Судијката м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева како претставник на Уставниот суд, оствари средба со членовите на Комитетот за почитување на обврските и заложбите од страна на земјите членки на Советот на Европа. Делегацијата беше составена од: Сибел Арслан (Швајцарија) – Група на социјалисти, демократи и зелени, Џозеф О’Рајли (Ирска) – Група на Европска народна партија и Агњешка Шклана – секретар на Мониторинг-комисијата.
На средбата се дискутираа актуелните прашања со кои се соочува Уставниот суд, вклучувајќи ги уставно-судските одлуки од значење за изборниот процес, слободата на медиумите и правата на малцинствата.
Судијката Васиќ-Бозаџиева ги информираше претставниците за одлуки на Судот што се однесуваат на изборниот процес , слободата на изразување и заштитата на правата на припадниците на заедниците .
Претставниците од Комитетот се интересираа за улогата на Судот во унапредувањето на владеењето на правото, демократските процеси, како и за судската заштита на човековите права и слободи.
Средбата се одржа во конструктивна атмосфера и претставува значаен придонес во унапредувањето на соработката помеѓу Уставниот суд и институциите на Советот на Европа.
Посетата беше остварена на 24 април 2025 година во рамки на програмата на делегацијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа како дел од пост-мониторинг дијалог со Република Северна Македонија, во периодот од 23 до 25 април 2025 година, во Скопје.

