Почитувани,
Голема е честа денеска со нас да биде претседателката на Републиката, мојата професорка и исклучителен конституционалист, Н.Е. Гордана Сиљановска Давкова, Ви благодарам Претседателке што ја прифативте поканата и ви благодарам за вашите ставови на тема која јасно е актуелна уште од стапувањето во сила на Уставот во 1991 година, и актуелноста на темата е присутна до денес.
Го поздравувам и министерот за правда господинот Игор Филков што одвои време и не удостои со неговото присуство.
Посебна благодарност до нашите партнери и поддржувачи, Делегацијата на ЕУ и амбасадорот Михалис Роксас во рамките на чиј проект се оддржува оваа тркалезна маса, но и на амбасадорките на САД и Германија, Анџела Агелер и Петра Дрекслер. Сите нив ги поврзува една константа, а тоа е вистинската реална посветеност на правната држава, на владеењето на правото, нешто што насушно им е неопходно на сите граѓнани на нашата држава.
Благодарам на сите што се денес тука со нас.
Неколку теми поврзани со Уставниот суд се константно приустни во јавноста, од денот на стапување во сила на Уставот во 1991 година, до денес. Тоа се темите:
– зошто и кому му е потребна status quo состојба на уставносто судство во нашата држава бидејќи од влегувањето во сила на Уставот во 1991 година, до денес без никаква дилема Уставниот суд останува нај не реформираната институција во нашиот уставен поредок, во поглед на правната рамка која го уредува?
– дали Уставниот суд ги исполни очекувањата, поточно чии очекувања се исполнети во изминативе 34 години?
– начинот на избор, самите квалификации на уставните судии, брзината во постапувањето, квалитетот на одлуките на Судот, континуирано се предмет на различни обсервации низ различни диоптрии!
– воведувањето на уставната тужба!
– и секако денешната тема дали е потребен Закон за Уставниот суд?
Не случајно вака ја почнувам мојата анализа, бидејќи меѓу овие константи постои меѓусебна условеност, меѓузависност.
Клучното прашање со кое и поддржувачите и противниците на Закон за Уставен суд се соочуваат произлегува од самиот Устав.
Уставната рамка со која се уредени положбата, составот, надлежностите на Уставниот суд ја сочинуваат само шест члена од Уставот (чл.108-113). Која била намерата на уставотворецот за вака “скромна” правна рамка во која прво нешто што паѓа во очи е отсуството на уставен основ за посебен закон за Уставниот суд со кој би се доуредиле и конкретизирале уставните одредби? Дилемата која преовладува и кај струката и кај науката е прашањето дали намерата на уставотворецот била кога веќе на Уставниот суд му дава положба со карактеристики на sui generis орган, одвојувајќи го во посебен одел (IV) веднаш по оделот (III) во кој ја уредува организацијата на државната власт, со што тој е поставен над сите државни органи и не подлегнува на начелото на поделба на власта, врзувајќи го само за Уставот, всушност уставотворецот сакал да го изземе од политичко влијание односно дорегулација од страна на законодавецот? Дали намерата на уставотворецот била со Акт на Судот како што е предвидено во чл.113 од Уставот всушност Уставниот суд да биде саморегулатор, тој самиот да ги конкретизира и доуреди уставните одредби?
Дали станува збор за пропуст или намера на уставотворецот, или пак едноставно препуштил на времето да ги даде соодветните одговори?
Во мојата прва книга од циклусот „Лојалност кон Уставот”, и јас се трудам да најдам одговори и да ја разберам намерата на уставотворците:
– дали намерно не предвиделе уставен основ за закон за Уставен суд?,
– дали станува збор за пропуст?,
-дали намерно препуштиле времето да ги даде соодветните одговори?
Постојат аргументи со кои можат да се толкуваат и бранат ваквите претпоставени намери на уставотворецот.
Да почнеме со претпоставката дека намерата на уставотворецот со недавањето на уставен основ за посебен закон и со решението од член 113 од Уставот, била, само Уставот да биде единствената гаранција во делувањето на Уставниот суд сметајќи дека само така тој ќе може да ја исполнува својата надлежност, да ја обезбедува супрематијата на Уставот во правниот поредок, да ги заштитува темелните вредности на уставниот поредок, слободите и правата на човекот и граѓанинот, и при тоа да ја ужива независноста, самостојноста, односно да биде отпорен на можните влијанија од политиката односно од законска регулација. Може да се толкува дека намерата на уставотворецот била дека секое препуштање на доуредување на уставните одредби со Закон за Уставен суд, би можело да води до нарушување на уставната поставеност на Судот? Веројатно како оправдување на оваа претпоставена намера уставотворците ги имале предвид нивото на нашата политичка култура, недостатокот на демократски традиции, супремацијата и злоупотребите на политиката над правото. Можеби! Но ќе се реферирам на една изјава на претседателката Сиљановска, во модерниот конституционализам, демократиите стравуваат од судократија, преголем судски активизам, само кај нас граѓаните бараат и очекуваат судски активизам. И тоа е точно! Но точно е дека и судократијата може навистина да биде опасност за демократијата, а судократија во околности на саморегулација ја зголемува таа опасност!
Да ја анализираме претпоставката дека станува збор за пропуст. И таа теза може да се брани, но доклолку станува збор за пропуст, законодавецот кој е и уставотворец во изминативе 34 години можел доколку сакал, доколку оценел, да интервенира амандмански во Уставот и да предвиди уставен основ за закон за Уставен суд, или пак да го искористи хрватскиот пример и да донесе уставен закон со кој би ги доуредил уставните одредби за Уставниот суд. Можел, но не го сторил тоа!
И третата претпоставена намера, која за мене е најприфатлива, е дали намерата на уставотвориците била да препуштиле времето да ги даде соодветните одговори? Мошне веројатно! Но кога би ја прифатиле оваа теза треба да видиме која е нашата стварност денес. А таа на сите ни е позната, историски највисока недоверба во целокупниот државен апарат, руинирана правна држава, деклараторна и лажна посветеност на владеењето на правото, дефицит на одговорност, суфиците на неказнивост. И тука излузорно е да ги вперуваме пристите во овој или оној, сите, ама баш сите се одговорни за оваа состојба, и никој не може да се апстрахира и да се крие, вклучително и Уставниот суд. Ако е тоа така, тогаш, уставотворецот оправдано препуштил времето да ги даде одговорите. Според мене, тој одговор е дека нешто треба да се преземе, дека ваквата состојба е неодржливо да продолжи. И оттука произлегува и мојот став, да, потребен е закон за уставен суд. Но не било каков закон. Можностите според мене се две:
- Да се интервенира во уставот и да се предвиди уставен основ за 2/3 закон за Уставен суд Ваквиот мој став е во линија со Мислењето на Венецијанската комисија по однос на предложените седум нацрт- амандмани на Уставот од 2014 година.
- Да се донесе уставен закон за Уставниот суд по примерот на хрватскиот.
На тој начин ќе се исполни намерата на уставотворецот, независноста и самостојноста на Уставниот суд ќе биде гарантирана со 2/3 мнозинство. Многу прашања кои недвосмислено би придонеле за Уставниот суд да биде навистина тоа што треба да биде, чувар на Уставот, заштитник на слободите и правата на човекот и граѓанинот, многу од критиките кои се константни би се надминале со таков закон.
Да почнеме од најчестите критики, кој може да биде уставен судија. Терминот “истакнат правник” не е невозможно да биде конкретизиран и објектвизиран.
Начинот на избор на уставните судии. Јас сум отворен поборник за тоа седниците на Уставниот суд да се прикажуваат во живо на ТВ, зошто? Едноставно, граѓаните имаат право да знаат кој се нивните уставни судии, како резонираат, како одлучуваат. Вака, ниту во постапката за избор, ниту по изборот граѓаните не знаат кои се и какви се нивните уставни судии. Примерот со изборот на членови на ДКСК е одличен. Кандидатите за уставнии судии да се појават пред пратениците, пред граѓаните, да ги видат да ги слушнат, така и изборот на најдобрите ќе добие на значење.
Административната, буџетската и статусната самостојност и независност на Судот и судиите треба да се обезбеди и гарантира со тој закон, има бројни компаративни примери за ова.
Правното дејство, и особено механизмите за следење на извршувањето, последиците од неизвршувањето на одлуките на Судот како исклучително значајна тема за уставното судство, мора да бидат уредени со тој закон, и за ова постојат бројни компаративни искуства.
Можам уште многу работи да наведам но тука ќе запрам.
На крајот, само уште две работи. Кога велам дека со 2/3 закон за Уставен суд или Уставен закон може да се гарантира независноста и самостојноста на Судот, да така мислам, но не апсолутно. Уставната култура, која се очекува од еден вистински Уставен суд, несомнено ќе рефлектира правна и политичка култура, кои се уште посилна гаранција за независноста и самостојноста на Уставен суд од пишаната норма.
Никој не треба да стравува од закон за Уставен суд, Република Северна Македонија имала закон за Уставниот суд пред 60 години! Убеден сум дека доколку правилно се адресираат сите важни прашања, дел наведов, бенефитите од таков закон за правната држава ќе бидат многу поголеми од стравовите и сомнежите, особено од статус кво состојбата.
Ви благодарам!