорените членови 1З и 28 ставови 15 и 16 од оспорениот правилник, Судот оцени дека станува збор за разработка на начинот на измена на условите од претплатничкиот договор определени во Законот за електронските комуникации, од каде може да се изведе заклучок дека истите се во функција на остварувањето, односно операционализација на Законот и како такви не излегуваат надвор од законските рамки, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со членовите од Уставот и наведениот закон.
Неосновани се наводите во иницијативата дека со оспорениот член 29 ставови 13, 14 и 38 во оспорениот дел, од Правилникот се повредуваат одредбите од Уставот и Законот за електронските комнукации. Ова од причина што со истите се врши доразработка на законската одредба на член 107 од Законот. Имено, со наведениот член од Законот се утврдува право на претплатникот доколку операторот не ги извести корисниците/претплатниците за предложените измени во условите наведени во договорот во рок не пократок од 30 дена пред воведување на измените, претплатникот може да го раскине договрот, како и право да му се овозможи контрола на трошоците преку следење на вообичаеното однесување на претплатникот кој користи роаминг услуги.
Наведеното е во насока на доразработка на член 108 од Законот според кој операторите се должни да објавуваат транспарентни, споредливи, соодветни и ажурирани информации за применливите цени и тарифи. Исто така, со истата одредба од Законот се предвидува дека формата и начинот на информирање на претплатникот за неговото право ги утврдува Агенцијата со подзаконски акт.
Оттука, од анализата на содржината на член 29 ставови 13, 14 и 38 во оспорениот дел од Правилникот произлегува дека истите се во функција на Законот и истовремено се негова операционализација, што значи дека истите се законска доразработка и имаат законски основ, поради што Судот оцени дека истите не се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 55 од Уставот, како и со одредбите на Законот за електронските комуникации.
Поради наведените аргументи, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласност на оспорениот член 107 став 2 од Законот за електронските комуникации со одредбите од Уставот на кои упатува иницијативата, ниту да се доведе под сомнение уставноста и законитоста на членовите од оспорениот правилник.”
Со сега поднесената иницијатива, повторно се бара оценување на уставноста односно уставноста и законитоста на истите одредби, од истите причини како и во постапката во која Уставниот суд со Решението У.бр.15/2023 од 02.11.2023 година одлучил дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорениот член 107 став 2 од Законот за електронските комуникации, односно уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот.
Имајќи предвид дека со наведеното Решение, Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорената законска одредба, односно за уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот, Судот утврди дека наводите изнесени во иницијативата и дополнувањата не се од влијание за заземање на поинаков став од она што Уставниот суд го утврдил во Решението У.бр.15/2023.
Со оглед дека правната и фактичката состојба од тогаш досега се непроменети, а особено што не постојат основи за поинакво одлучување во овој предмет, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.
Воедно, имајќи ја предвид надлежноста на Судот определена во член 110 од Уставот, не се исполнети условите за уставно-судска анализа на содржината на актите кои произлегуваат од склучениот Договор за засновање претплатнички однос со операторот, а кои подносителот ги достави со дополнување на иницијативата.
Врз основа на сето наведено, не се исполнети условите од член 37 од Актот на Судот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски