Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.191/2024
Скопје, 09.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 6 во делот „начинот“ од Законот за приватизација на државниот капитал („Службен весник на Република Македонија” број 37/90, 26/99, 81/99, 49/2000, 6/2002, 74/2005, 125/2012 и 100/2014).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива со која ја оспорува уставноста на член 9 став 6 во делот „начинот“ од Законот за приватизација на државниот капитал („Службен весник на Република Македонија” број 37/90, 26/99, 81/99, 49/2000, 6/2002, 74/2005, 125/2012 и 100/2014).
Подносителот во иницијативата наведува дека согласно член 12 од Законот за приватизација на државниот капитал („Службен весник на Република Македонија” број 37/90, 26/99, 81/99, 49/2000, 6/2002, 74/2005, 125/2012 и 100/2014), постапката за продажба на акциите, односно уделите, поблиску ги пропишува Владата на Република Македонија.
Согласно со член 9 став 6 од истиот закон, начинот и постапката за продажбата на државен капитал во случаите од ставот (5) од овој закон поблиску ќе бидат уредени со прописот од член 12 од овој закон.
Со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал („Службен весник на Република Македонија” број 06/2002), можноста Владата на Република Северна Македонија, да ги пропишува начинот и условите за продажба на акциите односно уделите, е отстранета од правниот промет.
Според подносителот, со делот „начинот на“, без каков било основ во Законот се остава можност со подзаконски акт да се пропишува покрај другото и начинот на продажбата на државен капитал со подзаконски акт со што, се овозможува арбитрарно и без какви било параметри во Законот, да се пропишува „начинот или начините” на кој ќе се врши продажба на државниот капитал, што не е во согласност со владеењето на правото, пропишано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Врз основа на наведеното, подносителот му предлага на Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел, а со оглед на тоа дека одредбата произведува правна сила во правниот промет и може да дојде до настанување на штетни последици, исто така предлага да се донесе решение со кое ќе се запре извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени вра основа на оспорениот дел.
II
На седницата Судот утврди дека според член 9 став 6 од Законот за приватизација на државниот капитал, начинот и постапката за продажбата на државен капитал во случаите од ставот (5) од овој закон поблиску ќе бидат уредени со прописот од член 12 од овој закон.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 110 алинеja 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно со член 9 став 5 од Законот за приватизација на државниот капитал („Службен весник на Република Македонија” број 37/90, 26/99, 81/99, 49/2000, 6/2002, 74/2005, 125/2012 и 100/2014), продажбата на државен капитал, изразен во акции и удели во претпријатија кои имаат регистрирано седиште надвор од Република Македонија, односно акции во банките и финансиските институции кои имаат регистирано седиште надвор од Република Македонија, може да се врши по процедури согласно законодавството на државата во која е регистрирано седиштето на претпријатијата, односно банките или финансиските институции. Со став 6 од истиот член е предвидено дека начинот и постапката за продажбата на државен капитал во случаите од ставот (5) од овој закон поблиску ќе бидат уредени со прописот од член 12 од овој закон.
Имено, одредбата од член 9 став 6 од Законот за приватизација на државниот капитал, всушност определува дека во однос на случаите предвидени во став 5 од истиот член се уредуваат со член 12 од истиот закон, кој гласи „Постапката за продажба на акциите, односно уделите, поблиску ги пропишува Владата на Република Македонија”.
При анализа на член 9 став 6 од Законот во целина, Судот оцени дека претставува упатувачка норма со која се појаснува дека приватизација на државен капитал во претпријатија, банки или финансиски институции кои имаат регистрирано седиште надвор од Република Северна Македонија каде продажбата може да се врши по процедури согласно со законодавството на државата во која е регистрирано седиштето на истото, начинот и постапката за продажбата на тој државен капитал поблиску ќе бидат уредени со прописот од член 12 од овој закон.
Со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација на државниот капитал („Службен весник на Република Македонија“ број 6/2002) е пропишано дека во член 12 зборовите „Начинот, условите и постапката“ се заменуваат со зборот „Постапката“, што значи дека член 12 од Законот за приватизација на државниот капитал гласи „постапката за продажба на акциите, односно уделите, поблиску ги пропишува Владата на Република Македонија“.
Со член 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за транформација на претпријатијата со општествен капитал („Службен весник на Република Македонија“ број 31/2003) се пропишува дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи член 9 ставови 1, 2, 3 и 4 од Законот за приватизација на државниот капитал („Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/96, 25/99, 81/99, 49/2000 и 6/2002), а со тоа за прашањата кои не се регулирани со Законот за приватизација на државниот капитал, се применува Законот за транформација на претпријатијата со општествен капитал.
Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и поаѓајќи од наводите во иницијативата, сметаме дека за Законот за приватизација на државниот капитал од аспект на целта заради која бил донесен и предметот кој го уредува во целина, а посебно во делот на уредувањето на државниот капитал содржан во јавните установи и другите правни лица, не може да се постави прашањето за несогласност со Уставот.
Со оглед на горенаведеното, Судот оцени дека нема услови за донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон, предвидени во член 37 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски