Судиите на Уставниот суд ги презентираа своите ставови во текот на јавната дискусија на темата „Дали ни е потребен Закон за Уставен суд?”

Судиите на Уставниот суд ги презентираа своите ставови во текот на јавната дискусија на темата „Дали ни е потребен Закон за Уставен суд?”

Двајца судии на Уставниот суд се вклучија со свои излагања во текот на тркалезната маса на темата „Дали ни е потребен Закон за Уставен суд”, еден од судиите подготви писмено излагање. Во текот на дискусијата проф. д-р Ана Павловска-Данева, судијка на Уставниот суд меѓу другото изјави:

– „Во долготрајниот процес на исчекување да се создадат правни основи за донесување Закон за Уставниот суд, најпрво да пробаме да се реформираме самите себеси во рамките на дозволеното со постојната правна регулатива, а уште повеќе да помогнеме кон подигање на политичката култура и правната традиција кај оние кои треба да го донесат законот и да го изменат Уставот – извршната власт и Собранието. Тоа може да го постигнеме само под силен притисок и мониторинг на јавноста, врз работењето како на Уставниот суд, така и на Владата и Собранието.“

Судијата м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, судијка на Уставниот суд подвлече:

– „Не се реформира институција со носење закон. Закон е алатка, не е цел сама за себе. Само стабилни институции создаваат стабилна држава. Заштитата на институционалната независност на Уставниот суд мора да биде врвен приоритет, а секој чекор во правец на негово регулирање преку закон треба да биде добро промислен, внимателно подготвен и условен со постоење на широка политичка и стручна согласност.“

Според стојалиштето на проф. д-р Осман Кадриу, судија на Уставниот суд (писмено излагање):

– „Од прашањата кои, според моето мислење, треба да бидат законска материја, би ги издвоил следните: финансиската независност на Судот, уредувањето на постапката за заштита на човековите права пред Уставниот суд, регулирањето на можноста или неможноста за поништување на конкретни правни прописи, особено закони кои престанале да важат пред поведување уставна постапка, како и статусните прашања на судиите на Уставниот суд за време на вршењето на функцијата.“